• понеделник, 10 март 2025
МИА Радио флеш

3 март 2025

Скопје - Во четвртиот квартал во однос на третиот квартал минатата година  трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување се зголемени за 0,7 проценти, трошоците за материјали се намалени за 0,3 проценти, а трошоците за вработените се зголемени за 3 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.

Во четвртото тримесечје од 2024 година, во споредба со четвртото тримесечје од 2023 година, трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување се намалени за 9 проценти, трошоците за материјали за 8,6 проценти, а трошоците за вработените за 9,8 проценти.

Скопје - Претседателот на Сојузот стопански комори (ССК) Трајан Ангелоски ќе биде панелист на отворањето на Берлинскиот економски форум (БЕФ) 2025 што ќе се одржува од 3-ти до 6 март. 

Како што информира СКК, тема на годинашниот БЕФ е „Меѓународен бизнис, одржливи инвестиции и еколошки проекти за унапредување на глобалниот развој, демократијата и мирот".

Скопје - Мерки на претпазливост кои вклучуваат привремено одземање возачка дозвола и забрана за нејзино издавање, забрана за напуштање на живеалиштето или престојувалиштето, обврска на осомничениот да се јавува на одредено службено лице во судот, како и привремено одземање на патна исправа за преминување на државна граница предлага јавен обвинител за 47-годишникот, кој вчера по полноќ со возило удрил во пешак во Скопје.

Како што соопшти денеска Јавното обвинителство против осомничениот е поведена истрага затоа што постои основано сомнение дека сторил – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 1 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.

Скопје - Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, беше гостин во вчерашното издание на неделниот магазин Детектор на ТВ Сител, министерот зборуваше за дигитализација на јавните услуги и за тоа колку министерството е препознаено од страна на граѓаните.

-Мислам дека ги оправдавме првичните очекувања, и како што гледаме според анкетата граѓаните ја препознаваат работата на министерството, и самите бројки ме радуваат затоа што покажуваат дека имаме уште за работа, но во исто време дека сме направиле значајни чекори напред. Во овие 9 месеци имаме 100 нови услуги и 25.000 нови корисници на порталот, олеснет пристап до порталот за лицата со попреченост, како и 2 нови Центри за услуги, изјави Андоновски.

Скопје - Врнежите од дожд и снег на повисоките места што деновиве ја зафатија земјава, се од големо значење за земјоделските култури. Како што велат агрометеоролозите од УХМР, побарувањата од вода се големи, влагата е потребна за пролетна подготовка на почвата за садење одредени култури, како и за успешно навлегување на посевите во период на пролетен развој.

Ниските утрински температури беа во границите на издржливост за културите.

-Ова е период кога почнува садењето на ранoградинарските култури. Тука спаѓаат некои листостеблени, коренови и лукови зеленчукови култури, а поголем дел од нив се отпорни на ниски температури. Раниот компир се сади по можност кога температурата на почвата на длабочина 10 сантиметри е околу 7-8 степени. Морковот е доста отпорен на ниски температури. Семето рти на 3-4 степени, младите растенија издржуваат мраз и температура до -4 степени. Повеќето се одгледуваат во пластеници и тунели. Исто и спанаќот е студоотпорно растение, добро вкоренети растенија издржуваат -10 степени, објаснуваат агрометеоролозите.

Атина - По масовните протест во петокот на над 380 локации во земјата и странство, железничката несреќа кај Темпи и понатаму е главна тема во Грција, особено што во текот на оваа седмица вниманието ќе биде насочено во Парламентот каде што ќе се расправа за формирање предистражна комисија за актуелен министер, а в среда ПАСОК ќе достави барање за гласање недоверба на Владата, јави дописничката на МИА од Атина.

Во петокот се одбележа двегодишнината од несреќата во која загинаа 57 лица, а протестот во Атина беше еден од најмасовните во земјата во изминатите години, додека пак ден претходно Националната управа за истрага на авионски и железнички несреќи и безбедност на транспортот го објави експертскиот извештај, по што лидерот на ПАСОК Никос Андруалкис најави дека в среда ќе достави предлог за гласање недоверба на Владата и ги повика „сите демократски опозициски партии да ја поддржат иницијативата“.

Брисел - Дури и по петочната трауматична епизода во Белата куќа, Европејците изгледа како се уште да не сакаат да ја признаат новата трансатлантска реалност и наместо да одат напред без американскиот претседател Доналд Трамп, тие губат од скапоценото време на Украина чекајќи го Вашингтон, оценуваат новинските аналитичари во Брисел во освртите на вчерашната европска лидерска средба во Лондон. 

Наспроти искажаната поддршка за Украина, според овие анализи, некои европски лидери му сигнализирале на Киев дека попрво би сакале да ги поправаат односите со Вашингтон, отколку да продолжат без САД. Во коментарите се оценува дека европските лидери дале многу ветувања, но малку конкретни одговори. 

Вашингтон - Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас изјави дека желбата на Брисел да соработува со Вашингтон се заснова на принципите за кои САД отсекогаш се залагале, а тоа се слободата и независноста, односно основните принципи на меѓународното право.

Калас за Си-Би-Ес изјави дека ЕУ заедно со САД предложиле резолуција за поддршка на Украина за која се гласаше во Обединетите нации минатата недела и која предвидува повлекување на руските трупи, но дека Вашингтон го променил ставот по разговорите со руската делегација и гласал против усвојувањето на таа резолуција.

Лондон - Франција и Велика Британија не се договорија за план за делумно примирје за Украина, изјави денеска британски министер, откако францускиот претседател Емануел Макрон рече дека тоа било предложено од двете нации.

„Не е постигнат договор за тоа како да изгледа примирјето“, изјави министерот за вооружени сили Лук Полард за радиото Тајмс.

Париз - Примирјето помеѓу Русија и Украина во воздух, на море и во енергетскиот инфраструктурен сектор може, доколку биде прифатен, да им овозможи на Киев и неговите сојузници да утврдат дали рускиот претседател Владимир Путин е навистина подготвен да ги започне преговорите за долгорочен мир, изјави денеска шефот на француската дипломатија, Жан-Ноел Баро.

Неговата изјава уследи откако францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Париз и Лондон предлагаат делумно едномесечно примирје.

Манила - Поради исклучителчно високи температури на воздухот во главнио град на Филипините, Манила затворени се речиси половина од училиштата, соопштија локалните власти.

Националната метеоролошка служба предупреди дека индексот на топлина (Heat Index), мерка за температурата на воздухот и релативната влажност, ќе достигне нивоа на „опасност“ во Манила и во две други области во земјата.

Вашингтон - Гувернерот на Јужна Каролина Хенри Мекмастер прогласи вонредна состојба во американската сојузна држава поради повеќе од 175 пожари кои досега изгореа 1.711 хектари земја.

Противпожарните екипи напредуваа во контролирањето на пожарот во областа Каролина Форест, западно од крајбрежното одморалиште Миртл Бич, каде на жителите им беше наредено да се евакуираат неколку населби, соопшти пожарникарската служба на округот Хори.

Токио - Огромен шумски пожар се шири во североисточна Јапонија, горејќи повеќе од 2.100 хектари од средата, а бројот на домови во опасност се зголемува, објавија денеска јапонските медиуми.

Пожарот во Офунато, префектурата Ивате, ги принуди жителите да се евакуираат.

Јапонскиот премиер Шигеру Ишиба вети дека „ќе ги искористи сите можности на противпожарната служба и силите за самоодбрана за да спречи пожарот да ги загрози домовите“.

 

 

Остани поврзан