МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
14 ноември 2024
Скопје - Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска почнува расправата за Предлог-буџетот за 2025 година. Седницата, според веб страницата на Собранието, треба да почне во 11 часот.
Владата го усвои Предлог-буџетот на 29 октомври и во него економскиот раст е проектиран на ниво од 3,7 проеценти, буџетскиот дефицит на четири проценти од БДП, а инфлацијата на 2,2 проценти.
Вкупните приходи се планирани на ниво од 358,838 милијарди денари или за 13 проценти повеќе, а порастот се темели на поефикасната наплата и борбата со неформалната економија. Вкупните расходи се на ниво од 400,2 милијарди денари или за 10 проценти повеќе во однос на годинава, а дефицитот е на ниво од 41,350 милијарди денари и номинално е понизок за 3,3 милијарди денари.
Скопје - Во Свечената сала на Владата денеска ќе биде одржана Платформа: 100% посветени за тебе на тема „Фокус на правдата, безбедноста и одбраната“.
На настанот ќе учествуваат министерите за внатрешни работи Панче Тошковскии за правда Игор Филков, како и државниот секретар на Министерство за одбрана Елизабета Чуповска Ристова, соопшти владината прес-служба.
Скопје - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска ќе го посети Македонскиот народен театар каде ќе се запознае со состојбите и плановите на установата.
Според најавата на Министерството за култура, Љутков ќе присуствува и на проба на претставата „12“.
Штип - Во Тренинг центарот на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип денеска ќе биде одржана панел дискусија на тема „Регионална соработка и европска интеграција – Агендата на ЕУ за Западен Балкан“.
На настанот кој е во рамки на иницијативата Катедра Аденауер 2024, ќе учествуваат претставници од академската и политичката сфера.
Панел дискусијата ја организираат Фондацијата „Конрад Аденауер“, Центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“ во Брисел, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Академијата за европски интеграции во Скопје.
Скопје - Здравствен дом „Железничар“ денеска ќе се приклучи во кампањата за поголема свест за машкото здравје.
Пред платото на установата, денеска ќе се допринесе во светската кампања за подигнување на свеста за заштита на машкото здравје - „Грижи се за себе“, со земање крв за ПСА (PSA), бесплатни скрининг тестови наменети за машката популација над 45 години.
Битола - Со изведба на претставата „Ѓоре Магаревски 80 години потоа“, вечер на големата сцена „Благој Стефановски-Баге“, во Битола ќе биде одбележан јубилејот 80 години од формирањето на битолскиот Народен театар.
Во архивата на театарот е забележано дека на 14 ноември 1944 година во Битола изведена е првата претстава на македонски јазик, едночинката „Ѓоре Магаревски“ или „Петтоимениот Ѓоре“ од Владо Малески, во режија на Димче Стефановски, а веднаш потоа формирано е првото театарски јадро со Јорго Цаца, Вера Вучкова, Димче Стефановски, Ацо Стефановски, Мери Бошкова, Симо Георгиевски, Славче Матевски, Георги Карев и Јован Бејко.
Скопје - Амбасадата на Република Кореја во соработка со Кинотека на Македонија денеска организира „Ден на корејската култура во Скопје“.
Предвидени се проекции на два филма во Кинотека. Од 17:00 часот ќе биде прикажан играниот филм „Помеѓу боговите: двата света“, јужнокорејски фантастичен акционен филм од 2017 година, во режија на Ким Јонг-хва. Филмот е прв дел од трилогијата базиран на истоимениот веб-серијал на Џо Хо-мин, кој е инспириран од будистичките слики од корејската династија Чосеон и раните будистички текстови за Десетте кралеви на пеколот. Филмот не се препорачува за деца под 15 години.
Скопје - Македонската платформа против сиромаштијата, денеска во Младинскиот центар Матично организира конференција на тема „Локална енергија и социо-еколошка агенда”.
На конференцијата ќе се дискутира за македонските наспроти европските искуства, споделување на успеси и предизвици за локални енергетски трансформации, бизнис моделирање на локалниот пазар на енергија, одржлива иднина, праведна транзиција, намалување на енергетската сиромаштија, вклучување на ранливите граѓани, како и за зајакнување на заедниците.
Скопје – Во Културниот центар Пароброд од Белград, денеска започнува првата Ревија на македонскиот филм, посветена на наградуваните македонски филмови кои освоиле признанија на меѓународни фестивали.
Како што се наведува во соопштението на организаторите, на манифестацијата ќе бидат прикажани документарци, играни филмови и класики од македонската кинематографија, а свои музички настапи ќе имаат „Пијан Славеј“ и „Новоградска“.
