• среда, 24 јули 2024

Мицкоски: Довербата во судството е два отсто, како Влада мора да понудиме решение

Мицкоски: Довербата во судството е два отсто, како Влада мора да понудиме решение

Скопје, 22 јули 2024 (МИА) – Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека на денешната средба со амбасадорите од ЕУ ја отвориле темата и за реформите во правосудството. Тој нагласи дека довербата во судството е два проценти и оти како Влада мора да понудат решение.

-Отворивме една многу важна тема во јавноста, а тоа се реформите во правосудството. Не станува збор дали сме имале или немале несогласувања. Прашањето е ако имате проблем, а ние имаме проблем кој што и тие го констатирале, граѓаните тоа го кажуваат на анкети. Довербата во правосудните органи е два процента и сега кога имате проблем, треба да понудите решение, рече Мицкоски вечерва во гостувањето на „Топ тема“ на ТВ „Телма“.

Тој потсети дека предвидуваат темелна реформа во две институции, односно во Судскиот совет и во Советот на јавни обвинители.

-Предвидуваме да имаме темелна реформа во две институции што се важни, а тоа е Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, бидејќи очигледно е дека од тие две институции зависи понатаму кадровската политика во рамки на Обвинителството и во рамки на судовите, но и начинот на тоа како се оценува работата на тие новоизбрани обвинители и судии. И ако граѓаните тоа го оценуваат со два процента доверба, тогаш логично е дека ние како влада која што ја добила довербата од граѓаните дека треба нешто да правиме. Ние не може да правиме работи кои не се дел од нашата програма. Тоа што е дел од нашата програма, ние тоа го кажуваме, нагласи Мицкоски.

Премиерот оцени дека тие две тела треба да имаат свои членови, а не политички претставници кои што доаѓаат како предлози од Владата, Собранието или претаседателот. Вели дека тие треба да бидат избрани од самите обвинители и судии.

-Тие самите треба да си изберат претставници, а второ е што треба да имаат автономен буџет, односно да не зависат потоа од политичката волја на владата или некаква друга волја. И трето, нивната работа да биде предмет на надзор од страна на парламентарна комисија и институција во која што ќе има членови и од власат и од опозицијата. И таа комисија практично ќе врши надзор на работата на судовите и на обвинителствата, истакна премиерот Мицкоски.

На прашањето за неговиот коментар, дека странските амбасадори се мешале во внатрешната политика, во однос на реформите во правосудството, вели дека тие го кажале нивниот предлог за решение во правосудството, а од другата страна, кажа тој, имало поединци кои што велеа „ние не се согласуваме“.

-Клучните амбасадори, би рекол, беа помеки во тоа изразување. Јас велам „добро, јас толку можам. Ние како Влада толку можеме. Не можеме повеќе. Дајте вие решение, ние ќе го прифатиме, вели Мицкоски.

На прашањето дали на денешната средба амбасадорите на ЕУ дале такви предлози, Мицкоски одговори оти немало такво нешто.

-Подготвени сме да го прифатиме секое решение кое што ќе обезбеди поддршка на правосудниот систем, барем таа да биде двоцифрена. Да не биде два, три, пет проценти, туку над десет. Немаме друг интерес, вели Мицкоски. нд/сст/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан