• сабота, 07 септември 2024
МИА Радио флеш

6 септември 2024 

-Владата објави јавен повик на кои општините може да аплицираат за инфраструктурни капитални проекти. Ова, велат оттаму, е историски највисок инвестициски циклус кој централната власт го прави за поддршка на локалните самоуправи. -Со овие пари ќе се реализираат нови градинки, училишта, улици, атмосферски и фекални канализации, спортски сали, водоводни мрежи и други проекти. Во ситуација кога гледаме и затекнуваме разурнати, задолжени, ограбени институции и државна каса со која недомаќински е располагано, Владата сега со јасен план и концепт за развој пристапува и нуди решенија во еден од најобемните инфраструктурни потфати во историјата на земјата. Овие проекти се достапни за сите граѓани и ги повикуваме сите општини да аплицираат на јавниот повик, се вели во соопштението од владината прес-служба. Заинтересираните корисници треба да ги поднесуваат апликативните формулари до Министерството за локална самоуправа - Комисија за постапување по овој јавен повик, во рок од 7 (седум) дена од денот на објавување на овој повик.

-Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, денеска на покана на министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, престојува во работна посета на Будимпешта. Централни теми во разговорите на министрите, како што соопштија од МНР, се очекува да бидат тридецениското пријателство и напредокот на севкупните билатерални односи на двете земји, одличната трговска соработка, перспективите и предизвиците на процесот на европската интеграција на нашата земја и во тој контекст, недвосмислената и континуирана поддршка на Унгарија во процесот на ЕУ проширувањето, особено за време на нивното претседавање со Советот на ЕУ во втората половина на 2024 година. По средбата на двајцата министри, предвидена е прес-конференција за медиумите.

-Европската перспектива на земјава и состојбите во регионот на Западниот Балкан беа главни теми на средбата во Брисел на министерот за европски прашања Орхан Муртезани со генералниот секретар на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Стефано Санино. На средбата, со која Муртезани ја заокружи работната посета на Брисел, тој покрена неколку клучни прашања од суштинско значење за европското досие на Северна Македонија и за зајакнувањето на нејзината усогласеност со стандардите и политиките на ЕУ. 

- Министерството за економија и труд денеска објави јавен повик за доделување финансиски средства за реализација на програми и проекти од страна на здруженијата на потрошувачите во рамки на Програмата за заштита на потрошувачите за 2024 година. Финансиските средства од оваа Програма се намененети за реализација на програми и проекти од страна на здруженијата на потрошувачите. Крајниот рок за поднесување на апликациите е најдоцна 20 септември. -Преку ова финансиска поддршка Министерство за економија и труд доделува финансиски средства за реализација на програма (проект) за заштита на потрошувачите во износ од 300.000,00 денари до 500.000,00 денари согласно доставените предлог програми (проекти) за заштита на потрошувачите до исцрпување на финасиските средства предвидени за овој повик, на невладините организации за заштита на потрошувачите за обезбедување информации и помош за потрошувачите, се вели во соопштението од Министерството за економија и труд. Оваа иницијатива, додаваат, е дел од нивните постојани напори да се подобри квалитетот на животот на сите граѓани и да се зајакне нивната заштита и права.

-Лиценци за нови фотонапонски централи за производство на електрична енергија од обновливи извори со вкупна инсталирана моќност од скоро 250 MW издадени се во изминатите осум месеци (јануари -август), покажуваат податоците на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). - Станува збор за инвестиции кои се резултат на приватна иницијатива, во најголем дел тоа се компании кои поставуваат фотонапонски панели за да можат да ги задоволат потребите на основната дејност која ја работат. Или практично, со производството на струја од овие нови капацитети од обновливи извори може да се снабдуваат скоро 80 илјади домаќинства, изјавил Марко Бислимоски, претседател на РКЕ, се наведува во соопштението од РКЕ.

-Медиумската информативна агенција - МИА следната година ќе биде домаќин на 33. Генерално собрание на Асоцијацијата на балкански новински агенции - Југоисточна Европа (АБНА -ЈИЕ), беше одлучено на 32. Генерално собрание што се одржа во Истанбул од 3 до 6 септември, во организација на турската национална новинска агенција Анадолија. Директорот на МИА Драган Антоновски е избран за член на Управниот одбор на АБНА-ЈИЕ. За член на УО беше реизбран директорот на грчката новинска агенција АНА-МПА Амелиос Перикардис. Во УО останува и директорот на Анадолија Сердар Караѓоз, кој следната година ќе претседава со АБНА-ЈИЕ. Во управувачкото тело на Асоцијацијата на балкански новински агенции - Југоисточна Европа е и генералниот секретар на АБНА-ЈИЕ и генерален директор на бугарската новинска агенција БТА Кирил Влчев. На 32. Генетрално собрание на АБНА-ЈИЕ во Истанбул учествуваа првите луѓе на националните новински агенции од Балканот, Медитеранот и Европа, вклучително и директорот на МИА Драган Антоновски и главниот уредик Ана Цветковска.

