• вторник, 06 август 2024
МИА Радио флеш

6 август 2024

Скопје – Инцидентот на скопскиот аеродром, поврзан со косовската претседателка Вјоса Османи нема да ги наруши дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Косово, порачаа премиерите на двете земји Христијан Мицкоски и Албин Курти, по вчерашната средба во Скопје. Косовскиот премиер Курти, изрази очекување дека официјалниот извештај по соодветната истрага во целост и во детали ќе го расветли инцидентот што се случи на 1 август во ВИП-салонот на Скопскиот аеродром со претседателката Османи за, како што нагласи „да разбереме што точно се случило и никогаш повеќе да не ни се повторат вакви ситуации“. Мицкоски, пак, изрази уверување дека додека е тој премиер „не постојат луѓе кои што ќе бидат над законот“, и ако се утврди пречекорување во своите надлежности лицето ќе биде изведено пред правдата.

Во меѓувреме, од МВР информираа дека е поднесена кривична пријава и отстранување од работното место за полицискиот службеник - началник на Одделение за лично обезбедување на претседател на Собрание.

Косовскиот премиер Албин Курти, вчера од Скопје повика да се расветли случајот и додаде дека соодветните органи ќе го направат тоа. 

-Премиерот Мицкоски и јас не можеме да бидеме и цариници и полиција и инспекторатот на полиција и тие што го надгледуваат аеродромот итн. Во однос на суштината на прашањето одговоривме и мерките се преземаат, прецизира Курти.

Оцени дека двете земји имаат добри билатерални односи засновани на заеднички вредности и со посебен осврт кон европските интеграции.

Скопје - Ребалансот на буџетот ја помина собраниската Комисија за финансирање и буџет, по што треба да добие поддршка на пленарна седница, која може да трае најмногу три дена. Општата расправа на Комисијата за ребалансот траеше три дена, а амандманската заврши вчера.

За ребалансот пратениците поднесоа вкупно 58 амадмани, дел од нив повлекоа, другите беа одбиени. Прифатени беа само два амандмана - за исплата на административците и за политичко рекламирање кои беа вклучени во спроведувањето на годинашните избори, што ги поднесоа пратениците Бојан Стојаноски и Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ непосредно пред завршувањето на седницата.

Стојаноски со амандманот побара 318 милиони денари за изборната администрација, а Стојаноска 32,169 милиони денари за платено политичко рекламирање.

Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски рече дека двата амандмана се прифатливи, зашто, објасни, се работи за исплата на законски обврски.

Скопје - Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Карактеристично за летниот период, на ГП Табановце за влез и ГП Богородица за излез од државата, се бележи зголемена фреквенција на возила, но исто како и на останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања, соопшти АМСМ.

Се препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се
однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани –Делчево.

Скопје - Фестивалот „Охридско лето“ вечерва во Предворјето на црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот организира промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од авторот Љупчо Јолевски.

Љупчо Јолевски е новинар кој професионалната новинарска кариера ја започнал во почетокот на 1980-те во весникот на младите на Македонија – „Млад борец“, безмалку едновремено со почетокот од Интердисциплинарните студии по новинарство на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

Една деценија подоцна, во 1990-те се префрла во Втората програма на Македонското радио, каде бил новинар и водител на неколку контактни и музички емисии, за од 1995 година покрај редовните програмски обврски, четири години е уредник – координатор на култната Стотројка (Музичкото радио – Канал 103), која во тој период за своите програмски дострели ја добива и Годишната награда на МРТВ. Истото ова признание што го доделуваше МРТВ Љупчо Јолевски, како новинар и уредник го има добиено и во 1998 година.

Скопје - Македонскиот уметник и хуманист, Живко Поповски – Цветин, кандидат за Нобеловата награда за мир, заедно со членовите на Цветиновиот комитет за мир, подготвија и потпишаа Декларација за мир во светот и против војните и употреба на нуклеарното оружје по повод одбележување на 79-годишнината од употребата на нуклеарно оружје во Хирошима (06.08.1945) и Нагасаки (09.08.1945).

По овој повод денеска пред Спомен куќата на Мајка Тереза (носителка на Нобеловата награда за мир) ќе се прочита Декларацијата, која ќе биде отворена за потпишување од страна на сите граѓани кои посакуваат мир и просперитет во светот.

