МИА Општински пул
- МИА Општински пул

4 април 2025
Дебар – На граничните премини „Блато“ и „Џепиште-Требиште“, на македонско – албанската граница кај Дебар, во првиот квартал од годинава минале вкупно 237 394 патници, што е речиси на истото ниво, споредено со истиот период минатата година.
-На ГП „Блато“ регистрирани се вкупно 226 524 патници. Гледано одделено 45 246 се македонски државјани, од нив, на влез 29 511 додека на излез 24 735. Кога станува збор за странски државјани, регистрирани се вкупно 181 278 патници, при тоа на влез се 99 670 а на излез 81 608 патници, потврдија за МИА од Министерството за внатрешни работи.
Во последните неколку години фереквенција забележа зголемување, за дури и 60 отсто, по изградбата на автопатот „Патот на Арбр“ (Руга е Арбрит), кој беше пуште за сообраќај во ноември 2021 година, со кој оддалеченоста од преминот до Тирана до средината на март изнесуваше 80 километри, што беше намалување на оддалеченоста за стотина километри. Од средината на март, кога беше пуштен за сообраќај мостот Муриз оддалеченоста е уште помала, па од Дебар до Тирана сега се стигнува за еден час.
-На вториот граничен премин, Џепиште-Требиште на влез регистрирани се вкупно 5 567, додека на излез 5 303 патници или вкупно 10 870 патници. Одделно на влез регистрирани се 294 а на излез 318 македонски и 5 273 странски државјани на влез, односно 4985 на излез, нагласуваат од МВР.
Битола - Продолжува традицијата младите да се крводарители, изјави Бранко Аџигогов, директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ), за време на денешната посета на подрачната едница на ФЗОМ во Битола.
За време на крводарителската акција на ФЗОМ „Фондовско срце“, денеска во Битола крв даруваа над 40 лица, посочи Аџигогов.
-„Фондовски срце“ е дел од годишните акции на ФЗОМ за подигнување на крводарителството како висок чин на алтруизам кај луѓето. Сите знаат зошто е битно да се дарува крв и да се имаат резерви од крв. Крводарителите како лица што даруваат крв за да спасат човек, се лица со највисок алтруизам и несебично помагаат на други за да преживеат во тешки моменти. Во здравствениот систем се детектираат крводарители кои после 10 пати дарувана крв се ослободуваат од партиципација, иако во минатото имаше дилеми за ослободување, слободно ќе кажам, нагласи Аџигогов, дека оваа година се надмина таа пречка и крводарителите си го вратија местото во системот.
На прес конференција ви Битола, директорот на ФЗОМ, Аџигогов истакна дека ФЗОМ како институција што го поттикнува крводарителството целосно ги надоместуваме надоместоците и во случај одредени компании да не овозможуваат слободни денови за краводарители, иако ретки се тие случаеви.
Штип – Медицински лица и претставници од Министерството за здравство денеска ја посетија Клиничка болница-Штип, со цел да ги видат условите за примање на повредените пациенти од кочанската дискотека „Пулс“ за да се лекуваат во втората и трета фаза. Директорот на Клиничка болница-Штип, Владко Захариев на денешната прес-конференција изјави дека по отпуштање на пациентите од болниците во земјава и странство завршува првата фаза од нивното лекување, по што ќе треба да следи втора и трета фаза за нивното лекување, какошто се преврски и други медицински третмани.
-Значи сега тие пациенти се се уште во активна прва фаза, бидејќи на нив има се уште активни хируршки интервенции. По отпуштањето дома, ние како болница можеме да превземеме некои преврски кај некои полесни пациенти и бевме во оделот за Физикална терапија да се направи увид. Во подалечна иднина, во трета фаза тие пациенти би требало да добиваат физикален третман, изјави Захариев. Адаптирањето на просторот ќе биде пред се на болничките соби во Физикална терапија. Захариев вели дека планирано е сегашните трикреветни соби, да се адаптират во еднокреветни или двокреветни, со цел лекувањето да биде подобро. Дополнително ќе се одлучува кој пациенти имаат потреба од понатамошно лекување, дали ќе биде амбулантско или ќе бидат задржани во болница.
