• петок, 15 ноември 2024
МИА Радио флеш

29 октомври 2024 

Скопје - Предизвиците и можностите во контекст на брзата дигитална трансформација и влијанието на вештачката интелигенција (ВИ) врз работната сила се во фокусот на 19. годишна конференција на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ која започна денеска во Скопје.

Претседателката на МАСИТ, Анета Пешева, на отворањето на конференцијата истакна дека, иако ВИ ќе помогне во животот на луѓето, тоа ќе доведе до многу превирања. Таа посочи дека големите финансиски институции предвидуваат дека од пет до десет години, 300 милиони луѓе ќе ги изгубат своите работни места, а програмерите ќе мора да станат сервисери на мрежите и роботиката.

- Најголемиот проблем не е моментален, тој ќе се случи за десетина години, рече Пешева, нагласувајќи ја потребата од регулација за балансирање на интересите на оние кои ќе останат без работа.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, ги потенцираше значајните улоги на информатичките технологии и компании во националниот развој.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски најавува дека институциите ќе ги искористат сите алатки за одбрана на стандардот на граѓаните во случај на енормно зголемување на цените на прехранбените производи по завршувањето на есенската потрошувачка кошница на 31. месецов.

- Очекувам заедно со коморите и со трговците и со производителите да не дојде до дивеење. Ако дојде до тоа жестоко ќе реагираме и ќе го браниме стандардот на граѓаните со се што имаме како алатка на располагање, изјави Мицкоски, на новинарско прашање пред учеството на Првата годишна конференција на Блумберг Адрија во Скопје.

Со одлука на Владата, за 73 прехранебни производи опфатени со есенската потрошувачка кошница бруто профитната маржа е ограничена на 10 проценти во трговијата на големо и мало. Тие производи во марткетите се обележани со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска кажа дека го добил и го прочитал писмото на лидерот на ДУИ Али Ахмети, во врска со „неодамнешните одлуки на Уставниот суд и нивното влијание врз меѓуетничката кохезија и одржливоста на земјата“.

-Го добив писмото, го прочитав. Писмото би го поделил во два дела, првиот дел е геостратешки осврт на состојбата во регионот, вклучително Блискиот Исток и Украина, додека вториот дел е обвинување на уставните судии коишто ги избрало мнозинството на СДСМ и на ДУИ дека спроведуваат програма на ВМРО-ДПМНЕ. Не сум знаел дека овие судии избрани од мнозинството на СДСМ и ДУИ спроведува програма на ВМРО-ДПМНЕ, дека бил загрижен за предметот поврзан со законот за јазици и да сум интервенирал кај уставните судии избрани од СДСМ и ДУИ да внимаваат што прават бидејќи на тој начин можеле да ја дестабилизираат државата. Тоа е писмото, јавноста нека оцени дали тоа заслужува коментар, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања пред конференцијата „Блумберг Адрија“.

Според него, поминало времето кога политичарите можеле на тој начин да влијаат на одлуки на судии и обвинители.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека постои работна група од експерти која работи на подготовка на ново законско решение за правична застапеност и оти министерот за јавна администрација Горан Минчев не е дел од неа.

-Јас не ги коментирам ставовите на поединци кои доаѓаат од нашите коалициски партнери. Да, има работна група во која има експерти кои работат на изготвување на законско решение кое што ќе биде уставно, кое откако ќе биде дефинирано ќе биде дадено на увид на јавноста, ќе го слушнеме судот на јавноста, а потоа и на Венецијанската комисија пред да влезе во собраниска процедура. Инаку, да, има таква група, министерот Минчев не е во таа група, кажа Мицкоски прашан дали постои работна група во врска со Законот за правична застапеност со оглед дека останатите два коалициски партнери во Владата имаат различни ставови по ова прашање.  

На новинарско прашање, премиерот Мицкоски повтори дека догодина нема да има зголемување на платите на функционерите.

Скопје – Она што сега се случува на економско поле во Германија ние нема веднаш да го почувствуваме. Сепак, можно е во вториот квартал идната година да имаме негативни ефекти, но од тоа нема да има негативни ефекти само кај нас, туку во целиот свет, а посебно во Европа, оцени денеска премиерот Христијан Мицкоски.  