Книгата за потпишување на Декларацијата ќе биде отворена секој ден од 9 до 16 часот, од денеска до 9 август 2024 година.

Скопје - На 47-годишна возраст почина новинарот Саше Димовски, кој во јавноста беше познат по  следењето теми од областа на правосудството. 

Димовски беше претседател на Советот на честа на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), а неодамна беше именуван во Комисијата за помилување на претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Работниот век го помина во повеќе медиуми, меѓу кои „Канал 5“, „Сител“, „Алфа ТВ“, „Фокус“, а беше основач на порталот СВЕДОК.МК за следење теми од областа на судството.

Димовски беше автор на голем број публикации од областа на правосудството и медиумската етика.

Погребот на Димовски ќе се изврши в среда (7 август 2024 година) на новите Градски гробишта во Велес. 

Скопје - Времето денеска ќе биде сончево и топло, попладне со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.

Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 21, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени. УВ-индексот ќе има вредност 8.

Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне 36 степени.

УХМР за наредните денови прогнозира сончево и топло време со појава на попладневна облачност и со слаб до умерен северен ветер, поизразен долж Повардарието.

Хирошима - Во Хирошима денеска се одбележаа 79 години од атомскиот напад извршен од САД, при што околу 50.000 луѓе оддадоа почит на жртвите со минута молчење.

Градоначалникот на Хирошима, Казуми Мацуи, упати апел за обединување на народите со цел да ги поттикнат светските лидери да се откажат од нуклеарни закани, посебно во контекст на глобалните конфликти како војната во Украина и Блискиот Исток.

- Рускиот продолжен напад врз Украина и влошената ситуација помеѓу Израел и Палестинците го зголемуваат стравот и недовербата меѓу народите, зајакнувајќи го ставот дека мораме да се потпираме на воената сила за решавање на меѓународните проблеми, што треба да го отфрлиме, рече Мацуи во својот говор.

Премиерот Фумио Кишида, кој претставува изборна единица во Хирошима, во својот говор на церемонијата предупреди дека моментумот кон свет без нуклеарно оружје е на работ на пресврт за првпат од екот на Студената војна. - Наша должност е како единствена земја која ја доживеала употребата на нуклеарно оружје во војна постојано да работиме на остварување на свет без нуклеарно оружје, рече тој.

Белград - Во Србија денеска ќе биде претставен тим од здравствени експерти за да анализира последици по здравјето на луѓето од ископувањето литиум. Министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар во изјава за РТС ги замоли граѓаните „да не наседнуваат на непроверени приказни“.

Лончар додаде дека денеска ќе биде претставен медицински тим и дека во него ќе бидат вклучени епидемиолози, доктори по медицина на труд и други експерти.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во саботата во Лозница изјави дека е заинтересиран за заштита на здравјето на луѓето во врска со ископувањето на литиум во долината Јадар и дека дури потоа ќе може да се разговара понатаму. Потоа најави формирање здравствено-медицински тим што ќе се справува со евентуални здравствени последици.

Белград - Српскиот претседател Александар Вучиќ по повод апсењето на Србите на Косово и денешниот упад во просториите на „Пошта Србија“ изјави дека однесувањето на Курти е обид да предизвика воен конфликт организиран и со поддршка на одредени западни сили, јави дописникот на МИА од Белград.

-Ние не сакаме војна, сакаме да го зачуваме мирот, но тој тоа го прави намерно, организирано и со поддршка на одредени западни сили. Соопштението на Надворешната служба на европската агенција е срамно и безобразно затоа што во тоа соопштенеи тие не повикуваат да разговараме повторно за едностраните потези на Курти, кои се инаку незаконски, истакна српскиот претседател во ноќешното обраќање до јавноста при обиколака на изградбата на Детската болница „Тиршова 2“ .

Тој додаде дека „каква и да глупост направи Курти тие не повикуваа да разговараме за тоа што тој брутално го прекршил“.

Вучиќ потсети дека од 2015 година постои договор за телекомуникациите „Пошта Србија“ и посочи дека овој договор е брутално прекршен.

Приштина - Некоординираните акции на косовската влада ги ставаат во поголем ризик граѓаните на Косово и војниците на КФОР, непотребно ги ескалираат регионалните тензии и го поткопуваат угледот на Косово како доверлив меѓународен партнер, соопшти синоќа американската амбасада во Приштина.

