• понеделник, 10 март 2025
МИА Радио флеш

6 март 2025 

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во согласност со одредбите од Законот за одбрана, со укази изврши поставување на старешини на формациски места предвидени за генерали, соопштија денеска од нејзиниот Кабинет.

Бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски, досегашниот началник на штаб во Командата за операции, е поставен за командант во Командата за операции во Генералштабот на Армијата.

Скопје - Денеска остваривме средба со претседателот на хрватскиот Сабор, Гордан Јандроковиќ, на која разговаравме за унапредување на билатералните односи и поддршката на европскиот пат на Македонија, објави премиерот Христијан Мицкоски на фејсбук.

- Хрватска останува наш важен партнер и пријател, а заедничките иницијативи ќе продолжат во духот на стабилност, просперитет и взаемна поддршка, напиша Мицкоски.

Скопје - Според податоците на Институтот за јавно здравје, во деветата недела од 2025 година се пријавени 2 569 нови случаи на грип, што е намалување од 15,4 отсто во споредба со претходната недела. Сепак, бројот на заболени е четирикратно зголемен во споредба со истиот период минатата година и за 38,4 проценти во споредба со последните 14 сезони. Најмногу заболени се пријавени во Скопје, а 1465 лица се на возраст од 15 до 64 години.

Директорката на Институтот, Марија Андоновска, истакна дека најголем број на заболени се пријавени во Скопје - 515, Битола - 236 и Куманово - 203, Струмица 166, Гостивар 141, Тетово 137, Штип 137, Велес 135, Свети Николе 125, а во останатите градови бројот е под 100.

Скопје - Професори од Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ со анализи и стручна помош ќе му помагаат на Министерството за финансии во неговиот делокруг од работата. Ова го предвидува Меморандумот за соработка што денеска го потпишаа министерката за финансии Гордана Димитриеска - Кочоска и деканот на Економскиот факултет Предраг Трпески во просториите на факултетот.

-Врвните економисти излегуваат токму од овој факултет, затоа што на овој факултет имаме професори коишто се врвни експерти. Тие ќе ни помагаат во периодот којшто следи преку најразлични анализи и стручна помош. Договоривме дека ќе бидат присутни и ќе ни помагаат при функционирање на Академијата за јавни финансии, која што има за цел да го зголеми нивото на квалитет и знаење на луѓето коишто се вработени во јавната администрација, и во исто време да го подигнеме целокупното ниво на знаење во државата на едно повисоко ниво, изјави министерката Димитриеска Кочоска по потпишувањето на меморандумот.

Скопје - Македонскиот бруто-домашен производ (БДП) забележа раст од 3,2 проценти во последниот квартал од 2024 година, со што вкупниот раст на БДП за целата година достигна 2,8 отсто, соопшти денеска портпаролката на Влада на Република Северна Македонија, Марија Митева.

Главни фактори за растот на БДП, како што информираше Митева на денешната прес-конференција, се растот од 13,2 отсто во градежништвото и порастот од 10,6 проценти во стручни, научни и технички дејности.

Скопје - Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) заедно со рекорден број коегзибитори учествува на Интернационалната туристичка берза ИТБ Берлин која се одржува од 4 до 6 март 2025 година. На најголемиот саем за патувања, иновации, знаење и инспирација за поместување на туристичките граници, се промовираат македонските дестинации и туристички продукти кои ја прават Македонија конкурентна на туристичкиот пазар, информираат од Агенцијата.

Како што истакнуваат, со својата единствена разновидност и учество на 190 земји и региони, со 5 600 изложувачи светската туристичка берза ИТБ Берлин ги отворила вратите за илјадници туристички посетители кои нудат атрактивни и иновативни туристички продукти.

Скопје - Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска останува на ставот дека Владата ќе прифати онолкава минимална плата во државава колкава што ќе договорат работодавачите и работниците.

