
17 април 2025
Скопје - Од денеска до 31 мај сообраќајот на автопатот Демир Капија - Смоквица ќе се одвива само по левиот тунел бидејќи десниот тунел ќе се реконструира.
- Синтек Инженеринг известува дека отпочнува времена измена на сообраќајот на автопат А1, делница Демир Капија – Смоквица од 17.4.2025 г. до 31.5.2025 г., поради изведба на реконструкција на десната тунелска цевка на Тунел Т2. Десната тунелска цевка на тунел Т2 е целосно затворена за сообраќај, а сообраќајот е целосно пренасочен во левата тунелска цевка, соопшти Авто мото сојузот на Македонија.
Дебар – Бугарските медиуми повторно упатија напади кон лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, кои тој категорично ги отфрла и ги нарекува чиста лага.
Под наслов „Скриена вистина за Васил Стерјовски: српски пасош во рацете на @македонски лидер’“, Ипресс.бг пишува дека Стерјовски, кој ја предводи единствената партија на Македонците во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), често се претставува како активен бранител на македонскиот идентитет, говори против „бугаризацијата“ и инсистира на заштита на малцинските права.
Велес - На сцената на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот во Велес синоќа на свеченото затворање на фестивалот на комедијата „5 РЕ“, што се одржа по четврти пат, беа доделени наградите на фестивалот. Претставата „Покојник", на Црногорското народно позориште ја доби наградата за најдобра претстава по избор на публиката, додека претставата „12" на Македонскиот народен театар беше прогласена за најдобра претстава по избор на жири комисијата.
Скопје - Од денеска до 27 јуни е отворен повикот на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ за пријавување филмови за 46. издание на фестивалот што се одржува во Битола. Пријавувањето е на: https://filmfreeway.com/ManakiBrothers
Рим - Велигденските богослужби во Ватикан ќе ги предводат неколку кардинали, а папата Франциск, кој се опоравува од болест, нема да учествува на мисите, соопшти прес-службата на Светата столица.
Литургијата на Велигденското бдение во базиликата Свети Петар на Велика Сабота, 19 април 2025 година, како што се наведува, ќе ја предводи кардиналот Џовани Батиста Ре, по инструкции на папата Франциско, пренесува Ватикан Њуз.
Белград - Студентите во блокада на високообразовните институции во Белград испратија доцна синоќа писмо до Одборот за култура и информирање во кое ги известуваат дека блокадата и протестот пред РТС ќе продолжат се додека не објават јавен повик за избор на членови на Советот на РЕМ (регулаторно тело за електронски медиуми), јави дописникот на МИА од Белград.
Ви се обраќаме како надлежна институција која согласно Законот за електронски медиуми е должна да објави јавен повик за номинации за членови на Советот на РЕМ, најрано шест месеци, а најдоцна три месеци пред истекот на мандатот на членот на советот“, се посочува во писмото до таа комисија.
Истанбул - Меѓународниот аеродром „Истанбул“ ќе биде првиот во Европа на кој истовремено ќе се одвиваат слетувања и полетувања од три одделни писти, благодарение на воведувањето на специјален систем за управување со воздушниот сообраќај, изјави синоќа турскиот министер за транспорт и инфраструктура Абдулкадир Уралоглу.
„Благодарение на новиот систем, до три авиони ќе можат да слетаат или полетуваат истовремено од три одделни писти“, рече Уралоглу, нагласувајќи дека системот ќе биде пуштен во употреба денеска во 10 часот по локално време.
Париз - Американскиот државен секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник на Белата куќа Стив Виткоф денеска во Париз ќе се сретнат со европски претставници за да разговараат за напорите за запирање на војната во Украина. На состаноците ќе учествуваат и францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами, што ја прави средбата на највисоко ниво на трансатлантскиот дијалог за Украина од февруари годинава.
Ерусалим - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му нареди на израелскиот тим преговарачи за примирје во Газа да „продолжат со напорите“ за да обезбедат гаранции дека ќе бидат ослободени заложниците кои се уште ги држи радикалната палестинска група Хамас во енклавата, соопштија од кабинетот на премиерот.
-Бенјамин Нетанјаху вечерва имаше средба за заложничката проблематика со преговарачкиот тим и високи безбедносни функционери, се вели во вчерашното соопштението.
