МИА Општински пул
- 16 јули 2025
Скопје - Градоначалникот Горан Герасимовски ги повикува сите регистрирани здруженија, организации и правни субјекти што работат во полето на културата и кои имаат седиште во Општина Центар, да се пријават на јавниот повик за финансиска поддршка за реализација на музичкиот хепенинг „Нешто што ќе остане“. Тој потенцира дека оваа музичка манифестација и годинава повторно ќе го размрда Паркот на франкофонијата со звуците на македонските изведувачи.
„Лани, ‘Нешто што ќе остане’ беше нашиот настан на годината. Заедно со скопјани уживавме во добра квалитетна музика, ги пеевме најпознатите македонски хитови. Културата е таа којашто не спојува, културата е душата на Центар, на Скопје. Затоа, ги повикувам сите заинтересирани да се пријават на настанот и повторно да создадеме нешто што ќе остане, што ќе го паметиме и ќе бидеме горди“, вели Герасимовски.
Општина Центар бележи континуирано зголемување на буџетот за култура, кој од 4 милиони денари на почетокот на мандатот на градоначалникот Герасимовски, денес изнесува 13 милиони денари, што претставува трикратно зголемување.
Овој повик нуди можност за финансиска поддршка до 1.840.000 денари за организација на културниот настан, со цел поддршка на македонската музика, уметници и продукција. Пријавените треба да предложат целосна четиричасовна програма со реномирани македонски изведувачи и водител, како и целокупна логистика за реализација на настанот.
Кочани - На Летната сцена на Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани вечер следува втората проекција на филм од Патувачкото кино на МакеДокс, Фестивал на креативен документарен филм. Името на филмот што ќе биде прикажан се уште не е познато. Организаторот, изборот го прави според публиката и нејзината возраст.
- Имаме подготвено поголема селекција на филмови што биле прикажувани на минатите изданија на МакеДокс. Програмата не ја правиме во стилот - кој ден кој филм ќе прикажуваме, туку на самото местоодлучуваме според тоа каква публика ќе дојде, деца, помлади или повозрасни, информираше Сара Ферро од Здружението за промоција на документаристика МакеДокс.
Синоќа беше прикажан првиот филм, „Со љубов“, на режисерот Илија Цветковски.
Патувачкото кино на МакеДокс ќе биде во Кочани на летната сцена на ЦК „Бели мугри“ секоја вечер до 20 ти јули. Единствено, сабота, 19 - ти јули, ќе помине без филм.
Скопје - Во рамки на активностите за подобрување на комуналната инфраструктура во Општина Илинден, во употреба се пушта пумпна станица и спој на колекторскиот систем за Илинден и Марино.
-Поврзувањето се врши на претходно изградениот лев и десен колектор за фекална канализација кој е во вкупна должина од 10 километри и минува по должината на Главниот отворен одводен канал од влезот на населеното место Илинден до излезот на населеното место Марино. Спојот на двата колектора се изврши со изведување на градежни работи под нивото на отворениот одводен канал што претставуваше специфичен и тежок зафат за работа со кој отпадните фекални води од двата колектора се зафатија во еден препумпен уред и со потисен цевковод тие се изнесоа надвор од населените места кон делот каде ќе се гради нова пречистителна станица, информира Општина Илинден.
Градоначалникот Александар Георгиевски посочил дека изградбата на овој препумпен уред, кој е опремен со три потопни пумпи специјално дизајнирани за транспорт на отпадни води со висока ефикасност и сигурност, претставува еден од најмодерните и најнапредните пумпни станици во општината.
-Пумпите се способни да транспортираат отпадни води при најлоши услови во присуство на цврсти влакнести материјали и притоа да немаат никаков прекин во работата за разлика од конвенционалните потопни пумпи, дополнително истите имаат ниска потрошувачка на енергија, дури до 30%, истите се автоматски и користат паметна технологија за контрола на работниот процес. Овој проект е од капитално значење за општината бидејќи со неговата функционалност се зафаќаат отпадните води од населените места Илинден и Марино и дека токму инвестирањето во комуналната инфраструктура е од исклучителна важност за локалниот економски развој, како и унапредувањето и заштитата на животната средина со што се овозможува подобрување на квалитетот на живеењето во општина Илинден, се наведува во соопштението.
Битола - Полициски службеници од СВР Битола лишија од слобода 17-годишник од Битола, кај кого била пронајдена дрога.
Од СВР-Битола информираат дека при претрес во неговиот дом, извршен со наредба од Основен суд Битола, била пронајдена и одземена марихуана.
Лицето било приведено во полициска станица Битола и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Битола - Над 1.300 членови на фолклорни ансамбли, групи и културно уметнички друштва од Полска, Грузија, Мексико, Индонезија, Хрватска, Швајцарија и домашните македонски фолклорни групи од 18 до 31 јули ќе учествуваат на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ во Битола.