-На 37. Токијски Интернационален филмски фестивал (TIFF) што ќе се одржи од 28 октомври до 6 ноември, оваа година по прв пат ќе биде лансирана нова натпреварувачка категорија посветена на филмови креирани од женски режисери и фокусирани на приказни во кои главна улога имаат жените. На чело на оваа иницијатива е д-р Андријана Цветковиќ, македонска жена лидер во полето на дипломатијата, претприемништвото и кинематографијата. Цветковиќ, која има докторат по филмска уметност од Универзитетот Нихон во Токио, беше првиот македонски амбасадор во Јапонија (2014-2018) и член на жирито на TIFF во 2021 година. Од оваа година таа е назначена за еден од трите главни програмски директори на фестивалот, при што и е доверена одговорната задача со своето длабоко познавање на филмската уметност, социјалните теми поврзани со родовата еднаквост, да ја обликува насоката на новата програма.

-Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска дека поканата на рускиот претседател Владимир Путин да дојде на состанокот на БРИКС е важна покана, но дека одлуките ќе ги донесе на 10 или 15 октомври, додавајќи дека „не сакал ништо да одбие или прифати“, јави дописникот на МИА од Белград. -Нема сомнеж дека тоа е важен повик, исто како што претходно имаме закажано важни посети, рече Вучиќ и додаде дека не може да каже за која посета станува збор, но дека сите ќе видат дека е важна. Тој додаде дека е горд на суштински независната политика на Србија.

-Претседателот на Здружението на граѓани на Косовско-митровачкиот округ Раша Ројевиќ најави дека денеска ќе почне повеќедневна блокада на административните премини на Србија кон Косово, јави дописникот на МИА од Белград.Ројевиќ за српската новинска агенција Бета изјави дека блокадата ќе ја организираат српските здруженија на граѓани од Косово и Метохија и дека ќе бидат блокирани четири од пет административни премини од правец на централна Србија и Црна Гора. Како што најави, блокадите ќе започнат во 18 часот и ќе траат „додека косовските полициски сили не се повлечат од северот на Косово и додека не се вратат узурпираните институции на Србите“.

-Министерството за одбрана на Босна и Херцеговина информира дека, во периодот од 9 до 13 септември 2024 година, ќе се спроведе нов планиран набљудувачки лет во рамките на Договорот „Отворено небо“. Министерството за одбрана и Оружените сили на БиХ, во соработка со Министерството за надворешни работи, Министерството за комуникации и транспорт на БиХ и Меѓународниот аеродром Сараево, ќе го реализираат набљудувачкиот лет на Република Хрватска и Република Турција, според одредбите на меѓународниот договор „Отворено небо“.

-Финансиска стимулации за привлекување и задржување на лекарите во т.н. проблематични или непопуларни подрачја, воведува грчката Влада, а бонусот ќе биде меѓу 200 и 600 евра месечно, јави дописничката на МИА од Атина. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис преку социјалните мрежи соопшти дека веќе е потпишана конкретната министерска одлука, објаснувајќи дека „новиот додаток, во зависност од категоријата на областа каде лекарот ќе работи, започнува од 200 евра и за конкретни специјалности може да достигне и до 600 евра месечно“ и истакнувајќи дека ќе продолжат практично да го поддржуваат националниот здравствен систем. Министерот за здравство на Грција Адонис Георгиадис ја објави одлуката што ја потпишал заедно со министерот за национална економија и финансии, а која предвидува поделба на проблематичните регионите во две категории, а вклучени болници и здравствени центри од цела Грција, како и мали и оддалечени острови.

-Владата на Велика Британија соопшти дека на Украина ќе и биде испорачана нова помош во форма на 650 лесни повеќенаменски проектили во вредност од 162 милиони фунти (192 милиони евра) за да и помогне да се заштити од руските дронови и бомбардирања. Русија минатата недела го започна својот најголем воздушен напад на Украина од почетокот на војната во 2022 година. Украина повторно побара дополнителна поддршка за противвоздушна одбрана за да се одбрани од нападите со ракети и беспилотни летала. Новата испорака на проектили е најавена додека британскиот министер за одбрана Џон Хили присуствува на состанокот на Контакт група за одбрана на Украина, коалиција од околу 50 земји, во американската воздухопловна база во Германија.

