• сабота, 27 јули 2024
МИА Флеш

9 февруари 2024 

-Министерството за економија годинава ќе додели 3.555 ваучери во вредност од по 18.000 денари за одмор во домашни туристички капацитети за работници чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето приходот од 50.000 денари. Јавниот повик, како што информира ресорниот министер Крешник Бектеши, ќе биде објавен в понеделник на 12 февруари, а право на учество имаат сите физички лица кои се вработени и нивните месечни примања во семејството не го надминуваат нето приходот од 50.000 денари. За оваа мерка, согласно Програмата за поддршка на домашен туризам за работници со ниски приходи, се обезбедени средства во износ од 64 милиони денари, односно ќе се издадат вкупно 3.555 ваучери. -Потврдата за одмор на работници со ниски приходи ќе може да се искористи надвор од туристичката сезона во некој од угостителските објекти од Листата на пријавени угостителски објекти за сместување, објавена на веб страницата на Министерството за економија. Потврдата ќе може да се искористи од моментот на добивање до 30 јуни 2024 година и од 15 септември до 1 декември 2024 година, истакна Бектеши на денешната прес-конференција во Владата.

-Врховниот суд ги одби како неосновани барањата на одбраната за преиспитување на правосилната пресуда за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот. По предметот по поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилна пресуда за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, како што информираат од Врховен, одлучувал Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија. - Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија донесе пресуда КВП2-101/23, со која барањата за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, поднесени од осуденитe А. Ѓ.,  К.Л. и А.К. против пресудата на Основниот кривичен суд Скопје К.бр.1768/22 од 30.11.2022 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје КЖ-224/23 од 05.06.2023 година, ги одби како неосновани, се вели во соопштението од Врховен суд. Апелација во јули минатата година ја одби жалбата на обвинетиот Анџело Ѓорѓиевски како неоснована, додека жалбите на обвинетите Андреј Костовски и Клементина Левковска делумно ги уважи и го преиначи досудениот износ на име нематеријална штета.

-Зголемен е интересот за вакцинирање по зголемениот број случаи со голема кашлица, а најавено е и двосменско работење и работа в сабота, информираа денеска во Вакциналниот пункт „Букурешт“ во Скопје. Оттаму наведуваат дека по зголемениот број случаи со голема кашлица, од утрово зголемен е бројот на пациенти. Пред сѐ, пациенти - дечиња поголеми од три години, кои ги пропуштиле дозите од редовна вакцина, според календарот за вакцинација. - Од утрово до 11 часот имавме околу 60 дечиња вакцинирано. Ако вообичаено бројките на дневно ниво ни се меѓу 20 и 30, денеска и тоа засега, бројката ни е двојно поголема. Тука е нели стравот на родителите, но и мерката за забрана во градинките за невакцинираните, изјави Сања Цилевска Младеновска, доктор педијатар.

-Претседател на Сојузот на синдикати на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) Ангел Ристов на денешната прес-конференција обвини дека државата не обезбедила средства во буџетот за примена на обврските од колективниот договор склучен меѓу Синдикатот на УКИМ и Собранието, иако истиот е полноважен и стапил на сила на 1 јануари оваа година. Тој упати апел за средба со премиерот во рок од три дена, а доколку средбата не се реализира, ќе следува протест. -Доколку во рок од три дена не добиеме средба со премиерот, согласно соопштението испратено од ректорската управа потпишано од сите декани, ректорката, проректорите, ќе се радикализираме. Ќе следува протест, па доколку тој предупредувачки протест не вроди со плод, следува штрајк, порача Ристов.

