5 ноември 2024
Скопје - Министерството за одбрана ги следи сите безбедносни предизвици што постојат, а како членка на НАТО важно е и да соработуваме со сите наши партнери и да ја модернизираме Армијата за што годинава ќе бидат издвоени повеќе од 2 отсто од буџетот. Со исполнување на нашиот повеќегодишен стремеж за членство во ЕУ, ќе се подобри и колективната безбедност. Владата денеска на затворена седница ќе одлучува и за нов пакет помош за Украина.
Ова го изјави министерот за одбрана Владо Мисајловски на конференцијата на високо ниво, по повод одбележување на 75-годишнината од формирањето на Алијансата „НАТО - 75 Години единство, соработка и колективна одбрана: Безбедносни предизвици за Европа“.
-Ќе продолжиме да помагаме, затоа сме пријатели. Со ова не завршува на помошта, ќе продолжиме и во наредниот период се разбира се она што ние можеме да помогнеме, но она што ни треба нам да го задржиме. Како четврта земја по контрибуција во НАТО мора да продолжиме да помагаме но мора да гледаме да ја модернизираме нашата Армија. Тоа е една од нашите обврски како земја членка во НАТО, односно да ја развиваме лесната пешадиска баталјонска група. Следната година не очекуваат многу проекти, да завршиме огромни договори, како за лесни оклопни возила со САД. Тоа е еден од подобрите проекти за кој треба да се одвојат сериозни средства од буџетот. Тоа се ЏЛТВ возилата и страјкерите, кои дел се пристигнати а следната година ќе пристигнат сите, и ќе бидат голем придонес за Армијата. Исто така, имаме повеќе договори за ПВО, за хаубици што навистина ќе помогнат во модернизација на Армијата. Тоа е многу важно бидејќи ние имаме обврска кон НАТО како земја членка да постигнеме и квалитативни, но и квантитативни цели што ни се зададени постојано да ги исполнуваме. Но, сето ова е поврзано со буџет, драго ми е што за следната година буџетот ќе биде над 2 проценти, што е многу важно за одбраната, рече Мисајловски.
Скопје - Во заедничка организација на Парламентарното собрание на НАТО и НАТО, денеска и вчера се одржал редовниот брифинг за новоизбрани пратеници во седиштето на Алијансата во Брисел.
На состанокот учествувале пратеници од девет земји членки и пет асоцијативни делегации, кои прв пат се дел од телата на Парламентарното собрание, меѓу кои и делегацијата од Собранието во состав Драган Ковачки, шеф на делегацијата во ПС на НАТО, Беким Сали и Славјанка Петровска, членови на делегацијата.
Како што денеска соопштија од собраниската прес-служба, настанот бил уникатна можност учесниците изворно да се информираат за начинот на функционирање и соработката меѓу парламентарниот и владиниот дел на Алијансата, како и за нејзините актуелните приоритети, политики и идни предизвици во пресрет на Самитот на НАТО во Хаг следната година.
Скопје — Југоисточна Европа, за жал, останува фокална точка за незаконско тргување со оружје и криумчарење мигранти и сите сме свесни за озогласената балканска рута. Согласно глобалниот Индекс за организиран криминал од 2023 година, трговијата со оружје во овој регион е на повисоко ниво отколку во Европа. Во овој регион се криумчарат нелегални оружја и мигранти кон Европа и затоа, во овој контекст, потребно е итно спречување на малото и лесно оружје, посочи шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, на денешната конференција организирана од ОБСЕ и Министерството за внатрешни работи, посветена на соработката меѓу полицијата и царината за трговија со оружје и криумчарење мигранти во Југоисточна Европа.
Амбасадорот Вал истакна дека ова е еден од најголемите проекти на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, вреден повеќе од осум милиони евра, а целта е подобрување на механизмите за размена на информации во реално време и подигнување на јавната свест за ризиците од ваквите активности.
Скопје - Со усвојување на предлог-законското решение на СДСМ за укинување на ДДВ на основните производи храна, граѓаните ќе може да заштедат и до 2.000 денари месечно, истакна пратеничката од СДСМ Јована Тренчевска.
