• вторник, 24 декември 2024
МИА Флеш

23 февруари 2024 

-Министерот за здравство д-р Илир Демири, денеска се сретна со претседателите на Асоцијацијата за цистична фиброза (АЦФ) Александар Стамболиски и Елмир Сејфулаи, како и членката од Асоцијацијата Ивана Атанасоска. На средбата се дискутираше за состојбата на пациентите со цистична фиброза, за третманот и лекувањето со Трикафта, но и за следните конкретни чекори што треба да се преземат за подобрување на животот на оваа група пациенти. Демири, потенцираше дека Министерството и Асоцијацијата имаат успешна соработка којашто резултира со поквалитетен живот на пациентите. „Асоцијацијата за цистична фиброза е нашиот партнер и заеднички продолжуваме да делуваме за подобра здравствена состојба на пациентите со цистична фиброза. Горд сум што нивната белодробна функција по примањето на терапијата е подобрена. Досега 32 пациенти имаат примено Трикафта и етапно сите ќе се вклучат на терапија. Верувам дека заеднички можеме многу да постигнеме, во Министерството за здравство имате искрен партнер“, рече Демири.

-Кандидатката на Левица за претседател на државата Билјана Ванковска на денешната прес-конференција укажа на недоследности во постапката за собирањето потписи и побара еднаква можност за сите кандидати. -Ние уште вчера апелиравме дека во неколку подрачни единции на Државната изборна комисија (ДИК) во разни локални средини пристапот до канцелариите е отежнат особено за лица со инвалидитет, повозрасни и слично, таква е ситуацијата во Штип. Ние подготвивме барање, приговор до ДИК кој веднаш ќе го поднесеме. Таква е слична ситуацијата дури и во општината Карпош каде по еден така нагортен пат по едни скалички треба да се искачат граѓаните, прво тешко е да се најде локацијата, но кога ќе се најде има скали кои се тешки за граѓаните кои имаат проблем, добив инфорамација дека токму во Карпош во подрачната единица снемало струја и сега ние треба да веруваме дека тоа е случајно, изјави Ванковска. Информираше дека од утрово не работела нејзината официјална веб - страна.

-Мерсиха Смаиловиќ поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз (БДС) е кандидатка за претседател на Република Северна Македонија на Претседателските избори 2024. Доаѓа од приватниот сектор, во јавноста е позната како граѓанска активистка во борба за човековите права. На прес-конференција на која беше промовирана нејзината кандидатура, таа рече дека иако првпат бошњачката заедница има свој претседателски кандидат, нејзината етничка припадност не ја одредува во политички контекст и нејзината програма и заложби ќе бидат за подобра иднина на сите луѓе во нашето мултиетничко општество и дека и фокусот во кампањата ќе биде на сите граѓани на државава.

-Потпретседателот и портпарол на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбр Адеми на денешната прес-конференција информира дека неговата партија почна со собирањето на потписи за претседателскиот кандидат Бујар Османи. Тој нагласи дека условот на ДУИ за коалицирање ќе биде промена на Уставот и претседател да се бира во Собрание. -ДУИ како што најави лидерот Али Ахмети, започна со собирање на потписи за Бујар Османи за кандидат за претседател на нашата земја. По прв премиер Албанец, министерот за надворешни работи, тој за одбрана, државните правобранители, Народниот правобранител, претседателите на Уставниот, Управниот и Врховниот суд, претседателите на боречка, фудбалска, боксерска федерација, правобранители – дојде време да го отвориме патот и претседателот на биде Албанец. Сржта на идејата на лидерот Али Ахмети е претседател да се бира во Собрание, со двотретинско мнозинство на гласови и Бадинтер, за да се обезбеди општествен, надпартиски консензус, за да се овозможи со над 80 гласови и да се спречи техничкото надгласување само од двете поголеми македонски политички партии. Ова ќе биде ставот на ДУИ и за вториот изборен круг, и за парламентарните избори и тоа ќе го постигнеме. Само со гласање на најсилната албанска партија ќе се постигне ова, додаде Адеми.

