Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на неговиот Фејсбук профил објави дека за време на посетата на Вашингтон, остварил уште една значајна средба со Џејмисон Грир, трговски претставник во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
- Фокусот на средбата беше ставен на унапредување на билатералната трговска размена и отворање нови можности за економска соработка меѓу двете земји. Важно е да истакнам дека постигнавме конкретен напредок во преговорите за намалување на тарифите, како и во дефинирањето на следните чекори кон потпишување Договор за слободна трговија, напиша Муцунски.
Скопје - Размената на искуства со земји како Казахстан кои имаат силна традиција и експертиза во енергетскиот сектор е значајна за нашата земја во процесот на градење одржлива енергетска иднина, смета министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Божиновска во Казахстан се сретна со нејзиниот колега Ерлан Аккенженов со кого разговарала за искуствата во спроведувањето на енергетската транзиција, улогата на критичните минерали во зелената економија, како и за потенцијалите за соработка во делот на обновливи извори на енергија, геолошки истражувања и инвестициски можности.
Скопје - Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“ распиша Конкурс за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2025 година. Конкурсот за државната награда ќе трае од 1 до 30 јуни 2025 година.
Како што информираат од Министерството за култура, со оваа награда се оддава највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност.
Скопје - Над 15 000 ученици во завршна година од средното образование утре ќе го полагаат првиот од двата екстерни испита од годинашната државна матура – мајчин јазик и литература, кој е задолжителен за сите матуранти.
Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), за државна матура годинава се пријавени 15 004 кандидати. Од нив, 8816 ученици се од средните стручни училишта, 5966 од гимназиите и 222 од училиштата за уметничко образование.
За утрешниот прв екстерен испит пријавени се 9969 ученици за македонски јазик, 4339 за албански јазик, 292 за турски јазик и 10 ученици за српски јазик.
Атина – Целосната посветеност на зачувувањето на единствениот и свет религиозен статус на манастирот Света Катерина, изразува претседателството на Египет, преку соопштението објавено доцна синоќа по информациите дека со судска одлука ќе се затвори конкретниот манастир на планината Синај и по реакциите од грчкото МНР и грчката Влада, јави дописничката на МИА од Атина.
-Претседателството потврдува дека неодамнешната судска одлука го консолидира овој статус, усогласувајќи се со точките што претседателот Ел Сиси ги нагласи за време на неговата неодамнешна посета на Атина на 7 мај, соопштија од кабинетот на египетскиот претседател Абдел Фатах Ел Сиси и додадоа дека „ја потврдува важноста на зачувувањето на блиските и братски односи што ги поврзуваат двете земји и народи“.
Атина – Казни од 350 до 2.000 евра за употреба на мобилен телефон или за неносење кацига на мотор, намалување на дозволената брзина во населените места и зголемување на автопатите, казни од 2.000 до 8.000 евра за брзина од над 200 километри на час, меѓу другото, предвидуваат промените во законот за безбедност во сообраќајот, според алтернативниот министер за транспорт на Грција Константинос Киранакис, јави дописничката на МИА од Атина.
Во интервјуто за грчката телевизија „Скај“, Киранакис објасни дека измените се вклучени во законот што денеска се очекува да биде доставен до надлежната комисија во Парламентот.
Атина – За речиси половина од Грците (48,6 отсто) поскапувањето на цените останува еден од најважните проблеми во нивното секојдневие, а шест од десет анкетирани изразуваат песимизам за ситуацијата во земјата, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „MRB“ за грчката телевизија „Опен“, јави дописничката на МИА од Атина.
Во однос на железничката несреќа кај Темпи пред повеќе од две години, во која загинаа 57 лица, мнозинството граѓани, односно 77,2 отсто одговараат негативно на прашањето дали Владата прави сè што може за целосно да ги расветли причините за трагедијата.
Белград - Студентите во блокада најавија за попладнево во Белград протест под мотото „Сакаме избори“. Протестот ќе почне во 16.30 часот со собирање во центарот на главниот град на Србија, ќе се протестира пред Високото јавно обвителство и ќе заврши околу 20 часот пред зградата на Владата.
Текстот со кој студентите бараат распишување вонредни парламентарни избори ќе биде прочитан во 19:45 часот, по што ќе следат говори што ќе го означат крајот на протестот.
На 1 јуни цела Србија ќе биде на нозе, објавија доцна синоќа студентите во блокада, најавувајќи протести во бројни градови во државата.
Загреб – Хрватска денеска го одбележува Денот на државноста, по повод 30 мај 1990 година, кога во Загреб беше конституиран првиот демократски, повеќепартиски парламент – Сабор. Овој настан се смета за историски момент со кој симболично почна процесот на создавање независна и демократска држава.
На тој ден, на плоштадот Свети Марко, за прв пат се собраа пратениците избрани на слободни, повеќепартиски избори, на кои победи Хрватската демократска заедница (ХДЗ). Конституирањето на Саборот отвори ново поглавје во националната историја.
Брисел – Европската комисија останува на планот следната година да биде укинат Инструментот за закрепнување и отпорност (РРФ) од Ковид пандемијата, вреден 650 милијарди, и покрај противењето на ваквата идеја на некои од поголемите земји членки на ЕУ, како Италија, Шпанија и Полска, јави дописникот на МИА од Брисел.
Според дипломатски извори, Еврокомисијата се очекува в среда да соопшти дека Инструментот ќе биде укинат во 2026 година, како и што е планирано, затоа што нема законски основи за негово продолжување.
Газа – Висок претставник на Хамас за Би-Би-Си изјавил дека палестинската исламистичка вооружена група ќе го одбие најновиот американски предлог за нов прекин на огнот во Газа и договор за ослободување на заложниците.
Белата куќа вчера соопшти дека Израел се согласил со планот на американскиот пратеник Стив Виткоф и дека се чека официјален одговор од Хамас.
Израелските медиуми цитираа израелски официјални лица кои рекоа дека Хамас во две фази ќе предаде 10 живи заложници и тела на 18 мртви заложници во замена за 60-дневен прекин на огнот и ослободување на палестински затвореници од израелските затвори.