-Координаторот на пратеничката група на Алијансата за Албанците, Аднан Незири на денешната прес-конференција во Собранието истакна дека имаат обезбедено мнозинство за гласање на новите министри за здравство и информатичко општество и администрација, Илир Демири и Наим Бајрами на  местото на досегашните министри Азир Алиу и Фатмир Меџити. -Да, имаме мнозинство и ова работа денеска ќе биде завршена, рече Незири и посочи дека целата процедура ќе зависи од обраќањата на пратениците. Коментирајќи го вчерашниот собир на Алијансата за Албанците во Куманово свикана од претседателот Арбен Таравари, Незири нагласи дека тој собир не бил легитимен врз основа на Статутот на партијата. Потенцира дека од информациите кои ги поседуваат на вчерашниот состанок имало помалку од 40 членови, а не 75 членови како што кажаа вчера на состанокот. -Тие не се реални, затоа што и и тој настан не беше Собрание, зашто се знае врз основа на Статутот тоа може да го свика претседателот на Собранието на партијата и има рок од седум дена. Легално Собрание на Алијансата за Албанците ќе биде тоа свикано за в сабота во 13 часот во Скопје. Тоа е легално и процедурално врз основа на Статутот и правните процедури, рече тој.

-Сообраќајот на автомобили од и кон Северна Македонија преку граничниот премин Ники (Меџитлија) од грчка страна се одвива регуларно, а земјоделците во рамките на нивната четиричасовна блокада, ја затворија границата само за товарни возила, кои во најголемиот дел се камиони што пренесуваат лигнит, јави дописничката на МИА од Атина. Според информациите на МИА, земјоделците од северозападна Грција блокадата ја најавија за периодот од 12 до 16 часот по локално, односно од 11 до 15 часот по македонско време, а кусо по почетокот на блокадата автомобилите поминуваа без проблеми, иако сообраќајот бил со намален интензитет во споредба со претходните денови. Грчката државна телевизија ЕРТ објави дека земјоделците кои се собрани на граничниот премин паралелно ќе ги информираат возачите и патниците за нивните барања. 

-Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави денеска дека верува оти новата влада ќе биде конституирана до средината или крајот на март, јави дописникот на МИА од Белград. Таа потсети дека во вторникот е одржана конститутивната седница на српскиот парламент и дека роковите почнале да течат, т.е.рокот е 90 дена. -Верувам дека брзо ќе ги формираме сите институции. Србија има многу работа. Мораме да продолжиме да работиме. Верувам дека владата ќе биде конституирана до средината или крајот на март за да можеме да продолжиме со работа, изјави Брнабиќ на РТС. На прашањето каде ја гледа својата позиција во новата влада, Брнабиќ одговори „ќе видиме“. -Најмалку важно е каде е кој лично. Важно е луѓето да се борат, да ја сакаат својата земја и да веруваат во неа и во потенцијалот на својот народ, да бранат се што ни оставиле нашите предци за да го зачуваат за нашите потомци, рече Брнабиќ.

-Министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ изјави дека Брисел го зголемува притисокот врз Белград со формален предлог деловите од Охридскиот договор, со кои Србија не се согласи, да се вклучат во преговарачката рамка за членство во Европската Uнија, јави дописникот на МИА од Белград. -Има обид преку ЕУ и поглавјето 35 на Србија да и се наметне обврска дека доколку сака да стане членка, мора да има таканаречена целосна имплементација на Охридскиот договор и оној дел од договорот со кој не се согласивме. Србија не го потпиша Охридскиот договор, со усната изјава на претседателот на Србија се огради од одредени формулации кои укажуваат дека тоа е некакво признавање на Косово и дека се согласуваме Косово да стане членка на ОН и на други меѓународни организации, рече Дачиќ во изјава за телевизија Пинк.

-Поранешниот косовски премиер, актуелен пратеник на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), Авдула Хоти вели дека синоќешното соочување во Советот за безбедност на Обединетите нации меѓу премиерот на Косово, Албин Курти и претседателот на Србија, Александер Вучиќ, беше „непотребно, непродуктивно и штетно за Косово“, јави дописникот на МИА од Приштина. Хоти на својата страница на Фејсбук напиша дека синоќа по првпат главните сојузници го критикувале Косово на една расправа во Советот за безбедност и дека се докажало оти некоординираноста на дејствијата со нив „има последици за земјата“. - Овој пристап на Владата на Курти не им служи на евроатлантските интеграции на Косово. Жалосно е што исправните постапки на Косово, кои ниту еден сојузник не ги оспорува од уставен аспект, ни се враќаат како бумеранг поради опаката политика, во која секое државно дејствување е предмет на моменталниот изборен интерес на партијата на власт, напиша Хоти.