Фестивалската програма почнува со промоција на проектот „Културен код, мојот моден отисок“, а предвидени се и други бројни содржини, најави Влатко Илиески, директор на НУ Центар за култура-Битола.
-Годинава одбележуваме голем јубилеј 55 години фестивал „Илинденски денови“ и во рамки на изданието ќе има изложби, концерти, настапи на отворена сцена, промоција на книги, а по четврт пат ќе се одржи и интернационалниот Етногографски филмски фестивал. Настапите на ансамблите и културно уметничките друштва од земјава и странство почнуваат на 26 јули и ќе се одржуваат на платото од битолскиот Офицерски дом. Новина на фестивалот е промоцијата на етно фоилклорен стрип од авторот Димитри Балојани, посветен на обичајот Русалии, истакна Илиески.
Според м-р Валентин Соклевски, селектор на фестивалот кој е сертифициран од светската фолклорна асоцијација CIOFF, културниот настан во Битола е мозаик во кој се обработува традицијата и народната култура во сите сфери и форми.
-Програмата ја збогатуваме со нови трендови и правци во светот. Целта на фестивалот е нашата народна култура да се компарира со светските култури, со светската традиција и затоа оваа година имаме гости од повеќе држави во светот, и за прв пат ансамбл од Швајцарија. Годинава фестивалот се одржува под мотото „Денес за утре“, а фестивалскиот материјал е дизајниран со мотив изработен од уметницата Јована Тодорска од Охрид. Станува збор за мотив од нејзината изложба „Половина сонце“ која беше претставена во Загреб и Битола, посочи Соклевски.
Тетово - Националниот парк Шар Планина информира дека во заедничка акција на нивната ренџерската служба и Шумската полиција, над село Селце во заштитеното планинско подрачје е најдено и одземено незаконски исечено огревно буково дрво. Од НП Шар Планина соопштија дека локацијата потекнува од предел кој низ годините често бил зафатен од пожари.
- Потсетуваме дека и за опожарените површини важат истите законски правила. Според Законот за шуми, сечата и транспортот на дрвна маса се дозволени само со соодветно одобрение. Против непознатиот сторител е поднесена пријава, а институциите ги преземаат сите потребни мерки, се вели во соопштението на Јавната установа НП Шар Планина
Од таму во денешното соопштение се осврнуваат и на тоа зошто е важно сечата да биде под надзор на стручни лица.
-Сеча на дрвја без стручна процена е сериозен ризик-не само за шумата, туку и за луѓето. Маркирањето од страна на шумарски стручњаци е неопходно поради зачувување на шумскиот екосистем, превенција од ерозија. Законска и економска контрола маркирањето овозможува прецизна процена на количината на дрвна маса, праведно наплатување при сеча и заштита од незаконско сечење и шумска кражба, велат стручните лица од Националниот парк.
Крива Паланка – Во здравствениот дом Крива Паланка се реализирани дваесет нови вработувања, а директорот Јоско Стефановски, рече дека тоа претставува вистинско освежување и голем исчекор кон заживување на здравствениот дом во интерес на пружање подобри здравствени услуги за граѓаните.
Новите вработувања вклучуваат седум лекари по општа медицина, шест медицински сестри, три лаборанти, двајца возачи за итната медицинска помош и двајца хигиеничари.
-Крива Паланка заслужува да има здравствена установа која ќе нуди добри можности и услуги за пациентите, а верувајте досега овој наш здравствен дом беше во незавидна состојба , пред се кога говориме за кадарот и навистина сум благодарен на сите што со своите заложби и напори помогнаа да реализираме вработувања што ќе значат заживување на установата. Покрај овие вработувања, по девет години, одобрени се четири специјализации и тоа: интернист, хирург, невролог и дерматовенеролог, а веќе се размислува за планот за специјалзиации за 2026 година. Еден приватен специјалзиант е превземен, тоа е офталмолог и очекуваме да дојде да работи за 2-3 години, рече Стефановски.
Поради недостиг на специјалисти, пред околу четири месеци Здравствен дом Крива Паланка потпиша договори со лекари – специјалисти од надворешни здравствени установи, од болниците во Кочани и Куманово, од каде во текот на неделата доаѓаат повремено, согласно распоредот на слободни термини специјалисти: невролог, двајца интернисти и рентгенолог, а во најскоро време се очекува да почне да доаѓа и специјалист-уролог од штипската болница.
Скопје - Општина Кисела Вода ја бележи 2025 година како најуспешна година по реализација на капитални проекти во својата историја. Како што информираше градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, по денешата седница на Советот, каде беше усвоен ребаланс на Буџетот, само во првите шест месеци од годинава се реализирани повеќе капитални инвестиции отколку што биле реализирани во целосни буџетски години во минатото.
