МИА Радио флеш
- 8 октомври 2024
8 октомври 2024
Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска остварила средба со претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ во Тиват, Црна Гора, каде учествуваат на состанокот на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони.
На средбата претседателката Сиљановска Давкова, како што соопшти нејзиниот Кабинет, изразила благодарност за цврстата и континуирана поддршка од Хрватска во процесот на евроинтеграции, што е најдобриот пат за развој на нашиот регион и стабилноста на Европа.
Во таа насока, претседателката Сиљановска Давкова истакнала дека евроинтеграцискиот процес мора да се ослободи од оковите на билатералните прашања и целосно да се дебилатеризира, посочувајќи на опасноста од зголемување на евроскептицизмот поради актуелниот ќор-сокак во кој се наоѓа процесот.
Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска остварила средба со претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар во Тиват, Црна Гора каде учествуваат на состанокот на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони.
Како што соопшти претседателкиот Кабинет, двете соговорнички размениле мислења и информации за нашата иднина во контекст на процесот на пристапување во Европската Унија, при што претседателката Сиљановска Давкова упатила искрена благодарност за силната и отворена словенечка поддршка за македонската европската интеграција и истакна дека процесот не смее да биде заложник на билатералните прашања.
Скопје - Унапредувањето на регионалната соработка со цел справување со предизвиците, како и напредокот на европската интеграција на земјите од Западниот Балкан, се од круцијално значење за стабилноста и просперитетот на регионот, оценија денеска на средба претседателката Гордана Сиљановска Давкова и Жељка Цвијановиќ, членка на Претседателството на Босна и Херцеговина.
Средбата се одржа во Тиват, во рамки на состанокот на лидерите на земјите-учеснички во Процесот Брдо-Бриони.
Скопје – Во законодавниот дом денеска беше одбележан Меѓународниот ден за намалување на ризикот од катастрофи - 13 Октомври, каде свое обраќање имаше претседателот на Собранието Африм Гаши, како и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обеднитените Нации, Армен Григоријан.
Катастрофите се реална закана за благосостојбата на децата и на младите ширум светот, истакна Гаши во своето воведно обраќање, бидејќи, како што рече, тие се најранливата популација која во случај на катастрофа се соочува со дополнителни предизвици.
– Деновиве сме сведоци на катастрофални поплави во Босна и Херцеговина, кои однесоа и човечки животи, разорија домови, затрупаа куќи и имоти. Солидарноста на државите, на граѓаните од регионот и реакцијата на Европската унија, која го активира механизмот за цивилна заштита, се зрак на надеж во оваа трагедија. Нашата земја, исто така низ годините, беше погодена од голем број природни катастрофи, од разорни поплави во Тетовско и Скопско, до сеизмички потреси како земјотерсот во 1963 година и шумските пожари во изминатите неколку години. Последиците се почувствуваа во многу делови од државата, рефлектирајќи се на животот на граѓаните, економијата, животинскиот свет и животната средина, рече Гаши.
Скопје - Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето „Недоволна транспарентност и ниски цени при продажбата на државно градежно земјиште“ кое открива дека oпштините не ги информираат граѓаните за реализираните продажби на државно градежно земјиште.
-Општините ги објавуваат одлуките за отуѓување на државно градежно земјиште само во Службен весник на РСМ. Но, ниту една од мониторираните општини не презема други активности за информирање на граѓаните, односно донесените одлуки за продажба на земјиште и склучените договори со купувачите не ги објавуваат ниту на своите веб-страници. Нетранспарентноста оди дотаму што дел од општините не ги доставија склучените договори ниту преку барање за пристап до информации од јавен карактер. На овој начин се оневозможува информираност на граѓаните и се зголемува ризикот од злоупотреби, се наведува во Извештајот.
Скопје - Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, денеска престојува во работна посета на Република Унгарија, каде во име на Владата ќе потпише Договорот за заем од Унгарската Експорт-импорт банка.
-Станува збор за потпишување договор за најавениот заем од 500 милиони евра со поволни услови, 15 години рок на отплата, со вклучени три години грејс период и каматна стапка од 3,25%. Средствата од заемот ќе се користат за поддршка за проекти за локален регионален развој, што ќе се реализираат преку општините, како и за поддршка на економијата, односно заеми за компаниите, соопштија од Минитертвото за финании.
