
10 април 2025
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски на фејсбук објави дека вчера телефонски разговарал со американскиот државен секретар за економија Хауард Лутник за македонско-американското стратешко и економско партнерство. Било нагласено дека стратешкото партнерство со САД е врвен приоритет за Владата, како и важноста на американската поддршка за стабилен и просперитетен Балкан, а посебно за прашањата кои се од витално значење за економската соработка.
Скопје - Претседателката на Државниот збор на Република Словенија, Уршка Клакочар Зупанчич денеска втор ден ја продолжува првата официјална посета на земјава.
Клакочар Зупанчич денеска ќе биде примена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а ќе има средба и со Антонијо Милошоски, потпоретседател на Собранието и претседател на Комисијата за европски прашања и со членовите на групата.
Скопје - Министерот за европски прашања на Унгарија, Јанош Бока денеска ќе одржи отворено предавање на Универзитетот Скопје.
Како што се наведува во најавата, министерот Бока ќе биде дел од отворената дискусија со студенти од Универзитетот, на која ќе бидат присутни и заменик-министерката за европски прашања, доц. д-р Викторија Трајков, поранешниот вицепремиер за европски прашања, проф.д-р Васко Наумовски, и амбасадорот Марјан Ѓорчев.
Скопје - Министерката за образование и наука Весна Јаневска, денеска ќе се обрати на промоцијата на новата Стратегија за образование на возрасните 2025-2030.
Како што соопштија од Министерството за образование и наука, настанот е во организација на ЈУ Центар за образование на возрасните, а ќе се одржи во Музејот на македонската борба за самостојност.
Прилеп - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков заедно со државниот секретар Марија С. Ѓоргова, денеска ќе престојуваат во работна посета на Општина Прилеп.
Како што најавија од Министерството за култура и туризам, Љутков и Ѓоргова во Прилеп ќе ги посетат црквата „Св. Благовештение“, археолошкиот локалитет Стибера, како и македонско духовно светилиште, манастирскиот комплекс „Трескавец“.
Дебар - Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, на маргините на регионалната конференција на тема „Унапредување на реформите за грижа на децата – можности врз основа на рамката за детска гаранција на ЕУ“ во Тирана остварил средба со министрите на Албанија и на Црна Гора.
-Целта на заедничката средба со министерката за здравство и социјална заштита на Албанија, Албана Кочиу и министерот за социјална заштита, грижа за семејството и демографија на Црна Гора, Дамир Гутиќ, беше продлабочување на соработката и зајакнување на односите меѓу овие земји во областа на социјалната заштита, заштитата на децата и имплементацијата на политики кои обезбедуваат благосостојба на ранливите групи, објави министерот Лимани.
Скопје - Пред Судскиот совет денеска свечени изјави ќе дадат новоизбраните претседатели на основните судови во Кочани, Гевгелија, Кавадарци и на апелационите судови во Битола и во Гевгелија.
Престедател на Основен суд Кочани е Спиро Борисов, судија на Основен суд Кочани, за претседател на Основен суд Гевгелија е избрана Маја Аврамова, судија на Основен суд Гевгелија, и претседател на Основен суд Кавадарци е Елизбета Петковска, судија на Основен суд Кавадарци.
Скопје - Во Собранието денеска седница ќе одржи Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, на чиј дневен ред е Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, во второ читање.
Како што се посочува во образложението објавено на собраниската веб-страна, целта на овие измени на Законот и тоа во делот каде се утврдени условите за избор/именување на директор, заменик директор и на други јавни функции, да се создаде можност за избор на стручни кадри во сферата.
Скопје - Во Медија центарот на Владата денеска ќе се одржи панел дискусија насловена „Влијанието на зголемувањето на капитацијата врз примарната здравствена заштита“.
Како што соопштија од владината прес-служба, на панел дискусијата што ќе ја модерира портпаролот на Владата, Марија Митева, ќе учествуваат Сашо Клековски, директор на ФЗОМ, проф. д-р Ирена Алексиоска Папестиев, директор на Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство, д-р Лили Чолакова Дервишова, претседателка на Здружение на приватни лекари и Лоран Страшевски, матичен стоматолог.
Струга - Во Основниот суд во Струга денеска треба да продолжат судските процеси против градоначалникот Рамис Мерко за незаконско поставување директори во основни училишта во Општина Струга.
Во еден предмет се споени училиштата во Лабуништа, Радолишта, Подгорци, додека за училиштето во Велешта и за „Браќа Миладиновци“ во Струга се водат два одвоени предмети.