Скопје – Под слоганот „Време е за чај“, на приземјето во Скопје Сити Мол, денеска започнува четиридневен „Фестивал на чај“, на кој ќе се претстават повеќе од 30 учесници. Фестивалот е во организација на Платформата за истражување и промоција на природата и културата „Експедиција Природа“, во соработка со Скопје Сити Мол.
Како што стои во соопштението на организацијата, на Фестивалот посетителите ќе имаат можност да дегустираат и купат чаеви, продукти од ароматични билки, есенцијални масла, како и да дознаат повеќе за традицијата, културата и моќта на лековитите билки.
Скопје – Во Културно информативниот центар – Скопје, вечерва ќе се одржи промоција на книгата „Со свои зборови: интервјуа (1985 – 2023)“ од уметникот Сергеј Андреевски.
Како што стои во соопштението на КИЦ, книгата претставува прошетка низ времето уште од самите почетоци на сликарската кариера на Андреевски и се состои од неговите лични ставови кон уметноста, животот и секојдневното битисување, искажани во серија интервјуа, разговори и изјави, почнувајќи од 1985 година, па сѐ до 2023 година.
Скопје - Новиот роман од Зоран Спасов Sоф – „И јас сум Сирма“ ќе биде промовиран вечер во 20 часот во Младинскиот културен центар – Скопје. Книгата, која е во издание на „Попули“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе ја промовира Татјана Алексиќ, а модераторка на настанот ќе биде уредничката Татјана Димовска-Атанасова. Специјална гостинка, во улога на Сирма ќе биде младата актерка Јована Спасиќ. По промоцијата, забавата ќе продолжи со настап на „Сирма rock’n’roll бенд“.
Скопје - Оркестарот на Македонската филхармонија вечер со почеток во 20 часот ќе го одржи концертот насловен „Наостри ги сетилата“ на кој како солист на усна хармоника ќе настапи Роберт Бонфиљо од САД, а диригент е Борјан Цанев.
На програмата се дела „Музичка жртва“ од Стојче Тошевски, Концертот за усна хармоника и оркестар од Х. Вила –Лобос и „Болеро“ и „Шпанска рапсодија“ од Морис Равел.
Скопје - Македонската фудбалска репрезентација ги продолжува настапите во Лигата на нации. Противник на „црвено-жолтите“ во 5. коло од четвртата група на Ц-сегментот е селекцијата на Летонија.
Голманот Столе Димитриевски посакува да одигра уште еден натпревар без примен гол.
Белград - Во Будимпешта денеска ќе се одржи втората седница на Советот за стратешка соработка меѓу Србија и Унгарија, на која ќе учествуваат претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Унгарија, Виктор Орбан.
Пред седницата, Вучиќ и Орбан ќе имаат посебна средба, а членовите на владите на двете земји, односно работните групи ќе имаат билатерални средби.
Париз - Јавниот обвинител синоќа побара лидерката на француската десница Марин Ле Пен да биде прогласена за виновна за проневера, осудена на затвор и забрана да се кандидира за јавна функција, вклучително и за претседател на Франција, во следните пет години.
Ле Пен, нејзината партија Национален митинг и уште 24 луѓе, меѓу кои и сегашни и поранешни пратеници и европратеници, се обвинети за незаконско користење на средствата на Европскиот парламент за плаќање на парламентарните асистенти, што тие го негираа, пишува Политико.
Брисел - Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел предложи ЕУ да го прекине политичкиот дијалог со Израел наведувајќи ги како причина кршењето на човековите права за време на конфликтот во Појасот Газа, изјавија четворица неименувани европски дипломати кои го виделе писмото испратено од Борел во средата упатено до министерствата за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ.
Киев - Во периодот од јануари до септември оваа година, хуманитарните организации обезбедија најмалку еден вид помош на 7,2 милиони Украинци, објавија украинските медиуми, повикувајќи се на Министерството за реинтеграција на привремено окупираните територии и Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарна помош во Украина.
Се забележува дека 5,8 милиони луѓе, главно од предните области, добија помош во форма на снабдување со вода, санитарни и хигиенски материјали.
Храна и основни потреби им се обезбедени на три милиони луѓе, а два милиони добиле навремена медицинска помош. Околу 1,3 милиони Украинците беа снабдени со материјали за итни поправки на нивните домови.
Париз - Французин заработил 85 милиони долари (80,5 милиони евра) во низа облози на „Полимаркет“ (Polymarket) - пазар за крипто-предвидувања, којшто беше популарна платформа за обложување околу изборите во САД на коишто победи Доналд Трамп.
Според „Волстрит журнал“ (The Wall Street Journal), човекот е француски државјанин и поранешен трговец, по име Тео. Засега тој не сака да го објави своето презиме. Американската компанија за блокчејн-анализа - „Чејнанализис“ (Chainanalysis), пак, соопшти дека извршила вкрстена проверка и идентификувала 11 сметки на „Полимаркет“ со слични својства и особености. Имено, овие сметки се полнеле во исто време, учествувале во обложувања и биле испразнети во исто време.