-Нашата цел е да дадеме еден драјвер на економијата преку инвестиции, реализација на капитални инвестиции и вложувања од страна на компаниите во сопствени основни средства за работа. На тој начин очекуваме да се зголеми продуктивноста, а со зголемување на продуктивноста да се обидеме и да го зголемиме приходот и да ги подобриме перформансите на економијата. Затоа ние многу внимателно пристапуваме и затоа многу внимателно планираме да ги трошиме средствата коишто ги заработуваме и во централниот буџет, но и позајмуваме. И тоа треба да бидат трошења само во насока на вложување во инвестиции, не во јавна потрошувачка, туку во инвестиции, изјави Мицкоски пред почетокот на конференцијата на „Блумберг Адрија“ на тема „Економски потенцијал и развојни можности за Македонија“ во одговор на прашање што треба да направи земјава за диверзификација на извозот и на кој начин да стане поконкурентна.

Скопје - Животната средина е наш приоритет. Околу 680 милиони денари од средствата кои ќе се вложат за реализација на капиталните проекти во општините се наменети за заштитата на животната средина, вели премиерот Христијан Мицкоски.

– Да, има и такви проекти. Се разбира, животната средина е наш приоритет и многу се вложува тука. Се работи на тоа бидејќи тоа им е потребно на граѓаните. Има некаде околу 680 милиони денари проекти коишто се дел од заштитата на животната средина и продолжуваме и понатаму да инвестираме во животната средина во оние програми коишто веќе ги имаме од минатото. Добив информација дека почнува проектот постепено да се реализира за пречистителната станица во Битола, слично нешто очекувам и за Тетово. Скопскава гледам почнува да се задвижува итн. Сакам да кажам дека апсолутно ни се приоритет тие проекти, рече Мицкоски на новинарско прашање пред обраќањето на конференцијата на „Блумберг Адрија“ на тема „Економски потенцијал и развојни можности за Македонија“.

Скопје - Трговските и економските односи помеѓу Турција и Северна Македонија, биле тема на разговор на денешната средба во Анкара на министерот за економија и труд Бесар Дурмиши со турскиот министер за трговија Омер Болат.

На средбата, како што соопшти, Министерството за за економија и труд, двајцата министри се осврнале на можностите за соработка меѓу двете земји, а бил упатен и апел за зголемување на инвестициите.

Министерот Дурмиши на состанокот информирал дека Република Турција е меѓу нашите најзначајни трговски партнери и земја која континуирано инвестира во македонската економија во разни сектори како стратешки инвестициски партнер.

-Податоците за трговска размена покажуваат дека Република Турција минатата година е рангирана на седмото место на листата на земји со кои Република Северна Македонија остварува најголем обем на трговска размена. Се надевам дека во наредниот период оваа соработка дополнително ќе се продлабочи, истакнал министерот Дурмиши.

Двајцата министри разговарале и за поголемо учество на турските фирми во македонски инфраструктурни и енергетски проекти во насока на зголемување на инвестициите во Северна Македонија. 

Скопје - Државниот завод за ревизија го објави извештајот за извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Јавното сообраќајно претпријатие „СКОПЈЕ ‘‘ Скопје, за 2023 година, во кој даваат неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи на ЈСП и се заклучува дека јавното претпријатие не е во состојба да обезбеди квалитетни и навремени услуги на граѓаните на град Скопје.

-Констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето на ЈСП и поради нивното значење изразивме неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики. Со ревизијата е утврдено дека Владата нема донесено одлуки за одобрување на средства од буџетот на Министерството за образование и наука (МОН) за покривање на трошоците за бесплатен градски превоз на редовните студенти на државните универзитети за учебните години 2022/2023 и 2023/2024. Поради тоа, во буџетот на МОН не се предвидени средства за оваа намена, додека јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ продолжува да ја исполнува својата законска обврска за бесплатен јавен превоз, но безнадомест. Недостигот на средства од МОН влијае на континуитетот на услугата, се посочува во Извештајот.

Скопје - Претседателот на Алијансата за Албанците и министер за здравство Арбен Таравари, денеска учествува на свеченото отворање на 74-от регионален состанок на Светската здравствена организација (СЗО).

- Овој важен настан е посветен на заедничките напори за подобрување на јавното здравје и развој на здравствените системи во регионот. Со учество на високи претставници од различни земји, се очекува продуктивна размена на идеи и стратешки решенија за предизвиците во здравствениот сектор, информира Таравари.

Учеството на министерот Таравари ја потврдува посветеноста на Северна Македонија да учествува активно во глобалниот дијалог за напредок на јавното здравје и справување со актуелните предизвици во здравствениот сектор.

