
26 февруари 2025
Скопје - Борис Трајковски ќе остане запаметен по својата посветеност, смиреност и решителност во најтешките моменти за државата. Неговите заложби за мир, соработка и интеграција се вредности кои и денес остануваат пример за сите нас, објави денеска на Фејсбук премиерот Христијан Мицкоски.
Премиерот потсетува денеска се навршуваат 21 година од трагичната авионска несреќа во која загина поранешниот претседател Борис Трајковски, заедно со неговите соработници и екипажот на авионот.
Неготино - Средствата обезбедени преку кредитните линии од Унгарија се трошат наменски. Владата има донесено уредба со која точно се дефинирани начините како можат да се користат тие средства, така што нема основа за шпекулации за нивно ненаменско трошење. Тоа денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски во Неготино, во врска обвинувањата од опозицијата за ненаменско трошење на средствата.
Мицкоски посочи дека опозицијата може сешто да каже, но оти за се што е кажано треба да постојат докази.
Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска го прими амбасадорот на Босна и Херцеговина Драган Јаќимовиќ.
На средбата, како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, беа потврдени одличните билатерални односи и соработка меѓу двете земји кои се одвиваат во континуитет во областите од заемен интерес. Во овој контекст, беа разменети мислења за можностите за натамошно продлабочување на билатералната соработка, пред сè на економски план.
Неготино - Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека очекува да биде избран јавен обвинител кој ќе биде заштитник на правдата, а не, како што рече, „заштитник на владата на СДСМ и ДУИ“. При посетата на Неготино, премиерот беше прашан зошто не е задоволен од обвинителот Љупчо Коцевски и како ги коментира обвинувањата од СДСМ дека се партизира правосудството.
Скопје - Министерот за социјална политика демографија и млади, Фатмир Лимани денеска одржа работен состанок со претставници на неколку министерства и граѓански организации од Црна Гора.
Делегацијата од Црна Гора со членови од министерствата за човекови и малцински права, за просторно планирање, урбанизам и државен имот, за внатрешни работи, за здравство, за социјална заштита, семејни прашања и демографија, Совет на Ромите, невладини организации и медиуми се во дводневна посета на земјава во организација на Совет на Европа.
Скопје - Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска на прес-конференција изјави дека последното гласање за резолуциите за Украина во ОН јасно покажало дека македонската надворешна политика е без компас, дека се одлучува импулсивно и без надворешно политички приоритети.
-Со овие хаотични и навистина неразбрливи одлуки Македонија испраќа порака дека нејзината надворешна политика е импровизација. Дополнително Владата ја продлабочи конфузијата со тоа што прифати да бидеме коспонзори на американската резолуција, а потоа гласавме воздржано. Прв пат една македонска влада што конспонзорира резолуција потоа не гласа за истата, рече Филипче.
Скопје - Железници на Република Северна Македонија Транспорт-АД Скопје соопштија дека од Организацијата на грчките железници (OSE) известиле дека од денеска во 19:00 часот, ќе биде повторно воспоставен железничкиот сообраќај на делницата Солун – Поликастро – Идомени.
Поради тековните работи на реконструкција на инфраструктурата, во периодот од четврток (27 февруари) од 18:00 часот до вторник (4 март) во 07:30 часот, овој дел од пругата, се вели во соопштението, ќе биде подложен на дополнителни градежни активности.
Скопје - Од денеска стартува тргувањето во евра на Македонската берза на електрична енергија, како еден од клучните аспекти за успешно интегрирање на македонскиот пазар на електрична енергија во единствениот европски пазар.
Успешната имплементација на иницијативата на Одборот за организираниот пазар на електрична енергија на денешниот состанок беше поздравена. Управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски истакна дека улогата на Одборот е од голема важност за унапредување на работата на пазарот ден однапред, воведување нови производи, модернизирање и следење на светските трендови во овој домен.