-Европскиот парламент вчера усвои резолуција за изборите во Србија, во која, според финалниот нацрт, се бара меѓународна истрага, a од Европската комисија се наложува доколку се докаже изборна кражба, да се укинат пристапните фондови на ЕУ кон Србија. Опозициските медиуми во Србија го анализираат и делот од резолуцијата во кој се споменува „Извештајот на Прибе“ кој би требало да биде модел со кој би се преземале чекори кои би довеле до повторно воспоставување доверба на јавноста во институциите и за проценка и решавање на системски прашања на владеење на правото во Србија, јави дописникот на МИА од Белград. Според Нова.рс меѓународната истрага би можела да ја води комисија по моделот на онаа во Северна Македонија предводена од Рајнхард Прибе, а предуслов за тоа е договор меѓу Европската комисија и српските власти.

-Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска го прогласи Валериј Залужни за херој на Украина, еден ден откако популарниот генерал беше сменет од функцијата врховен командант на армијата, пренесува Укринформ. „За исклучителни лични заслуги во заштитата на државниот суверенитет и територијалниот интегритет на Украина, несебичното служење на украинскиот народ, наредувам: да му се додели титулата Херој на Украина со орденот Златна ѕвезда на генералот Залужни Валери. Федорович“, се наведува во указот на украинскиот претседател. Вчера Зеленски го назначи Олександр Сирски за врховен командант на вооружените сили на Украина, откако претходно беше разрешен Залужни.

-Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави денеска за новинарите дека промената на командата на Вооружените сили на Украина нема да влијае на „специјалната воена операција“ на Русија во земјата. Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера го смени командантот на вооружените сили на Украина, генерал Валериј Залужни, а на негово место го назначи командантот на копнените сили Олександр Сирски. „Не мислиме дека тоа се фактори кои можат да го променат текот на специјалната воена операција. Таа ќе продолжи се додека не се постигнат нејзините цели“, рече портпаролот на Кремљ. Песков, исто така, рече дека се уште не го разгледал истражувањето на „Хјуман рајтс воч“ објавено вчера за тоа колку луѓе загинале во градот Мариупол, но ги обвини украинските сили дека се одговорни за смртта на многу цивили во градот.

-Холандските полициски разузнавачки служби незаконски следеле одредени групи жители во текот на 2022 година, заклучи Надзорниот одбор на разузнавачките и безбедносните служби на земјата (CTIVD). Како што е соопштено од холандскиот јавен сервис НОС, одборот не прецизирал кои заедници незаконски ги надгледувале службите, но прецизирал дека под заедница значи група на население „заснована, на пример, на етничко потекло, верски убедувања или занимање“. НЛ Тајмс наведува дека на овој начин, теоретски, холандските полициски разузнавачки служби можеби шпионирале посетители на џамија или земјоделци кои протестирале. ЦТИВД соопшти дека во периодот од 23 февруари до 1 јули 2022 година, полициските разузнавачки служби три пати извршиле незаконско следење на населението

-Министрите за одбрана на Израел и на САД, Јоав Галант и Лојд Остин, разговараа за важноста на американското лидерство во справувањето со иранските закани и регионалната агресија, како и за текот на израелската војна со Хамас во Газа, јави „Тајмс на Израел“. За време на синоќешниот телефонски разговор, Галант детално ја опиша тековната операција на израелската војска, особено во јужниот дел на Појасот Газа, и сподели информации за неодамнешните операции на израелските трупи, вклучително и „терористички тунели каде што се држеле заложници, резерви на оружје и средства директно пренесени од Иран до раководството на Хамас“, се вели во резимето на повикот, објавено од кабинетот на израелскиот министер за одбрана.

 

Остани поврзан