• сабота, 23 ноември 2024

Мицкоски: Да го видиме првин планот на Арсовска, ќе го заштитиме интересот на скопјани

Мицкоски: Да го видиме првин планот на  Арсовска, ќе го заштитиме интересот на скопјани

Скопје, 21 август 2024 (МИА) – Премиерот Христијан Мицкоски  очекува градоначалничката на Скопје Данела Арсовска денеска или утре да организира координација со советничките групи во Советот на Град Скопје и да го презентира планот  за подобрување на состојбите со хигиената и јавниот превоз во  главниот град. 

На новинарско прашање што доколку планот е неприфатлив Мицкоски денеска рече да се види првин планот истакнувајќи дека ќе се направи се за да се заштити интересот на скопјани.

Според Мицкоски, Арсовска на завчерашната средба во Владата немала план и и биле дадени неколку идеи. 

-Немаше план. Јас ја повикав бидејќи бараше средба, но план не слушнав. Дадов неколку идеи. Очекувам денес, утре, да организира координација со советничките групи и да го презентира планот конечно. Првин да го видиме планот на градоначалничката па потоа се разбира дека ќе сториме се за да го заштитиме интересот на скопјани, изјави Мицкоски, при посетата на Неготино. 

Министерот за локална самоуправа Златко Перински по средбата со Арсовска рече дека  очекувале да слушнат некаков план или реални потреби за кои како Влада и можеле да помогнат, но таа не понудила ништо конструктивно. 

Наспроти тврдењата на Мицкоски и Перински Арсовска вели дека изнела план, но бил одбиен и било  побарано да подготви нов, како и дека причина за состојбите во градот се блокадите од советнилката група на ВМРО-ДПМНЕ и неизгласаните програми на јавните претпријатија.лв/свд/

фото.МИА архива 

 

Остани поврзан