- Во неколку региони на Русија денеска започна тридневно гласање на избори на различни нивоа, вклучително и директни избори за гувернери во 21 регион на Руската Федерација, избори за пратеници во Московската градска дума, како и дополнителни избори за пратеници во Државната дума. Во некои региони, изборите ќе се одржат два дена (7 и 8 септември), додека во други, денот за гласање е 8 септември. Вкупно ќе се одржат над 4.000 изборни кампањи во 83 региони. Дополнителните избори за пратеници во Државната дума ќе се одржат во три испразнети едномандатни изборни единици во Република Хакасија, Брјанската и Ростовската област.

-Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска објави нов пакет хуманитарна помош за Хаити во вредност од 45 милиони долари, повикувајќи ги другите земји да помогнат во финансирањето на меѓународните полициски сили во земјата, која е опустошена од насилството на бандите. - Во овој критичен момент ни се потребни повеќе средства. Ни треба повеќе персонал за да ги поддржиме и постигнеме целите на оваа мисија, изјави американскиот државен секретар на прес-конференција, додавајќи на француски: „Ние сме со вас!“. Блинкен соопшти дека САД планираат да одржат министерски состанок за време на годишната сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк овој месец, за да мобилизираат поддршка за зајакнување на безбедноста и за справување со другите предизвици со кои се соочува Хаити.

-Повеќе од милион луѓе во јужниот и централниот дел на Газа не добија ниту еден оброк во август преку хуманитарна помош, изјави портпаролот на ОН, Стефан Дужарик. - И покрај предизвиците со кои се соочуваме, ОН и другите хуманитарни организации продолжуваат да прават се што е можно за да им обезбедат на Палестинците потребната помош за да преживеат, рече тој. Помеѓу 19 август и крајот на месецот, 450.000 готвени оброци подготвени во 130 кујни секојдневно се доставуваа до семејствата низ Појасот Газа. – Вреди да се повтори дека хуманитарната ситуација во Газа се уште е повеќе од катастрофална и дека сè уште ги немаме сите услови неопходни за да ги поддржиме луѓето дури и блиску до степенот што навистина им е потребен, рече Дужарик.

-Властите во сојузната држава Џорџија денеска го уапсија таткото на осомничениот за пукањето во средното училиште „Апалачи“, 14-годишниот Колт Греј, кој уби четворица и рани уште девет лица, и поднесоа обвинение против него. „Во координација со окружниот обвинител Бред Смит, Канцеларијата за истраги на сојузната држава Џорџија го уапси 54-годишниот Колин Греј во врска со пукањето во средното училиште ‘Апалачи’. Колин е татко на Колт Греј“, соопшти Канцеларијата на социјалната мрежа „Икс“. Таткото и синот минатата година беа испрашувани од локалните истражни служби во соседниот округ Џексон во врска со закани на интернет за масовно пукање во училиште, но тогаш беше оценето дека нема основа за нивно приведување, соопшти ФБИ во средата.

-Во пожар што избувна во основно училиште-интернат во централна Кенија загинаа 17 ученици, соопшти денеска портпаролката на полицијата. Локалните медиуми јавуваат дека телата се изгорени до непрепознатливост. Претседателот Вилијам Руто изјави дека побарал од властите да го истражат инцидентот и да ги повикаат одговорните на одговорност. „Наредувам на надлежните органи темелно да го истражат овој ужасен инцидент. Одговорните ќе бидат повикани на одговорност,“ објави претседателот Руто на својот профил на X. Спасувачите сè уште пристигнуваат на местото на настанот во академијата Хилсајд Ендараша во Ниери, изјави портпаролката Ресила Оњанго во изјава за радиото Хот 96 ФМ. Подоцна ќе бидат објавени повеќе детали.

-Училиштата во јужниот дел на Кина веќе втор ден се затворени, а летовите се откажани во Хаинан, Гуангдонг, Хонг Конг и Макао поради супертајфунот Јаги. Со максимални ветрови од 245 километри на час, Јаги е вториот најсилен тропски циклон во светот од почетокот на 2024 година, по атлантскиот ураган Берил од петта категорија, што претходни ги погоди САД. Јаги претходно го опустоши северниот дел на Филипини, а за денеска се предвидува да стигне до брегот на Кина и ќе се движи од Венчанг во Хаинан до Лејџоу во Гуангдонг. Експертите предупредуваат дека тајфуните стануваат посилни, поттикнати од потоплите океани, поради климатските промени. Јаги, кој прерасна во супертајфун во средата навечер, е јапонски збор за коза и за соѕвездието Јарец, митско суштество кое е половина коза, половина риба.

Остани поврзан