Таа посочи дека со законското решение се опфатени над 250 категории на производи за кои ДДВ ќе се намали од 5 проценти на нула.
- Тоа ќе даде реален ефект и вистински ќе ги намали малопродажните цени на прехранбените производи, со што ќе се намали и вредноста на потрошувачката кошница. Учеството на храната и пијалакот во потрошувачката кошничка изнесува 23.000 денари, што значи ефектите од оваа мерка со заштеда и до 2.000 денари ќе влијае на заштита на стандардот на граѓаните и состојбата на семејните буџети, рече Тренчевска.
Таа смета дека од законското решение бенефит ќе имаат граѓаните, а воопшто нема да ги оптоваруваат компаниите.
Скопје - Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата нема да го прифатат законското решение поднесено од СДСМ, бидејќи е несериозно и не решава ниту еден проблем, соопшти денеска пратеничката од владејачкото мнозинство Драгана Бојковска.
- Напишано брзоплето, без никаков аргумент и економска логика, што впрочем можеше да се види и од излагањето на колешката Јована Тренчевска. Истите оние што ја разурнаа македонската економија и што животниот стандард на граѓаните го донесоа на дното, сега со лажна грижа нудат решенија што не можат да го подобрат животот на луѓето. Нов ден – ново економско промашување од партијата на богаташот од Дубаи. Најверојатно на пауза во хотелот „Хилтон“ во Дубаи ја добиле идејата за да поднесат законско решение коешто и самите четирипати го отфрлија во минатиот мандат, вели Бојковска.
Таа потсети дека претходната власт го покачи ДДВ на над 2.000 прехранбени производи.
Бојковска им порача на социјалдемократите дека доколку сакаат навистина да им помогнат на граѓаните, единствено што треба во моментот да направат е да гласаат за Буџетот за 2025-та година.
Скопје - Цените на угостителските услуги во октомври во споредба со септември бележат зголемување од 1,1 процент, а во однос на октомври лани зголемување за 6,1 процент.
Податоците што денеска ги објави Државниот завод за статистика покажуваат дека кумулативниот индекс на цените на угостителските услуги во периодот јануари – октомври во однос на истиот период лани е зголемен за 5,6 проценти, а во однос на декември минатата година за 3 проценти.
Скопје - Должност наша е да зборуваме, размислуваме и пишуваме македонски, да го сакаме својот јазик, својот народ и својата култура. Ние има со што да се гордееме оти земјата македонска создала многу великани. Тие се нашето културно богатство и инспирација. Тие се нашите учители и нашиот национален белег, тоа е нашиот голем поет Анте Поповски. Ова е кусото резиме кое произлезе на завршниот настан по работилниците од проектот „Поезија во фармерки“, одржани од април до октомври годинава, во библиотеката на СУГС Гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, во рамките на меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.
На работилниците учествуваа 30 талентирани ученици од шест скопски средни училишта, гимназиите „Јосип Броз Тито“, „Раде Јовчевски Корчагин“, „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Георги Димитров“ и „Димитар Влахов“.
Како што соопштија од тимот на „Антево перо“, целта на проектот „Поезија во фармерки“ беше да ги инспирира, мотивира и вклучи средношколците во процесот на приближување до македонската поезија, да ги поттикне да мислат, читаат, пишуваат и живеат со јазикот на својата родина и да негуваат култ кон книгите и вистинските духовни вредности, што е основна цел и начело на целокупното дело на Анте Поповски.
Скопје - На Правниот факултет на УКИМ денеска беше промовирана книгата „Антидискриминациско право“ - коавторски труд на проф.д-р Лазар Јовевски, д-р Жанета Попоска и д-р Јулиус Ростас. Наменета е како учебник за студентите од правните факултети, но и за едукација на пошироката јавност за поимот дискриминација и нејзино превенирање.
Универзитетскиот учебник опфаќа теми поврзани со прашања за (не)еднаквоста, дискриминацијата, мобингот и дискриминацијата во работните односи.
