МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш

9 април 2025
Скопје - Уставниот суд го одби барањето на лидерот на „Левица“ Димитар Апасиев поднесено против поранешниот претседател на Собранието Талат Џафери, кој, како што е наведено во барањето, сторил повреда на правото на политичко дејствување.
Апасиев во барањето наведува дека му се повредени уставно-загарантираните права, бидејќи претседателот на Собранието одбил да ја проследи иницијативата за распишување на дополнителен референдум до надлежните собраниски работни тела за прибавување мислење за уредноста на иницијатива и ја прогласил за неуредна.
Скопје - Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска заедно со началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски во кумановската касарна „Боро Менков“ ја посетија Командата за операции на македонската Армија – команда во чиј состав функционираат сите видови на родови и служби, соопшти Министерството за одбрана.
За време на посетата министерот беше брифиран за активностите на Командата, како и за следните планови за развој. Мисајловски рече дека е горд на припадниците кои се дел од Командата и единиците во нејзин состав, при што додаде дека тие се вистински приказ за професионализмот во Армијата и за посветеноста кон безбедноста и сигурноста на граѓаните. Министерството ќе продолжи посветено да работи во поддршка на развојот на Армијата, особено во процесот на модернизација и опремување, порача министерот на заедничката средба.
Скопје – Управата за извршување санкции извршила вонреден инспекциски надзор во КПД Штип, по инцидент во кој затворски полицајци помагаат на затвореник да пронајде топка со дрога префрлена во дворот на затворот, и сите документи денеска ги поднеле со кривична пријава во Обвинителство, информираше директорот на Управата за извршување на санкциите Александар Пандов.
Од настанот во КПД Штип, како што информираше Пандов, денеска на заедничка прес-конференција со директорот на КПД Штип Дејан Здравев и неговиот заменик Ѓорѓи Хубев, има и видео запис направен од видео надзорот во затворот.
Скопје - Директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов смета дека проблемот со телефоните, дрогата и останати недозволени работи по затворите може да се реши, но само доколку има казнивост за корумпираните затворски полицајци, кои според негови проценки, во некои затвори се и над 50 проценти.
- Имаме работа со вмрежена група на вработени по затворите и затворениците. Ако успееме дел по дел да ги отстраниме корумпираните во затворскиот систем, можеме да го решиме проблемот со телефоните, дрогата и со другите недозволени предмети. Се додека ги имаме нив и додека тие сметаат дека неказниво може да поминуваат, ќе имаме и телефони, и дрога, и недозволени предмети, рече Пандов на денешната прес-конференција во Владата.
Скопје - Собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање на денешната седница го разгледа и одлучи да го проследи на натамошна собраниска постапка Предлогот законот за изменување на Законот за градежно земјиште, по скратена постапка, поднесен од група пратеници.
За предложеното законско решение беа поднесени четири амандмани од пратеникот Сали Мурати од коалицијата Европски фронт кои со по седум гласа „за“ и еден „воздржан“ не беа усвоени.
Во образложението зошто не се прифатливи, еден од предлагачите на законското решение, Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека амандманите не се соодветно поднесени поради што не може да се разгледуваат и да се прифатат и додаде дека се работи само за ситни измени на три члена на законот од кои третиот член е за објавување во Службен весник.
Скопје - Пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ, денеска на прес-конференција праша зошто паралелно со разгледувањето на кандидатите за Програмскиот совет на МРТ не се распишува јавен конкурс и за избор на нов генерален директор на националниот телевизија.
МРТ, кажа тој, е една од најважните институции во државата, со историска улога во креирањето и зачувувањето на државноста, и нејзиното работење мора да биде јавно, објективно и законски засновано. Мециновиќ потсетува дека актуелниот генерален директор првпат е именуван во 2012 година, по што е реизбран во 2015 и 2018 година, но од тогаш, иако законски мандатот е ограничен на три години, нов конкурс не е распишан. Според Мециновиќ, уште од 2021 година постојат најави дека Програмскиот совет ќе распише нов конкурс за генерален директор, но тоа никогаш не се случило.