-По повод Светскиот ден на туристички водичи, Македонската aсоцијација на туристички водичи и придружници в сабота организира бесплатен разглед на градот Скопје. Од Асоцијацијата информираат дека разгледот ќе се одржи во два термини со почеток во 12 и во 13 часот со почетна точка пред спомен куќата на мајка Тереза. -Сите кои се заинтересирани и сакаат да дознаат за културно историските знаменитости на градот Скопје може да присуствуваат. Во сабота Ве покануваме на една убава дружба со што ќе го одбележиме денот на туристички водичи, велат од Асоцијацијата. Асоцијацијата на туристички водичи ќе организира бесплатен разглед и на Охрид и Битола. 

-Конечниот извештај на набљудувачката мисија на ОДИХР за изборите во Србија, што се одржаа на 17 декември, најверојатно ќе биде објавен на 28 февруари, дознава порталот Нова.рс. Претставниците на ОДИХР постојано повторуваат дека конечниот извештај на организацијата за изборите во Србија, кои се одржаа во декември минатата година, би можел да биде објавен до крајот на месецот. Како што неофицијално дознава порталот Нова.рс, извештајот најверојатно ќе биде објавен в среда на 28 февруари.Засега не се знае како ќе изгледа конечниот извештај, но многумина тврдат дека тој нема многу да отстапува од клучните одредби на прелиминарниот извештај кој беше објавен само еден ден по денот на изборите.

-Српските безбедносни служби приведоа жител на Јагодина државјанин на Србија кој е осомничен за кривично дело шпионажа. Тој бил уапсен по враќањето од странство како дел од понатамошната истрага и гонење на група лица кои сочинувале разузнавачка мрежа што на територијата на Србија ја формирал Д.Р. а по налог на разузнавачката агенција на Албанија (ШИШ) и разузнавачката агенција на Косово. Нему му е одреден притвор до 30 дена. Се сомнева дека П.М., по наредба на Д.Р., се занимавал со собирање и доставување податоци за движењето на претставници на државните органи и војската на Србија на подрачјето на централна Србија. Собраните податоци му ги доставил на водачот на оваа шпионска група Д.Р., кој потоа ги проследил до припадниците на разузнавачката служба на Албанија и до Агенцијата за разузнавање на Косово, за што добивале паричен надоместок.

-Земјотрес со јачина од 4,8 степени според Рихтеровата скала е регистриран денеска во Јадранското Море на длабочина од 10 километри, објавено е на веб-страницата на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC). Епицентарот на земјотресот бил на 156 километри југозападно од Подгорица и 103 километри североисточно од италијанскиот град Бари. Земјотресот бил почувствуван во Хрватска и во Црна Гора.ЕМСЦ наведува дека нема опасност од цунами.

-Преку анонимни телефонски повици во четири грчки телевизии кусо пред 11 часот утрово, непознато лице или лица предупредиле за поставени бомби на четири различни локации во Атина, односно во грчкиот парламент и во амбасадите на САД, Израел и Египет, јави дописничката на МИА од Атина.Во сите четири анонимни повици пораката била дека бомбите ќе експлодираат во 11.30 часот со што веднаш беше вклучен алармот во грчката полиција. Единицата за деактивирање експлозивни направи веднаш излезе на терен, а онаму каде што беше потребно беа затворени и улиците.

-Премиерката на Италија Џорџа Мелони го поздрави изгласувањето на протоколот за соработка со Албанија, во областа на миграцијата, заблагодарувајќи му се на „премиерот Еди Рама, институциите и албанскиот народ за пријателството и соработката“. -Парламентот на Албанија го ратификуваше договорот за соработка со Италија против илегалната имиграција и трговијата со луѓе. Благодарност до премиерот Еди Рама, институциите и албанскиот народ за пријателството и соработката, пишува Мелони во објава на социјалните мрежи. Претходно, по усвојувањето на договорот реагираше премиерот Рама оценувајќи дека „Албанија делувала како земја членка на ЕУ, која го дели товарот што Европа мора да го носи како обединето семејство“. Албанскиот Парламент вчера го одобри договорот за мигранти, потпишан на 6 ноември минатата година во Рим, од премиерот Рама и неговата италијанска колега Мелони.