Скопје - Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска на прес-конференција побара одговор од Владата дали парите од унгарскиот кредит се потрошени или се трошат за друга намена.
Филипче рече дека до нив стигнуваат информации и од повеќе банки и од повеќе компании. Информциите од банките, според Филипче се дека веќе не може да примаат апликации на компаниите за парите од унгарскиот кредит, поради тоа што Владата нема да може да им ги исплати парите, како и дека бројот на апликации е сосема мал.
Битола - Во Битола при ископ на канал за инсталирање цевковод на топлификација, пронајдени се 292 гранати од Првата светска војна.
Од Регионалниот ЦУК - Битола потврдија дека гранатите се откриени за време на градежни работи и се пријавени на Единствениот повикувачки број за итни повици 112.
Скопје - Во текот на вчерашните активности на полициските службеници од сите осум сектори за внатрешни работи при Бирото за јавна безбедност на МВР, во поглед на засилените сообраќајни контроли за почитување на сообраќајните правила и прописи на патиштата низ државава, биле издадени 773 платни налози.
Од МВР денеска соопштија дека најбројни се случаите на непрописно паркирање 225, потоа прекршоците по основ на движење со брзина поголема од дозволената 120, а вчера е забележан и прилично висок број на прекршоци по основ на недавање на првенство на минување 51.
Атина – Мнозинството Грци сакаат вистината да блесне, правдата да биде задоволена, никогаш повеќе да не доживееме слична трагедија, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на денешната владина седница, осврнувајќи се на двегодишнината од железничката несреќа кај Темпи, посочувајќи дека „националната драма треба да го обединува општеството под заедничко барање за вистина и правда“, јави дописничката на МИА од Атина.
Во петок се навршуваат две години од несреќата во која животот го загубија 57 лица, поголемиот дел од нив студенти, а закажан е генерален штрајк што ќе ја парализира Грција и ќе се одржат над 300 протести во земјата и странство.
Сараево - Полицијата и надлежните служби пронашле 31 дете во куќа во Брчко, Босна и Херцеговина.
Според порталот Кликс.ба (Klix.ba), децата имале хрватски пасоши, а три лица се уапсени поради сомнение дека сториле повеќе кривични дела меѓу кои и трговија со луѓе.
Како што соопштија од окружната полиција Брчко, преземајќи активности од нивна надлежност, полициски службеници вчера, под надзор на Окружното обвинителство Брчко на БиХ и во соработка со Одделот за социјална заштита и Црвениот крст, пронашле поголем број деца и ги однеле на безбедно место.
Бања Лука - Горан Бубиќ, адвокат на претседателот на Република Српска (РС), Милорад Додик, рече дека нема да присуствува на изрекувањето на пресудата во Судот на Босна и Херцеговина (БиХ) против Додик и вршителот на должноста директор на Службен весник на РС, Милош Лукиќ.
„Не можам да учествувам во понижувањето на правата, барем кога не морам“, изјавужи Бубиќ за РТРС.
На пресудата нема да присуствува и Миљкан Пучар, адвокатот на Лукиќ.
Тирана - Албанија стана 13 земја што се приклучи на операцијата Интерфлекс, програма за обука на украинскиот воен персонал со седиште во Обединетото кралство, објавија албанските медиуми повикувајќи се на соопштение на Министерството за одбрана на ОК објавено на социјалната мрежа Х.
Покрај Обединетото Кралство, програмата веќе вклучува земји како Косово, Австралија, Нов Зеланд, Канада, Данска, Норвешка, Шведска, Финска, Холандија, Естонија, Литванија и Романија.
Варшава - Полските воздухопловни сили ќе патролираат во воздушниот простор на балтичките држави во рамките на операцијата „Балтичка воздушна патрола“, најави полскиот министер за одбрана, Владислав Косињак-Камиш.
