МИА Радио флеш
- 11 септември 2024
11 септември 2024
- Политички дијалог на високо ниво „Предизвици и можности во процесот на проширување на листата на лекови кои се на товар на Фондот за здравствено осигурување“ ќе се одржи денеска, во 9:30 часот, во Свечената сала на Владата.
Како што информира владината прес-служба, на отворениот дел од настанот воведни обраќања ќе имаат премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство Арбен Таравари, Наташа Азопарди Мускат, директор за здравствени политики и системи во регионалната канцеларија на СЗО за Европа и Аким Али, претставник на СЗО за Северна Македонија.
- Собранието денеска треба да ја започне 14. седница на која на предложениот дневен ред се 31. точка, меѓу кои Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за локалната самоуправа, по скратена постапка, со којшто, меѓудругото, се предвидува вршителот на должност градоначалник во општините каде по сила на закон им престанал мандатот на избраните градоначалници да можат да ја извршуваат оваа функција до изборот на нов прв човек на општината.
За да се изгласа овој закон потребно е двотретонско мнозинство. Според информациите од Собранието, пратениците на ДУИ ќе го поддржат законот, а пратеничката група на СДСМ до вчера доцна попладне немаше се уште изградено став како ќе гласа на седницата за овој закон.
-Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити за време на официјалната посета на САД се сретна со американскиот помошник-секретар за енергетски ресурси Џефри Рос Пајат.
Како што соопшти Министерство за животна средина и просторно планирање, Меџити информира дека на оваа средба, на која бил придружуван од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, се разговарало за состојбата со енергетските ресурси во земјава и долгорочните планови за инвестиции во овој витален економски сектор.
- Влезниците за претстојното издание на традиционалниот Скопски џез фестивал, што годинава ќе се одржи од 17 до 20 октомври 2024 година, од денеска се достапни на билетарницaтa на Националната опера и балет и онлајн на МКтикетс.
Според програмата, Фестивалот годинава ќе го отвори популарната џез-пејачка и трикратната Греми лауреатка Сесил Меклорин Салвант од САД со нејзинио квартет во кој, меѓу другите, членува и еден од водечките американски џез-пијанисти, Саливан Фортнер.
- Во Тирана денеска почнува тридневен Самит на жените од Авганистан, што е најголема средба на активистки за човекови права на жени и девојки од Авганистан во последните три години.
Самитот се одржува под покровителство на албанската Влада и е во организација на „Жените за Авганистан (WFA)“, во соработка со владите на Шпанија и Швајцарија.
- Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека ќе консолидира силен глобален одговор на која било сила што ги помага руските воени напори и го поттикнува или продолжува конфликтот меѓу Киев и Москва.
- Сакам да им кажам на сите во светот кои сè уште сакаат некако да му помогнат на (рускиот претседател Владимир) Путин: Ќе направиме се не само да ја одбраниме нашата земја и народ, туку вистински да го консолидираме светот за силни одговори на поттикнување на војната или какви било обиди за нејзино продолжување, рече Зеленски во своето вечерно видео обраќање.
- Полска вчера излезе со силна критика за планот на германската Влада да воведе привремени контроли на сите германски копнени гранични премини за борба против илегалната миграција.
-Тој пристап е неприфатлив, изјави полскиот премиер Доналд Туск во Варшава, додавајќи дека овие мерки всушност ќе значат суспензија на Шенген зоната.
- Венецуелскиот претседател Николас Мадуро денеска изјави дека ја почитува одлуката на лидерот на најголемата опозициска коалиција Едмундо Гонзалес Урутија да ја напушти земјата и да замине во Шпанија, откако му беше одобрено барањето за азил.
-Можам да ја покажам сета почит за одлуката што ја донесовте, рече Мадуро во телевизиско обраќање, пренесува EFE.
- Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп изјави дека неговиот настап на првата предизборна телевизиска дебата со демократската противкандидатка Камала Харис бил најдобар досега, истакнувајќи дека оваа „важна“ дебата покажала колку демократите се „слаби“.
- Беше многу интересно и се покажа колку се слаби, колку се патетични, изјави Трамп веднаш по дебатата на телевизијата Еј-Би-Си Њуз. Поранешниот американски претседател нагласи дека дебатата всушност била „три против еден“, алудирајќи на тоа дека модераторите наводно биле на страната на демократката Камала Харис.
- Најмалку 33 лица се уапсени, а околу 20 полицајци беа повредени во судирите за време на пропалестинските протести во Мелбурн. Околу 1.200 луѓе учествуваа на протестот пред местото на Меѓународната изложба за копнена одбрана, извикувајќи пропалестински слогани и веејќи палестински знамиња, соопштија властите.
„На дваесетина полицајци им беше потребна медицинска помош, а 33 лица беа уапсени за злосторства, вклучително и напад, попречување на полицијата, подметнување пожар и блокирање патишта“, соопшти полицијата.
- Во налетите на тајфунот Јаги во Виетнам загинаа 143 лица, а 58 се водат за исчезнати , соопштија денеска локалните власти.
Обилните дождови предизвикаа големи разурнувања во неколку региони во Виетнам, уништувајќи куќи и оштетувајќи ја инфраструктурата, пренесуваат виетнамските медиуми.
- Американскиот претседател Џо Бајден денеска изјави дека неговата администрација „во моментов одлучува“ дали САД ќе ги укинат ограничувањата за употреба на оружје со долг дострел од Украина во војната против Русија.
Британските медиуми наведуваат дека САД се двоумат да испорачаат или да санкционираат употреба на оружје што би можело да погоди цели длабоко во Русија поради страв дека би можело да го ескалира конфликтот.
- Претседателската кандидатка на американските демократи, Камала Харис, го покани републиканскиот противкандидат, Доналд Трамп, на нова, втора предизборна дебата во октомври, помалку од еден час по завршувањето на првата дебата меѓу двајцата кандидати на ТВ Еј-Би-Си Њуз (ABC News).
„Под силните светла, американскиот народ го виде изборот со кој ќе се соочи оваа есен на гласачките места, помеѓу напредување со Камала Харис и уназадување со Трамп. Тоа го видоа вечерва и што треба да го видат на втората дебата во октомври“, се наведува во соопштението на кампањата на Камала Харис.
- Сенатот на Мексико ја продолжи расправата за контроверзните судски реформи на алтернативна локација, откако демонстрантите упаднаа во салата на Сенатот среде седницата.
Демонстрантите насилно влегоа во зградата на Сенатот додека траеше дебатата, со што ескалираа неколкунеделните масовни протести против реформите, за кои критичарите стравуваат дека може да го поткопаат владеењето на правото во земјата.
- Изаелските борбени авиони во текот на ноќта погодиле околу 30 ракетни фрлачи на Хезболах и друга инфраструктура во јужен Либан, соопшти денеска израелската армија.
Според ИДФ, нападите биле извршени во градовите Џебеин, Накура, Деир Серијан и Зибкин, објави „Тајмс оф Израел“.
- Палестинците првпат зазедоа место меѓу земјите-членки на Генералното собрание на ОН, ново право што ѝ беше дадено на делегацијата и покрај тоа што не е полноправна членка на телото.
Во мај, огромно мнозинство од Генералното собрание потврди дека Палестинците заслужуваат полноправно членство, потег што беше блокиран од САД.