- Генерално, прашања поврзани со аспектите на дискриминаторско однесување во различни сфери од секојдневното живеење. Станува збор за учебник кој е единствен од таков вид во Македонија, но и пошироко во регионот, чија поддршка ја овозможи Советот на Европа, како и Правниот факултет „Јустинијан Први“ и Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, изјави проф. Јовевски, еден од авторите на учебникот.
Скопје - Министерот Борко Ристовски во име на Министерството за спорт и генералниот директор на Државната Видеолотарија на Македонија - Касинос Австрија ДОО Скопје, Костадин Каракабаков, денеска потпишаа меморандум за соработка во дејноста спорт.
Според меморандумот, во иднина нема да има спортски ликови на рекламите за обложување.
- Ова е еден чекор што најпрво ќе ја продлабочи нашата соработка и за мене е посебно важно што во иднина ќе промовираме вистински вредности кои се важни за спортот и за нашето општество. Свесни сме дека во изминатите години целата оваа работа генерално, со казина, со обложувалници и со брзи кредити, излезе малку од контрола. Горд сум што успеавме заеднички, во рамките на овој меморандум да ставиме рамка, тука не зборувам за законска, туку за етичка и морална. Овој меморандум значи разбирање меѓу двете страни и подразбира етички и морален однос во кој спортистите - поранешни, сегашни или млади таленти, нема да бидат директно користени за било какво рекламирање на казина и игри на среќа. Спортистите ќе може да бидат вклучени во промовирање на спортски игралишта како и на настани поврзани со спортот и промоција на вистинските вредности поврзани со спортот, почитувајќи ги принципите на морал, етика и одговорност кон општествените вредности. Тоа беше најважниот сегмент што сакавме да го постигнеме со оваа иницијатива покрената од Министерството за спорт за која наидовме на разбирање од Државната Видеолотарија на Македонија – Касинос Австрија и ова е убав почеток на идна соработка, изјави министерот Ристовски.
Државната Видеолотарија на Македонија - Касинос Австрија ДОО Скопје, се обврзува да се воздржи од ангажирање на општествено препознатливи личности во ликот на поранешни и активни врвни спортисти во свои рекламни кампањи во делот на директно рекламирање и промоција на производи кои се однесуваат или поттикнуваат обложување и коцка.
Скопје – Гласав на денешните Претседателски избори во САД и како и сите Вие очекувам да видам кој ќе победи што значи дека заедно ќе продолжиме да следиме што ќе се случи, истакна денеска во Скопје американската амбасадорка Анџела Агелер.
-Како амбасадор во Македонија мојата порака е дека е од витална важност секој граѓанин да излезе да гласа. Гласањето во демократијата е света одговорност и огромна привилегија. Јас гласав. Се надевам и очекувам дека ќе има мирна и фер транзиција на власта. Тоа е она што го очекуваме сите и се надеваме дека така и ќе биде, рече Агелер во изјава за медиумите за коментар за нејзините очекувања од денешните Претседателски избори во САД, дадена на паузата на „Конференција на високо ниво за соработка меѓу полицијата и царината за мало и лесно оружје и за криумчарење мигранти во Југоисточна Европа“ што денеска беше отворена во Скопје во организација на ОБСЕ.
Таа одби да ја коментира изјавата што неодамна ја даде Стејт департментот дека е можно САД да биде медијатор во нашите преговори со Бугарија за продолжување на европската агенда, по конституирањето на новата бугарска Влада.
Вашингтон - Најблиските соработници на кандидатот на Републиканската партија на денешните избори во САД, Доналд Трамп, сметаат дека исходот од изборите ќе го одреди излезноста, јави Си-Ен-Ен.
„Тоа е она на што навистина се сведува и единственото нешто на што сме фокусирани во моментов“, изјави неименуван висок советник на Трамп за Си-Ен-Ен.
Тој додаде дека во рамките на кампањата на Трамп се смета дека ова е „најсилниот циклус што Трамп го извел досега“, особено кога се гледаат истражувањата на јавното мислење од 2016 и 2020 година.
Њујорк - Во САД денеска се отворени гласачките места за претседателските избори, каде граѓаните избираат шеф на државата меѓу поранешниот републикански претседател Доналд Трамп и кандидатката на владејачките демократи, Камала Харис.
Повеќе од 82 милиони луѓе веќе гласаа. Кампањата беше жестока и одбележана со бројни пресврти, со два обида за атентат врз Доналд Трамп и смената на претседателскиот кандидат на Демократската партија - наместо досегашниот претседател Џо Бајден беше избрана Камала Харис.
Избирачките места се отворени во повеќе од 20 држави на истокот на САД, од вкупно 50 каде што ќе се отвораат постепено поради временската разлика.
Резултатите од анкетите покажуваат дека кандидатите се речиси изедначени, додека водечките светски обложувачници мала предност му даваат на Трамп, претседателот на САД од 2017 до 2021 година.
Вашингтон – Земјите кои се обидуваат да влијаат врз политичката ситуација во САД, предводени од Русија и Иран, спроведуваат дополнителни операции со намера да ја нарушат довербата на јавноста во интегритетот на изборите и да ја поттикнат поделбата помеѓу Американците, се наведува во заедничката изјава на Националните разузнавачки служби на САД, Агенцијата за кибербезбедност и ФБИ.
Според соопштението Иран ја компромитира кампањата на поранешниот претседател на САД и кандидат на Републиканската партија, Доналд Трамп, ги пресретнува информациите кои ги разменуваат членовите на неговата кампања и јавно ги објавува.
Во заедничкото соопштение се истакнува дека Русија е „најактивна закана“ и оти Москва планира да „влее страв кај гласачите во однос на изборниот процес и да создаде перцепција дека Американците користат насилство едни против други поради политичките преференции“.
Нови Сад - Вишото јавно обвинителство во Нови Сад, во врска со трагедијата на 1 ноември кога се урна бетонска настрешница од зградата на железничката станица во тој град, во изминатите три дена сослуша вкупно 48 лица, а денеска е побарано сослушување на уште пет луѓе.
Во тој период, од повеќе различни институции, правни и физички лица, одземена е соодветна документација, чија детална анализа е во тек, а наредено е и потребното вештачење за утврдување на причината за уривањето на настрешницата, пропустите кои довеле до истото, како и одговорностите на лицата, беше соопштено од обвинителството.
По увидот, местото на настанот е расчистено, со оглед дека се работи за јавна површина, а заради обезбедување докази градежните остатоци од урнатата настрешница по барање на јавен обвинител се преместени на безбедна локација каде се под континуираниот надзор на службениците на Полициската управа во Нови Сад.
Москва – Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека земјата е подготвена да води преговори со Украина.
- Неколку пати кажав дека Русија не само што е подготвена за преговори, туку во одредена фаза, на самиот почеток на овој конфликт, ги водеше тие преговори. Дури беше подготвен и заеднички прифатлив договор, кој украинската страна го парафира. Сепак, на совет од страна, кој подоцна го потврдија и официјални претставници на Украина, украинската страна го отфрли тој договор, рече Путин на церемонијата на предавање на акредитивните писма на странските амбасадори во Кремљ.
Тој исто така рече дека Русија е отворена за меѓусебна соработка со сите земји.
- Русија е отворена за взаемно корисна соработка со сите држави без исклучок врз принципите на еднаквост, немешање во внатрешните работи и строго почитување на меѓународното право, рече тој.
Лондон - Речиси 600 полицајци во Англија и Велс се отпуштени за една година, до март 2024 година, покажуваат бројките објавени денеска. Во исто време, полициските началници се обидуваат да ја вратат довербата на јавноста по серијата скандали.
Отказите, кои се зголемени за 50 отсто во однос на претходната година, кога беа отпуштени 394 полицајци, вклучуваат 74 полицајци отпуштени поради сексуални престапи и недолично однесување.
Други 18 беа отпуштени поради поседување непристојни фотографии на деца, покажуваат податоците од независното јавно тело Полициски колеџ.
Најчеста причина за отказ, во 125 случаи, била нечесноста.
