МИА Радио флеш
- 26 февруари 2025

26 февруари 2025
Скопје - Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) денеска објави имиња на поранешни и актуелни носители на јавни функции кои се казнети со парична глоба за прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
Од Антикорупција соопштија дека во согласност со член 98 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси има обврска јавно да ги објави информациите за извршените контроли, спроведените постапки и глобите кои се изречени за сторените прекршоци.
Скопје - ЕУ и земјите членки ги поддржуваат реформите во судството, оти независноста на судството е едно од најважните прашања за пристапувањето во Унијата, изјави амбасадорот на Франција Кристоф Ле Риголер.
-Знаете тоа е прашање од областа на внатрешната политика, не е наше да коментираме. И сепак ќе кажам дека темата за независноста на судството не е никаква тајна, тоа се клучни капитални прашања коишто се најважни за влез во ЕУ, прашања кои што се важни на Унијата и тоа го повторува постојано. И мислам дека сите сме согласни во рамки на ЕУ, но и ние денеска на оваа маса, сме вклучени во поддршката за реформата на судството, рече абасадорот Ле Риголер на новинарско прашање како ги оценува актуелните случувања во правосудството во однос на предлогот за разрешување на државниот обвинител и за интерпелација на членовите на Судскиот совет на прес-конференцијата по повод презентација на програмата за годинашното одбележување на Франкофонијата.
Скопје - Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ) реагира на, како што се наведува во соопштението, „јавните напади на претседателот на СДСМ Венко Филипче изнесени на денешната прес конференција, во текот на која изнесе низа навреди и произведе неодговорни и произволни заклучоци, со кои во основа покажа недоволно познавање на меѓународната политика и целосно ги запостави суштинските елементи кои го сочинуваат комплексниот процес при носење на одлуки од стратешко и глобално политичко значење“.
Очигледно, се посочува во соопштението, за СДСМ поважна е дневната политика, отколку долгорочните државни интереси и долгорочното зацврстување на меѓународната позиција на Република Северна Македонија.
Скопје - Денеска се сеќаваме на претседателот Борис Трајковски, 21 година од неговата трагична смрт во воздушната катастрофа што се случи на 26 февруари 2004 година, во која животот го загубија и членови на неговата делегација, објави претседателот на ДУИ, Али Ахмети на неговиот фејсбук профил.
- Борис Трајковски беше политичар кој, и покрај многуте околности и вонредните предизвици, беше посветен на мирот и стабилноста во Република Северна Македонија и во регионот. Неговата посветеност на соживот и напорите за одржување на демократските процеси се актуелни и денес, напиша Ахмети на фејсбук.
Скопје - Законот за средното образование утринава е повлечен од собраниската процедура. Како што изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, законот ќе се доработува и потоа ќе биде вратен во Собранието.
- Законот за средно образование нема денеска да помине во Собранието. Утринава го повлеков, Комисијата нема да се одржи. Се уште ќе се доработува тој закон и потоа повторно ќе го вратиме во процедура, изјави Јаневска пред почетокот на настанот на Економскиот факултет во Скопје, на кој беа презентирани резултати од проектот „Skills4Justice“.
Скопје - Во насока на подобрување на достапноста на здравствените услуги за пациентите, во системот „Мој термин“ е воведена опцијата за верификација на телефонскиот број. Оваа мерка има за цел да обезбеди пациентите навремено да добиваат известувања за закажани термини и други здравствени услуги, со што се намалуваат пропуштените прегледи и се оптимизира функционирањето на здравствениот систем, информираат попладнево од Министерството за здравство.
Во моментов, процесот сè уште не е задолжителен. Но, во наредниот период ќе стане обврска при посета кај матичниот лекар. Сепак, системот предвидува исклучоци во одредени случаи. Кога станува збор за итни медицински случаи - внесување во системот без верификација. Децата и изнемоштените лица можат да бидат верификувани преку друго лице - еден телефонски број за повеќе пациенти.
Скопје - Постои навистина неопходност за излегување од конфликтот во Украина, но има и поважна тема, а тоа е вредноста која што денес ја даваме во Европа на територијалниот интегритет, почитувањето на сувереноста што бара единствен европски одговор, изјави амбасадорот на Франција Кристоф Ле Риголер.
Тој во изјава на новинарско прашање за тоа дали можеби позицонирањето на земјава за резолуциите на ОН може да се одрази на нашиот евроинтегративен пат, кажа дека одлуката на земјава во однос на гласањето за резолуциите за Украина во Обединетите нации била неочекувана.
Скопје - Загрижувачки е последниот извештај на „Фридом хаус“ каде Северна Македонија се оценува како делумно слободна земја, вели претседателот на СДСМ Венко Филипче.
