• вторник, 06 август 2024
МИА Општински пул

5 август 2024 

Кавадарци - Кавадарчани се во голем број против рециклажен центар за собирање и третман на отпадни гуми, покажува интернет гласањето  спроведено на Реално Кавадарци, пред утрешната јавна расправа за животна средина во врска со Г-1 зона, што ќе се одржи во Кавадарци. 

На веб-страницата на кавадаречката локална самоуправа е објавено известување до заинтересираната јавност од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Македонски Брод - Пред околу два часа во Македонски Брод, кај селото Слатина избувна нов пожар. Гори нискостеблеста шума. Ова е вторпат во еден месец кај селото да избувне пожар. Според градоначалникот Жарко Ристески допрва претстои битката со огнената стихија да не го префрли ридот и да навлезе во селото.

-На теренот се припадници на шумската полиција од ЈП „Нционлни шуми“, од подружницата во Македонски Брод. Според последната информација од ДЗС околу 14 часот ќе бидат испратени два хеликоптери за поддршка од воздух, изјави Ристески.

Куманово - Над 15.000 патници влегле, над 16.000 излегле на граничниот премин „Табановце“ за време на продолжениот празничен викенд, информираа денеска од МВР. На граничниот премин „Пелинце“, пак, влегле над 5.000 лица, а излегле над 1.700.

Според податоците на граничниот премин „Табановце“, од полноќ од 2/3 август годинава до денеска до 11:00 часот, во државата влегле 15.071 патници, од кои 6.443 македонски државјани, а 8.628 странски државјани. Излез оствариле 16.737 патници, од кој 9.685 македонски државјани, а 7.052 странски државјани.

Кавадарци - Парцелизација се врши во месноста Љубаш, во Кавадарци, со цел превенција од пожари, информираше денеска градоначалникот Митко Јанчев на фејсбук.

Димитар Радњански, раководител на општинската служба „Мој општинар", појасни за МИА дека парцелизацијата се врши со луѓе и механизација на јавното претпријатие „Комуналец". 

Скопје - Нова фонтана го краси центарот на селото Драчево. Има форма на крст, осветлена е, а околу неа е извршена целосна обнова на зеленилото и хортикултурно уредување. Тука ќе биде поставена  нова урбана опрема и детско катче, со што овој простор ќе биде пријатно место за релаксација и дружење, информираат од Општина Кисела Вода.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски појасни  дека новота фонтана во село Драчево наменета за одмор и релаксација во селото Драчево  е во насока на   досегашните и идни  заложби на општината  за естетско уредување на јавните површини и создавање на функционални средини за сите жители.

Кочани - Екипа пожарникари од Доброволното противпожарно друштво од Кочани доцна синоќа интервенираа во спасување повредена и дезориентирана птица од загрозениот вид источноевропски царски орел.

По добиената пријава од граѓани кои забележале дека птицата долго време стоела на кров од викендичка на Пониква, на лице место се упатиле четири пожарникари со едно возило.

Белград - Хеликоптерот на МВР на Србија „Ербас Х215 Супер Пума“, со носивост од три тони вода, со шест припадници на хеликоптерската единица и еден припадник на Секторот за вонредни ситуации, од саботата секојдневно го гаснат пожарот кај Охрид, а само денеска до 11 часот испуштија дури 126 тони вода, јави дописникот на МИА од Белград.

- Припадниците на хеликоптерската единица и Секторот за вонредни ситуации продолжуваат да им даваат поддршка на македонските колеги во борбата против пожарот. Нашата посада на „Супер Пума“ е ангажирана во гаснењето на пожарите во околината на Охрид. Секој ден работат од 6 до 7 часа, а само денеска до 11 часот испуштија дури 126 тони вода. Нивниот ангажман не е само борба против огнената стихија, туку и за солидарност и помош меѓу соседите. Секој лет со хеликоптер претставува уште еден чекор кон сигурна и побезбедна средина за сите нас. Горди сме на нашите херои во воздухот кои неуморно работат на заштита на животите и имотот, се вели во соопштението на официјалната страница на Инстаграм на МВР на Србија.

Скопје - Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 25-годишник кој се сомничи дека сторил убиство во обид во Чаир.

Како што информираат од Јавното обвинителство, на 17 јули во вечерните часови во Чаир, осомничениот со мотор со голема брзина поминал покрај оштетениот и уште едно лице кои се движеле пеш и ги испрскал со вода насобрана на асфалтот. Застанал и му се извинил само на сведокот, додека со оштетениот најпрвин започнал да се расправа, а потоа и физички размениле неколку удари.

Остани поврзан