• вторник, 06 август 2024
МИА Радио флеш

5 август 2024

Скопје - Секој е подложен на стандардни безбедности процедури кога се користат комерцијални летови, па и јас како македонски премиер. Жалиме за последното случување од 2 август. Претседателката на Косово е добредојдена и јас ќе и бидам домаќин доколку патува од Скопје, рече премиерот Христијан Мицкоски во коментар на последните случувања со косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот аеродром.

-Според информациите коишто ги добивме од официјалните лица на аеродромот ТАВ е дека се следат јасни, прецизни меѓународни стандарди и процедури кога се користат комерцијални летови и дека на ваков тип на процедури сум подложен и јас како македонски премиер, македонската претседателка како и сите официјални лица коишто го поминуваат ВИП делот, иако морам да кажам дека тој дел јас не го користам, туку го користам делот како и сите граѓани. Но, тоа за нас предизвика навистина едно чувство со кое што жалиме и не сакаме тоа да се повтори. Јас лично истакнав дека претседателката на Косово е добредојдена, како и сите граѓани од Косово и лично следниот пат доколку ја добијам навремено информацијата ќе ми биде задоволство да бидам и да ја пречекам како домаќин на аеродромот и заедно со мене додека не отпатува од Скопје бидеме заеднички, ја придружувам во времето кое што таа ќе го помине на Скопскиот аеродром за да избегнеме ваков тип на инциденти, а посебно однос на поединци којшто е наш домашен проблем којшто ние дома ќе си го решаваме, рече Мицкоски во обраќањето на заедничката прес-конференција со косовскиот премиер Албин Курти кој е во посета на земјава.

На новинарско прашање за тоа дали ќе побара одговорност од спикерот Африм Гаши и заканувањето со оружје од страна на припадници од неговото обезбедување кон полициски службеници на аеродромот, Мицкоски рече дека надлежните институции ќе го расветлат случајот и доколку биде констатирани пречекорувања на овластувањата ќе следи и одговорност за истите лица.

Скопје – Официјалниот извештај по соодветната истрага во целост и во детали ќе го расветли инцидентот што се случи на 2 август во ВИП-салонот на Скопскиот аеродром со претседателката Османи за да разбереме што точно се случило и никогаш повеќе да не ни се повторат вакви ситуации, порача денеска косовскиот премиер Албин Курти од Скопје.

-Настанот на 2 август на Скопскиот аеродром несомнено беше доживеано и тешко искуство за претседателот на Република Косово Вјоса Османи Садриу, која беше со семејството и двете мали ќерки. Органите на Северна Македонија, државниците изразија жалење за случајот и ќе има официјален извештај кој ќе го расветли ова прашање во целост и во детали за да разбереме што точно се случило, но и да не ни се повторат никогаш повеќе вакви ситуации, рече Курти во одговор на прашање на денешната заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски по официјалната средба во Владата.

Прашан дали останува на оценката дека тоа е провокација кон Косово, Курти рече дека тоа не е официјален став на косовските институции.

Скопје – Барањата за екстрадиција од Косово на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се осудени на доживотен затвор за случајот „Монструм“, како и прашањето за екстрадиција на поранешниот припадник на ОВК  Блерим Рамадани, кој се наоѓа во домашен притвор во Скопје, биле тема на разговор на денешната средба на македонскиот и косовскиот премиер Христијан Мицкоски и Албин Курти. Овие прашања, како што посочија двајцата премиери на денешната заедничка прес-конференција во Скопје, ќе продолжат на ниво на министри за правда. 

- За овие две прашања дискутиравме и нашите соодветни министри за правда ќе бидат во постојан и директен контакт. Се ќе биде во функција и правец на општата вредност која е заснована на уставот и законите, постапките и институционалните процедури во двете држави, но исто така, и во рамки на добрите соседски и европски односи кои што ние сакаме да ги негуваме, изјави Курти, одговарајќи на новинарско прашање на денешната заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски.

Случајот на двајцата бегалци, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои се осудени на доживотен затвор за случајот „Монструм“, нагласи Курти, исто така е отворен како предмет и во косовското Специјалното јавно обвинителство.

Скопје– Имаме информации со кои располагаме, добиени од повеќе канали, дека раководството на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во обид да го заштити капиталот којшто го создаваше изминативе 20-22 години, ќе превзема чекори во насока на дестабилизирање на државата, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со премиерот на Република Косово, Албин Курти. 

