• сабота, 24 мај 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

МИА Општински пул

МИА Општински пул

 9 април 2025

Крива Паланка - Во галеријата на Центарот за култура во Крива Паланка од синоќа се поставени педесетина дела од младиот кривопаланечки уметник Никола Станковски, дел од неговата прва самостојна изложба, насловена „Фрагменти од времето".

Изложбата е поддржана од програмата за 2025 година од областа на ликовната дејност на установата што, според вршителот на должноста директор, Даниела Петровска, претставува само една од програмските активности со кои како културна институција ги промовираат и поддржуваат младите креативци и уметници од градот.

- На мојата прва самостојна изложба можете да да видите околу 50 дела: слики од природа, портрети што раскажуваат емоции, сцени од секојдневниот живот, како и животни што ја симболизираат убавината и слободата. Делата се изработени во различни техники како што се маслена техника, акрил, пастел, темперна техника, јаглен, а истите се настанати во различни периоди од моето скромно творечко искуство, пред, за време и по завршувањето на студиите. Благодарам за поддршката од Центарот за култура и од страна на публиката што на мое големо задоволство беше присутна во голем број, за да сведочи на моето прво претставување пред пошироката јавност, истакна Станковски.

Според Вања Јакимовска од Секторот за ликовна дејност на Центарот за култура, Станковски како млад и талентиран уметник со своите импресивни дела допрва ќе го има својот збор во светот на уметноста преку естетиката и емоцијата со кои го креира низ слика духот на времето.

Битола - Во Центарот за култура во Битола вечер ќе биде приредена проекција на македонскиот документарен филм „Градина“ или „Приказна за последните урбани герила градинари.“

Тимот што го подготви и сними филмот информира дека „Градина“ е посветен на последните герила градинари во Скопје кои по триесет и пет години градинарење на ненаселено јавно земјиште во близина на реката Вардар, се соочени со иселување.

На културниот настан ќе гостуваат режисерот Бојан Тантуровски, продуцентот Илија Тирицовски и кинематограферот Кирил Шентевски, со кои по проекцијата ќе следува дискусија за филмот.

Проекцијата на македонскиот документарен филм „Градина“ е закажана за 19 часот во малата сала на Центарот за култура-Битола, каде ќе се емитува и во наредните четири денови, до 12 април.

Струга - Во Основниот суд во Струга денеска во две одвоени рочишта треба да продолжи судскиот процес против градоначалникот Рамис Мерко за набавката на автомобил „Ауди А6“ за потребите на Општина Струга и за поставено спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда. 

Расправата за набавката на луксузниот автомобил, поради промената на судечкиот судија почна од почеток со изведување докази и сослушување сведоци. Иако одбраната достави приговор за застареност на делото, тоа беше одбиено од страна на претходниот судечки судија, а истото го прифати и новиот судија Јордан Јованов. Според него, решението останува во сила, бидејќи има прекин на застареност. На претходното рочиште забележа и дека листата на сведоци е обемна и оти дополнително ќе одлучува дали ќе ја прифати во целост, нагласувајќи дека нема да толерира непојавување на сведоците без оправдани причини.

Според него, засега не постои можност за застарување на делото, односно апсолутна застареност би имало во 2028 година. Судскиот процес почна во април минатата година, а Мерко се товари за злоупотреба на службена положба, поради набавката на четири моторни возила во вкупна вредност од околу 114.000 евра, меѓу кои луксузен автомобил „Ауди А6“, со што го оштетил буџетот на Општината спротивно на начелата на законитост и спротивно на јавниот интерес во услови кога општината имала неподмирени долгови и блокирана жиро-сметка. Со последните измени на Кривичниот законик за злоупотребата на службената положба и овластувања – членот 353, се предвидува казна затвор од една до четири години.

По завршувањето на ова рочиште во судот во Струга со сослушување сведоци треба да продолжи и судскот процес за поставеното спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда. Како градоначалник на Општина Струга, Мерко во март минатата година, поставил спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда, со кое, според обвинението, поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга, со што сторил кривично дело предвидено во член 27 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја. На предлог на обвинителството одземен му е пасошот и треба еднаш неделно да се јавува во судот.

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко е на „црната листа“ на Соединетите Американски Држави (САД) поради вмешаност во корупција. Против него има поднесено девет обвиненија за несовесно работење во службата.

Кавадарци - Исчистена е отворена каналска мрежа за наводнување од  97,80 километри на Водостопанство ,,Тиквеш", информираше денеска за МИА,  Александар Стојанов, раководител на сектор во подружницата ,,Тиквеш", на АД Водостопанство. Оваа подружница обезбедува вода за наводнување за земјоделските култури во општините  Кавадарци, Неготино, Росоман, Демир Капија и Градско. Известувањето за состојбата на каналите за наводнување и другите речни водотеци, била една од точките на дневен ред и на синоќешната седница на Штаб за заштита и спасување на Општина Кавадарци.

- Динамиката на подготовка на системите за наводнување се одвива континуирано и постојано. Системите за наводнување во поголем дел се подготвени за претстојната сезона за наводнување. Исчистена е, искастрена, отворена каналска мрежа за наводнување од 97, 80 километри. Се продолжува со санација на лоцирани дефекти. На пумпните станици после извршената демонтажа и сервисирање, пристапуваме кон монтажа и оспособување на истите. На 3 април почнавме со дистрибуција на вода за наводнување. Сезоната за наводнување започнува на 15 април и ние сме спремни, подвлече Стојанов. 

Во врска со речните водотеци, Водостопанство ,,Тиквеш" имало изготвено оперативен план за заштита и одбрана од поплави и програма за заштита од штетно дејство на водите за 2025 година.

Делчево - Здравствениот дом „Гоце Делчев“ Делчево почнува со активности за бесплатно мерење на шеќер во крвта наменети за жителите од руралните средини. Од установата веќе го објавија распоредот за теренската работа која започнува утре во селото Бигла.

 -Јавната установа Здравствен дом „Гоце Делчев" Делчево ги известува жителите на општина Делчево дека теренски ке врши беслатно мерење на шекер во крвта, мерење на крвен притисок, давање на совети за здравјето. Ке се посетуваат населени рурални места со тим од лекар и медицинска сестра по следниот редослед: населено мести село Бигла, 10.04.2025 ( четврток пред продавницата во селото) и село Разловци 11.04.2025 (петок - во здраствениот пункт), информираа од установата.

Прегледите како што додадоа ќе се одвиваат во периодот од 10 до 12 часот.

-Во наредниот период ке следуваат и други акции во населените рурални места, за што жителите ќе бидат дополнително известени, додадоа од ЈЗУ Здравствен дом „Гоце Делчев“ Делчево.

Здравствеите прегледи се реализираат во рамките на програмата, Здравје за сите". 

Скопје - Од денеска до петок во официјална посета на Северна Македонија ќе присуствува Уршка Клакочар Зупанчиќ, претседател на Државниот збор на Словенија, поради што во Скопје ќе има посебен сообраќаен режим.

- Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот на подрачјето на град Скопје, информираат од МВР.

Оттаму додаваат дека СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите што ќе ги даваат полициските службеници.

Остани поврзан