Струмица - Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, заедно со градоначалникот на Струмица и членови на Советот денеска беа на отпочнувањето на втората фаза на проектот за социјална населба во Струмица, во која треба да се дислоцираат жителите од дивата населба на влезот во Струмица на булеварот „Климент Охридски“.
Според Филипче, за овој проект честитки заслужуваат градоначалникот, Советот и општинската администрација. Тој смета дека со дела се покажува како се развиваат и имплементираат проекти со кои суштински се менуваат работите во градот.
-Ова ќе биде практично нова населба, мини град во град, кој е почнат од нула. Тука немаше ништо, а еве сега има канализација, водовод, струја и улица и ќе почне последната фаза изградбата на објектите. Тоа е доследност на социјалдемократските политики-а тоа е никој да не биде оставен на страна. Тука мислам на најслабите, бидејќи во оваа населба ќе се сместат луѓе од ранливи категории, кои сега живеат во супстандардни услови, во небезбедни услови, односно на местото каде живеат, многу е блиску до магистрален пат и често пати го стават во ризик сопствениот живот. Во овие 118 единици, во соодветни стандарди, квалитетот на животот на тие луѓе значајно ќе се подобри и дополнително ќе се решата инфраструктурните проблеми, посебно во делот на водоснабдувањето, изјави Филипче.
Велес - На големата сцена на Тетарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, вечер од 20 часот, во рамките на фестивалот 5 РЕ ќе биде изведена претставата „Покојник“ од Бранислав Нушиќ во режија на познатиот Егон Савин, во изведба на актерите од Црногорското народно позориште.
Во претставата настапуваат познатите актерски ѕвезди од овој театар: Марко Бачовиќ, Бојан Димитријевиќ, Бранка Оташевиќ, Горан Вујовиќ, Александар Радуловиќ, Лазар Драгојевиќ, Славко Калезиќ, Слободан Маруновиќ, Стефан Вуковиќ, Дејан Иваниќ, Стефан Радусиновиќ, Радмила Божовиќ, Јадранка Мамиќ, Драган Рачиќ и Слободан Вујадиновиќ.
Од велешкиот театар порачуваат - сите љубители на театарот да не ја пропуштаат оваа безвремена комедија, која ќе насмее, но и замисли и потсети на вистинските вредности на животот. Воедно ова е можност да уживаат во една од најголемите театарски изведби на Балканот, со најдобри актерски имиња.
Билетите можат да се набават на касата на театарот.
„Покојник“ е една од претставите на 4.Фестивал на комедијата 5 РЕ која е во конкуренција за една од наградите на фестивалот за најдобра женска и машка улога, за најдобра претстава и најдобра режија, кои се плакета со ликот на Петре Прличко и благодарница, а се доделуваат првпат на 16 април на свеченото затворање на фестивалот.
Берово - Беровскиот градоначалник Звонко Пекевски денеска ја прими донацијата од Виена, возило за собирање отпад. Донацијата како што соопшти градоначалникот се реализира преку Општинскиот оддел 27, Европски прашања, а како дел од хуманитарната програма за помош на Виена.
-Се работи за донација возило за собирање на смет, марка МAN, кое ќе биде наменето за потребите на ЈПКР ,,Услуга” Берово. Упатив голема благодарност за донираното возило, кое ќе го збогати возниот парк на јавното комунално претпријатие во Берово и ќе го подобри комуналниот сервис кон граѓаните, истакна Пекевски.
Ова според него е една исклучително важна донација, која уште еднаш ја потврдува нашата заложба кон унапредување на состојбите на локално ниво.