-Не знам зошто има коментари дека сме биле во судир со синдикатите во однос на минималната плата. Бев многу јасна и кажав  - ќе се договорат работодавачите  и работниците колку едните можат да испорачаат, а колку другите можат да платат, а за нас ќе биде прифатливо сето тоа што ќе го договорат. Имаат дијалог меѓу себе и што ќе прифатат таму ние сме должни да го обезбедиме, а особено како Министерство за финансии, потенцира Димитриеска Кочоска во одговор на прашање по денешното потпишување Меморандум за соработка со Економскиот факултет во Скопје.

Скопје - Во овој момент не би ја ревидирала проекцијата за економскиот раст на земјава во 2025 година иако во последниот квартал од 2025 година е постигнат раст од 3,2 проценти што е повисок од очекуваниот, оцени денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.

-Секогаш сум многу внимателна во однос на бројките. Убаво е кога бројките покажуваат дека одиме во позитива и во добра насока, но сепак би била многу внимателна. Мислам дека раст од 3,7 проценти за 2025 година, како што ни е проектиран, треба да ни биде целта и да се трудиме тоа да го реализираме. Премногу е рано да зборуваме за било какви корекции во нагорна линија, рече Димитриеска Кочоска во одговор на прашање по денешното потпишување Меморандум за соработка со Економскиот факултет во Скопје.

Скопје - Развојната банка денеска ја исплатила првата транша во износ од 10,4 милиони евра, кон комерцијалните банки за проекти на 47 компании, од новата кредитната линија за инвестиции и развој.

- Структурата по вид на инвестиција од оваа транша е следна: 48% во градежи, 22% во опрема, 10% во обновливи извори на енергија и 20% инвестиции во транспортни средства. Со овие средства се поддржани 3 микро, 25 мали, 11 средни и 8 големи компании во државата. Од оваа транша во најголем дел се поддржани компании од областа на производството со износ од 3 милиони евра, соопштија од Кабинетот на Управен одбор.

Скопје - Министерството за образование и наука информира дека Министерството за надворешни работи на Романија почна програма за стипендирање странски државјани за академската 2025/2026 година.

-Стипендиите ќе бидат наменети за странските државјани кои доаѓаат од земјите кои не се членки на ЕУ, за додипломски, магистерски и докторски студии од сите области, со исклучок на медицина, стоматологија и фармација, се наведува во објавата на МОН. 

Скопје - Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски оствари работна средба со Билјана Брeјтвејт, програмска директорка за владеење на правото на Западен Балкан при AIRE центарот (специјализирана организација која дава експертиза и практични совети за правните стандарди на ЕУ и Советот на Европа). 

На средбата, како што информира Уставниот суд, Костадиновски ја запозна Брејтвејт со неговите приоритети и со предизвиците со кои се соочува Судот. 

Белград - Пред зградата на Градското собрание на Белград денеска избувна масовна тепачка меѓу граѓани и припадници на обезбедувањето, откако демонстрантите се обиделе да ја отстранат заштитната ограда. Обезбедувањето реагирало со физичка сила, а ситуацијата брзо ескалирала во жесток судир, јавуваат српски медиуми.

Според видеоснимките, некои од припадниците на обезбедувањето започнале да удираат граѓани, по што тие возвратиле. Тепачката завршила со повлекување на обезбедувањето во кругот на зградата.

Белград - Претседателката на српското Собрание Ана Брнабиќ оцени дека денешниот инцидент пред белградскиот Парламент претставува „терористички чин извршен од претставници на опозицијата“.

Таа на прес-конференција во српското Собрание рече дека инцидентот го предизвикале „истите луѓе кои учествувале во обидот за блокада, палење и насилно преземање на државните институции во српскиот Парламент“.

Бања Лука - Претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик потврди дека добил покана од Обвинителството на БиХ за утре да даде изјава како осомничен за уривање на уставниот поредок, наведувајќи дека нема да одговори на поканата.

„Обвинителството на БиХ ме кани утре да дадам изјава како осомничен за уривање на уставниот поредок, бидејќи ја вршев мојата должност, пропишана со Уставот и законите, според одлуките на Народното собрание на РС“, напиша Додик на социјалната мрежа Икс.