За случајот со училиштето „Зини Хани“ во Велешта, покрај Мерко уште четири лица се обвинети за злоупотреба на службата и фалсификување. Според обвинението, покрај незаконското поставување на Егзона Шеј за директор, таа се товари и за фалсификување дипломи.
Скопје - На Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје денеска ќе биде промовиран првиот број од студентското стручно списание – Iustinianus Primus Student Law Review, издание на студентите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
- Списанието IPSLR го издава својот прв број после долги години неактивност со цел да се поттикне закоравената студентска наука и мисла и усовршат вештини и знаења кај младите студенти на Правниот факултет, соопштија од уредувачкиот одбор на IPSLR.
Скопје - Во Македонскиот Културно - информативен центар во Софија вечер со почеток од 18:30 часот, ќе се претстави музичкото трио во состав: Исмет Вејсели (вокал – тенор), Алба Зеќири (виолина) и Шкељзен Бафтиари (пијано).
На програмата се композиции од: Паоло Тости, Васил Толе, Астор Пиjацола, Винченцо Белини, Сотир Голабовски, Сони Петровски, Фредерик Шопен, Жил Масне и Џоакино Росини.
Скопје - Во Младинскиот културен центар, вечер со почеток во 20:30 часот пред публиката во Скопје ќе биде претставена поетската збирка на Сашо Гигов Гиш – „INDUCTA CAUSA / Осуђен у одуству" во издание на Scero Print од Ниш.
Како што информираат од СПОНА - Српскиот културно информативни центар, за книгата покрај авторот Сашо Гигов Гиш ќе говори професорот Горан Максимовиќ и лекторот и писател Ѓоко Здравески.
Скопје - Музичко – поетска вечер со Марко Виденовиќ и триото „Мевлем“ ќе се одржи вечер со почеток во 20 часот, во Камерната сала на Филхармонијата. Проектот „Мевлем“е уникатна симбиоза на музика и поезија, создадена од композиторот и поет Марко Виденовиќ, кој преку своите дела создава извонредна уметничка комуникација помеѓу звуците и зборовите.
Проектот, се наведува во најавата, вклучува премиерни изведби на композиции кои се специјално создадени за оваа прилика, што го прави овој циклус клучен за промовирање на домашното музичко творештво, со фокус на македонскиот културен идентитет. Во фокусот на „Мевлем“ е музичката содржина, која е внимателно дизајнирана за да го рефлектира духовното и естетското наследство на македонската култура.
Корча - Во Основниот суд во Корча вчера се одржа второто рочиште по тужбата поднесена од фондацијата „Бугарска меморија“ од Бугарија, против единствената партија на Македонците во Албанија – Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ).
Адвокатите на фондацијата „Бугарска меморија“ во своето излагање пред судот тврдеа дека МАЕИ со официјален допис до албанскиот државен врв и меѓународните институции побарала забрана на активностите на оваа фондација, при што, според нив, ја наклеветила дека „корумпира албански функционери со цел асимилација на Македонците" како и дека учествува во создавање „криминална група поврзана со бизнисот со бугарски пасоши, издавање лажни потврди и влијание врз пописот на населението во Албанија".
Белград - Студентите во блокада на Медицинскиот факултет во Нови Сад му се обратија на претседателот на државата, Александар Вучиќ на мрежата Икс, откако тој рече дека „негова била волјата“ е да влезе на Интензивна нега во УКЦ во Белград и да ги посети повредените пациенти во пожарот во Кочани, јави МИА од Белград.
„Господине претседателе, како добар студент, еднаш мислевме дека брзо учите. Влегување во одделението за Интензивна нега мора да го одобри доктор, откако ќе ја процени епидемиолошката состојба како и состојбата на пациенти. Затоа да повториме уште еднаш,не сте надлежни. И да, да не заборавиме - за правилата за Интензивна нега, предлагаме да се консултирате со професорот Мацут за повеќе информации“, објавија студентите на Х.
Белград - Студенти во блокадата oд 14 факултети и високи школи од Нови Сад синоќа ги објавија критериумите за формирање експертска влада, како и какви ќе бидат нејзините ограничувања. Тие објавија шест критериуми, од кои првиот, како што велат, е од „клучно значење“ - неповрзаност со извршната и законодавната власт, јави дописникот на МИА од Белград.