Скопје - Амбасадата на Словачка во Скопје известува за нов повик за доделување една стипендија на кандидат од Северна Македонија за учество на 61. Летна школа по словачки јазик и култура (Studia Academica Slovaca).
Школата ќе се одржува од 28 јули до 15 август 2025 година, со физичко присуство на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Коменски“ во Братислава (Faculty of Philosophy of the Comenius University in Bratislava).
-Кандидатите својата апликација заедно со мотивациското писмо треба да ја пратат електронски на е-адресата на Амбасадата на Словачката Република: emb.skopje@mzv.sk најдоцна до 25 април 2025 година, се наведува во објавата на Министерството за образование и наука, во која се достапни и веб-страниците каде што се достапни повеќе информации.
Скопје - Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска упати честитка по повод 9 Април - Денот на железничарите на Македонија.
- Честит 9 Април - Денот на железничарите на Македонија. 152 години од постоењето на Железницата во Македонија и сè уште создаваме историја, напиша Николоски на Фејсбук.
Рим - Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска го прими британскиот крал Чарлс Трети во палатата Дорија Памфили во главниот град Рим, пренесе италијанската новинска агенција АНСА.
Средбата е дел од четиридневната државна посета на британскиот монарх на Италија.
На средбата присуствуваа и вицепремиерот и министер за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани и неговиот британски колега Дејвид Лами.
Будимпешта – Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан воведе контрола на цените на основните производи во супермаркетите. Со мерката на супермаркетите ограничена му е маржата на 30 основни прехранбени артикли, кога сега може да изнесува 10 отсто над трошоците за големопродажба.
Мерката, која вклучува храна како јајца, млеко и месо, ги ослободува трговците на мало со пониски годишни приходи.
По стапувањето во сила на мерката, Орбан ги обвини трговците дека ги „крадат Унгарците“ со „претераниот и неоправдан раст на цените“.
Анкара - Турција планира да спроведе над 60 научно-истражувачки мисии на Месечината во следната деценија, како дел од напорите за зајакнување на позицијата на земјата во меѓународните истражувања на Месечината.
Турската вселенска програма планира да ја спроведе првата мисија на Месечината во 2028 година, а за таа цел планира да користи вселенско летало развиено и произведено од турски научници и инженери. Целта на лунарните мисии ќе биде да се истражуваат извори на вода на Месечината, да се опише површината на Месечината и да се развијат прецизни инструменти за мерење на радијацијата.
Берн - Швајцарската Влада денеска соопшти дека сака да ги зајакне контактите со САД за да се идентификуваат решенија за прашања кои посебно се однесуваат на трговијата, економијата и финансиите.
Во соопштението се наведува дека Владата одлучила да формира тело одговорно за координација на швајцарско-американските односи.
Царините кои САД и ги воведоа на Швајцарија се највисоки меѓу земјите на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), со 31 процент.
Брисел – Претставници на Европскиот парламент и на Советот на ЕУ рано изутринава постигнаа договор околу текстот на Предлог-регулативата за спречување на загадувањето со микропластика, која треба да обезбеди заштита на животната средина, но и да и овозможи на европската индустрија да продолжи да работи одржливо.
Предлагачот на регулативата, Европската комисија, го поздрави договорот, посочувајќи дека тој ќе овозможи да се намалат загубите на пластични маси при секојдневните работни процеси или при транспортот, кои завршуваат во животната средина, вклучително и во морињата.
Газа - Израелската армија денеска соопшти дека вчера извршила 45 воздушни напади во Појасот Газа и дека цели биле локации за производство на оружје, ракетни фрлачи, згради што ги користат милитантните групи и магацини за оружје.
Во военото соопштение се наведува дека нивните војници лоцирале и неколку отвори на тунели во областа Тел Султан, како и напредување во коридорот меѓу Рафа и Кан Јуниса.
Вашингтон - Компанијата „Мајкрософт“ размислува за нов бран отпуштања што би можел да започне уште во мај, според наводите на лица запознаени со внатрешните дискусии.
Лидерите на одредени тимови во компанијата разговараат за укинување на средните менаџерски позиции и зголемување на уделот на програмерите во однос на оние кои не се занимаваат со кодирање, дознава Бизнис Инсајдер од повеќе извори.
