Рим - Европската Унија не смее да дозволи да бидеме жртва на идентитетски прашања или нивна билатерализација врзана за идентитетски прашања, истакнал претседателот на Италија Серџо Матарела на денешната средба во Рим со претседателката Гордана Сиљановска Давкова, јави известувачот на МИА.
Во изјава за медиумите по средбата со Матарела, претседателката нагласи дека шефот на Италијaнската Република е наш голем пријател и оти во разговорите ги реафирмирале заложбите за реинтеграција на Западен Балкан во ЕУ.
Рим - И папата Лав 14. и претседателот на Италија Серџо Матарела велат дека биле и остануваат наши пријатели, истакна претседателката Сиљановска – Давкова по аудиенцијата кај новиот Папа и средбата со нејзиниот италијански колега во Ватикан и Рим.
„Две импресивни средби - долга средба со Папата, а можете да замислите како изгледа разговор со еден врвен математичар, филозоф, ама и духовен човек. Нешто неверојатно, една посветеност, решеност да даде свој прилог во решавањето на светските проблеми, посветеност на најранливите категории како што тоа го правеше претходниот Папа, но исто така и заложби за ставање крај на војните и посветување на мирот“, рече Сиљановска - Давкова.
Скопје - Владата ќе ги разгледа заклучоците од надзорната расправа за аерозагадувањето рече премиерот Христијан Мицкоски на денешната расправа во Собранието, нагласувајќи дека дел ќе бидат одговорени веднаш, а за некои ќе се даде одреден рок за имплементација.
Одговарајќи на прашање на претседателката на собраниската комисија за здравство Рашела Мизрахи, која укажа дека во 2018-та, иако едногласно биле донесени 31 заклучок за загадувањето, ниту една од институциите од тогашната влада не постапила по ниту еден заклучок, Мицкоски изрази надеж дека Владата ќе ги добиеме заклучоците скоро, и дека како Влада сето она коешто може веднаш да се имплементира, веднаш треба да се направи.
Скопје – Премиерот Христијан Мицкоски на денешната надзорна расправа за аерозагадувањето во Собранието, како една од мерките го истакна стратешкиот проект за изградба на хидроцентралите Чебрен и Галиште, наведувајќи три главни аспекти за потребата од нив во иднина.
-Единствено за кое преговараме од стратешки аспект се изградбата на хидроелектраните Чебрен и Галиште, планираме да го работиме со парите од британскиот заем. Инвестицијата е 1,2-1,3 милијарди евра. Силно сум убеден дека не само од аспект на производство на електрична енергија ни се потребни овие две хидроцентрали. Имајќи ги предвид климатските промени за иднина ќе се потребни овие два нови резервоари за вода, тоа ќе биде голем предизвик во иднина. Убеден сум дека овие два резервоари за вода заедно со постојната Тиквеш, ќе обезбедат дополнителна количина вода за тиквешко поле, 55-60 илјади хектари прва класа земјоделско земјиште каде има многу земјоделци овоштари, каде се користи организираниот систем за наводнување, а којшто во одредени периоди во годината изостанува со вода па се намалува родот и приносот, рече премиерот.
Скопје - Министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и останати генерали и високи претставници од Армијата и Министерството за одбрана денеска во Музејот на македонската борба присуствувале на одбележување на Денот на воената безбедност и разузнавање.
По тој повод, како што соопштија од МО, министерот Мисајловски се обратил пред присутните при што истакнал дека поради постојаните промени кои се случуваат на полето на безбедноста брзиот развој на технологиите и големиот број на хибридни закани од особена важност е да се има силна безбедносно – разузнавачка служба која ќе може да се спротивстави на сите овие влијанија.
Скопје - Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје Гаврил Бубевски и надлежниот јавен обвинител во предметот „Онкологија“ Ана Гоговска – Јакимовска денеска остварија средба со Ана Марјановиќ и Ангелика Колева, претставнички на неформалната организација која ги застапува онколошките пациенти, со цел да ги информираат за деталите од поднесените обвиненија против лекари од Клиниката за радиотерапија и онкологија за несовесно лекување пациенти.