-Во опсежна операција, припадници на германската царина разбиле банда која организирала нелегална работа во Германија. Приведени се десет лица, меѓу кои и државјани на Србија, Хрватска, Црна Гора и БиХ, јавуваат локалните медиуми. Според медиумските извештаи, осомничените носеле и вработувале луѓе „на црно“, најмногу на германски градилишта. На акцијата и претходела опсежна истрага, спроведена во тајност. Портпаролот на царината соопшти дека се уапсени тројца српски државјани, тројца Хрвати, еден државјанин на БиХ, еден Германец и еден Црногорец. Во претресените објекти, освен телефони и компјутери, пронајдено е оружје и околу 75.000 евра.

-Силно невреме проследено со дожд ја погоди Скандинавија, предизвикувајќи поплави на југот на Норвешка, а во Гетеборг, Шведска, железничкиот сообраќај е во прекин откако во невреме денеска беше оштетена главната железничка станица, додека илјадници луѓе на западот од земјата останаа без струја. Силно невреме го однесе покривот на главната железничка станица во Гетеборг, што предизвика прекин на железничкиот сообраќај, а нема повредени, јавуваат шведските медиуми. Околу 4.000 луѓе останаа без струја на западниот брег на Шведска, објави шведска новинска агенција.

-Во четвртиот квартал од 2023 година, германската економија падна за 0,3 отсто во однос на претходниот квартал и за 0,2 отсто во однос на четвртиот квартал од 2022 година, во согласност со претходните прелиминарни проценки, објави денеска германскиот Завод за статистика Дестатис. Откако германската економија главно стагнираше во првите три квартали од минатата година, економските перформанси се намалија во четвртиот квартал од 2023 година, главно поради падот на бруто инвестициите во градежниот сектор и производството на машини и опрема, се вели во извештајот. Дестатис ја потврди својата претходна прогноза, наведувајќи дека германската економија паднала за 0,3 отсто на годишно ниво во 2023 година, откако пораснала за 1,8 отсто во 2022 година, пренесува Танјуг.

- Гувернерот на Банката на Англија Ендрју Бејли, во изјава за Би-Би-Си оцени дека вештачката интелигенција (ВИ) нема да доведе до губење работни места и ги отфрли стравувањата дека вештачката интелигенција ќе доведе до голема невработеност. „Јас сум економски историчар, пред да станам централен банкар. Економиите се прилагодуваат, работните места се прилагодуваат, а ние учиме да работиме со тоа. И мислам дека луѓето со машини имаат подобри резултати од самите машини“, изјави Бејли за Би-Би-Си. Изјавата на Бејли доаѓа откако најновата економска проценка покажа дека компаниите од Велика Британија кои инвестираат во вештачка интелигенција се очекува да забележат добивки во ефикасноста и резултатите. Употребата на вештачка интелигенција се очекува да обезбеди предност во продуктивноста во повеќе сектори.

-Во пресрет на втората годишнина од руската инвазија врз Украина, што започна на 24 февруари 2022 година, Советот на ЕУ усвои 13-ти по ред пакет на рестриктивни мерки кон физички и правни лица „одговорни за незаконската, неиспровоцирана и неоправдана воена агресија“ од страна на Русија. Како што јави дописникот на МИА од Брисел, со новите санкции се опфатени 106 поединци и 88 субјекти одговорни за активности за поткопување или загрозување на територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина. Станува збор за субјекти и поединци поврзани со рускиот воен и одбранбен сектор и со снабдувањето со оружје и опрема за Русија од Северна Кореја, како и за судии, локални политичари и лица одговорни за „илегалната депортација и военото превоспитување на деца од Украина“. 

-Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека земјите-членки на Алијансата се посветени да направат повеќе за да и обезбедат победа на Украина. Тој во интервју за Радио Слободна Европа посочи дека Северноатлантската алијанса „значително го променила“ својот став за обезбедување на безбедносно понапредно оружје за Киев. Столтенберг по повод одбележувањето две години од почетокот на рускиот напад врз Украина оцени дека солидарноста со Киев не е само коректна, туку и во безбедносните интереси на Алијансата. Тоа е инвестиција во нашата сопствена безбедност и нашата поддршка прави разлика на бојното поле секој ден, истакна Столтенберг. 

Остани поврзан