„Полимаркет“ засега не ги потврди наводите.
Вашингтон - Американскиот претседател во заминување Џозеф Бајден в сабота ќе се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг, најверојатно за последен пат во неговиот мандат, соопштија високи претставници на американската администрација.
Средбата ќе се одржи во време кога Кина се подготвува за потенцијално заострување на односите со американската администрација во време на Доналд Трамп.
Вашингтон - Републиканскиот сенатор од Флорида Марко Рубио е номиниран за нов државен секретар на САД, објави новоизбраниот претседател Доналд Трамп.
„Чест ми е да објавам дека го номинирам сенаторот Марко Рубио за државен секретар на САД. Марко е многу почитуван лидер и силен поборник за слободата. Тој ќе биде добар претставник на нашата земја, вистински пријател на нашите сојузници и внимателен воин кој никогаш нема да отстапи од нашите непријатели“, наведе Трамп во изјавата.
Вашингтон - Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп го запрепасти Пентагон и пошироките кругови во одбранбениот свет со номинирање на водителот на Фокс Њуз, Пит Хегсет за секретар за одбрана, бидејќи на чело на најголемата и најмоќната војска во светот доаѓа некој со недоволно искуство на глобалната сцена, наведуваат американски медиуми.
Вашингтон - Актуелната американска администрација планира да испрати барање до Конгресот за нова помош за Украина за фискалната 2025 година за време на периодот на транзиција, изјави денеска советникот за национална безбедност на американскиот претседател Џејк Саливан.
-Во следните два месеци, администрацијата ќе испрати сигнал до Конгресот дека би сакале да видиме дополнително финансирање за Украина во 2025 година, за да има можност да ја постигне најдобрата позиција, најсилната можна преговарачка позиција, рече Саливан, според соопштението на Стејт департментот.
Вашингтон - Републиканците освоија доволно места за да ја задржат контролата врз Претставничкиот дом, формирајќи обединета влада контролирана од Републиканската партија во Вашингтон, јави Еј-Би-Си.
Вашингтон - Претседателот на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон синоќа ја доби номинацијата на републиканците за да остане на функцијата и е на пат да ја задржи откако новоизбраниот претседател Доналд Трамп исто така го поддржа.
Иако Џонсон не се соочи со сериозен предизвикувач, тој се соочува со несогласување во редовите на неговата партија, особено од цврстата десница и конзервативците, кои одбиваат да гласаат со своите колеги за да добијат ветувања за идна соработка.
Вашингтон – Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп ја избра поранешната демократка во Долниот дом на Конгресот, Тулси Габард за директорка на Националните разузнавачки служби.
- Како поранешна кандидатка за претседателска номинација од Демократската партија, таа (Габар) има широка поддршка во двете партии – и сега е горд републиканец, истакна Трамп.
Тој додаде дека знае оти „Тулси ќе донесе бестрашност нашата разузнавачка заедница“ и оти ќе инсистира на уставните права.
Вашингтон - Гувернерите на Илиноис и Колорадо рекоа дека ќе копретседаваат со коалиција од претежно демократски држави кои ќе се борат против политиките што новоизбраниот републикански претседател Доналд Трамп вети дека ќе ги продолжи.
Со нивната група „Гувернери во одбрана на демократијата“, демократите Ј.Б. Прицкер од Илиноис и Џаред Полис од Колорадо им се придружуваат на јавните обвинители и другите демократски гувернери кои исто така ветија дека ќе се спротивстават на конзервативните политики на Трамп насекаде - од имиграцијата до укинувањето на мерките за заштита на животната средина.
Вашингтон - Американскиот специјален обвинител Џек Смит, кој води два случаи против новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, се очекува да ги прекине истрагите и да поднесе оставка пред идниот претседател да го разреши, пренесоа американските медиуми, јави ДПА.
За време на неговата кампања, Трамп рече дека ќе го разреши Смит „за две секунди“, но според информациите на Њујорк Тајмс и Вашингтон пост, обвинителот ќе поднесе оставка пред тоа.
Практиката на американското Министерство за правда е да не ги истражува актуелните претседатели, посочува ДПА. Обемот на таа практика неодамна беше проширен со одлука на Врховниот суд.
Вашингтон – Сопругата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, Меланија нема да се пресели во Вашингтон за време на вториот мандат на нејзиниот сопруг, објави Си-ен-ен, повикувајќи се на повеќе неименувани извори.
Тие истакнаа дека во тек се дискусии за тоа како и каде точно ќе го поминува времето за време на вториот мандат на Трамп.
Се очекува идната прва дама на САД поголемиот дел од времето да го помине во Њујорк и во Палм Бич, Флорида.