Скопје –  Здружението за еднакви можности „Мрежа Стела“ го промовираше документот за политики „Премостување на јазот во економското зајакнување на жените и девојките во Северна Македонија: Достапни можности, мерки, предизвици и препораки“.

Како што наведува Здружението, жените во Северна Македонија имаат повисоки стапки на невработеност, особено оние од руралните средини, односно 18 634 жени од руралните средини во нашата земја се најголемиот број на неплатени семејни работници во 2021 година. 

-Жените во голема мера се ангажирани во сектори кои имаат пониски плати и помали можности за професионален развој. Постојат големи разлики во платите меѓу мажите и жените, дури и кога се работи за исти позиции и исти квалификации, соопшти Здружението „Мрежа Стела“. 

Промовираниот документ е дел од проектот „Застапување за економско омоќување на жените: Еднаков пристап до можностите за финансиско осамостојување“ во рамки на билатералната програма за субгрантирање на женски граѓански организации спроведувана од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, со финансиска поддршка од Kvinna till Kvinna Foundation. 

Скопје - Во последното деноноќие имало регистрирано 14 интервенции за пожари на отворено од коишто околу една третина биле за гаснење запален смет во или покрај урбани населби. Сите пожари се изгаснати, соопшти денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Регионалните центри за управување со кризи информираат дека на територијата на државата интервенции за гаснење пожари на отворено имале пожарникарите од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) на Град Скопје, и Територијалните противпожарни единици (ТППЕ) на Валандово, Битола, Кавадарци, Делчево, Куманово, Тетово и Гостивар.

ЦУК информира дека денеска, во периодот од 12:00 до 17:00 часот, е планирано минирање на локалитетот „Сладун“ во Општина Прилеп, поради што ќе има повеќе детонации.

Скопје – Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец’’ објави повик за пријавување за бесплатни едукативни часови за изведба на народни игри и песни, наменети за млади на возраст од 18 до 23 години. 

Како што информира „Танец“, часовите ќе бидат под менторство на нивни врвни уметници. Повикот е наменет за млади од 18 до 23 години коишто учат или имаат завршено средно музичко/балетско училиште на насоката за традиционална музика и игра или се на академски студии во чиишто програми се изучува музичко-сценскиот фолклор, како и сите млади ентузијасти кои имаат солидни знаења од областа, преку членување во културно-уметничките друштва.

Пријавувањето на заинтересираните почнува денеска и ќе трае до  7 ноември, а наредниот ден (8 ноември) од 10 часот во просториите на ансамблот ќе се одржи проверка на музичко-сценските способности на пријавените кандидати и нивната селекција. 

Скопје - Почнаа читачките проби на претставата „Бог на колежот“, која е копродукциски проект, по текст на светски познатата француска авторка, Јасмина Реза, а во режија на Весна Петрушевска, соопштија денеска од Македонскиот народен театар (МНТ).

Како што посочуваат, станува збор за еден од најпоставуваните текстови на Реза, напишан во 2006 година, за кој добива и многубројни награди. 

Режисерката Петрушевска го одбира овој текст на оваа брутално црна комедија, која безмилосно ја разобличува современата елита, притоа користејќи иронија и сарказам за да предупреди на дволичноста на човечката природа.

Атина – Грчкиот премиерот Киријакос Мицотакис и претседателот на Република Кипар Никос Христодулидис имале телефонски разговор во пресрет на утрешната посетата на Христодулидис на САД и средбата со американскиот претседател Џо Бајден, јави дописничката на МИА од Атина.

Портпаролот на кипарската Влада Константинос Летибиотис на платформата Икс напиша дека „координацијата меѓу Кипар и Грција останува континуирана и блиска“.

Ден по посетата на САД, односно в четврток, кипарскиот претседател во Атина ќе се сретне со грчкиот премиер.

За утрешната средба со американскиот претседател, Христодулидис рече дека поканата доаѓа „во продолжение на важни случувања што го покажуваат зајакнувањето на регионалниот и меѓународен отпечаток на земјата“, нешто за што посочи дека работат методично.

Тел Авив - Цената на нафтата се зголеми за повеќе од два проценти уште на почетокот на октомври, по ракетните напади од Иран врз Израел. 

