• сабота, 23 ноември 2024

Млади пратеници и активисти дискутираа за младински прашања, политики и решенија

Млади пратеници и активисти дискутираа за младински прашања, политики и решенија
Скопје, 16 април 2021 (МИА) - На младите по пандемијата треба да им се обезбеди живот и иднина, а имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики е неопходна за да се постигне токму тоа, ова беше генералниот заклучок на дискусијата „Клуб на млади или клуб за млади? Каде треба да биде фокусот?“ организирана од Фондацијата Конрад Аденауер во соработка со собранискиот Клуб за младински прашања и политики. На настанот, членови од собранискиот клуб и младински работници, споделија искуства од својата младинска работа и отворија дискусија за приоритетите и целите на Клубот во наредниот период. Воведно излагање имаше Даниел Браун, директор на канцеларијата на КАС во Скопје при што истакна дека покрај пандемијата има многу политички дилеми кои би требало да бидат нагласени од аспект на младата генерација. - Многу е значајно младите луѓе кои што се членови на парламентот да бидат конектирани во име на младите генерации и да ги туркаат тие теми кои што се значајни за соодветните партии во Европската Унија, кои што се исто така членови во парламентарните групи, истакна Браун. Тој посочи дека треба да имаме предвид дека по пандемијата ќе треба да се креира иднина за Северна Македонија, така што смета дека токму ваквите дискусии се добар пример за да слушнеме интересни и корисни значајни искуства. Јован Јаулески, координатор на клубот за младински прашања и политики и пратеник на настанот истакна дека главен фокус на клубот е имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики, при што апелираше до институциите за целособразна имплементација на истиот. - Клубот за младински прашања и политики ја игра улогата во помагање на решавањето на проблемите на младиот човек, но, она што е во наша надлежност е во рамки на носење на законски решенија, така што понатака истите треба да се имплементираат од институциите и затоа апелирам до Агенцијата за млади и спорт, до Министерството за образование и наука, до единиците на локалната самоуправа, што побрзо оние работи што се предвидени во законот да земат тек на реализација бидејќи сметам дека само така ќе ги приближиме младите во процесот на носење на одлуки како на локално, така и на централно ниво, сподели Јаулески. Со што посочи дека токму ова приближување на младите ќе ги поттикне да ги споделуваат нивните проблеми и заедно да пристапуваат кон нивно решавање и со тоа ќе вршат притисок истите да бидат приоритет во процесите на одлучување. Бојан Петровски, претседател на Националниот младински совет, посочи дека имплементацијата на овој закон е многу важна работа и дека младинските организации дале огромен притисок за ова и само го оставиле вакуум просторот каде што треба институциите да ја преземат одговорноста. - Притисокот ќе биде повторно поголем, ние не се откажуваме од тоа што сме се бореле повеќе од 10 години наназад, но, се остави доволен простор за институциите да одговорат по законските постапки и процедури предвидени во законот. Посочи дека од советот сметаат дека финансиите и други забелешки не се оправдани бидејќи, според нив, има многу работи што можат да се завршат без финансии односно само со желба за промена. Артина Ќезими, најмладиот пратеник во Собранието истакна дека најголем предизвик на младите во услови на Ковид-19 е политичката и економска несигурност, со што посочи дека младите треба да имаат клучна улога во адресирањето на предизвиците и затоа младината треба да се стимулира преку вработувања и инвестиции. - За сега ни треба издржливост, еднаквоста да биде кон сите, да бараме на нашите лидери да бидат поодговорни од кои беа порано, посочи Ќезими. Пратеничката Моника Зајкова посочи дека во периодот кој следи клубот ќе се залага за надзор на имплементацијата на законот, меѓутоа и дека клубот ќе се залага и за воведувањето на младинските прашања во клубот. - Младите луѓе ќе можат да го посетат овој институт на секои 6 месеци и да постават прашање до нивните избраници но и до претставници од владата, во делот на политиките кои нив ги интересира, истакна таа. Зајкова посочи дека многу често зборуваме што и како им треба на младите, меѓутоа во парламентот фокусот не е баш ставен на приоритетите на младите воопшто и ги повика младинските организации да го следат законот и да алармираат доколку сметаат дека некаде треба да се интервенира. Пратеникот Тимчо Муцунски истакна дека додека ние се занимаваме со дневната политика, опипливи промени во општеството нема и токму тоа ги разочарува младите и не им остава простор за берба во политиката - Нашиот следен заеднички чекор треба да биде предлог на еден, два до три закони во интерес на младите и не мора тоа да бидат теми што ќе се прва, втора трета вест на медиумите. Да бидат теми кои што ќе создадат нешто за кое млади луѓе ќе речат браво за клубот на пратеници бидејќи направи нешто со што го подобрија мојот живот, образованието и мојата можност за претприемачки потфати, рече тој. Заклучи дека на младите треба да им се создадат услови и да им се понудат решенија на проблемите. Клубот за младински прашања и политики е неформално тело во рамки на Собранието кое е формирано септември 2017 година. Генералната цел на клубот е да ги оствари интересите на младите во соработка со подмладоците и младинските организации. ар/ац/  

Остани поврзан