- Со денешниот ребаланс на Буџетот, се заокружува најинтензивниот инвестициски период во историјата на Кисела Вода. Само преку него, се обезбедени дополнителни 399.947.510 денари за капитални проекти. Кога на ова ќе се додадат средствата веќе предвидени во Основниот буџет за 2025 година, вкупниот износ за капитални инвестиции достигнува рекордни 858 милиони денари, што е значително повеќе од целокупните буџети на општината за време на цел четиригодишен мандат на моите претходници-изјави Ѓорѓиевски. Реализацијата на капиталните проекти во првата половина од 2025 година изнесува 130.003.985 денари, средства со кои се завршени бројни инфраструктурни зафати и други капитални инвестиции. Споредбено со минатото, оваа бројка речиси двојно ја надминува реализацијата во некои од годините под раководство на СДСМ. Покрај капиталните проекти, рекордно ниво е достигнато и во исплатата на субвенции и социјална помош за граѓаните. Вкупно 67 милиони денари се исплатени до сега, што е повеќе од четири пати повисоко ниво во споредба со 2020 и 2021 година. Овој резултат не е случаен. Тоа е резултат на транспарентно, чесно и одговорно управување. Ги скративме непродуктивните трошоци, го зголемивме степенот на наплата и ја удвоивме приходната страна на буџетот. Покажавме дека кога има ред, кога средствата се трошат совесно, се постигнуваат рекорди - посочи градоначалникот Ѓорѓиевски.
Во својата, последна година како градоначалник на Кисела Вода, Ѓорѓиевски го заокружува мандатот со целосна реализација на речиси 95% од ветената програма и со обнова и изградба во речиси секоја урбана и рурална заедница во општината.
-Ова не е само финансиска и инфраструктурна пресметка. Ова е резултат на еден целосно сменет начин на работа – создадовме нова доверба кај граѓаните, ги ставивме нивните потреби пред политиката, и покажавме како изгледа локална самоуправа која функционира со ред и резултати. Се гордеам што во моментов Кисела Вода е општина која ги менува на подобро вредностите на живеењето. Исто таков модел на менаџирање заслужува и Скопје- истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.
Скопје - Општина Ѓорче Петров започнува со реализација на 24 нови капитални проекти, за кои се предвидени вкупно 352.000.000 денари со најновиот ребаланс на буџетот, усвоен на 57. седница на Советот на Општината. Со ребалансот, капиталните расходи се зголемуваат за 48%, што претставува историски највисок инвестициски циклус на територијата на општината, информираат денеска од Општината.
Проектите се распоредени рамномерно низ сите населени места и опфаќаат: изградба и реконструкција на улици и краци во населбите Хром, Волково, Даме Груев, Кисела Јабука, Стопански Двор, Ново Село, Орман, Никиштани и Кучково, втора фаза од изградбата на нова детска градинка во с. Ново Село, доградба на училници во ПООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ и ООУ „Јоаким Крчовски“, како и изработка на основни проекти за јавни површини со плоштад, пешачка патека и урбана опрема.
Со овие проекти, нагласуваат од Општината, се продолжува инвестирањето во клучна инфраструктура, образовни капацитети и услови за поквалитетен живот на граѓаните.
-Ова е досега најобемниот развоен пакет за Општина Ѓорче Петров. Работиме системски, рамномерно и одговорно – за секој метар улица, за секое населено место, вели градоначалникот Александар Стојкоски, упатувајќи благодарност до советниците кои го поддржаа овој стратешки чекор за општината.
Куманово - По назначувањето на четворицата нови судии во кумановскиот основен суд, успешно се постигнува нормата и според податоците на судот, последниве два месеци, Основниот суд Куманово е успешен суд, информираа денеска надлежните. Во моментов во судот има 22 судии, покрај новопримените од боледување се вратени двајца судија, еден судија е вратен од САД, друг се вратил од Судскиот совет.
- Благодарение на 22 судии, задоволни сме од реализацијата, изјави претседателката на судот, Снежана Манев.
Претходно, судот имаше само 15-тина судии. Тројца од новите судии се распределени во граѓански оддел и во работни односи, со оглед на големиот број предмети во двата оддели и еден во кривичниот оддел. Судот со години се соочуваше со недостиг на кадар.
Проблем останува со бројот на записничари. Дел од нив заминале во пензија, дел ја напуштиле работата.
-Немаме доволно записничари за судењата во речиси сите одделите граѓански, кривични, закажани судења, комплицирано е да се организираат,а важни се за граѓаните кои треба да ги остварат своите права. Во моментов како најитно ни е вработувањето на од пет до седум записничари. Побаравме од судскиот буџетски совет да добиеме вработувања, меѓутоа министерството за финансии ни ги одби овие барања, изјави Манев.