Скопје - Министерството за економија и труд во изминатите 100 дена беше посветено на поддршката на бизнисите и домаќинствата, како и на заштитата на животниот стандард на граѓаните, порача денеска ресорниот министер Бесар Дурмиши и додаде дека од почетокот на неговиот мандат континуирано се носат одлуки за поддршка на бизнисот и на граѓаните.
- Посветено работевме овие 100 изминати дена во интерес на подобрувањето на деловната клима за компаниите и за намалувањето на трошоците за граѓаните. Во услови на зголемени цени на храната, за да им излеземе во пресрет на граѓаните ја започнавме акцијата „Помалку трошоци – повеќe за вас“. Прво, ги намаливме маржите на трговија на големо и трговија на мало на училишниот прибор, со што се намалија трошоците за домаќинствата, посебно за оние кои имаат ученици. Потоа со цел да им излеземе во пресрет на граѓаните ја објавивме Есенската потрошувачка кошница и ги ограничивме маржите на 10 проценти и во трговијата на големо и во трговијата на мало на 73 основни прехранбени производи, рече Дурмиши на прес-конференција во Владата.
Скопје - Државниот филмски архив на Кина обезбеди прикажување на сите филмови на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски. Филмскиот архив, кој е и единствениот дистрибутер на странски авторски филмови во Кина, низ земјата ќе ги прикажува „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“, „Мајки“, „Бикини Мун“, „Врба“, „Кајмак“ и краткометражните „Четврток“ и „Крајот на времето“.
Како што информира продуцентската куќа „Банана филм“, во 2017 година Манчевски беше првиот македонски уметник со сеопфатно претставување во Азија воопшто. Три големи институции во Шангај одвоено го поканија да гостува пред кинеската публика. На јубилејното 20. издание на фестивалот во Шангај во 2017 година имаше ретроспектива на филмовите на Манчевски, а тој беше и во жирито за главната награда на фестивалот. Потоа одржа и мастерклас при Универзитетот во Шангај, а имаше изложба фотографии и се промовираше негова книга со фотографии и есеи што е издадена во Кина. Беше поканет и да предава на државната филмска академија во Пекинг.
Белград - Малолетниот К.К. (14), кој изврши масовно убиство во основното училиште „Владислав Рибникар“, денеска е изведен во Специјалниот суд во Белград каде треба да сведочи во судскиот процес против неговите родители Миљана и Владимир Кечамановиќ. Тој за првпат е изнесен од психијатриската установа во која е откако го извршил делото, јави дописникот на МИА од Белград.
Детето масовен убиец е донесено со возило на Брза помош, придружуван од полицијата и во судот ќе биде сослушан како сведок. Пред Специјалниот суд има вооружени полицајци за да го обезбедуваат судењето на кое покрај адвокатите присуствуваат и оштетените.
Родителите на убиените деца присуствуваат на судењето, потресени, тажни и со солзи во очите.
Во овој случај им се суди на родителите на момчето Владимир и Миљана Кецмановиќ и на инструкторот на стрелиштето Немања Маринковиќ кој е обвинет за кривично дело давање лажен исказ.
Брисел - На следниот Самит на ЕУ, што треба да се одржи на 17 и 18 октомври во Брисел, дел од лидерите ќе иницираат нови пристап за сузбивање на илегалната миграција во Унијата, кој меѓу другото би вклучувал и забрзување на процедурата за депортација на мигрантите.
Според дипломатски извори, шефовите на држави или влади на членките на Унијата планираат да извршат притисок врз Европската комисија, со цел таа да подготви нови препораки за депортации.
- Европскиот совет повикува на решителна акција на сите нивоа за да се зголеми и забрза депортацијата од Европската Унија. Ги повикуваме Комисијата и Советот под итно да предложат нов заеднички пристап за депортација, се наведува во предлог-документ подготвен за Самитот, чии делови пренесува „Политико“.
Париз – Синот на основачот на терористичката организација Ал Каеда, Омар бин Ладен е депортиран од Франција и му е забрането да се врати во земјата откако на социјалните мрежи објавил коментари што се сметаат за величање на тероризмот.
Омар бин Ладен со години живееше во Нормандија и се занимаваше со сликарство.
- Господинот Бин Ладен, кој неколку години живееше во регионот Орне, како сопружник на британска државјанка, минатата година објави коментари на социјални мрежи во кои го велича тероризмот, објави францускиот министер за внатрешни работи Бруно Ретај на Икс.
Поради административната забрана, на синот на Осама бин Ладен му е забрането да се врати во Франција.
