• понеделник, 31 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Мицотакис: Грција не е меѓу земјите кои се подготвени да испратат војници во Украина

Мицотакис: Грција не е меѓу земјите кои се подготвени да испратат војници во Украина

Атина, 27 март 2025 (МИА) – Грција не е меѓу земјите кои се подготвени да испратат војници во Украина, во рамките на „коалицијата на подготвените“ и исто така смета дека целата оваа дискусија можеби малку го одвлекува вниманието и не ни дозволува да се фокусираме на главното, кое не е ништо друго освен како во овој момент ќе постигнеме завршување на војната час порано, а ова може да се случи само преку првичен прекин на огнот, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од Париз по завршувањето на Самитот за поддршка на Украина, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис истакна дека треба што е можно поскоро да се постигне прекин на огнот, потсети дека Украина во принцип го прифати таквиот предлог, што „за жал, Русија сè уште не го прифати“.

-Па така, во овој момент треба целиот притисок да се изврши врз Русија за да не продолжат воените напади против Украина, особено против клучната инфраструктура, за да стигнеме до овој првичен прекин на огнот и во продолжение да имаме повеќе време за да може Украина да преговара за праведен и одржлив мир, истакна Мицотакис.

Додаде дека на Самитот разговарале и за безбедносните гаранции, „кои другите земји би можеле да ѝ ги дадат на Украина“ и посочи дека ставот на грчката Влада е „дека најсилната гаранција за безбедноста на Украина е зајакнувањето на вооружените сили на самата Украина“. ср/ссм/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан