• недела, 27 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Радио флеш

28 март 2025

Скопје  - Земјотрес чиј епицентар потекнува од пограничното епицентрално подрачје Битола - Лерин, во Република Грција, на 125 километри јужно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда ML3.4, е регистриран утрово во 06 часот и 04 минути.

Според досегашните податоци со кои располага Сеизмолошка опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, земјотресот е почувствуван во Битола и блиската околина со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

Скопје - Најмногу врнежи изминатите 24 часа имало во Пожар, 42 литра на метар квадратен, а најмалку во Прилеп и Охрид, 12. До седум часот утрово се измерени и 40 литри на единица површина во Демир Капија, 35 во Струмица, 34 во Штип и Ѓуриште, 31 во Попова Шапка, 25 во Крива Паланка и Маврови Анови, 24 во Гевгелија, Виница и Пожаране, 22 во Берово и Лазарополе, 21 во Крушево, 18 во Скопје-Петровец, 17 во Битола, Велес, Тетово, Кавадарци и Претор, како и 15 во Тополчани.

Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд. Процесите ќе бидат поинтензивни особено во источните делови, каде ќе бидат во форма на невреме со пообилен пороен дожд, појава на грмежи и засилен ветер. Дневната температура ќе биде од 12 до 19 степени.

Скопје - Пратениците на Левица ќе донираат повеќе од половина од својата мартовска плата во знак на солидарност со семејствата на загинатите во трагичниот настан во Кочани.

-Оваа одлука ја носиме свесни дека вистинската поддршка не треба да се темели на индивидуални гестови, туку на системски решенија што ќе обезбедат сигурност и социјална правда за сите граѓани и ќе излезат во пресрет за погодените. Дополнително, сметаме дека поради двонеделната неактивност на Собранието, која е резултат на политичка отуѓеност, пратениците немаат морално право да ја примат целата плата во месецот во кој не ја извршуваа својата должност во полн капацитет. Во исто време, сведоци сме на луксузирањето и развратот на Владата, додека народот се бори со трагедии и економска несигурност, соопшти партијата.

Скопје - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани и амбасадорот и шеф на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Михалис Рокас, денеска презентираат мерки од Планот за раст за Западен Балкан и Реформската агенда 2024-2027 за Северна Македонија.

На презентацијата во Медија центарот на Владата ќе бидат претставени конкретните активности од Реформската агенда, како и Планот за комуникација и видливост на Планот за раст за Западен Балкан и Реформската агенда 2024 - 2027 на Северна Македонија.

Скопје - Во Касарната „Илинден“ во Скопје денеска ќе се одбележи 5. годишнината од пристапувањето на Република Северна Македонија во НАТО Алијансата.

По тој повод свое обраќање ќе имаат претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајот Сашко Лафчиски и командантот на здружената команда на сојузничките сили во Неапол, адмирал Стјуарт Манч.

Скопје - Сојузот на синдикати на Македонија денеска треба да се изјасни за следните чекори што ќе ги преземе во однос на минималната плата откако во вторникот Владата ја усвои информацијата дека минималната плата ќе се зголеми за 1.800 денари во нето износ согласно законски утврдените критериуми. Се очекува седница да одржи Претседателството на синдикатот на која ќе се разговара за натамошните чекори.

Според ССМ, одлуката на Владата не е законска затоа што согласно член 4 став 5 од Законот за минимална плата, министерот за труд и социјална политика, по претходно мислење од Економско-социјалниот совет, ја објавува висината на минималната плата во бруто износ. Како што посочуваат од синдикатот, ова не е испочитувано, односно не е одржана седница на ЕСС.

Скопје - Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) денеска ќе ја одржи 16-та седница на која на дневен ред се годишните извештаи за работата на Комисијата за 2024 година, како и за спроведување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025 за истиот период. 

На седницата е предвидено членовите да постапуваат и по конкретни предмети.

Скопје - На Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ)  денеска ќе бидат промовирани дипломирани и магистрирани студенти во академската 2023/24 година. На настанот ќе се обрати министерката за образование и наука  Весна Јаневска.

ФИНКИ е во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, основан во  2011 година.

Белград - Авион на Владата на Република Српска слета утрово на аеродромот во Белград и во него според српски босански медиуми, се наоѓа претседателот на РС, Милорад Додик, јави МИА од Белград. 
Авионот полетал од Израел синоќа околу 22.30 часот, наведуваат медиумите цитирајќи податоци од веб-страницата ADSBexchange, каде се следи глобалниот воздушен сообраќај во реално време.

Ерусалим - Лидерот на босанските Срби Милорад Додик вчеравечер  потврди дека организаторите на конференцијата за борба против антисемитизмот, што се одржува во Ерусалим, на самата средба практично го прогласиле за непожелна личност, поради што бил принуден да ја напушти.

Додик ова го изјави за израелскиот весник „Џерусалем Пост“ во текст што е достапен на веб-страницата и во кој се наведува дека бил принуден да ја напушти конференцијата за антисемитизам во Ерусалим по само еден час од нејзиниот почеток, наводно откако израелските власти го информирале дека неговото присуство е дипломатски проблематично затоа што Судот на Босна и Херцеговина наредил распишување меѓународна потерница против него.

Париз - Украинскиот претседател Володимир Зеленски оцени дека вчерашниот самит за поддршка на Украина во Париз е многу „мотивирачки“ и порача дека Украина нема да се откаже од својата независност. 

„Мислам дека самитот беше многу мотивирачки... Мислам дека мојот дијалог со лидерите е мотивирачки. Мислам дека сите лидери се полни со енергија. Мислам дека лидерите не не напуштаат, туку ќе ја поддржат Украина. Ова е лош сигнал за (рускиот претседател Владимир) Путин“, рече Зеленски на прес-конференцијата по лидерската средба за поддршка на Украина и безбедноста во Европа, пренесува украинскиот Интерфакс.

Берлин - Руски извидувачки авион денеска се приближи до североисточниот брег на Германија пред да се врати во Русија, придружуван од германски борбени авиони, соопшти германското воздухопловство, потврдувајќи ја веста на весникот Билд.

„Денеска беше активирано предупредување за брз одговор“во воздухопловната база во близина на Росток на североисток на балтичкиот брег, се наведува во соопштението на германското воздухопловство.

Москва - Рускиот претседател Владимир Путин синоќа рече дека треба да се смета како опција ставањето на Украина, која тој ја нападна во 2022 година, под администрација на Обединетите нации за да се овозможи одржување нови избори во земјата.

- Таква практика постои и во принцип, се разбира, може да се разговара за можноста за привремена администрација на ОН со САД, европските земји и, се разбира, и со нашите партнери и пријатели, рече Путин за време на состанокот со војниците на нуклеарна подморница во базата во Архангелск.

Париз - Француското обвинителство вчера побара седумгодишна затворска казна и парична казна од 300.000 евра за поранешниот претседател Никола Саркози, кој се соочува со обвиненија за незаконско финансирање на кампањата од режимот на сега починатиот либиски владетел Моамер Гадафи.

На Саркози му се суди од јануари под обвинение за прикривање на проневера на јавни средства, пасивна корупција, незаконско финансирање кампања и криминален заговор за извршување кривично дело.

Москва - Рускиот претседател Владимир Путин синоќа изјави дека ќе го зајакне военото присуство на Русија на Арктикот, предупредувајќи дека американскиот претседател Доналд Трамп е „сериозен“ во намерата да го преземе Гренланд.

Путин рече дека притисокот на Трамп за контрола над Гренланд не е изненадувачки со оглед на долгогодишниот интерес на САД за територијата богата со минерали.

Канбера - Австралискиот премиер Ентони Албанезе распиша парламентарни избори за 3 мај, а гласањето ќе биде во заднината на несогласувањата за климатските промени, нуклеарната енергија и пазарот за недвижнини.

По речиси десет години во опозиција, централно-левичарската Лабуристичка партија на Ентони Албанезе дојде на власт во мај 2022 година со тесно мнозинство од 77 од вкупно 151 пратеници во Долниот дом на австралискиот Парламент и 40 од 76 претставници во Сенатот.

Вашингтон - Управувањето на Украина го одредува нејзиниот Устав и народот на земјата, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа коментирајќи ги изјавите на рускиот претседател Владимир Путин, кој предложи воспоставување привремена администрација во Украина.

Засега нема коментар од Украина во врска со изјавата на Путин. Рускиот претседател Владимир Путин синоќа рече дека треба да се смета како опција ставањето на Украина, која тој ја нападна во 2022 година, под администрација на Обединетите нации за да се овозможи одржување нови избори во земјата.

Вашингтон – Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и неговата сопруга Уша денеска патуваат за Гренланд, потег што поттикна дипломатски тензии, јави ДПА.

Посетата доаѓа во време кога американскиот претседател Доналд Трамп продолжува да изразува интерес за ставање на арктичкиот остров богат со ресурси под контрола на САД, потег што се соочи со силен отпор од гренландските лидери.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека ја повлекува номинацијата на Елиза Стефаник за амбасадор во Обединетите нации бидејќи републиканците мора да го задржат тенкото мнозинство во Конгресот за да ја унапредат неговата агенда „Америка на прво место“.

Републиканската конгресменка Елиза Стефаник е близок сојузник на Трамп на која тој и ја додели улогата во ОН помалку од една недела по победата на изборите во ноември.

Нејпидо - Земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Мјанмар, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC), додавајќи дрека набрзо следел уште еден силен потрес од 6,4 степени според Рихтер.

Британските медиуми јавија дека епицентарот на потресот бил во близина на градот Мандалеј, на длабочина од 10 километри, а се случил утринава во 6 часот и 20 минути.

Вашингтон - Технолошкиот милијардер Илон Маск, кого американскиот претседател Доналд Трамп го ангажира за да ја намали бирократијата на владата, синоќа изјави дека најголемиот дел од работата за намалување на федералните трошоци за 1 трилион долари ќе биде завршена до крајот на неговиот мандат, односно за 64 дена.

Маск за Фокс њуз изјави дека верува дека неговиот Оддел за владина ефикасност (ДОГЕ) може да заштеди 1.000 милијарди долари, намалувајќи го сегашното вкупно ниво на федерални трошоци, што е приближно 7.000 милијарди долари, на 6.000 милијарди.

Нук - Пратениците на Гренланд вчера се согласија за формирање на нова влада, здружувајќи се во  отпорот кон напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да го анектира островот.

Четири од петте партии избрани во парламентот на Гренланд се согласија да формираат коалиција која ќе има 23 од вкупно 31 место во законодавниот дом. 

Газа – Хамас е подготвен за конкретни преговори со цел да се стави крај на војната во Појасот Газа, а палестинската страна сериозно пристапи кон сите предлози кои би довеле до крај на конфликтот, изјави вчера Махмуд Мардави, официјален претставник на групата.

- Израел се откажа од договорот, ги прекрши ветувањата кон посредниците и ја продолжи кампањата на убиства и ескалација, рече тој.

Вашингтон - Американскиот државен секретар Марко Рубио соопшти дека разговарал со турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, кому му изразил загриженост за „нестабилноста“ што се гледа во Турција по апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу.

Рубио рекол дека Турција има внатрешно-политички проблеми и Вашингтон нема да ги коментира.

Тел Авив/Бејрут - Израелската војска утринава соопшти дека пресретнала два проектила насочени кон северен Израел од правец на Либан, јави ДПА.

„Две ракети беа истрелани од Либан кон Израел. Едната од ракетите беше пресретната, додека втората падна на либанска територија“, рече Авичај Адраи, портпарол на израелската армија за арапското говорно подрачје на X.

Остани поврзан