Благодарност за донираното возило упати и Директорот на ЈПКР ,,Услуга “ Берово, Илија Рунтевски кој додаде дека со ова возило, јавното претпријатие ќе обезбеди подобар комунален сервис кон граѓаните.
Тетово - Татко и ќерка се полесно повредени откако излетале со автомобилот во водите на реката Вардар во близина на тетовски Челопек вчера околу 19 часот и 40 минути. Случајот бил пријавен во тетовската полиција.
- Пријавено е дека во 19:40 часот на локалниот пат за село Челопек, кај мостот на река Вардар, патничко возило „голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Т.М.(39) од Тетово, излетало во реката. Притоа со телесни повреди се здобиле возачот и една малолетна сопатничка, констатирани во Клиничката болница Тетово, информираат од МВР.
За интервенција биле повикани и Територијалната противпожарна единица Тетово.
-По излетувањето таткото и ќерката самите успеале да излезат од автомобилот, а ние потоа го извлековме возилото. Мислам дека девојчето имаше скршен прст, информираше Авни Амети, командир на ТППЕ Тетово.
Поради оваа сообраќајна незгода извршен бил увид од увидна екипа од СВР Тетово.
Кавадарци - Да пешачат што е можно повеќе за здрав живот, а истовремено да придонесат за помало загадување и позитивно да одговорат на климатските промени, тоа е нешто што можат да направат младите за заедницата, да преземат иницијативи за поеколошка животна средина. Ова, меѓу другото, беше еден од предлозите за борба против климатските промени, даден на денешната работилница насловена „Младите и климатските промени“ во Кавадарци. Присутните се согласија дека тоа е наједноставното нешто, со што младите можат да придонесат за општеството.
- Се работи за активност планирана во рамки на стратешката цел на Национален совет за родова рамноправност НСРР, поврзана со жените и процесите на адаптација кон климатски промени. Во текот на овој месец, три регионални канцеларии, меѓу кои и нашата во Кавадарци, во соработка со извршната канцеларија на НСРР, организираат работилници, информативни сесии, дискусии, креативни работилници или обуки наменета за млади жени и девојки, појасни за МИА, Благица Коцева Тодорова, претседател на Здружение за родова еднаквост, „Визија“ од Кавадарци.
Скопје - На денешниот Управен одбор на ЗЕЛС, претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски, градоначалниците, заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, дискутираа за системските решенија за превенција и рана детекција на шумски пожари и поплави. Главен акцент беше ставен на унапредување на координацијата меѓу институциите и преземање конкретни чекори за спречување на природни катастрофи.
Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека превентивните мерки мора да бидат приоритет на сите локални самоуправи.
-За да ја намалиме опасноста од шумски пожари и поплави, неопходна е континуирана координација меѓу сите институции. Локалните самоуправи треба активно да работат на чистење на атмосферските канали и одржување на речните корита, а во шумските подрачја да се направат засеци кои ќе спречат ширење на пожарите. Разговаравме и со претседателот на Владата, од каде добивме уверување дека ќе се зајакнат капацитетите на противпожарните бригади, што е клучно за поефикасно справување со овие предизвици-истакна претседателот на ЗЕЛС Ѓорѓиевски.
Скопје - Во Општина Илинден се одржа уште една успешно спроведена редовна крводарителска акција во соработка со Црвениот крст и Институтот за трансфузиона медицина, во просториите на Домот на култура „Илинден”. На оваа крводарителска акција граѓаните од општина Илинден уште еднаш ја покажаа својата хуманост, солидарност и посветеност кон спасување на човечките животи со дарување на крв.
На акцијата која почна во 09 часот и траеше до 13 часот собрани се околу 40 крвни единици. Кесите со собраната крв ќе бидат предадени на Институтот за трансфузиона медицина и ќе ја добијат оние на коишто им е најпотребна.
Општината изразува длабока благодарност до сите доброволци што ја поддржаа акцијата и помогнаа да се оствари оваа мисија за градење на една солидарна и хумана заедница.