• понеделник, 23 декември 2024

ММФ: Глобалниот јавен долг би можел да достигне 115 отсто од „глобалниот БДП“ за само три години

ММФ: Глобалниот јавен долг би можел да достигне 115 отсто од „глобалниот БДП“ за само три години

Вашингтон, 15 октомври 2024 (МИА) – Вкупниот глобален јавен долг за прв пат оваа година ќе достигне 100 трилиони долари и може да се зголеми побрзо од предвиденото, бидејќи политиката фаворизира повеќе трошења и слабиот економски раст ги зголемува потребите и трошоците за задолжување, соопшти денеска Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Најновиот извештај на ММФ покажа дека глобалниот јавен долг ќе достигне 93 отсто од глобалниот бруто домашен производ до крајот на 2024 година и ќе се приближи до 100 процентни поени до 2030 година да биде за 10 отсто повеќе од 2019 година.

Извештајот вклучува „сериозно надолно сценарио“ кое покажува дека глобалниот јавен долг би можел да достигне 115 отсто од глобалниот БДП за само три години, 20 отсто повеќе од моментално прогнозираното.

Објавен седум дена пред годишните состаноци на ММФ и Светската банка во Вашингтон, во извештајот се вели дека има добри причини да се верува дека идните нивоа на долг би можеле да бидат значително повисоки од моментално прогнозираните, вклучително и желбата да се троши повеќе во САД, најголемата светска економија.

- Неизвесноста во фискалната политика се зголеми, а политичките црвени линии за оданочување се вкоренија. Се зголемуваат притисоците врз трошењето за справување со зелените транзиции, стареењето на населението, безбедносните грижи и долгорочните развојни предизвици, се вели во извештајот на ММФ.

Загриженоста на ММФ поради зголеменото ниво на долг доаѓа три недели пред претседателските избори во САД, на кои и двајцата кандидати ветија нови даночни намалувања и трошоци кои би можеле да додадат трилиони долари на федералниот дефицит.

Плановите за намалување на даноците на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп ќе додадат околу 7,5 трилиони долари нов долг во текот на 10 години, што е повеќе од двојно повеќе од 3,5 трилиони долари од плановите на потпретседателката и кандидатка на демократите Камала Харис, според проценките на Комитетот за одговорност за федералниот буџет (ЦРФБ).

Долгот би можел дополнително да биде значително зголемен поради слабиот економски раст, позаострените услови за финансирање и поголемата неизвесност на фискалната и монетарната политика во системски важните економии како што се САД и Кина. јт/

Остани поврзан