-Полските авиони Ф-16 ќе летаат над Литванија, Летонија и Естонија. Четири авиони ќе бидат распоредени како дел од полскиот воен контингент во Литванија, чии операции почнуваат кон средината на март, рече Косињак-Камиш, додавајќи дека операцијата ќе трае до средината на јули, пренесе Еуроактив.
Варшава - Полскиот претседател Анджеј Дуда изјави дека Полска со задоволство би ги прифатила американските сили доколку Германија не ги сака на нејзина територија.
„Ако Германија не сака американски сили, не сака партнерство со Соединетите држави, ние ќе бидеме многу среќни да прифатиме партнерство со САД“, изјави Дуда за полската телевизија Полсат њуз.
Париз - Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ги информираше лидерите на земјите-членки на ЕУ за неговата посета на Вашингтон како дел од подготовките за вонреден самит следната недела.
„Многу успешна подготовка за вонредниот самит на 6 март, на кој ќе одлучиме за поддршка на Украина и зајакнување на европската одбрана“, најави претседателот на Европскиот совет Антонио Коста по видео-конференцијата на која присуствуваа лидерите на сите 27 земји-членки и претседателот на Европската комисија.
Брисел – Европското законодавство овозможува земјите членки на ЕУ да прогласат одредени држави за „безбедни“, дури и само за одредени точно дефинирани мигрантски групи, се наведува во мислењето на Европската комисија доставено до Европскиот суд на правдата во врска со Договорот за дислокација на мигранти склучен меѓу Италија и Албанија.
Со ова практично Еврокомисијата ја поддржа позицијата на Рим во постапката што се води пред Европскиот суд на правдата за законитоста на овој Договор, со кој на Италија и се овозможува да ги сместува мигрантите пресретнати во водите на Средоземното Море во прифатни центри во Албанија во местата Шенѓин и Ѓадер.
Вашингтон - Белата куќа им го одзеде на новинарите речиси вековното право да одлучуваат кој од нив ќе известува за претседателските настани, а претседателот Доналд Трамп истакна дека сега тој одлучува за пристапот на медиумите.
Портпаролката на Трамп, Керолин Ливит, на дневниот брифинг најави дека независната асоцијација на дописници од Белата куќа (WHCA) повеќе нема да има „монопол“ за избор на членови на „прес-клубот“.
Тоа е мала група новинари кои го покриваат американскиот претседател во често тесни простори како Овалната канцеларија и Ер Форс 1, а потоа ги споделуваат материјалите со други медиумски организации.
Вашингтон – Руската армија ќе мора да се бори уште најмалку 83 години за да ги освои преостанатите 80 отсто од територијата на Украина, проценува Институтот за проучување на војната (ISW).
Американскиот тинк-тенк тврди дека Русија дејствува под претпоставка дека војната ќе трае бесконечно и дека не и се потребни големи територијални поместувања во една офанзива.
ISW проценува дека со сегашната стапка на напредување и огромни загуби на работна сила, на руските сили ќе им треба до 2108 година за да ја преземат цела Украина, што според нив е малку веројатно.
Москва - Има свест дека средбата меѓу американскиот и рускиот претседател мора да се случи, а подготовките се во тек, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
-Постои разбирање дека мора да се одржи, и има разбирање дека мора добро да се подготви. Тоа е ставот на двајцата претседатели, прецизира тој.
Тој додаде дека се уште нема конкретни детали за нивната средба, но таа дефинитивно мора да се случи. Според него, подготовката е веќе започната.
Богота - Колумбискиот претседател Густаво Петро го критикуваше наводниот план на Украина да потпише договор за ретки минерали со САД, нарекувајќи го тоа глупост на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Глупоста на Зеленски, јасно го кажувам ова, е тоа што дозволи да биде изманипулиран од западните Европејци, кои не знаат каде одат, кон Хитлер или кон ништо. Тие се борат со своите словенски браќа и на крајот ја даваат Украина на Американците. Глупост“, напиша Густаво Петро на мрежата Икс покрај веста за потенцијален договор меѓу Киев и Вашингтон.