• петок, 08 ноември 2024
МИА Радио флеш

23 август 2024

- Навидум разрешница на кризата во Градот Скопје за комуналните проблеми и недоволниот број на автобуси за превоз на патници. Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска имаше средба со координаторите на советничките групи, по која претседателот на Советот Трајко Славески кажа дека советничките групи на наредната седница на 29 август ќе ги поддржат дополнителните програми за работа на „Комунална хигиена“ за вработување на околу 120 лица, како и за средства за ЈСП со пренамена од друг проект со кои ќе се репарираат и стават во функција уште 30 автобуси.

Во изјава за медиумите, премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека ќе ги замоли советниците од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на следната седница на Советот на Град Скопје да ги изгласаат програмите за кои градоначалничката Арсовска тврди дека ги блокираат, но смета дека тоа нема ништо да смени.

- Поранешниот припадник на ОВК Блерим Рамадани избегал од куќен притвор со помош на полициски структури и вработени во институциите, обвини вчера опозициската СДСМ и побара од Владата и од МВР во рок од 24 часа да кажат кој го организирал и овозможил тоа. Власта, пак, ги повика ако имаат докази, да излезат и да ги презентираат, а таквите обвинувања ги оцени како интриги од опозициската партија, бидејќи во скандалот е вклучен како што велат, „партискиот судија Пајазит Пајазити“.

Пратеникот од опозициската СДСМ, Митко Трајчулески вчера на прес-конференција побара МВР да одговори дали станува збор за, како што кажа „партиско полициска организирана шема“ и „организирано пуштање на затвореникот во Косово во кое учествувале македонските институции“. Трајчулески рече дека доколку Владата и МВР во следните 24 часа не се одважат јавно да ја соопштат вистината за целата организација на бегството на Рамадани, СДСМ ќе ги објави сите информации кои ги добиле од „свиркачи“.

- Пожар синоќа ја зафати фабриката „Ником“ во Кавадарци. На терен интервенирала Територијалната противпожарна единица од Кавадарци со екипи на Комуналец, Шумското стопанство Бор, како и екипи од Велес и Неготино.

Утрово, од Противпожарната единица потврдија за МИА дека пожарот бил локализиран околу 01:30 часот, но нивна екипа останала на терен за да ја следи состојбата. 

- Кино на отворено ќе има вечер и во деновите од викендов во општина Кисела Вода, со  бесплатни филмски проекции во паркот „Македонија“ пред Домот на културата „Билјана Беличанец”.

Како што информира Општина Кисела Вода, во трите вечери со почеток во 21 часот ќе бидат прикажани современи филмови од македонски автори наградувани на реномирани меѓународни филмски фестивали.

- Со портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ за германската поетеса Катрин Пиц, „Браќа Миладиновци“ за македонската поетеса и книжевен теоретичар Катица Ќулавкова и „Млада Струга“ за Филипа Сара Попова денеска продолжува програмата на 63. издание на „Струшките вечери на поезијата“.

Во рамки на програмата предвидени се и поетски читања на поетите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, промоција на преведеното издание на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци" за 2023 година и на Антологијата „Од поети за поети“, чествување на годишнините на петмина македонски поети, како и поетско кафе „Версополис“.

- Во пожар во Нови Сад што избувна утрово во семејна куќа загинаа шест луѓе, меѓу кои четири деца. „Во пожарот што избувна утринава, околу три часот, во куќата на улицата „Ѓорѓа Дера“, загинаа шест лица, меѓу кои четири деца на возраст од две до седум години“, изјави српскиот министер за внатрешни работи.

Сите жртви се од едно семејство. Децата биле на возраст од седум, пет, четири и две години. Пожарот е изгаснат, а полицијата и јавниот обвинител извршиле увид на местото на трагедијата. Според првичните информации, пожарот најверојатно го предизвикал скутер што бил приклучен на електричната мрежа. 

- Вулкан на југозападот на Исланд, на полуостровот Рејкјанес, повторно еруптираше синоќа, шести пат од декември, исфрлајќи лава. Ерупцијата започна по 21 часот, по серија силни земјотреси. Исландските власти соопштија дека ерупцијата не претставува закана за населението.

Началникот за временски прилики и клима во Норвешката метеоролошка агенција, Халдор Бјорнсон, за исландскиот новински портал „Висир“ изјави дека, за разлика од претходните ерупции, токот на лавата не оди кон градот Гриндавик, кој беше евакуиран во декември кога дојде до ерупција по 800 години мирување на вулканот.

