• недела, 29 септември 2024
МИА Радио флеш

19 август 2024

-Министерот за здравство Арбен Таравари денеска го посети Црвениот крст во Скопје, по повод промоција на нивното партнерство околу санитетскиот транспорт.Во изјава за медиуми, Таравари рече дека денеска, на Меѓународниот ден на хуманоста, промовираат проект со наслов „Да делуваме хумано“. - Се работи за промоција на четири возила што ќе бидат подготвени во секој момент да помагаат на луѓе кои се болни, возрасни, изнемоштени, со посебни потреби, кои не можат да ангажираат некого од семејството или некој близок, да ги однесе да завршат одредени работи, појасни министерот, најавувајќи го и проектот „Итно копче“, планиран да функционира 24/7 за сите овие пациенти.

-Министерот за транспорт и врски Александар Николоски денеска порача дека целта на најавите за промени во телекомуникацискиот пазар со можност за влез на трет мрежен мобилен оператор е граѓаните да добијат поквалитетни услуги за помалку пари бидејќи според него, „со сегашниот дуопол цените не само што не се намалуваат туку се зголемуваат“. На новинарско прашање за писмото со намери што до Владата го достави  операторот 4iG групација од Унгарија Николоски рече дека во наредниот период ќе се донесе стратешка одлука дали ќе се воведе трет мобилен оператор или ќе се работи на намалување на цените на постојните два оператори. Но, нагласи, факт  е дека во моментов има дуопол помеѓу постојните два оператори и пазарот е идеално поделен 51:49 помеѓу првиот и вториот оператор.

-Министерот за транспорт и врски Александар Николоска го реафирмира ставот за изработка на нов закон за урбанистичко планирање, со учество на претставници на невладините организации кои што имаа редица реакции на измените на постојниот закон што по скратена постапка беа изгласани минатата недела.  -Кажав дека дефинитивно ни треба нов закон. Предлагам хетероген состав во којшто ќе учествуваат претставници на различни невладини организации коишто се засегнати за да изработиме целосно нов закон за урбанистичко планирање, така што со претседателката имаме целосно ист став по однос на ова прашање, рече денеска Николоски на новинарско прашање, откако  претседателката Годана Сиљановска минатата недела најави дека ќе го потпише указот за прогласување на законските измени, но повика што поскоро да почне подготовка на нов закон со учество на опозицијата и невладините организации.

-Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска се сретна со турскиот амбасадор Фатих Улусој и разговараа за економската соработка меѓу двете земји и можностите таа да се продлабочи во наредниот период. Како што информира Министерството за  економија и труд, Дурмиши се заблагодари на целокупната поддршка што Република Турција ја дава за нашата земја, почнувајќи од независноста, па до ден денеска.

-Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Коце Трајановски се надева дека пред Нова година ќе ги внесат на терен „Бехтел и Енка“ со активности за изградба на автопатските делници на коридорите 8 и 10д, откако претходно ќе се заврши потребната експропријација и дислокација на електрични и телекомуникациски водови. Како што соошти денеска Трајановски, интензивно се работи на експропријации за кои кои претходната влада дала рокови да бидат завршени минатата година, а средствата за таа намена се надвор од планираните милијарда и 300 милиони евра за изградбата на автопатиштата. 

-Основниот кривичен суд - Скопје преку соопштение изнесе пет факти во врска со екстрадиционата постапка на поранешниот припадник на ОВК Блерим Рамадани од Косово, каде одговорноста за неговото бегство од куќен притвор ја насочува кон Министерството за внатрешни работи, нагласувајќи дека надзорот над куќниот притвор, согласно решението се доверува на МВР, односно надлежната полициска станица. Од Судот велат дека со решение на судија на претходна постапка Рамадани бил 15 дена во активен притвор, нагласувајќи дека тоа е максималното време кое некое лице го поминало во екстрадиционен притвор.

-Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, успеа да склучи договор за снабдување на Европската унија (ЕУ) со литиум што и е потребен за електрични возила, но со тоа го оживеа масовното движење против големиот рударски проект поддржан од Брисел и Берлин, пишува денеска бриселскиот портал Политико. Во текстот „Српскиот лидер го освојува Западот со ветувања за „бело злато“, но го губи народот“, Политико наведува дека на Вучиќ како бумеранг му се враќа стремежот да стане „омилениот балкански лидер на Брисел“, пренесе Бета.

- Три лица загинаа, а едно лице е тешко повредено откако воз удрил во автомобил на железнички премин во селото Петка кај Лазаревац околу 12:45 часот, јавија српските медиуми. Возот сообраќал на релација Пријепоље-Белград. Во моментов железничкиот сообраќај во тој дел е во прекин.

- Вршителот на должноста премиер на Бугарија, Горица Гранчарова денеска му го претстави составот на својот технички кабинет на бугарскиот претседател Румен Радев, кој изрази голема резерва во врска со назначувањето на Калин Стојанов за министер за внатрешни работи и даде рок до Гранчарова да предложи друг кандидат. Радев изјавил дека би било невозможно да се обезбеди политичка стабилност и да се спроведат фер избори, доколку Стојанов остане на таа позиција, јавија бугарските медиуми.

- Градот Амстердам им забрани на своите службеници да користат Телеграм на службените телефони поради потенцијални криминални активности на апликацијата и ризик од шпионажа, изјави портпаролот на општината. Градот ја усвои забраната кон крајот на април, но негови претставници јавно не информираа за тоа. Портпаролот на градскиот ИТ сектор рече дека Телеграм е „безбедно засолниште за хакери, сајбер криминалци и дилери на дрога“.

-Русија потврди дека Украина го нападнала и третиот мост во областа Курск, по кој украинските сили извршија копнена инвазија пред речиси две недели. Според руските истражители, Украина вчера вечер нападнала и оштетила мост на реката Сејм. Украинците вчера потврдија дека нивните воздушни сили уништиле уште еден стратешки важен мост на реката Сејм во пограничниот регион Курск, со што драстично се намалил капацитетот за снабдување на руската група која се спротивставува на украинското напредување. Напаѓајќи го третиот мост, Украинците очигледно изолирале околу 700 километри од територијата на областа Курск.

-Јуриј Ушаков, помошник на рускиот претседател Владимир Путин, изјави дека украинскиот напад на областа Курск значи дека Москва сега не е подготвена за мировни преговори. Во видео изјава која ја емитуваше новинската куќа Shot, Ушаков рече дека Русија не се откажува од своите претходни мировни предлози. Неговата изјава доаѓа ден по демантот на Москва на извештајот на Вашингтон Пост, во кој се сугерира дека предложените преговори меѓу двете страни што требаше да се одржат во Катар пропаднале поради украинскиот напад на регионот Курск. 

-Компанијата за вештачка интелигенција OpenAI (ОупенАИ) забрани група кориснички налози на ChatGPT, откако пронајде докази дека тие налози биле поврзани со иранска група која се обидувала да предизвика поделби меѓу американските гласачи. Откриени се статии и коментари на социјалните мрежи креирани со помош на ChatGPT. Содржината не привлекла големо внимание, но се фокусирала на прашања кои предизвикуваат поделби, вклучувајќи ги претседателските избори во САД, војната на Израел во Газа и присуството на Израел на Олимписките игри. Генерираните материјали со помош на вештачката интелигенција биле насочени кон сите поголеми делови на американскиот политички спектар. Истражувањето откри дека долги статии генерирани од вештачка интелигенција биле објавувани на веб-страници кои се претставувале како медиумски куќи.

Остани поврзан