• недела, 22 декември 2024

Муцунски-Сијарто: Поддршка на постојните и поттикнување нови инвестиции

Муцунски-Сијарто: Поддршка на постојните и поттикнување нови инвестиции

Скопје, 6 септември 2024 (МИА) – Поддршка на постојните и поттикнување на нови инвестиции биле во фокусот на средбата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски со министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто.

Како што информираат од МНРТ, ова е прва посета на министерот Муцунски на Унгарија.

- На средбата беше нагласена важноста на пријателството меѓу двете земји изградено врз основа на меѓусебна доверба и поддршка, како во мултилатералните односи, така и во економската соработка, која ќе продолжи да се развива и продлабочува во иднина, со посебен акцент на поддршка на постојните и поттикнување нови инвестиции, стои во соопштението од МНР.

Оттаму дополнуваат дека министерот Муцунски на средбата се заблагодарил за целокупната поддршка од Унгарија, вклучително и неодамнешниот заем за нашата држава, како и големата помош при справување со пожарите. Притоа, тој го информирал својот унгарски колега за новите надлежности на министерството, структурирано слично на унгарското министерството со кое тој раководи.

Од страна на унгарскиот министер Сијарто била изразена недвосмислена поддршка за нашите евроинтеграции, истакнувајќи дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан ќе донесе нова енергија во Унијата. Тој нагласил дека Унгарија ќе продолжи да го поддржува нашето забрзано интегрирање, особено за време на унгарското претседавање со ЕУ, но и во иднина.

Во рамки на посетата на Унгарија, Министерот Муцунски остварил одвоена средба и со Иштван Јакаб, заменик претседател на Националното собрание на Унгарија и претседател на Групата за пријателство на Унгарија со земјите од Југоисточна Европа.

Во фокусот на средбата биле можностите за продлабочување на соработката во образованието, земјоделството и туризмот.

Министерот Муцунски изразил благодарност за континуираната поддршка од Унгарија во процесот на пристапување во Европската унија и партнерството во НАТО, истовремено нагласувајќи ја посветеноста на новата влада за спроведување европски реформи.

Заменик-претседателот Јакаб го поздравил долгогодишното пријателство меѓу двете држави и народи, изразувајќи уверување дека Унгарија ќе остане силен поддржувач за нашето полноправно членство во Европската Унија, особено во периодот на унгарското претседателство со Советот на Европа.

За време на посетата, државниот секретар во МНРНТ Елена Кузмановска остварила одвоена средба со државниот секретар за јавна администрација во МНРТ, Естер Ѓармати, чиј фокус на разговорите била реорганизацијата на МНРНТ, односно трансформацијата на Министерството за надворешни работи кое сега го вклучува и секторот на надворешна трговија во портфолиото на своите главни активности. ар/лв/

фото: МНРТ

Остани поврзан