МИА Радио флеш
- 2 октомври 2024
2 октомври 2024
- Во Собранието денеска треба да започне 16. седница на која на дневен ред има повеќе одлуки и закони. На предложениот дневен ред се и одлуките за усогласување на составот на Државната изборна комисија (ДИК), како и за избор на нови членови на Комисијата.
Со одлуката за усогласување на составот на ДИК, се предлага претседател да биде Борис Кондарко, досегашен член, кој доаѓа на предлог на СДСМ, а потпретседател Абдуш Демири, кој во ДИК дојде на предлог на Беса. За членови се предлгаат досегашниот претседател Александар Даштевски (ВМРО-ДПМНЕ), потпретседателката Дитмире Шеху (ДУИ) и Оливер Ристевски (СДСМ). Собранието денеска треба да донесе одлука за распишување оглас за избор на двајца нови членови на ДИК. Бобан Стојановски (ВМРО-ДПМНЕ), кој беше член на ДИК стана заменик - генерален секретар на Собранието, додека Радица Ристеска (СДСМ) заминува во пензија. Огласот трае осум дена од објавување во Службен весник.
- Во Собранието за денеска е закажана седница на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите.
Единствена точка на дневен ред е Предлог-одлука за одржување јавна расправа на тема: „Родова еднаквост на жените од руралните средини преку нивна инклузија на пазарот на труд“.
- Првите 100 дена на новата Влада власта ги оценува како успешни, додека опозицијата упати серија критики. Премиерот Христијан Мицкоски задоволен од сработеното, и покрај како што вели лошата позиција наследена од претходната влада, додека според лидерот на СДСМ Венко Филипче во првите месеци од новата Влада не виделе ниту еден конректен проект или реформа во интерес на граѓаните.
На прес-конференција во Владата за одбележување на првите 100 дена од работата на новата Влада, Мицкоски нагласи дека првите 100 дена не беа лесни, но беа клучен период во кој многу работи станаа јасни - каде сме и каде треба да одиме и што е потребно за да стигнеме таму и најважно, како што нагласи „покажавме дека сме одлучни и посветени да се справиме со предизвиците без разлика на опструкциите со кои се среќаваме и проблемите и стапиците што се поставени пред нас“.
- Во Скопје денеска и утре ќе се одржува Eкономскиот форум на жени лидерки - Балкан 2024. Преку панелни дискусии и дебати, докажани лидерки и лидери од Португалија, Индија, Египет, Турција, Србија, Црна Гора, Косово, Хрватска, Словенија и Северна Македонија ќе разменат идеи и ќе споделат најдобри практики за справување со заедничките предизвици.
Најавено е учество на 270 лидери, претприемачи, активисти, истражувачи и академици, а целта на Форумот е да ја унапреди позицијата на жените во современото општество, особено во делот на економското јакнење, намалување на родовите нееднаквости и поттикнување женско лидерство.
- Уставниот суд денеска ќе ја одржи 26. седница.
На дневен ред се четири иницијативи за оценување на уставност и законитост, шест предлози за одлучување по нацрт-одлуки и седум нацрт-решенија.
- Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски ќе има воведно обраќање на денешнпто отварањето на настанот „Иднината на дигиталните иновации – симпозиум за соработка со академијата и индустријата“.
Овој настан, како што соопштуваат организаторите, се одржува во рамки на Дигиталниот центар за иновации во Р.С. Македонија – ДигитМак, со што ќе започне и неговата работа. По отворањето на овој симпозиум, предвидени се изјави на министерот Андоновски, координаторот на Дигитмак и заменик-декан на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство Петре Ламески, и координаторот на Бизнис акцелератор УКИМ и заменик-национален координатор на Европскиот институт за иновации и технологија (ЕИТ) Никола Огненовски.
- Во Струга од денеска до 4 октомври ќе се одржува Меѓународната конференција „ЕНЕРГЕТИКА 2024“, чија цел е споделување и размена на искуства и планови од областа на енергетиката на регионално и глобално ниво.
Конференцијата е посветена на унапредување и проширување на знаењата за методите, политиките и технологиите за производство на електрична енергија, одржлив развој и заштита на животната средина. Поканети се релевантни енергетски компании, претставници од индустријата, истражувачките центри, универзитетите и останати субјекти, како и експерти од земјата и странство, а на отворањето е најавено обраќање на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
- Папата Франциск вчера водеше молитвена миса во која побара прошка за пропустите на Католичката црква, вклучувајќи го и третманот на свештенството кон жените и жртвите на сексуална злоупотреба, додека католички водачи се подготвуваат за едномесечниот синод во Ватикан.
На церемонијата во базиликата Свети Петар, сведочеше и жртва на злоставување која пред стотици бискупи рече дека скандалите со злоупотреба „ја разнишаа верата на милиони и го нарушија угледот на институцијата на која многумина се угледуваат за лидерство“.
- Франција планира да ги продолжи проверките на своите граници за да ја спречи илегалната миграција „колку што е потребно“, изјави премиерот Мишел Барние.
Претставувајќи ја програмата на неговата нова администрација во Националното собрание, Долниот дом на земјата, Барние рече дека граничните контроли што треба да истечат месецов ќе бидат продолжени, истакнувајќи слични мерки воведени во Германија минатиот месец.
- Данската полиција соопшти дека истражува две експлозии во близина на амбасадата на Израел во Копенхаген, пишува данскиот весник „Политикен“.
Нема повредени, се наведува во соопштението на полицијата.„Никој не е повреден, а ние вршиме првични истраги на местото на настанот“, пишува полицијата во Копенхаген на X. „Се испитува можна поврзаност со израелската амбасада, лоцирана во областа“.
- Иран утринава соопшти дека го заврши ракетниот напад врз Израел, што е најголемиот досега воен напад врз еврејската држава, но само доколку нема дополнителни провокации.
Израел и САД најавија дека ќе возвратат на Техеран, со што се зголемуваат стравувањата од поширок конфликт. Иран го опиша вчерашниот напад врз Израел како одбранбен и насочен исклучиво кон неговите воени објекти. Иранската државна новинска агенција објави дека цели на нападот биле три израелски воени бази. Техеран соопшти дека неговиот напад бил одговор на израелските убиства на милитантните водачи и агресијата во Либан против Хезболах и во Газа.
- Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека силно ги осудува новите напади на Иран врз Израел, додавајќи дека како знак на неговата посветеност на безбедноста на Израел, мобилизирал воени ресурси на Блискиот Исток.
-Макрон го повтори барањето на Франција, Хезболах да престане со своите акции против Израел и неговото население, се вели во соопштението на француското претседателство.
- Либански Хезболах утринава соопшти дека извршил серија напади врз Израел, вклучително и ракетен напад врз израелска касарна.
ИДФ соопшти дека утринава од Либан кон северен Израел се лансирани околу 50 ракети. Поради истреланите ракети во градовите во горниот и западниот дел на Галилеја се слушаат сирени за предупредување од напад, а засега нема информации за повредени.
- Инвазијата на Израел на Либан всушност не е ништо ново. Во изминатите речиси 70 години, двете земји водеа неколку војни и имаа бројни помали конфликти.
Териториите кои денес припаѓаат на државите Израел и Либан некогаш биле дел од Отоманската империја, која траела од 1299 година до нејзиниот пораз во Првата светска војна и нејзиното последователно распаѓање во 1922 година.