Во одговор на новинарско прашање во врска со ставовите на Мицкоски произнесени викендов, дека ДУИ ја загрозува интеретничката слика во државата и претставува закана по мирот и стабилноста на Македонија како држава, премиерот нагласи дека очекува тоа да се случи оваа есен, но сепак, вели, времето ќе даде одговор дали информациите со кои располага се точни или не.

– Ние како Влада имаме полно право да го браниме територијалниот суверенитет и интегритет, како и мирот на граѓаните. Тоа практично е и целта на една држава. Очекуваме тоа да се случи оваа есен, врз основа на тие информации кои што ги имаме, но да почекаме времето да даде одговор, дали тие информации ќе се потврдат или информациите нема да бидат точни, рече Мицкоски.

Скопје - Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција - Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластување и припадници на затворската полиција, поднел кривична пријава против С. С., началник на Одделение за лично обезбедување на претседател на Собрание поради постоење основи на сомневање дека сторил кривично дело “Загрозување на сигурноста“ по член 144 од КЗ и кривично дело “Спречување службено лице во вршење службено дејствие“ по член 382 од КЗ.

- Пријавениот С.С. на ден 01.08.2024г. околу 10:30 часот на Меѓународен Аеродром Скопје на паркингот пред ВИП салонот пристигнал со возило со поставени ротациони светла, излегол од возилото и од појасот го извадил пиштолот, го репетирал и повторно го вратил во појасот, а на полицискиот службеник од ПС за ГП Меѓународен Аеродром Скопје кој извршувал работни задачи пред вратата на ВИП салонот му се обратил на висок тон, го турнал наназад со двете раце и заканувајќи му се го спречил полицискиот службеник како службено лице во извршување на неговите службени дејствија, соопштија денеска од МВР.

Скопје - Комисијата за финансирање и буџет на денешниот последен ден од амандманската расправа за ребалансот на Буџетот прифати два амандмана, за исплата на административците кои беа вклучени во спроведувањето на годинашните избори, како и за платено политичко рекламирање. Амандманите ги поднесоа пратениците Бојан Стојаноски и Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ непосредно пред завршувањето на седницата.

Стојаноски со амандманот побара 318 милиони денари за изборната администрација, а Стојаноска 32,169 милиони денари за платено политичко рекламирање.

Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски рече дека двата амандмана се прифатливи, зашто, објасни, се работи за исплата на законски обврски.

Скопје - Претседателката на Врховниот суд Беса Адеми денеска имаше работна средба со амбасадорот на Европската Унија во земјава  Дејвид Гир.

Адеми на средбата истакна дека е од големо значење што активностите на највисокиот суд во државата се оценети позитивно во новиот Извештај за владеењето на правото на Европската Унија, соопшти Врховниот суд.

- Позитивните оценки за Врховниот суд на Република Северна Македонија претставуваат континуитет на извештаите на Европската комисија последниве години и тоа е голем мотив да продолжиме со истите заложби и програмски цели. Остварувањето на препораките на Европската комисија е клучно за нашиот европски пат, истакна Адеми, упатувајќи благодарност до амбасадорот за неговата посветеност и поддршката на ЕУ за владеењето на правото и независноста на судството.  

Амбасадорот Гир нагласи дека иновативноста и креативноста на Врховниот суд е за поздрав, особено за прашањата кои се однесуваат отвореноста на судството, јавниот интерес и унапредувањето на судската практика, во кои спаѓаат и начелните ставови за транспарентност на предметите од јавен интерес, примената на Европската конвенција за заштита на човековите права и прашањето за здравата животна средина.

Скопје - Нови 25 случаи на пертусис, народски кажано голема кашлица, се пријавени во државава од 26 јули до 1 август. Од нив, три се хоспитализирани, наведуваат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во најновиот извештај, објавен попладнево.

- Во однос на географската дистрибуција, најголем дел од случаите се пријавени во епидемијата во Скопје - 13, а пријавени се и 10 случаи од Куманово и по еден случај од Битола и од Тетово. Возраста на заболените се движи од два месеца до 50 години, а најголем број случаи се од возрасната група до четири години. Во однос на вакциналниот статус на заболените, 17 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, петмина се комплетно вакцинирани и тројца се вакцинирани согласно возраст, се појаснува во извештајот на ИЈЗ.