Анкара - Турција ќе процени дали да испрати војници во мировна мисија во Украина, ако тоа се покаже како неопходно за гарантирање на мирот, изјавија претставници на Министерството за одбранана на денешната прес-конференција, пренесуваат турските медиуми.

- Остануваме на ставот дека праведен и траен мир може да се постигне со рамноправно и правично претставување на двете страни. Во овој процес, нашата земја ќе продолжи да ги поддржува сите конструктивни иницијативи за гарантирање на мирот во регионот, за зачувување на Црното Море како море на мир и за обнова на Украина, соопштија претставници на Министерството.

Брисел - Европа мора да се грижи за сопствената безбедност и не може да си дозволиме други да не чуваат безбедни, изјави претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола во обраќањето на денешниот специјален Самит на ЕУ посветен на поддршката на Украина и европската одбрана. 

- Премногу работи се во прашање и не можеме да чекаме повеќе, изјави Мецола, додавајќи дека Европарламентот може брзо и ефикасно да се справи со денешните безбедносни предизвици без преседан.

Киев - Украинскиот опозициски лидер и поранешен претседател Петро Порошенко потврди дека претставници на украинската опозиција оствариле средба со членови на тимот на американскиот претседател Доналд Трамп, пренесе Укринформ.

- Средбата не беше тајна и беше посветена главно на можноста за одржување избори по завршувањето на воената состојба, нагласи Порошенко, кој е лидер на партијата „Европска солидарност“.

Брисел - Украина и е благодарна на Европската Унија за нејзината силна поддршка од самиот почеток на војната и во текот на целиот овој период, како и во текот на минатата недела, порача украинскиот претседател Володимир Зеленски пред почетокот на денешниот специјален Самит на ЕУ посветен на поддршката на Украина и одбраната на Европа, на кој е поканет како гостин. 

- Вие останавте со нас. Многу сме ви благодарни што не сме сами. И тоа не се само зборови. Ние го чувствуваме тоа, рече Зеленски придружуван од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Москва - Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека нуклеарната реторика на францускиот претседател Емануел Макрон претставува закана за Русија.

Коментарите на Лавров доаѓаат како реакција на вчерашната изјава на Макрон, во која францускиот лидер изјави дека размислува да ги стави европските сојузници под заштита на францускиот нуклеарен арсенал.

Брисел - Овој Европски совет се одржува во многу важно време, кога се потребни значајни мерки, за што е потребно единство, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен пред почетокот на денешниот специјален Самит на ЕУ посветен на поддршката на Украина и одбраната на Европа.  

- Ова е пресвртен момент за Европа. Украина е дел од нашето европското семејство и ова е и пресвртен момент и за Украина. Европа се соочува со јасна и актуелна опасност и затоа треба да биде способна да се заштити и одбрани себе си, рече Фон дер Лајен придружувана од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и украинскиот претседател Володимир Зеленски.  

Њујорк - Обединетите нации активираа 110 милиони долари од својот Централен фонд за итни случаи за помош на занемарени кризи ширум светот, откако големите донатори, вклучително и САД, значително ја намалија својата финансиска поддршка.

Според официјалното соопштение на ОН, финансиската состојба за хуманитарна помош се влошува со години, но дополнителен удар беше одлуката на администрацијата на Доналд Трамп минатиот месец да замрзне странска помош вредна 60 милијарди долари.

Вашингтон - Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп планира да го укине привремениот правен статус на 240.000 Украинци кои избегаа во САД по руската инвазија, пренесуваат американските медиуми, повикувајќи се на високи функционери и извори запознаени со планот.

Одлуката, која треба официјално да биде објавена во април, е дел од пошироката стратегија на Трамп за укинување на привремените хуманитарни програми од времето на претседателот Џо Бајден. Според истите извори, на удар ќе бидат и 530.000 мигранти од Куба, Хаити, Никарагва и Венецуела, кои исто така може да бидат депортирани по забрзана постапка.

 

 

Остани поврзан