„Министрите мора да бидат лица кои не биле на функции во извршната или законодавната власт, односно оние кои не биле на ниту една политичка функција. Тој критериум е од клучно значење, за да се обезбеди политички неутрален пристап во одлучувањето, без влијание на партиски интереси и политички притисоци“.
Белград - Српски невладини организации поднесоа кривична пријава до Јавното обвинителство за организиран криминал против непознат сторител за кривично дело тероризам, поврзана со настанот од 15 март во Белград, јави МИА од Белград.
Освен тоа, граѓанските организации испратија писма и барања до меѓународните судови и институции итно да се спроведе истрага, без никакво политичко влијание, за она што било употребено на 15 март против мирните демонстранти. Се бара и Европскиот суд за човекови права да ги преземе сите мерки за, евентуално, приватни лица повторно да не користат такви средства.
Берлин - Идниот нов канцелар на Германија Фридрих Мерц, често окарактеризиран како „човек од минатото“, буди големи надежи кај неговите европски сојузници, кои цврсто сметаат на поддршката на Германија, пренесуваат странските агенции.
Конзервативниот политичар (69), чија група ЦДУ/ЦСУ победи на парламентарните избори на 23 февруари, ја помина клучната фаза во неговата кандидатура за челната функција по објавата за коалициски договор со левиот центар за формирање влада.
Берлин – Германскиот конзервативен лидер Фридрих Мерц, кој треба да го наследи Олаф Шолц на функцијата канцелар на најголемата европска економија, синоќа рече дека планира наскоро да отпатува во Вашингтон за да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп.
- Ќе се видиме наскоро, рече Мерц за телевизијата АРД, иако додаде дека не е одреден конкретен датум за посетата.
Берлин – Шефицата на германската дипломатија во заминување, Аналена Бербок, ќе биде претседателка на Генералното собрание на Обединетите нации, бидејќи нејзиното назначување, според внатрешните договори во рамките на ОН, се смета за формалност, пренесува ДПА.
Бербок треба да биде избрана во ОН во јуни, а нејзиниот едногодишен мандат ќе започне во септември.
Првично за оваа функција беше предвидена една од највисоките германски дипломатки, Хелга Шмид, поради што промената на одлуката предизвика критики.
Париз - Франција би можела да ја признае Палестина во јуни за време на меѓународната конференција што ќе ја организира со Саудиска Арабија, изјави во средата францускиот претседател Емануел Макрон.
„Мораме да се движиме кон признавање и тоа ќе го направиме во наредните месеци“, рече Макрон во интервјуто емитувано на Франс 5.
Брисел - Министрите за одбрана на земјите членки на „Коалицијата на подготвените“ за поддршка на Украина денеска ќе одржат состанок во седиштето на НАТО во Брисел.
Домаќини на состанокот ќе бидат францускиот министер за вооружените сили Себастиен Лекорну и британскиот секретар за одбрана Џон Хили.
Претставник во НАТО во пресрет на собирот изјави дека учеството на Алијансата на денешниот состанок ќе биде со „советодавен капацитет“ и дека таа „не мора ништо да и нуди на Коалицијата“.
Вашингтон - Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп замрзна повеќе од 1 милијарда долари федерални пари наменети за Универзитетот Корнел и околу 790 милиони долари наменети за Универзитетот Нортвестерн, во очекување на истрага за наводно кршење на граѓанските права во тие високообразовни институции, објави Белата куќа.
Тоа е дел од пошироките напори за притисок врз големите академски институции да се усогласат со политичките цели на претседателот Доналд Трамп и да влијаат на политиката во кампусите.
Белата куќа го потврди задржувањето на јавните пари, но не објасни што значи тоа или за кои грантови се однесува мерката.
Вашингтон – По падот забележан во текот на изминатите неколку сесии, американските акции покажаа неверојатно силно движење назад кон нагорна линија за време на вчерашното тргување.
Сите главни просеци се движеа нагло повисоко, објавувајќи ги своите најголеми еднодневни добивки во изминатите години, пренесе ДПА.
Вашингтон - Одлуките за иднината на американските војници во Европа ќе ги носи само американскиот претседател Доналд Трамп, изјави американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, одговарајќи на прашањето дали ќе го задржи нивото на војници на сегашното ниво.
„Единствениот човек кој ќе донесе одлука за структурата на американските трупи во Европа ќе биде претседателот Трамп, врховниот командант“, изјави Хегсет за време на посетата на Панама.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп се огласи со една реченица: „Каков ден, но следуваат уште прекрасни денови“!
