• понеделник, 05 август 2024
МИА Радио флеш

5 август 2024

Скопје - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски денеска ќе го пречека и ќе биде домаќин на косовскиот премиер Албин Курти.

Како што соопштија од владината прес-служба, во рамки на посетата предвидена е тет-а-тет средба помеѓу премиерите Мицкоски и Курти, по што ќе следи билатерална средба на која покрај премиерите ќе присуствуваат и владини делегации од двете страни.

Предвидено е Мицкоски и Курти денеска да одржат заедничка прес - конференција во Медија центарот на Владата.

Се очекува во разговорите да стане збор и за инцидентот со претседателката на Косово Вјоса Османи на скопскиот аеродром.

Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово изрази загриженост поради инцидент со косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот аеродром, нарекувајќи го „недостоинствен“ односот на аеродромското обезбедување кон Османи, и побарало официјални појаснувања во врска со инцидентот од амбасадата на Северна Македонија во Приштина и од македонското МНР.

Скопје - Во услови на глобална неизвесност, монетарната политика придонесува со своите мерки за одржување на стабилноста на макроекономското окружување во земјава. Народната банка има витална улога во одржувањето на макроекономската стабилност, особено преку нејзините напори за справување со последователните кризи изминатите четири години, а довербата на јавноста кон неа, дури и во периодот на кризи и премрежиња, е висока, беше истакнато на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка (НБ), Анита Ангеловска-Бежоска и амбасадорката на САД, Анџела Агелер.

Како што соопшти прес-службата на НБ, заеднички беше заклучокот дека професионалноста, стручноста и посветеноста се секогаш на највисоко ниво кога станува збор за Народната банка

На состанокот беше нагласена и важноста на силните и кредибилни институции, особено во кризни времиња, кога треба да се носат мерки за поддршка на економијата.

- Со помош на политиките што ги презема Централната банка, инфлацијата се сведе на едноцифрена стапка, додека девизните резерви се зголемија за 40 отсто, во однос на преткризниот период. Банкарскиот систем е стабилен, добро капитализиран и обезбедува поддршка за граѓаните и фирмите, забележа Ангеловска-Бежоска. 

Скопје – Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ќе продолжи амандманската расправа за Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2024 година со кој вкупните приходи се планирани на ниво од 318,2 милијарди денари, а расходите на ниво од 362,8 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 2,1 процент, инфлацијата на ниво од 3,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 4,9 проценти. 

Согласно Деловникот, амандманската расправа, која денеска се одвива веќе петти ден, треба да заврши за шест дена. За ребалансот на Буџетот беа поднесени 58 амандмани, но во текот на расправата дел од нив беа повлечени од предлагачите.

Досега не е прифатен ниту еден амандман.

Скопје - Во „Барометарот“ на корупција за јули на Транспаренси Интернешнл-Македонија, активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, наречена „Бистро-Матно“, има регистрирано повеќе „матни“ од „бистри“ случаи. 

Во „бистрите“ случаи се наведуваат кривичните пријави против пет лица за „злоупотреба на службената положба и овластување“ и против две лица за „несовесно работење во службата“ – Единицата за корупција во Секторот за криминалистички истраги при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во соработка со Одделот за криминалистичка полиција на 05.07.2024 до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против: Д.Д.(55), М.Г.(32), М.М.(64), К.В. (58) и А.Д.(29), сите од Скопје, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“, како и З.И.(60) и Б.Б.(51), двајцата од Скопје, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело „несовесно работење во службата“.

Скопје - Од денеска во Скопје ќе биде отворен хуманитарен пункт каде ќе се собираат материјални добра за граѓаните кои настрадаа од пожарите во Источна Македонија. Граѓаните ќе можат да донесат конзервирана храна, облека, патики, мебел, душеци и разни други материјални добра, кои потоа ќе бидат однесени во 30-тина села на околу 400 домаќинства. Пунктот ќе биде до „Ист гејт мол“, во близина на комуналното претпријатие. 