Киев - Русија веќе 36 дена го игнорира американскиот предлог за прекин на воздушните, морските и копнените напади, изјави синоќа украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето традиционално вечерно обраќање до нацијата, пренесоа украинските медиуми.
-Пред 36 дена, САД предложија целосен и безусловен прекин на воздушните, морските и копнените напади. Украина го прифати тој предлог веднаш - пред повеќе од еден месец. Русија продолжува да го игнорира и допрва треба да трпи последици, а тоа е голем проблем, рече тој.
Киев - Најмалку две лица загинаа, а 28 се повредени во вчерашниот масовен напад со руски дронови врз украинскиот град Днепар, објавија украинските медиуми.
Меѓу повредените има четири деца. Шефот на регионалната воена управа на Дњепропетровск, Сергиј Лисак, на апликацијата Телеграм информираше дека две жени починале, а меѓу повредените има и деветмесечно бебе.
Вашингтон - Италијанската премиерка Џорџа Мелони пристигна во Вашингтон, каде ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп.
Во текот на денешната средба во Вашингтон, италијанската премиерка Џорџа Мелони ќе се обиде да го спречи американскиот претседател Доналд Трамп да воведе нови царини за Европската унија. Иако Мелони не е првиот избор на Брисел за преговори со Трамп, би можела да биде единствен, пишува Политико.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека е постигнат „голем напредок“ во трговските преговори со Јапонија, пренесоа светските агенции, наведувајќи дека шефот на државата синоќа направил изненадувачки потег со тоа што лично се вклучил во разговорите со јапонската делегација во Вашингтон за прашањето за дополнителни царини за јапонски стоки за САД.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп го запре планираниот израелски напад врз нуклеарните објекти во Иран, пишува американскиот весник. „Њујорк тајмс“.
Според информациите на изданието, шефот на американската држава дејствувал на сметка на преговорите за договор со Техеран за ограничување на иранската нуклеарна програма.
Токио - Јапонија упати протестна нота до Русија поради нејзината одлука привремено да го ограничи преминот на странски воени и владини бродови во водите околу островите кои се под руска контрола на кои Јапонија има право.
Тоа се острови кои Јапонија ги нарекува Северни територии, додека Русија ги нарекува Јужни Курилски острови.
Спорот за островите трае од крајот на Втората светска војна и ги спречи двете земји да склучат мировен договор.
Токио - Јапонскиот премиер Шигеру Ишиба денеска изјави дека билатералните преговори со САД нема да бидат лесни, а во исто време ја објави својата намера да отпатува во Вашингтон и да има директни разговори со американскиот претседател Доналд Трамп за прашањето за царините, пренесе јапонска новинска агенција.
Делегација предводена од јапонскиот министер за економска и фискална политика Риосеи Аказава разговараше со американски претставници во Белата куќа, при што на разговорите се приклучи и Трамп, кој објави дека е постигнат „голем напредок“.
Сеул - Северна Кореја денеска се закани со неодредени мерки за одмазда, откако завчера американски бомбардери Б-1Б прелетаа над Јужна Кореја за време на заедничка воена вежба со јужнокорејските сили.
Јужнокорејското Министерство за одбрана соопшти дека вежбата има за цел да ги демонстрира заедничките способности за одвраќање во момент кога се унапредува нуклеарната програма на Северна Кореја, пренесоа агенциите.
Пјонгјанг - Северна Кореја денеска ги критикуваше Соединетите држави за испраќање суперсонични стратешки бомбардери Б-1Б во Јужна Кореја на заеднички вежби.
Портпаролот на севернокорејското Министерство за одбрана во соопштението вели дека присуството на американски стратешки бомбардери во регионот станало „редовна воена практика“, опишана од Пјонгјанг како „неразумен блеф“.
Пном Пен - Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска пристигна во дводневна државна посета на Камбоџа, со што ја заврши турнејата низ Југоисточна Азија.
Тоа е прва посета на Си Џинпинг на Камбоџа од 2016 година, а тој претходно ги посети Виетнам и Малезија.
Сан Хуан - Во Порторико денеска има прекин на снабдувањето со електричната енергија откако неочекувано се исклучија електраните низ островот, соопшти компанијата Џенера.
Компанијата на платформата Икс објави дека работи на враќање на електраната во функција, како и на испитување на причините за инцидентот.