МИА Радио флеш
- 27 декември 2024
27 декември 2024
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски очекува од Јавното обвинителство по допрен глас да преземе мерки во врска со информациите кои ги изнесе на вчерашната собраниска седница за пратенички прашања дека претходната власт физички го следела него тогаш како предводник на најголемата опозициска партија, оти наводно бил лидер на паравоена формација.
-Она што е интересно од тоа што можам да го кажам и да го споделам со јавноста е дека овие списи, извештаи или како да ги наречам дебрифинзи, се креирани на почетокот на 2020 година кога е изборна година. Замислете, една од безбедносните агенции, од оправдани причини нема да кажам која е, располага со вакви информации во кои што јас инспирирам, финансирам и организирам вакви терористички структури вооружени, а притоа не го информирала МВР. И се поставува прашањето зошто не го информирала. Одговорот е јасен, затоа што тоа беше техничкиот период и тогаш технички министер беше г. Наќе Чулев, зборувам во 2020 година. Ова било само начин преку монтажа да се обезбеди физичко покривање на лидерот на најголемата политичка партија во тој момент – ВМРО-ДПМНЕ. Останатото еве оставам до обвинителството, да видиме дали овој глас ќе допре до нив и дали тие ќе преземат некакви мерки, рече Мицкоски на новинарско прашање дали очекува разврска во врска со неговото следење од безбедносните служби дека бил лидер на паравоена формација.
Скопје - Владата на редовната седница во вторник ќе донесе одлука да се потпише договор за средствата што се обезбедени во рамки на буџетот на Министерството за образование и наука за субвенционирање на превозот на студентите со што мерката ќе продолжи непречено и од јануари, информира денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Средствата се обезбедени во рамки на буџетот на Министерството за образование и наука за следната година и на редовната владина седница во вторник на 31-ви декември, откако веќе се исконсултирав со министерката, ќе донесеме одлука да се потпише договор за да може веднаш да бидат префрлени на ЈСП бидејќи сесијата започнува во јануари и студентите беспрекорно да го користат јавниот превоз во градот Скопје, изјави Мицкоски на новинарско прашање по присуството на презентацијата на резултатите од работата на Министерството за внатрешни работи.
Скопје - Министерот за внтарешни работи Панче Тошковски денеска изјави дека е вчудоневиден што не е побарана мерка притвор за поранешниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски кој е недостапен за органите на прогонот, а е осомничен за проневера на 6,5 милиони евра.
-Од наша страна се преземени сите потребни дејствија во насока на информирање на Јавното обвинителство. ЈО е известено и писмено и усно во однос на лицето кое го споменувате, но на жалост, јавниот обвинител кој ја водел постапката во рамки на ОЈО ГОКК оценил дека не треба да бара најстрога мерка согласно одредбите од ЗКП, иако ако мене лично ме прашате, малку сум вчудоневиден како за лице кое е недостапно за органите на прогон, а е вклучено во рамки на криминал првично на околу 6,5 милиони евра, ЈО не побара таква мерка само за тоа лице. Инаку, другите сите кои беа поранешни функционери се моментално во притвор, рече Тошковски.
Скопје - Министерството за јавна администрација предлага четири законски решенија со кои очекува департизација на јавната администрација, транспарентни и објективни процедури за вработување и усоласување на платите на административните работници со Општиот колективен договор.
Станува збор за Законот за вработени во јавниот сектор, Законот за административни службеници, Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници и Законот за инспекциски надзор.
Законот за инспекциски надзор во понеделник ќе биде ставен на ЕНЕР, а останатите три закони веќе се објавени на оваа платформа. Законите ќе бидат доставени на мислење и до Секретеријатот за законодавство, Министерството за финансии и Државната комисија за спречување на корупцијата.
Скопје – Во Собранието попладнево во рамки на 28-та седница беше донесен Законот за стручно образование и обука.
Во расправата изглагање имаше само пратеникот Сали Мурати од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија, кое е дел од коалицијата Европски фронт. Тој побара да биде одложено носењето на овој закон додека не помине основниот Предлог-закон за средно образование, кој Владата како предлагач го повлече од собраниска процедура минатата недела, затоа што, според Мурати „овој закон ги повторува и дополнително ги продлабочува истите грешки“.
Скопје - На Инфективната клиника во Скопје недостасуваат дури 100 нови вработувања, беше кажано на денешниот брифинг на директорите на Фондот за здравствено осигурување со медиумите.
- Тој одлив се случи со Ковид-19 и потоа. Делумно поради пензионирање, делумно поради заминување и состојбата со инфектолози е критична низ територијата на целата држава. Има многу мал интерес за специјализација по инфективни болести. Во повеќе болници сме останати на пензионерите со продолжување до 67 години и така натаму. Мораме и со програмата за специјализација, меѓутоа и со мотивацијата на персоналот, да обезбедиме „ладен погон“, ако може да кажам, минимум капацитети што мораме да ги имаме. Комуницираме со Министерството за здравство, со директорот на Инфективна, со Министерството за финансии. И дел од проблемот таму и сега да се одобрат 100 работни места, нема да има кој да биде вработен, изјави директорот Сашо Клековски.
Скопје - Управата за јавни приходи (УЈП) во соработка со претставници на стопанските комори, коморите на сметководители, Адвокатската комора, ревизорски куќи и консултанти формирала Совет за даночна усогласеност.