Израелските цели во Иран, погодени на 26 октомври, биле фабрики за ракети, објави портпаролот на израелската армија Даниел Хагари. САД, најважниот сојузник на Израел, побарале од израелската влада да не ги напаѓа иранските нуклеарни постројки или нафтени полиња, бидејќи Иран покрива околу четири проценти од глобалните потреби за нафта, според анализа на Capital Economics.

Извозот на нафта е важен извор на приход за Иран. И покрај тоа што САД го напуштија иранскиот нуклеарен договор во 2018 година, повторно воведоа санкции за иранската нафта и потоа ги проширија дополнително, Иран сè уште успева да продава нафта - најмногу на Кина.

Ерусалим - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не добил предлог за договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа, според неговиот портпарол, по обновувањето на разговорите на високо ниво.

Медиумите претходно објавија дека Египет предложил дводневно примирје во Газа во неделата, што ќе овозможи размена на четворица израелски заложници држени во енклавата за неодреден број палестински затвореници кои ги држел Израел.

„Израел не доби предлог за ослободување на четворицата заложници во замена за 48-часовен прекин на огнот во Газа, рече Нетанјаху за време на затворениот состанок на партијата Ликуд, според неговиот портпарол Омер Достри.

Газа - Најмалку 55 Палестинци се убиени денеска во израелски напад врз станбена зграда во градот Беит Лахија, во северниот дел на Појасот Газа, соопшти палестинската државна служба за вонредни ситуации.

Меѓу загинатите има многу жени и деца, јавија палестинските медиуми врз основа на информации од здравствените работници.

Палестинската управа за вонредни ситуации вчера соопшти дека околу 100.000 луѓе се блокирани во Беит Лахија, Беит Ханун и бегалскиот камп Џабалија без медицински и прехранбени резерви, откако израелски тенкови навлегле длабоко во овие населби во северниот дел на Газа.

Каиро - Дванаесет лица загинаа во близина на либискиот брег кога брод со бегалци кој се движеше кон Европа се преврте во Средоземното Море.

Според локалните власти, чамецот се превртел во близина на Либија, а на него имало 13 лица од Египет, а само еден преживеал.

Ал-Абрин, група која обезбедува хуманитарна помош за мигрантите во Либија, на Фејсбук објави дека чамецот се превртел синоќа на 60 километри од градот Тобрук. Таа додаде дека телата се пронајдени и донесени на брегот.

Во последниве години, Либија беше една од главните транзитни точки за бегалците кои бегаат од војна и глад од Африка и Блискиот Исток.

Тбилиси - Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој е во посета на Грузија, изјави во Тбилиси дека парламентарните избори во земјата, на кои победи владејачката партија „Грузиски сон“, биле слободни и демократски.

Орбан, кој вчера пристигна во Тбилиси, го поздрави својот грузиски колега Иракли Кобахиѕе и нагласи дека ги цени неговите напори за мир во Украина.

Дополнително, унгарскиот премиер истакна дека грузискиот народ направил „проевропски избор“. Орбан додаде дека бил информиран за мислењата на унгарските набљудувачи на изборите во Грузија, кои оцениле дека изборите биле слободни и демократски.

Унгарија е ротирачки претседател на Унијата, но од таму инсистираат дека Орбан не ја претставува ЕУ.

Тоа вчера го изјави и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел. - Што и да каже господинот Орбан за време на неговата посета на Грузија, тој не ја претставува Европската Унија. Ротирачкиот претседател на Ун

Тбилиси – Во Грузија денеска ќе се пребројуваат гласовите на пет избирачки места во секоја изборна единица откако проевропската опозиција Коалиција за променија обвини владејачката партија Грузиски сон за измама и кражба на парламентарните избори, соопшти изборната комисија.

- Пребројување на гласовите ќе има на 14 отсто од избирачките места во Грузија Брисел и Вашингтон побараа од Тбилиси да отвори истрага за наводите за изборни нерегуларности.

На покана на опозицијата и претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили синоќа десетици илјади Грузијци мирно протестираа за да ги осудат резултатите од парламентарните. Зурабишвили ги осуди софистицираните методи на измама, слични на оние што се практикуваат во Русија.

Четирите опозициски партии кои освоија пратенички мандати не ги признаваат изборните резултати и најавуваат бојкот на Парламентот.

Рабат - Франција и Мароко договорија купување на брзи возови од француската компанија „Алстом“ – еден од неколкуте бизнис-договори склучени за време на државната посета на претседателот Емануел Макрон во кралството, што според локалните медиуми претставува нов почеток во односите меѓу двете земји по долгогодишните дипломатски тензии.