Како што се наведува во соопштението од Обвинителството, претставниците на организацијата биле информирани дека во текот на истрагата биле прегледани медицинските досиеја на сите онколошки пациенти кои примале биолошка терапија за период од пет години – од 01.01.2018 до крајот на 31.12.2022 година, при што технички советници на истрагата ги издвоиле историите со одредени сомненија за начинот на третирање.
Скопје - Судскиот Совет денеска го избра Иван Џолев, претседател на Основен Кривичен суд Скопје, за судија на Апелациониот суд Скопје. Покрај Џолев, нови судии кои ќе постапуваат во кривичната област на скопската апелација се судијките Марија Клетничка Марковска и Оља Ристова од Кривичен суд и Бетим Јахја од Основниот суд Тетово.
На денешната 523-та седница, Судскиот совет избра и нов претседател на Врховен суд, судијата Африм Фидани. Додека, судијата Хаџо Тариќ беше избран за претседател на Основен суд Крушево.
Скопје - Претседателот на СДСМ Венко Филипче жали што премиерот Христијан Мицкоски ја одбил неговата покана за лидерската средба и тоа пред да образложи на кои точки би разговорилe, а кои, како што вели, се важни за национален консензус што треба да се постигне, бидејќи живееме во мултинационална и мултукултурна држава.
-Сметам дека на ова прашање треба да се пристапи многу сериозно. Очигледно е дека можеби некои работи различно ги читаме, можеби различно ги толкуваме, ако лебди прашањето и мислењето дека Историската комисија може да е пречка во евроинтегративниот процец, на пример после Уставните измени, а во Протоколот два, јас сметам дека тоа никаде не е услов. Туку напротив владите ја охрабруваат работата на Историската комисија и сите одлуки таму се носат со консензус. Значи мора двете страни да се согласа на одлуките пред да продолжат, да се разгледуваат следните точки, како доаѓаат на дневен ред, рече Филипче.
Скопје - Епидемиолозите се во редовна комуникација со двете позитивни лица на MPOX, како и со посочените контакти. Двете позитивни лица на MPOX се во добра здравствена состојба, соопштија денеска од Институтот за јавно здравје.
Како што потенцираат, нема нови суспектни случаи на MPOX испратени на тестирање и нема нови позитивни случаи на MPOX. Никој од посочените контакти не пријавува симптоми на MPOX.
Скопје - Даночно ослободување на придонесите на новинарите и медиумските работници, усогласување на договорите за работа со законската рамка и јасна дистинкција меѓу вистинскиот синдикат и жолтите синдикати, односно лоцирање на непријателите на синдикалната борба, бара Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
Како што беше речено на денешната завршна конференција од проектот „Работнички права за независно новинарство“ што ССНМ го спроведува заедно со РЕСИС и со финансиска поддршка од ЕУ, околу половина од новинарите и 70 отсто од медиумските работници во земјава имаат примања под просечната месечна плата (37 065 денари за периодот мај-октомври 2023).
Виена – Суд во Виена денеска го ослободи поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц од обвиненијата за лажно сведочење во парламентарната истрага за наводна корупција во неговата влада, со што ја преиначи минатогодишната пресуда со која беше осуден на условна затворска казна.
Случајот се однесува на неговото сведочење во истрагата за постапувањето на коалицијата на Австриската народна партија и Слободарската партија, која тој ја предводеше од 2017 година, кога стана канцелар, до нејзиното расформирање во 2019 година.
Брисел - Европската Унија е заинтересирана сите засегнати страни од конфликтот во Украина да седнат и да преговараат за мир, изјави денеска главната портпаролка на Европската комисија, Паула Пињо.
Изјавата на Пињо беше одговор на новинарско прашање за коментар на тврдењето на словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен минатата недела ја информирала оти ЕУ работи на директни разговори со Москва.
Берлин – Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска изјави дека Берлин ги укина ограничувањата на Украина за употреба на оружје со долг дострел.
- Велика Британија, Франција, САД, а сега и Германија, ги укинаа ограничувањата за дострелот на нивното оружје испорачано во Украина, што значи дека Киев сега може да напаѓа позиции на руска територија со оружје со долг дострел, посочи Мерц.