• сабота, 07 септември 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

6 септември 2024

Струмица - Во Големиот градски парк во Струмица вечер ќе се одржи третото издание на Get EXITed настанот во рамки на светски на познатиот EXIT фестивал.

На сцената се очекува да настапат некои од најголемите имиња на светската и регионалната музичка сцена, како и познати локални изведувачи од најразлични жанрови. Организаторите ги најавуваат хитмејкерите Meduza, тешки повеќе милијарди прегледи, креаторите на светски познатата клупска химна „The Mirage“ - Agents of Time, афро-хаус дивата Layla Benitez, кралицата на балканската сцена Senidah, како и локалните изведувачи 2Bona, Young Dadi, Zee, Matej Foltz, DJ Popeye и Divizija. 

-Струмица продолжува да демонстрира квалитети на регионален центар - домаќин на настани од светска класа, а овогодишното издание на Фестивалот кој прераснува во традиција, ќе биде само уште една потврда за ова, изјави градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов.

Get EXITed како концепт на еднодневен музички настан досега ги собра големите имиња од светската и регионалната сцена како John Newman, Burak Yeter , Deborah De Luca, Mahmut Orhan, Konstrakta, Van Gogh, Lanna и многу други, со повеќе од 20.000 разиграни фанови во публиката.

Битола - Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“-Битола, на сите првачиња во градот им подари едногодишно бесплатно членство.

Со подарениот ваучер секое прваче ќе има пристап до сите содржини кои ги нуди библиотека, истакна Бојан Стефановски, директор на НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола.

Љубовта кон книгите почнува уште од најмала возраст и затоа сакаме децата да бидат дел од нашето книжевно семејство. Во текот на месец септември, секое прваче ќе добие ваучер за бесплатно членство преку своето училиште, а ние почнавме со доделување на ваучерите во основното училиште „Гоце Делчев“, посочи Стефановски.

Скопје - Општина Кисела Вода и годинава субвенционира набавка на пелети и огревно дрво  за домаќинствата.  Денеска на општинската веб-страница е објавен јавниот повик за двата типа на поддршка кои на жителите од овој дел на градот треба финансиски да им помогне во подмирувањето на сметките за загревање на домот, информираат од Општината. 

Согласно наведените критериуми, субвенционирањето за кофинансирање за набавка на пелети за домаќинствата на територија на  Општина Кисела Вода, ќе биде во износ од 50 проценти од вредноста, но не повеќe од 10.000,00 денари со вклучен персонален данок на доход.

-Притоа, потребно е да се достави доказ дека е извршено купувањето на пелетите, од 01.01.2024 година до завршување на јавниот повик, со приложување на фискална сметка или фактура и извод од деловна банка за извршена уплата во оригинална форма. Јавниот повик ќе трае до исцрпување на предвидените средства за оваа намена во Буџетот на Општина Кисела Вода, а најдоцна до 31.10.2024 година. Подетални информации околу субвенциите за набавка на пелети, заинтересираните можат да добијат на следната мејл адреса : kirju.nikoloski@kiselavoda.gov.mk, велат од Општина Кисела Вода. 

Скопје - Нотите на чалгиската музика вчеравечер беа во центарот на збиднувањата во Ѓорче Петров. Чалгискиот концерт кој се одржа во паркот на популарното „Корзо“, остави само позитивни емоции и посебни моменти за присутните. „Ај засвирете ми чалгии“ и „По друм одам мајче“ беа само дел од безвременските хитови во изведба на групата „Чалгии“ . 

Истовремено со музичкиот настан, граѓаните имаа можност да ја погледнат изложбата на "ЗГ Порака Неготино – Неготино“ насловена "Сите сме исти".  Изложен беше рециклиран отпад кој одлично го искористиле во добри цели со јасна порака - лицата со хендикеп може да бидат активни чинители во подигнување на јавната свет за зачувување на животната средина преку еко -активности. Со оро и чалгии, успешна изложба, убава храна и позитивни впечатоци, заврши уште еден културно-забавен настан по повод Денови на Општина Ѓорче Петров кои ќе траат до 20 септември и ќе завршат на истиот ден со централна манифестација.  

Кавадарци - Традиционалната стопанско туристичка и културна манифестација ,,Тиквешки гроздобер" започна претпладнево со меморијалниот кошаркарски турнир “Сестри Китеви" во спортскиот центар ,,Јасмин". Во името на Советот на Општина Кавадарци и градоначалникот Митко Јанчев, 35. меморијален турнир го отвори советничката Александра  Кароловска. 

- Општина Кавадарци ја продолжува традицијата за време на ,,Тиквешкиот гроздобер", првиот гроздоберски ден да се игра женска кошарка во чест на трагично загинатите кошаркарки на ЖКК „Тиквеш", сестрите Елизабета и Антоанета Китеви. Турнир, кој Општина Кавадарци се стреми да го одржи, како во изминатите години, така и во иднина. Ова е само дел од сеопштата заложба на градоначалникот Митко Јанчев и Советот на Општина Кавадарци, за поддршка на локалниот спорт. Сведоци сме за огромната финансиска поддршка на годишно ниво за спортот во градот, се издвојуваат 36 ипол милиони денари, рече таа, посакувајќи среќа на екипите учеснички и да победи најдобриот. 

 

 

 

Остани поврзан