Њујорк – Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш вели дека Израел го прекршува меѓународното право со тоа што повеќе од еден месец не дозволува помошта да влезе во Газа.
-Газа стана полигон за убивање, изјави шефот на ОН, зборувајќи за влошената хуманитарна состојба.
Израел тврди дека нема недостиг од залихи во Газа и го обвинува Хамас дека хуманитарната помош ја користи за обнова на својата воена машинерија.
Санто Доминго - Најмалку 113 лица загинаа, а повеќе од 150 се повредени откако се урна покрив во ноќен клуб во главниот град на Доминиканската Република Санто Доминго, соопштија официјални лица.
Меѓу жртвите се и гувернерот на провинцијата и поранешен бејзбол-фрлач на големата лига, Октавио Дотел. Дотел (51) починал на пат кон болница откако бил извлечен од урнатините.
Инцидентот се случи во раните утрински часови вчера на концертот на популарниот пејач Руби Перез во ноќниот клуб Џет сет. Тој е меѓу загинатите во инцидентот, изјави неговиот менаџер.
Бразил - Бразилскиот министер за комуникации Жозе Фиљо поднесе оставка откако обвинителството го обвини за проневера на јавни средства за време на неговиот мандат како заменик, објавија шпанските медиуми.
Во отвореното писмо објавено од неговата партија Бразилска унија, Фиљо рече дека неговата оставка е „гест на почит кон владата и бразилскиот народ“ и се бранел од обвиненијата.
Претходно, Основното обвинителство го поднесе своето обвинение против Фиљо до Врховниот суд, кој сега ќе одлучи дали ќе ги прифати обвиненијата.
Техеран - Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денеска изјави дека Иран не развива нуклеарна бомба и дека не се противи на американските инвестиции во својата економија.
Пезешкијан ги повика американските инвеститори да инвестираат во економијата на Иран, наведувајќи дека иранскиот врховен лидер Али Хамнеи не е против тоа.
Иранскиот претседател не оспори дека постои можност за директни американски инвестиции во Иран доколку САД и Техеран постигнат договор за иранската нуклеарна програма.
Панама - Кинеската амбасада во Панама ги повика САД да ја прекинат политиката на „уцена“ и „ограбување“ на централноамериканската земја која управува со каналот меѓу океаните, додека Вашингтон го обвинува Пекинг за „загрозување“ на водениот пат, пренесуваат агенциите.
„Кина никогаш не учествувала во управувањето или експлоатацијата на Панамскиот канал и никогаш не се мешала во работите на овој воден пат“, се вели во соопштението на кинеската дипломатска мисија, во кое се обвинуваат САД за „уцена“ и „ограбување“ на Панама.
Бангкок - На Мјанмар и натаму му е потребна итна медицинска помош и помош во шатори по земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала што ја погоди земјата на 28 март, изјави тајландскиот министер за надворешни работи Марис Сангијампонгс.
Тој ја истакна важноста од координиран регионален ангажман за давање помош и долгорочна поддршка за Мјанмар.
Пекинг - Кинеските власти денеска ги повикаа своите државјани да избегнуваат конфликтни зони бидејќи украинските власти соопштија дека уапсиле двајца кинески државјани за кои се верува дека се бореле со руската армија во источна Украина.
„Кинеската влада секогаш ги повикуваше своите граѓани да се држат настрана од областите на вооружени конфликти, да избегнуваат вмешаност во вооружени конфликти од секаков вид, а особено да избегнуваат учество во воени операции од која било страна“, изјави Лин Џианг, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи.
Пекинг - Кина најави дека од утре ќе воведе дополнителни царини за стоки од САД.
Пекинг сега ќе го оданочува американскиот увоз со стапка од 84 отсто, што е зголемување од 50 отсто во однос на претходните кинески царини.
Одлуката доаѓа откако Америка претходно оваа недела воведе дополнителни 50 отсто царини за кинеска стока. Ова следи по двете претходни мерки, од 34 проценти и 20 проценти, така што вкупната американска царина за кинескиот извоз од утрината изнесува 104 проценти.