Акцијата е во координација на Коалицијата предводена од „Хуманитарни акции.мк“, Конфедерација на Синдикалните организации на Македонија КСОМ и ИПО Интернационална Полициска Организација.

Хуманитарната акција ќе трае неколку дена се со цел подобрување на животот на граѓаните чии домови се опожарени во Источна Македонија. Граѓаните ќе можат да донираат и врати и прозорци, што е планиарно за втората фаза од акцијата.

Брисел - Советот на ЕУ денеска донесе одлука да воведе рестриктивни мерки за уште 28 лица поради нивната улога во внатрешната репресија и кршењето на човековите права во Белорусија. 

Со новите санкции се опфатени двајца заменици началници на Главниот сектор за борба против организиран криминал и корупција (ХУБАЗИК) при белоруското Министерство за внатрешни работи, повеќе судии и обвинители, раководители на затвори, како и неколкумина истакнати поддржувачи на режимот на претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко. 

Според ЕУ, ХУБАЗИК е едно од главните тела одговорни за политички прогон во Белорусија, вклучително и за произволни и незаконски апсења, за малтретирања и за тортура на опозициски активисти и претставници на граѓанското општество. 

Брисел – Шефовите на дипломатиите на членките на Групата седум индустриски развиени земји (Г7) и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел ги повикаа сите инволвирани страни на Блискиот Исток да се воздржат од продолжување на тековниот деструктивен циклус на одмазднички насилство, да ги намалат тензиите и конструктивно да се ангажираат кон деескалација на состојбата. 

- Ние, министрите за надворешни работи на Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и САД и високиот претставник на ЕУ, ја изразуваме нашата длабока загриженост поради зголеменото ниво на тензии на Блискиот Исток, што се заканува да разгори поширок конфликт во регионот, се наведува во изјавата на шефовите на дипломатиите на Г7 во врска со најновиот развој на настани на Блискиот Исток. 

Како што соопшти Европската служба за надворешни работи, во изјавата во која се апелира за прекин на насилството, се додава и дека ниту една земја или нација нема да имаат корист од понатамошната ескалација на состојбата на Блискиот Исток. 

Анкара - Во јули годишната стапка на инфлација во Турција се намали од 71,6 отсто во јуни на 61,78 отсто, објави денеска турскиот институт за статистика Туркстат.

Ова е втор пад на годишната инфлација во Турција по седум последователни месеци раст, а инфлацијата во таа земја сега е најниска од октомври 2023 година.

Цените на храната и безалкохолните пијалоци во Турција во јули се зголемени за 58,91 отсто на годишно ниво, како и цените на транспортот за 46,07 отсто, услугите во хотелите, кафулињата и рестораните за 76,04 отсто, облеката и обувките за 39,57 отсто, услугите во здравството 63,02 отсто, но во сите наведени категории годишниот раст на цените е побавен во однос на јуни.

Париз - Германскиот тим во триатлон го освои златото во мешана штафета на Олимписките игри во Париз.

Во тимот беа Тим Хелвиг, Лиза Терч, Ласе Лурс, Лаура Линдеман. Нивното вкупно време е 1 час 25 минути 39 секунди.

Среброто го освои тимот на САД за 1:25.40 минути. 

Репрезентацијата на на Велика Британија ја освои бронзата за 1:25.40. 

За да се одреди носителот на среброто беше потребно да се прегледа фотофиниш.

Барселона – Фудбалерот на Барселона и репрезентацијата на Шпанија, Ламин Јамал доби сертификати од Гинисовата книга на рекорди.

Седумнаесетгодишниот фудбалер стана најмладиот играч кој учествувал во завршната фаза на Европското првенство, како и најмладиот стрелец на гол на Евро.

Јамал одигра седум натпревари за шпанската репрезентација на Евро 2024, постигна еден гол и четири асистенции. За време на турнирот, играчот наполни 17 години.

Минатата сезона Јамал постигна седум гола и девет асистенции на 50 натпревари за Барселона во сите натпреварувања.

Остани поврзан