Тоа најверојатно се однесува на вчерашниот ден, кога Трамп ненадејно паузираше некои од неговите нови царини на 90 дена и рече дека дополнително ќе ги зголеми царините за увоз од Кина.
Ненадејната промена се случи помалку од 24 часа откако стапија на сила новите американски царини за увоз од десетици земји, трговски партнери на Соединетите Американски Држави.
Вашингтон - Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека на Иран е да одлучи дали неодамнешното преместување на американските бомбардери Б-2 е „порака до Техеран“, истовремено изразувајќи надеж дека преговорите за иранската нуклеарна програма ќе бидат решени по мирен пат.
Според американски официјални лица, шест бомбардери Б-2 во март биле преместени во американско-британската воена база на островот Диего Гарсија во Индискиот Океан, во време на американската кампања на воздушни напади во Јемен и зголемените тензии со Иран, јавија британските медиуми.
Вашингтон – Американската разузнавачка заедница во моментов истражува дали Федералното биро за истраги (ФБИ) било вклучено во планирањето на нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година.
Ова го изјави Џозеф Кент, шеф на кабинетот на директорката на Националното разузнавање (ДНИ) Тулси Габард, за време на сослушувањето во Сенатот за неговата номинација за директор на Националниот центар за борба против тероризмот.
- Во моментов истражуваме, рече Кент, без да прецизира која од 18-те американски разузнавачки агенции ја води истрагата.
Белград - Остра дипломатска нова се очекува Загреб да му испрати на официјален со барање да го оправда протерувањето хрватски граѓани од Србија, јавија српските медиуми пренесувајќи изјава на Хидајет Бишчевиќ, хрватски амбасадор во Србија, јави дописникот на МИА од Белград.
Дипломатскиот чекор ќе се преземе откако завчера српските власти наредија хрватска државјанка која повеќе од една деценија живее во Белград со своето семејство да ја напушти земјата бидејќи, како што нагласуваат во одлуката - Ариен Ивковиќ Стојановиќ е „безбедносен ризик“.
Мексико Сити – Соединетите Држави и Панама работат на договор со кој на бродовите на американската морнарица ќе им се овозможи слободен и приоритетен пристап до Панамскиот канал, изјави американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет за време на вчерашната посета на оваа централноамериканска земја.
Министерот за Панамскиот канал Хозе Рамон Иказа рече дека, иако неговата земја не може законски да додели посебни права за премин на ниту една земја, двете земји разговараат за механизам за „компензација за услугите“.
Санто Доминго – Властите на Доминиканската Република синоќа соопштија дека операцијата за пребарување и спасување по смртоносното уривање на кровот на ноќен клуб ќе биде заменета со „фаза за обнова“.
Локалните медиуми го цитираа директорот за вонредни операции Хуан Мануел Мендез дека најмалку 184 луѓе загинале откако делови од кровот на ноќниот клуб Џет Сет се урнаа рано во вторникот, нагласувајќи дека тоа е „прелиминарна бројка“.
Москва - Руските орудија за противвоздушна одбрана ноќеска уништија 42 украински беспилотни летала во седум региони на Русија, соопшти руското Министерство за одбрана.
Руските медиуми пренесуваат дека 13 дронови биле соборени над територијата на областа Брјанск, 12 над регионот Калуга, седум над регионот Курск, четири над регионот на Белгород и Крим и еден над регионот Ориол и Московската област, се наведува во соопштението на руското МО.
Киев – Украинскиот претседател Володимир Зеленски посочи дека следната рунда преговори со Американците за прекин на огнот може да се одржи следната недела.
-Оваа недела веруваме дека Американците ќе имаат средба со Русите на одредено ниво. Мислиме дека нашата средба со Американците би можела да се случи следната недела, рече Зеленски во разговор со новинарите.
Тој потсети дека Русија ги прекршува договорите за прекин на огнот во енергетските капацитети и мир на море.
Буенос Аирес – Во Аргентина денеска ќе се одржи трет генерален штрајк против политиката на претседателот Хавиер Милеи на повик на главниот синдикат во земјата.
Штрајкот ќе трае 24 часа и се очекува да ги парализира возовите, авионите, банките и училиштата. Штрајкувачите протестираат против буџетските заштеди кои ги најави Милеи.
За 16 месеци на власт, аргентинскиот претседател се соочува со трет генерален штрајк.