• петок, 15 ноември 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

14 ноември 2024

Берово - Во Берово од денеска почна организираната доставата на вода преку цистерните од страна на ЈПКР „Услуга“. Доставата се врши откако претходно беше утврдено зголемено присуство на манган во водата од Градскиот водовод. 

-Доставата на вода од цистерни се врши на повеќе локации. Почнавме од 8:00 часот со достава на вода на локација кај Здравен дом и Гимназијата „Ацо Русковски“ , како и месностите Нешовци и Јарбол. Достава на вода ќе се врши и во останатоте населени места. Во село Митрашинци и село Русиново од 11:30 часот, село Будинарци и село Владимирово од 12:30 часот, село Мачево и село Смојмирово од 13:30 часот, информираа од ЈКПР „Услуга“.

За институциите доставување вода, како што додадоа, ќе се врши по договор.

-Секоја цистерна ќе се задржи по 45 минути на одредената локација. Апелираме за ред и дисциплина. За секој жител ќе биде обезбедена потребната количина на вода. Лице за контакт: лаборант Влатко Дујовски, телефон за контакт: 070/219-328, додадоа од ЈКПР „Услуга“.

Делчево - Појава на одрони утрово се регистрирани на патот Делчево - Македонска Каменица во близина на с.Очипала. Од подружницата на Македонија Пат информираа дека одроните редовни се чистат и апелираа внимателно движење долж овој патен правец кој е дел од магистралата А3.

-Знаеме дека  се работи за подрачје кое има склоност на вакви појави, а врнежите кои непрекинато паѓаат 24 часа дополнително влијаат за тоа. апелот е да се вози внимателно со препорака за ппочитување на сообраќајната сигнализација и прилагодување на брзината, информираа од Македонија Пат.

Поради дождот кој утрово започна да паѓа со посилен интензитет во Пијанечко-Малешевскиот регион се вози по влажни коловози.

Струмица - Пожарот кој избувна во подножјето на планината Беласица на 10 овој месец, меѓу селата Смоларе и Мокрино, е изгаснат, соопштија утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

-Шумскиот пожар е ликвидиран, а беше зафатена површина од околу 20 хектари најразновидна шума. На терен беа 7 вработени и 2 теренски возила од ЈП „Национални шуми“, ПШС „Беласица-Струмица“ , се наведува во информацијата од ЦУК.

Завчера дојде до повторно разгорување на пожарот на планината Беласица во близина на село Смоларе и притоа се приближил кон црквата „Свети Петар и Павле“, но со брза интервенција не беше дозволено пожарот да се прошири.

Куманово - Биеналната изложба на графики „Кумановски графичари 2024“ ќе биде отворена вечерва по десетти пат. Кумановци ќе имаат можност да разгледаат 22 графики, изработени во последните неколку години од десет автори. Станува збор за изложба на графики на која учествуваат локални уметници последниве дваесет години.

-Се работи за неизложувани дела работени во различни временски периоди на коишто се воочува силен авторски печат и желба за остварување на авторска слобода во изразот. Тоа, пак, ќе резултира во креации со повеќеслојна ликовна естетика, карактеристична за експресивно-апстрактниот израз на современата графика. Во техничка смисла следиме и сè поголемо присуство на дигиталната графика како и обидите за експериментирање коишто често пати излегуваат од дефиницијата на графичко дело или ако сакате разбирањето на графиката како уметност на мултиоригиналот. Севкупно гледано, пред нас имаме една интересна колекција на графички листови којашто, се надеваме, ќе предизвика интерес кај пошироката публика, изјави Роберт Цветковски, историчар на уметноста, од НУЦК „Трајко Прокопиев“.

Битола - Со изведба на претставата „Ѓоре Магаревски 80 години потоа“, вечер на големата сцена „Благој Стефановски-Баге“, во Битола ќе биде одбележан јубилејот 80 години од формирањето на битолскиот Народен театар.

Во архивата на театарот е забележано дека на 14 ноември 1944 година во Битола изведена е првата претстава на македонски јазик, едночинката „Ѓоре Магаревски“ или „Петтоимениот Ѓоре“ од Владо Малески, во режија на Димче Стефановски, а веднаш потоа формирано е првото театарски јадро со Јорго Цаца, Вера Вучкова, Димче Стефановски, Ацо Стефановски, Мери Бошкова, Симо Георгиевски, Славче Матевски, Георги Карев и Јован Бејко.

Првиот македонски театар до 1980 година работи во стариот објект, каде денеска сведочи спомен плоча на која претпладнево ќе биде положено цвеќе, а со изградбата на НУ Центар за култура, сите генерации актери и останати вработени во театарот, работаат во новиот објект каде вечер ќе биде промовирана изложба на театарски плакат, постери и каталози креирана од Христо Бојаџиев и Владо Ѓорески.

Македонска Каменица - Јавното претпријатие „Камена Река” ги известува граѓаните на Македонска Каменица дека спроведени анализи на водата за пиење во општина Македонска Каменица покажуваат позитивни резултати, кои потврдуваат дека водоснабдителниот систем обезбедува чиста и здрава вода за пиење.  

Анализите, во стандардна и редовна процедура, постојано се вршат во Центарот за јавно здравје, а резултатите од истите, како што се вели во денешното соопштение од претпријатието, потврдуваат дека водата е безбедна за пиење и користење. 

- Сите параметри на квалитетот на водата се во рамките на законски утврдени стандарди, што значи дека граѓаните на Македонска Каменица можат да бидат сигурни во здравствената исправност и безбедност на водата што ја користат, информираа од претпријатието.

Јавното претпријатие „Камена Река” и Општина Македонска Каменица, како што додадоа, ќе продолжат континуирано да се залагаат за унапредување на квалитетот на услугите и постојано да инвестираат во подобрување на инфраструктурата за водоснабдување, обезбедувајќи ги највисоките стандарди на квалитетот на водата за пиење.

Тетово - Три награди добија актерите кои ги толкуваат улогите во претставата „Момчето со пругасти пижами“ од Летечка театарска трупа-Тетово на театарскиот фестивал во градот Уб во Србија.

„Три награди од стручното жири- најдобра главна машка улога за Владимир Јованоски (Франц Вајсман), најдобра женска главна улога за Мелиса Ценовска Серафимовска (Елса Вајсман) и најдобра машка споредна улога за Никола Стојаноски (Бруно Вајсман).  Наградите се ехо на љубовта кон театарот. Тие се обврска, заклетва и залог. Тие се бреме кое можат да го носат оние што остануваат приземни кога ги наградуваат и скромни кога ги фалат. Наградите им ги посветуваме на сите што играат на даските што живот значат, велат од Летечка театарска трупа.

Тие учествуваа со претставата на театарскиот фестивал Repassage Fest. Оваа манифестација постои од 2007 година, организирана од општина Уб и Установата за култура и спорт „Уб“, на која настапуваат најдобрите аматерски театри од просторот на поранешна СФРЈ.  

Остани поврзан