- Индискиот премиер Нарендра Моди денеска ќе ја посети Украина, каде ќе се сретне со претседателот Володимир Зеленски, во прва посета на индиски премиер на Киев откако Украина стекна независност од СССР во 1991 година.

Посетата е во клучен момент во војната во Украина, кога украинските сили се уште остануваат во западниот дел на руската област Курск по нивната инвазија на 6 август, а руските трупи полека, но стабилно напредуваат во источна Украина.

- Военовоздухопловната база на НАТО во германскиот град Гајленкирхен го зголеми нивото на безбедност врз основа на разузнавачки информации кои откриваат потенцијална закана.

„Целиот основен персонал, освен оние кои учествуваат во мисија, е испратен дома како мерка на претпазливост“, се наведува во изјава на социјалната мрежа Икс. Во изјавата се додава дека безбедноста на персоналот е приоритет и дека операциите продолжуваат според планот.

- Кина и Белорусија се согласија да ја зајакнат соработката во низа сектори, вклучувајќи трговија, безбедност, енергетика и финансии, се наведува во заедничка изјава објавена по средбата на кинескиот премиер Ли Чијанг и белорускиот премиер Роман Головченко во Минск.

Во изјавата се наведува дека двете земји ќе ја зајакнат соработката во индустриските синџири на снабдување и ќе продолжат со олеснување на трговијата за да се намалат трошоците за двете страни.

- Соединетите Американски Држави планираат да испратат 125 милиони долари воена помош на Украина, во услови на тековната војна со Русија.

Според извори од администрацијата на претседателот Џо Бајден, пакетот помош вклучува различни одбранбени системи, вклучувајќи ракети за воздушна одбрана, муниција за системите HIMARS, анти-оклопни ракети, технологии за против-дронови и ракети „Џавелин“.

- Во следните денови во неколку делови на Грција постои многу висока опасност од пожари, а министерот за климатски кризи и цивилна заштита Василис Кикиљас апелираше сите да бидат максимално внимателни, јави дописничката на МИА од Атина.

Кикиљас објасни дека според надлежната комисија за оцена на опасностите денеска и за време на викендот во централна и јужна Грција, делови од Пелопонез и на островите во Егејското море ќе преовладуваат тешки временски услови со силен ветер што ќе достигне до шест и седум Бофори и дополнително ќе се зајакне в недела.

- Камала Харис ја прифати номинацијата од Демократската партија на партискиот конгрес во Чикаго, што ја направи официјален кандидат на партијата за претседателските избори во САД на 5 ноември.

„Во име на Американците, како оние со кои пораснав, луѓе кои напорно работат, ги следат своите соништа и се грижат еден за друг, во име на сите оние чии приказни може да се напишат само во најголемата нација на светот, ја прифаќам вашата номинација да станам претседател на Соединетите Американски Држави“, изјави Харис пред присутните на конгресот.

- Најмалку седум лица загинаа во пожар што избувна во хотел во Јужна Кореја во текот на ноќта, соопштија јужнокорејските медиуми, пренесе германската новинска агенција ДПА.

Пожарот избувнал синоќа во градот Бучеон, предградие западно од главниот град Сеул, пренесе јужнокорејската новинска агенција Јонхап.

- Стејт департментот одобри можна продажба на напредни ракети воздух-воздух со среден дострел и придружна опрема на Норвешка и Романија, за проценета вредност од 405 милиони долари, односно 592 милиони долари, објави Пентагон.

Претходно оваа недела Пентагон објави дека Стејт департментот одобрил евентуална продажба на беспилотни летала и ракети „Патриот“ на Италија и Германија во вредност од неколку милиони долари. Стејт департментот даде зелено светло за можна продажба на до 600 ракети „Патриот“ на Германија за проценета цена од пет милијарди долари, а главен изведувач ќе биде компанијата „Локид Мартин“, како и за евентуална продажба на МК- 9 беспилотни летала Reaper за Италија за проценета цена од 738 милиони долари, додека изведувач ќе биде General Anatomics.

- Канадската влада ќе објави што е можно поскоро намера како да го реши прекинот на товарниот железнички сообраќај низ целата земја, изјави премиерот Џастин Трудо.

Две од големите канадски железнички компании вчера ја прекинаа работата поради спор со договор со нивните работници. Тоа предизвика невидена истовремена железничка блокада што може да предизвика економска штета од милијарди долари и да ги разниша северноамериканските синџири на снабдување.

Остани поврзан