Според нив, американската влада е „длабоко разочарана“ од едностраните, некоординирани дејствија што вчера ги презеде косовската влада против филијалите на српската пошта на северот на Косово.

Тие ја повикаа Приштина да ги прекине сите натамошни еднострани дејствија и, како што рекоа, да се врати на конструктивен ангажман во дијалогот со поддршка на ЕУ за да се решат прашањата поврзани со нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија.

Дака - Студентските демонстранти од Бангладеш денеска најавија дека ќе се залагаат за нобеловецот Мухамед Јунус да ја води привремената влада, еден ден откако премиерката беше соборена и војската ја презеде власта.

„Одлучивме дека ќе биде формирана привремената влада во која меѓународно познатиот нобеловец д-р Мухамед Јунус, кој има широка поддршка, да ја предводи привремената влада“, рече Нахид Ислам, лидерот на Студентите против дискриминацијата во видео порака.

Началникот на армијата на Бангладеш, генерал Вакер-Уз-Заман вчера во обраќање преку државната телевизија изјави дека Шеик Хасина поднела оставка од функцијата премиер и дека војската ќе формира преодна влада.

Вакер се очекува да се сретне со студентските лидери во текот на денот.

Киев - Најмалку пет експлозии беа регистрирани доцна синоќа во украинскиот главен град Киев, каде се огласија сирените за воздушен напад, соопштија локалните власти.

Украинските единици за ПВО пресретнале руски проектили истрелани кон Киев, додаваат властите.

Нови експлозии се слушнале околу половина час по првичните експлозии.

Шефот на воената управа на Киев, Сергиј Попко, објави дека според првични податоци нема информации за жртви или штети. Украинските единици за ПВО дејствуваат во Киев и во околината на градот, известија градските власти на Телеграм.

Софија - Бугарија оди на седми избори по ред во изминатите три години. Претседателот на Националното собрание Раја Назарјан го одби претседателот Румен Радев да биде следниот вршител на должноста премиер. Двајцата разговарале за можноста за средба во претседателството, откако политичката партија „Има таков народ“ го врати неисполнетиот трет мандат.

Гласањето најверојатно ќе биде во октомври, кога повторно треба Бугарите да излезат на гласање и да ги изберат пратениците во 51-то Народно собрание. Бугарски медиуми јавуваат за можни датуми – 13 или 20 октомври.

Претседателот Румен Радев по вторпат треба да помине низ процедура според новите уставни правила по направените измени кои Уставниот суд не ги укина. Тоа значи дека шефот на државата има листа од неколку опции од кои може да избере в.д. премиер.

Париз - Репрезентацијата на Шпанија вчеравечер го победи Мароко во полуфиналето на фудбалскиот турнир на Олимпијадата 2024 година со резултат 2:1. 

Шпанската репрезентација го повтори рекордот на Бразил за пласман во финалето на Олимписките игри - пет пати. 

„Фуријата“ играше во натпреварите за златен медал во Антверпен 1920, Барселона 1992, Сиднеј 2000, Токио 2020 и сега во Париз.

Финалето меѓу Франција и Шпанија ќе се одигра на 9 август.

Вашингтон - Најмалку пет лица загинаа откако ураганот Деби удри во Флорида, пред да ослабне во тропска бура. Деби се очекува да предизвика големи поплави во делови од Џорџија и Каролина во наредните денови, јави Би-Би-Си.

Националниот центар за урагани предупреди на „животозагрозувачка“ закана од поплави поради „бавнодвижечката бура“ која носи „обилни врнежи“.

Деби удри вчера наутро како ураган од категорија 1 во регионот Биг Бенд на Флоридскиот Заливски брег. Властите соопштија дека меѓу загинатите има и 13-годишно момче кое беше убиено кога дрво падна врз мобилен дом во Леви Каунти, во близина на Гејнсвил. Во округот Хилсборо, во близина на Тампа, 18-тонски камион излета во канал за време на бурата. Возачот беше пронајден мртов. Во округот Дикси, западно од Гејнсвил, беше соопштено дека жена и 12-годишно дете загинаа кога нивниот автомобил се судри во неделата вечер. Во јужна Џорџија беше пријавена уште една смрт - 19-годишно момче - откако големо дрво падна врз верандата на дом во Мултри, според локалните медиуми.