Москва - За легитимноста на изборите во Украина, доколку се одлучи да се одржат во пролетта 2025 година, ќе се суди дури откако ќе бидат завршени, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
„Изборите може да се организираат на различни начини, видете како се организираат изборите во Молдавија. Можеме да ја оцениме легитимноста на овој или оној изборен процес само кога ќе видиме како се одвиваше и како беше организиран“, изјави Лавров за ТВ „Русија 1“.
Киев - Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Украина, Георгиј Тихи, го демантираше написот на „Тајмс“ дека Украина може да направи нуклеарна бомба и рече дека Киев не планира да развива нуклеарно оружје.
-Украина се придржува до НПТ (Договор за неширење нуклеарно оружје), ние не поседуваме, развиваме или имаме намера да создаваме нуклеарно оружје. Украина тесно соработува со МААЕ и е целосно транспарентна во мониторингот, што ја исклучува употребата на нуклеарни материјали за воени цели, рече Тихи, коментирајќи го написот на британски Тајмс дека Киев може да развие елементарна нуклеарна бомба користејќи плутониум за неколку месеци доколку Доналд Трамп ја прекине воената помош на САД.
Амстердам - Холандската полиција уапси 281 лице на забранетиот протест за поддршка на Палестина на плоштадот Дам во Амстердам.
Уредбата за вонредна состојба во холандската престолнина по немирите по натпреварот на Ајакс против Макаби Тел Авив минатата недела, ги забрани демонстрациите на плоштадот Дам.
Градските власти на демонстрантите им понудиле алтернативна локација во Вестерпарк, но тие вчера околу 18 часот почнале да се собираат во центарот на градот, по што интервенирала полицијата и го прекинала протестот при што уапсила 281 лице.
Коломбо - Во Шри Ланка денеска се одржуваат избори, што ќе одредат дали гласачите во јужноазиската островска држава ќе го поддржат нивниот нов, левичарски претседател Анура Кумара Дисанајака да ги промовира своите политики против сиромаштијата.
Малку повеќе од 17 милиони гласачи во Шри Ланка имаат право да гласаат на парламентарните избори за следниот петгодишен мандат на парламентот, кој има 225 пратеници.
Рекордни 690 политички партии и независни групи се во борба во 22 изборни единици.
Вашингтон – Повеќе од 800 милиони возрасни луѓе во светот имаат дијабетес, што е двојно повеќе од претходните процени, а повеќе од половина од нив на возраст од 30 и повеќе години не се лекуваат, покажа новото истражување на медицинскиот списание „Лансет“ (The Lancet).
Во светот во 2022 година околу 828 милиони луѓе над 18 години биле заболени од дијабетес од типот 1 и 2. Во студијата е наведено дека кај возрасните лица над 30 години, односно 445 милиони или 59 отсто од нив не се лекуваат од дијабетес.
Манила - Петтата голема бура во последните три недели, тајфунот Усаги, денеска се приближи до Филипините, што предизвика нова масовна евакуација на населението и барање од Обединетите нации за итни средства за помош на владата да ја олесни ситуацијата во тешко погодените области.
Тајфунот Усаги, со ветрови од 185 километри на час, се очекува денеска да го погоди брегот на провинцијата Кагајан во северниот дел на Лузон, најнаселениот земјоделски регион во земјата и дополнително да зајакне.
Торино – Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз вчеравечер ја забележа првата победа на Завршниот АТП турнир во Торино. Победата над Русинот Андреј Рубљев значеше и задржување на шансите за пласман во полуфиналето.
Алкараз се надева на добра игра во третото коло против Александар Зверев.
Мадрид - Раководството на Реал Мадрид се противи на враќањето на дефанзивецот Серхио Рамос во клубот, пренесува „El Chiringuito“.
И покрај изјавата на 38-годишниот Шпанец за неговата желба да се врати во тимот поради тешката повреда на Едер Милитао, претседателот на клубот Флорентино Перез и извршниот директор Хозе Анхел Санчез се против враќањето на фудбалерот.
На списокот на повредени фудбалери на „Кралскиот клуб“ се дефанзивците Даниел Карвахал, Давид Алаба и Лукас Васкез. Исто така, на мечот од 13. коло на Ла Лига со Осасуна (4:0), Едер Милитао ги скина вкрстените лигаменти на коленото.
Париз - Репрезентацијата на Франција вечер може да постави антирекорд по посетеност на домашен терен.
На „Стад де Франс“ во Париз гостува Израел во 5. коло во Лигата на нации. Според информациите во тамошните медиуми на ден пред натпреварот беа продадени само 20.000 билети. Капацитетот на стадионот изнесува од 80.000 гледачи.
Причина за слабата посетеност на мечот со Израел се особено стравувањата на позадината на нападите врз навивачите на Макаби Тел Авив во Амстердам минатиот четврток.