- Во однос на извештајот на Фридом Хаус постојат параметри коишто тоа го мерат. Загрижувачки е тој пад, рече Филипче на прес-конференција посочувајќи дека слободата на говорот е симбол на демократско општество и што ја означувало борбата на граѓаните за време на претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
Скопје - Унијата на медицински сестри и техничари со своето бројно членство на овој начин ја користи можноста за да упати искрени честитки по повод 20-годишниот јубилеј на Лекарската комора, којашто е еден од важните фактори и чинители во две децениската посветеност на здравствената грижа и развој на медицинската струка во нашата земја. Вашата работа, посветеност и напори за унапредување на здравствениот систем во земјава се од исклучителна важност и достојни за почит.
Но... Имајќи предвид дека и денес на одбележувањето на овој значаен јубилеј, којшто сестринската „фела“ со право го чувствува и како свој, Унијата на Медицински сестри и медицински техничари на Македонија, реагира на тенденциозноста во повторувањето на пропустите не само од вербален туку и од колегијално -професионален аспект!
Скопје - Од денеска стартува тргувањето во евра на Македонската берза на електрична енергија, како еден од клучните аспекти за успешно интегрирање на македонскиот пазар на електрична енергија во единствениот европски пазар.
Успешната имплементација на иницијативата на Одборот за организираниот пазар на електрична енергија на денешниот состанок беше поздравена. Управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски истакна дека улогата на Одборот е од голема важност за унапредување на работата на пазарот ден однапред, воведување нови производи, модернизирање и следење на светските трендови во овој домен.
Неготино - Сите оние коишто мислат дека картелски ќе се здружуваат има закон и ќе бидат одговорни пред законот, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски од Неготино, кој одговараше на новинарско прашање дека Комисијата за заштита од конкуренција откри картелско здружување на неколку супер маркети, односно договарање на цените на прехранбените производи и за што е поведена и прекршочна постапка. Премиерот Мицкоски истакна дека на дневна основа е во координација со Државниот пазарен инспекторат, министерот за економија и труд и Комисијата за заштита на конкуренција и како што рече никогаш досега покриен е теренот со инспекции и јасна анализа и следење на состојбите во ланците, супер маркети, мини маркети итн.
-Секој оној којшто мисли дека со трикови ќе се служи има Закон и ќе сноси одговорност соодветно на законот. Сите оние коишто мислат дека картелски ќе се здружуваат има Закон и ќе бидат одговорни пред законот. Сите оние коишто мислат дека на грбот на народот ќе се богатот, тоа ние како Влада нема да го дозволиме, рече премиерот Мицкоски.
Неготино - Средствата обезбедени преку кредитните линии од Унгарија се трошат наменски. Владата има донесено уредба со која точно се дефинирани начините како можат да се користат тие средства, така што нема основа за шпекулации за нивно ненаменско трошење. Тоа денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски во Неготино, во врска обвинувањата од опозицијата за ненаменско трошење на средствата.
Мицкоски посочи дека опозицијата може сешто да каже, но оти за се што е кажано треба да постојат докази. - И да сакаме не можеме, Владата донесе уредба, одредени се начините како можат да се трошат средства од кредитот, рече тој.
Неготино - Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека очекува да биде избран јавен обвинител кој ќе биде заштитник на правдата, а не, како што рече, „заштитник на владата на СДСМ и ДУИ“. При посетата на Неготино, премиерот беше прашан зошто не е задоволен од обвинителот Љупчо Коцевски и како ги коментира обвинувањата од СДСМ дека се партизира правосудството.
- Тоа што СДСМ го брани Коцевски и ДУИ е главна причина, главен услов, ние да работиме спротивно на тоа. Тоа значи дека имаме октруиран, партизиран целосен систем, што има за цел да биде последниот браник, последниот штит на владата што пред повеќе од осум месеци замина во историјата на македонската политичка сцена, а тоа е владата на СДСМ и ДУИ, иако тие заедно со Левица, функционираат исклучително одлично и ефикасно во опозиција и мислам дека уште долго време така и ќе продолжат да функционираат како коалиција, одговори Мицкоски.
Скопје - Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска на прес-конференција побара одговор од Владата дали парите од унгарскиот кредит се потрошени или се трошат за друга намена.
Филипче рече дека до нив стигнуваат информации и од повеќе банки и од повеќе компании. Информциите од банките, според Филипче се дека веќе не може да примаат апликации на компаниите за парите од унгарскиот кредит, поради тоа што Владата нема да може да им ги исплати парите, како и дека бројот на апликации е сосема мал.
Брисел - Европската комисија денеска презентираше Договор за чиста индустрија, замислен како деловен план за поддршка на конкурентноста и прилагодливоста на индустрија на ЕУ и за забрзување на декарбонизацијата.
Според извршната потпретседателка на ЕК за чиста, праведна и конкурентна транзиција Тереза Рибера, со овој документ Европа прави храбар деловен чекор кон декарбонизацијата, како двигател на просперитетот, растот и издржливоста.
