• сабота, 07 септември 2024
МИА Општински пул

Дебар - Дебарското одделение за внатрешни работи поднесе кривична пријава против лицето кое беше осомничен за силување малолетничка.

- Поднесена е кривична пријава против Е.Ф.(20) од дебарското село Отишани, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „силување дете кое не наполнило 15 години“, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.

Осомничениот Е.Ф. на  трети месецов во 18.30 часот, беше лишен од слобода од страна на  полициски инспектори од криминалистичката полиција во Дебар.

Девојчето било на 14-годишна возраст.

Ова е прв ваков случај во Дебарско  по повеќе години.

Виница – Во рамки на подготовките за 16. Меѓународен фестивал на хумор и сатира „Ин Виница веритас“, Домот на културата „Тошо Арсов“ од Виница, како домаќин и организатор и Советот на Фестивалот, го објавија конкурсот за карикатура.

Карикатуристите од целиот свет годинава треба да творат на тема „Кој прв започна“ и секој автор може да испрати најмногу по три свои дела.

- Големината на карикатурите треба да биде во формат А3 или А4, со резолуција од 300 dpi, при што можат да се достават во оригинал или копија испратена по електронска пошта на адреса invinicaveritasfestival@gmail.com. Стручна жири комисија на Фестивалот ќе ги прегледува пристигнатите карикатури и од нив ќе ги избере најдобрите три што ќе бидат парично наградени, истакна Благица Стојановска, директорка на Домот на културата „Тошо Арсов“.

Според пропозициите во конкурсот, рокот за испраќање на карикатурите е до 1 октомври. Наградите на добитниците ќе им бидат врачени за време на одржувањето на фестивалот „Ин Виница веритас“, што годинава се најавува за средината на октомври.

Велес - Изложбата на плакати под наслов „Визуелни рефлексии“ на ликовниот уметник-графичкио дизајнер Лазе Трпков со 30 постери е отворена синоќа во Ликовниот салон во Велес. Изложбата претставува дизајнирани графички дела – плакати, создадени во ковид и пост - ковид периодот, односно од 2020 до денес, кои допираат до разни теми и зборуваат за преокупациите и идејното размислување на уметникот, појасни промоторот на изложбата Елица Николова историчар на уметноста од Народниот музеј кој ја организира изложбата.

Таа појасни дека ликовниот уметник, графичкиот дизајнер Лазе  Трипков, при дизајнирањето на плакатот, кој  како медиум за јавно информирање, во преден план ги става редот и функцијата, повеќе инсистира на ликовниот дел, наспроти текстот кој треба да ја пренесе информацијата.

-Тој е исклучително плоден и успешен во овој медиум, во кој преку дизајнерскиот дискурс и нарацијата на секој изработен плакат со иновативен пристап, преку уметничко обликување на графичкиот дизајн на плакатите не информира, толкува и пренесува пораки кои допираат до разни теми, за што всушност е и намената на плакатот. Во плакатите формалните елементи на дизајнот, сликата, симболот и пишаниот збор се во непосредна визуелна комуникација, која станува еден од кодовите на новото време. Преку навидум едноставните цртежи воспоставува визуелен баланс во однос на ликовниот прилог и зоната на читање, интегрирани во композициската целина. Кај плакатите на Трипков текстот е секогаш составен елемент во дообјаснување на сликата, допринесуваќи кај гледачот окулу толкувањето на уметничко-ликовната представа, со што постигнува ефикасна визуелна комуникација со релевантната информација, рече Николова.

Скопје - Вчера, 05.09.2024 година на плоштадот во Автокоманда во организација на општина Гази Баба се оддржа манифестацијата во чест на 8 Септември, Денот на независноста на Македонија.

Пред граѓаните свое обраќање имаа градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски и Министерот за локална самоуправа Златко Перински.

Во обраќањето пред граѓаните, градоначалникот Стефковски истакна:

Денес кога одбележуваме 33 години од нашата независност, имаме должност да ги прелистаме страниците на долгата македонска историја, бидејќи не смееме да дозволиме правта на заборавот да ги покрие делата на илинденците, партизаните, асномците и бранителите. – истакна Стефковски.

Кавадарци - Традиционален натпревар во играње табла се реализира денеска во Кавадарци, во рамки на стопанско - културната и туристичка манифестација „Тиквешки гроздобер”.

-Годинава имаме 50 заинтересирани играчи за одмерување на „силите" во оваа древна игра, од нашата, но и од други општини. Наша цел е во иднина натпреварот да прерасне во меѓународен, рекоа за МИА од кавадаречката локална самоуправа.

Меѓу натпреварувачите има и млади и повозрасни, а меѓу нив се и четири припаднички на понежниот пол. Најдобрите, ќе бидат наградени. На настанот беше кажано дека расте бројот на млади и на припаднички на женскиот пол, кои практикуваат да играат табла. 

Дел од натпреварувачите, споделија дека се разликуваат по тоа како започнале да играат таблијада. Но, нагласија дека дошле со иста цел, да се забавуваат и да си ги одмерат вештините. 

Задоволство од настанот изрази и кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев кој и самиот заигра табла. Тој нагласи дека Општината и понатаму како и досега, ќе поддржува вакви и слични настани.

Скопје - Министерот за спорт Борко Ристовски и градоначалникот на општина Илинден Александар Георгиевски денеска го отворија спортско-рекреативниот центар „Драго Маневски“.

Како што информира Општина Илинден, во рамки на овој спортско-рекреативниот центар изградено е повеќенаменско игралиште, атлетска патека и трибина и уреден е просторот за спорт и рекреација на граѓаните.

- Ние како Министерство за спорт секогаш ќе се залагаме за здрав живот и за подобрување на условите за спорт и рекреација на граѓаните, особено на младите. Министерството за спорт секогаш ќе биде тука да ги поддржи проектите на локалната самоупрва и вложувањата во младите, во иднината и во спортот, истакнал Ристовски.

 

Остани поврзан