Изминативе три години Париз и Рабат имаа тензични односи, најмногу во врска со прашањата за миграцијата и спорната територија Западна Сахара, која Мароко бара да се признае како негова.

Со поддршката на Рабат за Западна Сахара во јули, Макрон овозможи помирување на двете земји. Делегацијата на францускиот претседател во Мароко вклучуваше десетина министри и околу 40 директори на француски компании.

Вчера кралот Мохамед VI лично го пречека Макрон и неговата сопруга на аеродромот во Рабат пред церемонијата на потпишување договори во кралскиот дворец.

Бејрут - Либанската проиранска паравоена организација Хезболах денеска соопшти дека Наим Касем е назначен за нов лидер на групата. Касем, кој претходно беше помошник на починатиот Хасан Насрала, ја презеде водечката улога откако Насрала беше убиен во израелски напад.

„(Владејачкиот) Шура совет на Хезболах се согласи да го избере... Шеикот Наим Касем за генерален секретар на Хезболах“, се вели во соопштението на групата поддржана од Иран, повеќе од еден месец по убиството на Насрала..

Касем, кој е централна фигура во лидерската структура на Хезболах, беше влијателен глас во воените и политичките стратегии на организацијата, пишува „Турки тудеј“.

Грозни - Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров изјави дека дрон го нападнал Универзитетот на руски специјални сили во Гудермес, Чеченија, по што се запалил покривот на една од зградите, а нема повредени.

Кадиров изјавил дека зградата во која се запалил покривот била празна.

Чеченскиот лидер рече дека нападот со дрон не влијаел на работата на Универзитетот и дека институцијата функционира нормално.

Кадиров посочува дека за тој напад е покрената истрага за да се утврди одговорноста.

Лондон – Околу 40.000 Европејци годишно умираат поради загадувањето што го испуштаат шпоретите на гас. Штетни гасови од шпоретите на гас поврзани се со болести на срцето и белите дробови, се наведува во студијата спроведена во Велика Британија и ЕУ.

Експертите предупредуваат дека јавноста не е доволно свесна за опасностите. Во просек, употребата на шпорети на гас го скратува животот на луѓето кои ги користат за речиси две години. Според нив, 36.031 предвремена смрт секоја година е од шпорети на гас во ЕУ и речиси 4.000 во Велика Британија.

Во студијата земени предвид се само ефектите од азот диоксид, а не и од другите гасови, како што се јаглерод моноксид и бензен. Шпоретите на плин испуштаат штетни материи кои доведуваат до воспалителни процеси во дишните патишта.

Секое трето домаќинство во ЕУ користи гас, а во Велика Британија 54 отсто. Процентот е уште поголем кај одредени членки на ЕУ, како Италија, Холандија, Романија и Унгарија – над 60 отсто.

Њујорк - Поранешниот градоначалник на Њујорк, Мајкл Блумберг, донираше 50 милиони долари на непрофитна организација која ја поддржува кандидатурата на демократската кандидатка на изборите во САД, Камала Харис, пишува „Њујорк Тајмс“.

Иако Блумберг вообичаено јавно зборува за донации, овој пат тоа сакал да го задржи во тајност, додава њујоршкиот весник.

Тој ги пренасочил парите за Future Forward USA Action, кој е дел од Комитетот за политичка акција на Камала Харис и се занимава главно со анонимни донации.

Според Форбс, богатството на Блумберг се проценува на 105 милијарди долари, а Блумберг претпочита да дава донации кон крајот на изборната кампања.

Лос Анџелес - Продажбата на автомобили во Европа падна за 4,2 отсто во септември 2024 година. Ова е продолжение на трендот којшто трае неколку месеци, а според познавачите, се припишува на намалениот интерес на купувачите на електромобили. Но, и покрај тоа, електричен модел е најпродаваниот автомобил во Европа минатиот месец.

Така, според податоците собрани од „ЈАТО динамикс“ (JATO Dynamics), „Моделот ипсилон“ на „Тесла“ (Tesla Model Y) е на првото место. По американскиот електричен теренец следат конвенционалните модели „Рено клио“ „Дачија сандеро“, „Фолксваген тигуан“ и „Киа спортиџ“.

Како што пишува „Ауто стар“ (Auto Star), регистрирани се вкупно 28.876 продадени „Ипсилон“ возила - што е намалување од еден отсто во однос на истиот месец лани.

Остани поврзан