19 април 2024
-Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во Охрид ги прими генерал-мајор Грегори Најт, командант на Националната гарда на Вермонт и заменик-амбасадорката на САД, Никол Варнс, со кои разговарала за севкупната соработка на нашата држава со Националната гарда на Вермонт, како важен дел од стратешкото партнерство со САД и континуирана поддршка што САД од почетокот на независноста ја дава за евроатлантските интеграции на нашата држава, нејзиниот демократски развој, безбедност и стабилност.
-Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска на својата фејсбук страница објави дека е позитивен на Ковид-19. Како што информира министерот, оваа седмица работните обврски ќе ги извршува од дома, се до исчезнување на симптомите. -Ве информирам дека утрово во Клиничкиот Центар „Мајка Тереза“ по извршеното тестирање за Ковид 19, резултатите кои ги добив се позитивни. Оваа работна седмица работните обврски ќе ги извршувам во изолација од дома, се до исчезнување на симптомите, напиша Тошковски на Фејсбук.
-Министерот за здравство Арбен Таравари изјави дека нема информации во однос на случајот со судијата Пајазит Пајазити по бегството на Блерим Рамадани од домашен притвор, но оти секој кој што не постапувал како што треба, треба да сноси одговорност. -Јас немам точни информации за што се работи. Меѓутоа не само за конкретното име, туку за секого кој што не постапувал како што треба, треба да има одговорност. За конкретниот случај немам точна информација кога ќе имам ќе имаме и став како коалиција Влен, рече Таравари на новинарско прашање дали Вреди ќе се придружи на барањето на коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ кој веќе два дена бара одговорност за судијата Пајазити за одлуката за куќен притвор за Рамадани. ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно побара судијата во Основниот кривичен суд во Скопје Пајазити, да биде разрешен веднаш, посочувајќи го при тоа дека тој е експонент на СДС и ДУИ во судството кој го руши системот од внатре.
-Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека починатата пациентка, за која во јавноста излегоа информации оти не била примена на интензивна нега на Инфективна, била со акутна леукемија и е третирана на Клиниката за хематологија „по сите протоколи и по сите правилници како што треба пациентот да се третира со такви болести“. Прашан дали ќе се спроведи истрага за жената која не била хоспитализирана на Инфективна, бидејќи се реновирала, како и тоа каде се праќаат пациентите на кои потребен им е респиратор, а имаат коронавирус, Таравари вели дека „треба дефинитивно да знаеме од што починала пациентката“ и побара време за да се „добијат конкретни информации од надлежните“.
-Турската полиција денеска почна „голема истрага“ откако еден Палестинец е убиен, а двајца се ранети додека седеле во своите автомобили во Истанбул. Турска новинска агенција објави дека во пукотницата синоќа загинал маж кој седел на возачкото седиште, а неговиот пријател бил тешко ранет. Друг маж, кој од канцеларијата на гувернерот е опишан како телохранител на убиениот, бил ранет во стапалото.
-Седум лица се водат како исчезнати откако брод со 22 лица во услови на невреме потона во близина на брегот на Сицилија. Патролните чамци на крајбрежната стража и пожарникарите спасија 15 лица од 49-метарскиот брод, меѓу кои и едногодишно дете. Италијанската новинска агенција АНСА јави дека се водат како исчезнати четворица Британци, еден Канаѓанец и двајца Американци. Инцидентот се случил изутрината околу 5 часот наутро во водите кај Палермо, за време на невреме со силни ветрови и разбранувано море во областа, пишува британски „Гардијан“. Спасувачките нуркачи се обидуваат да стигнат до бродот, кој потона на приближно 49 метри. Едногодишно момче пристигнало во болница со неговата мајка, која се здобила со полесни повреди. Сите 15 спасени лица се во добра состојба.
-Обединетите нации го осудија „неприфатливото“ ниво на насилство врз хуманитарните работници, кое стана вообичаено, при што рекорден број од 280 работници се убиени низ светот во 2023 година. ОН предупредуваат дека војната меѓу Израел и Хамас во Газа може да предизвика уште поголем број на такви смртни случаи оваа година. - Нормализацијата на насилството врз хуманитарните работници и недостигот на одговорност се неприфатливи, несовесни и исклучително штетни за хуманитарните операции насекаде, изјави Џојс Мсуја, вршителка на должноста директор на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (ОЦХА), на Светскиот ден на хуманоста.
-Војските на САД и Јужна Кореја денеска започнаа заеднички воени вежби чија цел е зајакнување на нивните одбранбени капацитети против нуклеарно вооружената Северна Кореја, која повторно ги обвини двете земји дека спроведуваат вежби за да ја нападнат. Вежбата започна неколку часа откако Министерството за надворешни работи на Северна Кореја издаде соопштение во кое се вели дека нуклеарните амбиции на Северна Кореја затоа се оправдани, додавајќи дека е од клучно значење „постојано да се одржува рамнотежата на силите за да се спречи војна преку одвраќање“. САД и Јужна Кореја рекоа дека заедничките вежби имаат одбранбен карактер и во последниве години ја прошируваат и подобруваат обуката за справување со заканите од Северот.
-Поранешната премиерка на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн ќе присуствува на Национална конвенција на американските демократи, која почнува денеска во Чикаго, објавија британските медиуми, повикувајќи се на нејзиниот портпарол, кој ги потврди извештаите на медиумите. Ардерн, исто така, ќе присуствува на пропратен настан за време на конвенцијата, рече нејзиниот претставник. Четиридневниот форум ќе ја одбележи номинацијата на Камала Харис за претседателски кандидат на партијата и се очекува да привлече илјадници луѓе во Чикаго.
-Антивирусниот лек „Tecovirimat“ не го намалува времетраењето на лезиите кај децата и возрасните инфицирани со тип 1 мпокс во Демократска Република Конго (ДР Конго), открија истражувачите од ДР Конго и САД. Типот 1 претставува поопасен тип на мпокс во споредба со тип 2, кој предизвика епидемија во 2022 година и е поврзан со потешки форми на болеста и повисоки стапки на смртност. Мпокс 1 несразмерно ги погодува децата, што не беше случај за време на избувнувањето во 2022 година, што ја поттикна Светската здравствена организација да прогласи глобална вонредна состојба. -Овие резултати се разочарувачки, но ни даваат клучни информации и ја нагласуваат потребата да се најдат други терапевтски кандидати за лекување на мпокс додека продолжуваме со истражувањето, рече за Политико, Жана Марацо, директорка на Националниот институт за алергија и заразни болести (НИАИД).