Брисел - Советот на ЕУ денеска донесе одлуки за продолжување на воведените рестриктивни мерки поврзани со активностите на исламистичките организации Исламска држава (ИД) и Ал Каеда, како и кон групи одговорни за поткопување на стабилноста на Судан.
Со првата одлука, до 31 октомври 2025 година се продолжени санкциите на ЕУ кон ИД и Ал Каеда, како и кон поединци, групи, компании и субјекти поврзани со нив. На оваа листа на санкционирани на ЕУ во моментов се наоѓаат 15 поединци и шест групи.
Стразбур - Ситуацијата во Либан од ден на ден се влошува, изјави денеска во Европскиот парламент шефот на дипломатијата на Европската унија, Џозеф Борел и посочи дека треба што поскоро да се постигне прекин на огнот во конфликтот предводен од Израел и Хезболах во оваа земја.
Борел изјавил и дека околу 20 отсто од либанското население е принудено да се расели, пренесуваат британските медиуми.
Привремената техничка либанска Влада денеска објави дека најмалку 1,3 милиона граѓани на оваа земја, што е повеќе од една петтина од вкупното население, ги напуштиле своите домови поради засилените израелски воздушни напади.
Техеран - Шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, го предупреди Израел да не ја „тестира“ волјата на Техеран за можни воени напади како форма на одмазда за ракетниот напад што Иран го изврши против Израел минатата недела.
-Нашите ракети можат да ги исполнат сите свои цели. Ќе одговориме на секој напад врз нашите институции или инфраструктура, рече Арагчи на конференцијата на која се разговараше за влијанието на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, пренесе Ал Џезира.
Техеран – Над иранскиот град Исфахан во текот на ноќта биле активирани системите за противвоздушна одбрана, соопшти денеска Револуционерна гарда на Иран.
Неколку експлозии во текот на ноќта предизвикале загриженост за можен израелски напад, пренесе ДПА.
Иранската новинска агенција Фарс, повикувајќи се на извор во Револуционерната гарда, јави дека системите за противвоздушна одбрана реагирале откако забележале „сјаен објект“.
Според извештајот, тоа не била планирана вежба и немало непријателски контакт.
Државното радио го опиша како одбранбен маневар.
Бејрут – Лидерот на Хамас во егзил, Калед Мешал, денеска изјави дека групата ќе се издигне „како феникс од пепелта“ и покрај големите загуби претрпени за време на едногодишната војна со Израел и дека продолжува да регрутира борци и да произведува оружје.
Мешал рече дека конфликтот со Израел трае веќе 76 години, што датира од она што Палестинците го нарекуваат „Накба“ или „катастрофа“, кога многу Палестинци беа раселени за време на војната во 1948 година што доведе до создавање на Израел.
-Историјата на Палестина е составена од циклуси. Поминуваме низ фази кога губиме маченици (жртви) и дел од нашите воени способности, но потоа палестинскиот дух повторно се крева, како феникс, благодарение на Бога, изјави Мешал за Ројтерс.
Њујорк - Малку е веројатно дека Израел ќе ги погоди иранските нуклеарни постројки како одговор на минатинеделниот ракетен напад на Техеран, објави американскиот весник Њујорк Тајмс, цитирајќи неименувани официјални лица.
Изворите на весникот наведуваат дека Израел најверојатно наместо тоа ќе се фокусира на напади врз воени бази, разузнавачки служби или раководството, но подоцна би можел да продолжи со нуклеарната програма, доколку Иран повторно возврати.
Катманду - Петмина руски планинари загинаа при искачувањето на седмиот највисок врв во светот, потврди денеска организаторот на експедицијата во Непал.
Руски планинари се искачија на планината Даулагири висока 8.167 метри. Во Непал во моментов е во тек есенската сезона на качување. Планинарите беа исчезнати од неделата, а денеска нивните тела беа забележани од спасувачки хеликоптер, изјави Пемба Џангбу Шерпа од „I AM Trekking and Expeditions“, со седиште во Катманду.
Се уште не е одлучено дали, кога и како телата ќе бидат симнати од планината. Таквата операција би барала обемно планирање, работна сила и соодветна опрема. Двајца руски планинари всушност стигнале до врвот, додека останатите планинари почнале да се враќаат без да стигнат до врвот. Меѓутоа, тогаш радио контактот меѓу нив и членовите на тимот во базниот камп бил изгубен.