Доха - Раселувањето на Палестинците од Појасот Газа во земјите во регионот наместо да се имплементира решение за две држави, само ќе подметне темпирана бомба во палестинско-израелските односи, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
„Прашањето за создавање палестинска држава е клучно и ако има обид да се поткопаат овие одлуки на Советот за безбедност и да се замени создавањето на палестинска држава со преселување на Палестинците низ целиот регион, тоа само ќе постави темпирана бомба, како што се случуваше повеќе пати во текот на долгите децении игнорирање на барањата за решение за две држави“, рече Лавров на прес-конференцијата за време на посетата на Катар.
Пјонгјанг - Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун повика на зајакнување и модернизација на војската за да биде подготвена за евентуална војна, објави денеска севернокорејска државна новинска агенција.
За време на посетата на воената академија Канг Кон, Ким го критикуваше лошото управување и состојбата на образовните објекти, наведувајќи дека училиштето не ги исполнува целите на владејачката партија за изградба на модерна и моќна армија.
Газа – Хамас утре ќе врати тела на уште четворицата израелски заложници во замена за ослободување на околу 600 Палестинци од израелските затвори, соопшти палестинската исламистичка група само неколку дена пред истекот на првата фаза од прекинот на огнот меѓу двете страни.
Денеска во Израел е погребот на мајката и нејзините две мали деца, чии тела Хамас ги предаде како дел од договорената размена.
Белград - Градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ при посетата на Командно-безбедносниот центар изјави дека од денеска со камери ќе се следи безбедносната состојба во училиштата и градинките во Белград. Тој посочи дека се опфатени сите основни училишта и дел од градинките.
Шапиќ рече дека засега е завршена првата фаза од проектот, како и дека тоа е проект од клучно значење кога станува збор за безбедноста.
Бања Лука - Претседателот на Република Српска, Милорад Додик е прогласен за виновен пред Судот на БиХ по обвинението за „непочитување на одлуките“ на Кристијан Шмит, додека вршителот на должноста директор на „Службен весник“ на Република Српска, Милош Лукиќ е ослободен од одговорност.
Станува збор за првостепена пресуда која може да се обжали. Во краткото обраќање до насобраниот народ пред зградата на Народното собрание на Република Српска, Додик потврди дека е осуден на една година затвор и ги повика граѓаните да бидат весели.
Атина - Речиси седум од десет Грци (68 отсто) сметаат дека правдата нема да биде задоволена за железничката несреќа кај Темпи пред две години, а паралелно изразуваат незадоволство од напорите што ги прават Владата, судството, но и опозициските партии за расчистување на случајот, согласно резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од „Прората“ за грчката телевизија „Атика“, јави дописничката на МИА од Атина.
Железничката несреќа кај Темпи се случи на 28 февруари 2023 година при директен судир на товарен и патнички воз и животот го загубија 57 лица, а во пресрет на двегодишнината е актуелна тема во Грција.
Букурешт - Романскиот проруски десничарски екстремист и поранешен претседателски кандидат Калин Георгеску денеска е приведен, објави неговиот изборен тим на Фејсбук.
Не е соопштена причината за неговото приведување. Георгеску победи во првиот круг од претседателските избори во Романија на 24 ноември. Сепак, непосредно пред вториот круг гласање, Уставниот суд го поништи првиот круг поради нерегуларности во финансирањето на кампањата. Изборите мора да се повторат.
Киев - Украинскиот премиер Денис Шмихал презентираше денеска нацрт-договор за ретки метали со САД и изјави дека нацртот е формулиран на таков начин Вашингтон да ги поддржи напорите на Киев да добие безбедносни гаранции.
Како што јавија агенциите, Шмихал не објасни за какви безбедносни гаранции станува збор.
Брисел - Европската комисија денеска предложи Акциски план со краткорочни мерки за намалување на трошоците за енергија, комплетирање на Енергетската унија, привлекување инвестиции и за подобро подготвеност за потенцијални енергетски кризи, кој треба да резултира со заштеди за енергија од по 260 милијарди евра годишно до 2040 години.
- ЕУ се наоѓа на клучна пресвртница за нејзината конкурентност, декарбонизација и безбедност, со јасна потреба да дејствува. Структурно високите трошоци за енергија им штетат на нашите граѓани и бизниси. Предизвиците се јасни, а исто така е и улогата на Европската унија да се справи со нив, се наведува во предлогот на Акцискиот план.
Минск - Долниот дом на белорускиот Парламент денеска го усвои Законот за ратификација на Договорот со Русија за безбедносни гаранции во интерес на двете држави.
Документот мора да биде одобрен од Горниот дом на Парламентот, а потоа ќе биде испратен на потпис до претседателот, пренесува руска новинска агенција.