Скопје - Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95, на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство од полноќ на (ЕЛ-1) се намалуваат за 0,50 денари по литар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика. Цената на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менува.

Новата цена на ЕУРОСУПЕР БС - 95 ќе биде 80,50 за литар, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) ќе се продава за 72,50, а Екстра лесното масло 1 (ЕЛ-1) за 71,00 за литар.

За 0,321 денари поевтинува Мазутот М-1 НС и еден килограм ќе се продава за 44,060 денари.

Куманово - Над 15.000 патници влегле, над 16.000 излегле на граничниот премин „Табановце“ за време на продолжениот празничен викенд, информираа денеска од МВР. На граничниот премин „Пелинце“, пак, влегле над 5.000 лица, а излегле над 1.700.

Според податоците на граничниот премин „Табановце“, од полноќ од 2/3 август годинава до денеска до 11:00 часот, во државата влегле 15.071 патници, од кои 6.443 македонски државјани, а 8.628 странски државјани. Излез оствариле 16.737 патници, од кој 9.685 македонски државјани, а 7.052 странски државјани.

Солун - Патот од Солун кон Евзони е отворен пред 20ина минути, а во спротивен правец е се уште затворен за сообраќај поради пожар, соопшти грчката полиција.

Пожарот, според локалните грчки медиуми е локализиран. Претпладнето се запалило возило на автопатот, и пожарот се проширил на сува трева, па затоа полицијата го затвори сообраќајот и во двата правца пред околу три часа.

Тоа предизвика застој на граничниот премин Евзони-Богородица, а грчката полиција ги пренасочуваше возилата кон преминот Дојран каде што се формира долга колона возила.

Според инфо камерите на ЈП за државни патишта, влезот во Грција преку ГП Богородица попладнево се одвива тековно во три или четири колони.

Белград - Во Србија неделава продолжуваат протестите против отворањето на рудници за литиум во организација на еколошки здруженија. Вечер ќе се одржат во пет градови, а до крајот на неделата во најмалку 18 други градови низ Србија. Централниот протест ќе се одржи во Белград, сабота на 10 август, јави дописникот на МИА од Белград.

На сите собири од Владата ќе се бара да донесе закон за трајна забрана за геолошки истражувања и експлоатација на литиум и бор во Србија.

Рокот за донесување на тој закон кој еколошките здруженија им го одреди на властите е 10 август.

Владата во Србија планира во околината на Лозница, на југозападниот дел на земјата покрај реката Дрина да одобри ископ на литиум на странската компанија Рио Тинто, тврдејќи дека тоа ќе биде голема можност за развој на земјата бидејќи, покрај наплатата на рудна рента, ќе се овозможи и отворање на фабрика за литиумски батерии што е многу важно од гледна точка на производство на електрични автомобили.

Белград - Во Пасјане, најголемото српско село во Косово, се одржа протест на стотици граѓани поради неодамнешното апсење на петмина Срби кои се осомничени за наводни воени злосторства.

На протестот беше кажано дека Србите биле уапсени без судски налог, 25 години по војната, а се додава дека ниту еден од нив не го напуштил Косово по војната бидејќи, како што наведоа, не сториле никакво кривично дело.

Насобраните Срби сметаат дека целта на апсењето на нивните сонародници е да се шири паника и да се протераат Србите од Косово.

Тие апелираа до ЕУЛЕКС и КФОР да ги спроведат своите мандати, да ги стопираат политичките процеси против Србите и побараа ослободување на уапсените Срби.

Софија - Бугарската партија „Има Такoв Народ“ (ИТН) денеска на бугарскиот претседател Румен Радев му го врати мандатот за формирање влада по неуспешниот обид за формирање стабилна владејачка коалиција, со што Бугарија се приближи до седмите избори во последните три години.

ИТН, која беше само шеста по бројот на освоени гласови на изборите на 8 јуни, освојувајќи само 16 од 240 пратенички места, на 29 јули доби мандат да формира влада, откако водечката централно-десничарска партија ГЕРБ и реформистите ПП не успеаја да формираат влада.

Радев сега треба да назначи вршител на должноста премиер и во следните два месеци да распише избори, седми од 2021 година.