Како што соопшти УЈП, целта е преку овој советодавен орган да се овозможи меѓусебна тесна соработка за да се подобрат процесите на даночна усогласеност, да се разменуваат и идентификуваат предизвиците со кои се соочуваат даночните обврзници мали и средни претпријатија и нивните советници и брзо да се креираат предлог - препораки за унапредување на даночната политика и регулативите.
Директорката на УЈП, Елена Петрова, на настанот го презентирала Стратешкиот план на УЈП 2025 – 2027 „Напред во чекор со предизвиците и реалните можности“, новата визија и приоритетните проекти на УЈП.
Скопје - На иницијатива на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ), почна процесот на консултации за изработка на нов етички кодекс за новинарите и медиумите. Новиот кодекс ќе ја замени постоечката верзија од 2001 година, со цел да ги одрази современите предизвици и потреби на новинарската и медиумската заедница, информираат од ЗНМ.
Како поддршка на процесот, појаснуваат, изработени се два важни документа, кои, како што велат, обезбедуваат аналитичка основа и насоки за модернизација на етичките стандарди во новинарството.
Истанбул - Педесет тони хуманитарна помош која се состои од медицински материјали, финансирана од Европската унија и координирана од Светската здравствена организација (СЗО), треба да пристигне во Сирија на 31 декември, изјави денеска Мриналини Сантанам, портпаролка на СЗО во Газиантеп, јужна Турција.
„Медицинските материјали пристигнаа во Истанбул, Турција, вчера и треба да стигнат во Сирија на 31 декември по расчистување на турските царински процедури“, рече Сантанам.
Во средината на декември, ЕУ објави почеток на хуманитарен воздушен коридор за Сирија преку Турција - прва европска помош од ваков вид по падот на претседателот Башар ал Асад.
Париз - Најбогатите француски милијардери Бернар Арно, Франсоа Бетенкур Мејерс и Франсоа Пино изгубија околу 70 милијарди долари од своето богатство годинава, бидејќи се намали побарувачката за луксузни стоки и политичката нестабилност која ја ограничи потрошувачката.
Компанијата LVMH на Бернар Арно, козметичкиот гигант „Лореал“ во сопственост на Бетенкур Мејерс и компанијата „Керинг“ контролирана од Пино се меѓу најголемите губитници за оваа година на париската берза, а акциите на „Керинг“, сопственик на брендот Гучи, паднаа за дури 41 отсто од почетокот на годината, пренесува Блумберг.
Брисел - Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте денеска изјави дека Алијансата ќе го зајакне своето воено присуство во Балтичкото Море, откако Финска задржа танкер поврзан со Русија поради можноста да се користи за вршење саботажа.
Руте, во објава на мрежата Икс, рече дека разговарал со финскиот претседател Александар Стуб и изразил солидарност со таа земја во тековната истрага за саботажата.
„НАТО ќе го зајакне своето воено присуство во Балтичкото Море“, рече Руте.
Москва - Европа треба да биде казнета со сите расположливи средства бидејќи одби да им помогне на руските морнари откако руски товарен брод потона во Средоземното Море, изјави заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност Дмитриј Медведев.
Тој на својот профил на каналот Телеграм напиша дека Европа мора да биде казнета со сите расположливи средства: политички, економски и сите видови хибридни.
Медведев рече дека денеска е обелоденето дека екипажот на норвешкиот брод „Осло Кариер 3“ одбил да ги спаси руските морнари откако рускиот товарен брод „Големата мечка“ потонал во Средоземното Море.
Москва – Руската Федерална агенција за воздушен транспорт (Росавијација) денеска соопшти дека авионот на „Азербејџан ерлајнс“ што пред два дена се урна во Казахстан, ја сменил рутата и не слетал во главниот град на Чеченија, Грозни.
Според „Росавијација“ капетанот ја сменил рутата на авионот поради густата магла и воздушната тревога издадена во Чеченија поради нападот со украински беспилотни летала. Агенцијата тврди и дека на капетанот му биле понудени и други аеродроми за слетување, но тој го избрал Актау во Казахстан.
„Росавијација“ на денот на несреќата соопшти дека авионот имал два обида за слетување во Грозни додека украинските дронови ја напаѓаа чеченската престолнина.
Киев - Украина, големиот светски производител и извозник на житарки и маслодајни семиња, ја испрати првата серија помош во храна во Сирија, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Тој рече дека 500 метрички тони пченично брашно се на пат за Сирија како дел од хуманитарната иницијатива „Жито од Украина“ во соработка со Киев и Светската програма за храна на Обединетите нации.
Зеленски истакна дека во наредните недели се планира пченично брашно да биде поделено на 33.250 семејства, односно 167.000 луѓе.
Пекинг – Кина денеска на пристаништето во Шангај го претстави новиот амфибиски јуришен брод наречен по југозападната провинција Сечуан.
Бродот Сечуан е првиот брод од новата генерација „Тип 076“ (Type 076), кој треба да игра клучна улога во трансформацијата на морнарицата и подобрувањето на нејзината борбена способност.
За разлика од носачите на авиони, бродовите од „Тип 076“ се опремени и со транспортни чамци, кои им овозможуваат на војниците и опремата да стигнат до крајбрежјето.
Посебна карактеристика е сè уште ретко инсталираниот електромагнетен авионски катапулт, кој му овозможува на бродот Сечуан да носи не само хеликоптери туку и борбени авиони. Катапултот овозможува поголема ефикасност и побрзо лансирање.