Брисел - За поддршка на земјите во развој во нивните напори за намалување на емисиите на стакленички гасови и за прилагодување на последиците од климатските промени, Европската Унија и нејзините земји членки во 2023 година издвоиле 28,6 милијарди евра од своите буџети и мобилизирале дополнителни 7,2 милијарди евра од приватни финансии.
Ова се наведува во извештајот на Европската комисија за придонесот на ЕУ во глобалните напори за заштита на животната средина, објавен денеска во рамки на подготовките за Конференцијата на ОН за климатски промени (КOП29), што ќе се одржи од 11 до 22 ноември во азербејџанскиот главен град Баку.
Според податоците на ЕК, речиси половина од буџетските средства одвоени за земјите во развој биле насочени кон мерки за адаптација на климатските промени, како и за иницијативи за нивно ублажување. Речиси 50 проценти од овие средства биле доделени во форма на грантови.
Целта на ваквите мерки на ЕУ е да им помогне на земјите во развој да го имплементираат Парискиот договор за климатски промени од 2015 година.
Уште 71 полицаец беа принудени да си заминат поради дискриминаторско однесување.
Брисел - Советот на ЕУ во последна фаза го одобри Законот со кој се регулираат условите под кои постапките за кривични дела покренати во една земја на Унијата може да бидат префрлени во друга членка.
Целта на законот е да се обезбеди поефикасна борба против прекуграничниот криминал, потоа дека една кривична постапка ќе биде водена во земја која е најсоодветна за тоа, како и дека ќе се избегнат непотребни паралелни постапки против ист осомничен во различни членки на ЕУ.
Одредбите од Законот треба да обезбедат и подобро почитувањето на основните права на осомничените или обвинетите во еден процес при пренесувањето на кривичната постапка од една во друга земја.
За да може земја членка на ЕУ да побара преземање на една постапка, потребно е кривичното дело за кое таа се однесува да е извршено на нејзина територија или ако едно или повеќемина од осомничените или обвинети лица престојуваат во неа.
Атина – Изборите во САД беа во фокусот на средбата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, кои истакнаа дека без разлика кого ќе изберат американските граѓани, односите меѓу Грција и САД се традиционално стратешки и сојузнички, јави дописничката на МИА од Атина.
- Мојата прва забелешка е дека без разлика на изборниот резултат во САД, грчко-американските односи се стратешки и верувам дека нема да има влијание врз нивната содржина. Втората забелешка е поврзана со фактот дека, повторно без оглед на исходот во Соединетите Држави, геополитичкото полнолетство на Европа сега станува апсолутно неопходно, рече Мицотакис.
Додаде дека „многу интензивната поларизација, до одреден степен токсичност во САД, претставува проблем за нашите демократии“.
Сакеларопулу истакна дека изборите се особено важен настан не само за американските граѓани, туку и за целата меѓународна заедница и особено за Европската Унија, во период на „општата несигурност и геополитичките предизвици што ги живееме“, но и посочи дека е „од особен интерес и продолжувањето на политиката што ќе ја води идниот претседател или идната претседателка на САД“.
Приштина – Претседателката на Косово, Вјоса Османи, по повод денешното гласање на претседателските избори во Соединетите Американски Држави, изјави дека Косово е благословено што ја има поддршката од САД, како од демократите, така и од републиканците, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во изјава пред новинарите на манифестација на УНИЦЕФ во косовската престолнина, Османи истакна дека САД се стратешки сојузник на Косово и ќе продолжат да бидат тоа и по претседателските избори.
„Косово е благословено со извонредна американска поддршка од сите страни. Во времето кога ја добивме слободата, на власт беа демократите. Во времето кога ја постигнавме независноста, власта ја имаа републиканците. Косово навистина беше благословена земја со надпартиска американска поддршка. Тоа е одлука на американскиот народ. Ќе ја продолжиме соработката со кој и да биде избран. Важно е Соединетите Американски Држави да продолжат да бидат лидер на слободниот свет и најважниот стратешки сојузник на Косово. Така ќе продолжи и по овој датум“, рече Османи.