Рамала - Палестинскиот претседател Махмуд Абас ќе ја посети Русија од 12 до 14 август, соопштија руски медиуми. Советникот на Кремљ за надворешна политика, Јуриј Ушаков, во јуни информираше за претстојната посета, но без да прецизира датум.

Абас планирал да ја посети Русија уште во ноември минатата година, но посетата била одложена на барање на палестинската страна.

- Појасот Газа мора да биде префрлен под контрола на легитимните палестински власти, а израелските планови за привремена контрола на енклавата се неприфатливи, изјави палестинскиот претседател Махмуд Абас за руската новинска агенција РИА, пренесува Јаху.

- Газа мора да биде управувана под покровителство на ПЛО (Организација за ослободување на Палестина) и легитимната палестинска влада“, изјави Абас. - Ние силно се спротивставуваме на израелските планови кои предвидуваат некои привремени решенија, потенцираше палестинскиот претседател.

Вашингтон - Најмалку петмина американски војници се ранети, еден од нив сериозно, при напад врз воздухопловната база „Аин ал Асад“ во западен Ирак, соопштија официјални американски претставници.

Инцидентот се случи во време кога Блискиот Исток се подготвува за евентуален нов бран напади од страна на Иран и неговите сојузници, поради убиството на високопоставени членови на палестинското исламистичко движење Хамас и либанската група Хезболах минатата недела.

Според ирачките сили за безбедност, две ракети „Катјуша“ биле истрелани кон воздухопловната база „Аин ал Асад“ во западен Ирак и паднале внатре во базата.

Иран оцени минатата среда дека и САД носат одговорност за убиството на лидерот на Хамас, Исмаил Ханија, во Техеран, поради нивната поддршка за Израел.

Каракас - Генералниот обвинител на Венецуела, Тарек Сааб, синоќа соопшти дека државното обвинителство започнува кривично гонење против лидерите на опозицијата, Марија Корина Мачадо и Едмундо Гонзалес, кои ги оспоруваат резултатите од изборите одржани на 28 јули.

Сааб изјави дека истрагата е за „поттикнување на полицијата и војската да не го почитуваат законот“.

Претходно вчера, опозициските лидери објавија писмо во кое ги повикуваат силите за безбедност „да застанат на страната на народот“ и да ги почитуваат резултатите од изборите, кои, според нив, тие ги добиле.

Тврдењето на претседателот Николас Мадуро дека освоил трет мандат на гласањето на 28 јули, предизвика гневни протести од Венецуелците низ целата земја во текот на минатата недела, барајќи Мадуро да се повлече и да се почитува победата на Гонзалес.

Каракас - Венецуелската опозиција ги повика „воените и полициските службеници“ да застанат „на страната на народот“ откако Николас Мадуро по третпат беше прогласен за претседател на земјата на неодамна одржаните избори. „Апелираме до совеста на армијата и полицијата да застанат на страната на народот и нивните семејства“, напишаа опозициската лидерка Марија Корина Мачадо и претседателскиот кандидат Едмундо Гонзалес, за кои опозицијата тврди дека убедливо го победиле Мадуро.

Двајца опозициски лидери во писмо ветија дека „новата демократски избрана влада на Републиката им дава гаранции на оние кои ќе ја исполнат својата уставна должност“. Организациите за човекови права тврдат дека најмалку 11 лица загинале во немирите по објавувањето на одлуката на Националната изборна комисија.

Властите приведоа повеќе од 2.000 луѓе и Мадуро најави дека ќе продолжи со репресиите против, како што тврди обидот за „империјалистички пуч“.

Њујорк - Американски судија пресуди дека Гугл ги прекршил антимонополските закони трошејќи милијарди долари за да создаде нелегален монопол и да стане стандарден пребарувач во светот, што е првата голема федерална победа против доминацијата на технолошките гиганти на пазарот.

Пресудата на окружниот судија дека Гугл има нелегален монопол над онлајн пребарувањето претставува историска победа, објави американското Министерство за правда.

„Оваа победа против Гугл е историска победа за американскиот народ“, се вели во соопштението на американскиот обвинител Мерик Гарланд.

Гугл го прекрши законот со монополизирање на пребарувањето на Интернет и поврзаното рекламирање, пресуди окружниот судија синоќа, што е прва победа за федералните власти кои поднесоа неколку тужби оспорувајќи ја доминацијата на технолошкиот гигант на пазарот.

Остани поврзан