Тирана  – По 13 години во Албанија се врати „ниска треска“, од која досега регистрирани се три жртви и 17 заразени.

- Нилската треска ја шират комарците кои се хранат со крвта на птиците. Вирусот не се шири од човек на човек. Периодот на инкубација за западнонилската треска се движи од 2 до 15 дена, а кај по благите форми болеста трае од 3 до 6 дена. Околу 80 отсто од случаите пренесени на луѓе не манифестираат симптоми. Кога ќе се појават симптомите, тие се многу слични на грипот, изјавила за медиумите Силва Бино, началник на Одделот за заразни болести при Институтот за јавно здравје, потврдувајќи го присуство на заразата.

Тел Авив - Палестинските борци од Појасот Газа истрелаа 15 ракети врз Израел, соопштија денеска израелските одбранбени сили (ИДФ).

Бомбардирањето се случи од јужниот дел на Појасот Газа, се вели во соопштението на ИДФ.

Израелскиот систем за противракетна одбрана успешно пресретна неколку проектили, се вели во соопштението, но други го погодија израелското гранично подрачје.

Спасувачката служба соопшти дека во нападот е повреден еден маж.

Речиси 10 месеци по терористичкиот напад на Хамас врз Израел и копнената офанзива во Газа што набрзо следеше, милитантите сè уште спорадично истрелуваат ракети врз Израел.

Антверпен - Властите во Фландрија ќе го ангажираат првиот „климатолог“ кој ќе му помогне на белгискиот регион да се подготви за „медицинските последици од климатските промени“.

Неговата задача ќе биде да го подобри постоечкиот акционен план имплементиран за време на топлотниот бран и да ги разгледа другите последици од климатските промени од медицински агол.

Климатскиот лекар ќе работи на превенција и рано откривање на штетите од климатските промени врз здравјето на луѓето во Фландрија...ќе го надгледува спроведувањето на фламанскиот план за климатско здравје и ќе помогне „да се развијат превентивни стратегии со цел здравствените системи и општата популација да бидат поотпорни на климатски стресови“, се наведува во огласот објавен од фламанското Министерство за здравство.

Брисел – Со цел да се усогласи со Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА), ТикТок се обврза дека трајно ќе ја повлече од употреба на територијата на Унијата својата програма „ТикТок Лајт Ревардс“ , соопшти денеска Европската комисија. 

Во соопштението се посочува дека ТикТок пратил известување до Еврокомисијата дека се решил на ваквиот чекор како одговор на нејзината одлука од 22 април годинава за започнување формалната постапка против социјалната мрежа поради неусогласеност со одредби од ДСА. 

Програмата „ТикТок Лајт Ревардс“ им овозможува на корисниците на ТикТок да добиваат наградни поени во реално време со гледање видеа, „лајкување“ на содржини, заследување на одредени профили или со едноставно поканување на нивните пријатели да се придружат на оваа социјална мрежа. 

Дака – Премиерката на Бангладеш Шеик Хасина денеска го заврши 15-годишното владеење со земјата со бегство по неколкунеделните смртоносни протести  по што војската најави дека ќе формира привремена влада. Хасина се обидуваше од почетокот на јули да ги задуши протестите на национално ниво против нејзината влада, но таа побегна по бруталниот ден на немири во неделата во кои загинаа речиси 100 луѓе.

Началникот на армијата на Бангладеш Вакер-Уз-Заман денеска објави дека ќе „формира привремена влада“ откако премиерката поднесе оставка и побегна од главниот град.

Вашингтон – Кандидатката на демократите на американските претседателски избори, актуелната потпретседателка Камала Харис, се очекува утре да го претстави својот потпретседателски кандидат, изјавија два извори за британските медиуми.

Одлуката на Харис би можела да биде објавена во секој момент до утре, кога таа ќе го има своето прво појавување со потпретседателскиот кандидат на митинг во Филаделфија, на почетокот на турнејата низ клучните држави кои најверојатно ќе го одлучат победникот на изборите.

Харис го намали својот избор на тројца кандидати со кои разговараше во текот на викендот во Вашингтон - гувернерот на Минесота, Тим Волш, сенаторот од Аризона, Марк Кели, и гувернерот на Пенсилванија, Џош Шапиро.

Остани поврзан