Куманово - Почна замената на урбаната опрема на градскиот плоштад „Нова Југославија“ во Куманово, информираше градоначалникот Максим Димитриевски.
– Поставување нова урбана опрема, односно клупи, во централното градско подрачје. Продолжуваме со активности за уредување на јавниот простор, објави Димитриевски.
За оваа намена општина одвои скоро 1, 2 милиони денари (1.199.999,82)
Покрај клупите на градскиот плоштад, ќе се заменат и клупите кај паркот кај спортската сала, а воедно ќе бидат реконструирани и фонтаните на двете локации. Општината, склучи договор со друга компанија од Скопје за реконструкција на фонтаните во Куманово. Според објавените податоци за оваа намена одвоени се скоро седум милини денари (6.899.999,26)
-Предвидена е реконструкција на фонтаните на големиот плоштад, исто така сите фонтани пред спортската сала и дополнително комплетната урбана опрема на градскиот плоштад и во рамки на оној мини парк пред спортската сала, изјави претходно Димитриевски.
Граѓаните бараат поставување видеонадзор, поголема контрола од службите, бидејќи општината постојано вложува во нова урбана опрема која е мета на вандалско однесување. Често новопоставената опрема ја уништуваат несовесни кумановци веднаш по поставувањето.
Скопје - Општина Аеродром отпочна целосна реконструкција на улицата „Милан Зечар“ во Стар Аеродром.
Како што информираат од Општината, реконструкцијата опфаќа поставување нов асфалт на улицата во должина од над 600 метри, како и обновување на постојните тротоари. Станува збор за многу значаен проект, во висина од над 20 милиони денари, кој опфаќа три оски од оваа улица кои минуваат низ Стар Аеродром и кои се многу фреквентни, како од возила, така и од велосипеди и пешаци.
-Исто така, во овој дел на Аеродром ќе биде асфалтиран и паркингот на улицата „Владимир Комаров“ бр. 36. Станарите конечно ќе добијат убаво уреден и безбеден паркинг простор кој со години наназад е со земјена подлога и е во многу лоша состојба. Во наредниот период ќе се уреди и пристапот до објектот „Црвенкапа“ во рамките на детската градинка „Срничка“ со што значително ќе се олесни згрижувањето на дечињата, велат од Општина Аеродром.
Додаваат дека продолжуваат со интензивно темпо да работат на реконструкција на голем број улици на целата територија на Општина Аеродром за зголемена безбедноста за сите учесници во сообраќајот.
Битола - Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски и заменик градоначалникот Бојан Бојкоски, извршија увид во изградбата на новата противпожарна зграда чија втора фаза стартуваше денеска.
Објектот во завршната фаза ќе биде опремен со грант на американското Министерство за одбрана кои веќе објави тендер во функција за реализација на новата противпожарна зграда во Битола, информираа од тамошната локална самоуправа.
-До 13 август, ќе се собираат понудите, а потоа ќе почне реализацијата на втората фаза од проектот, со што новата противпожарна зграда ќе стане функционална. Првата фаза е реализирана со средства од буџетот на Општина Битола во вредност од 52,8 милиони денари, на парцела од 3300 м2, со корисна површина од 1600 м2, до фаза на карабина, со поставена дограма, истакна градоначалникот Коњановски.
Со грант на Министерството за одбрана на САД, опфатен е дел на архитектура, со кој објектот ќе биде целосно адаптиран и енергетски ефикасен со намена за својата дејност.
-Преку грантот ќе се уредат канализациониот и водоводниот систем, механички инсталации за греење и ладење на објектот, електрични инсталации, партерно уредување, патна инфраструктура соодветна за пристапот на возилата, потпорни ѕидови, сообраќаен проект со соодветна сигнализација, како и противпожарни инсталации за заштита на самиот објект. Вредноста на договорот за грант е во висина од околу 1 милион американски долари, истакна градоначалникот Коњановски.
Со изградбата на овој објект, ТППЕ добива нова зграда што ќе ја користат општините Битола, Ресен, Могила, Новаци и Демир Хисар.
Крива Паланка – Претставници од ЛУ Градски музеј Крива Паланка присуствуваа на официјална пресконференција во Ќустендил на која беа претставени почетните активности од проектот „Културна област - заедница за културно наследство и атрактивен туризам во сите сезони“ во кој музејот од Крива Паланка заедно со проектните партнери: Регионален историски музеј „Акад. Јордан Иванов“ Ќустендил, Историски музеј во Дупница и здружението „Пеонија“ – Кратово, ќе работат на „Интегриран развој на трансграничниот регион“.
Проектот ќе се реализира во рамки на ИНТЕРЕГ ИПА Програмата програмата за прекугранична соработка на ЕУ помеѓу Бугарија и Северна Македонија 2021-2027. Водечки партнер во проектот е Регионален историски музеј „Акад. Јордан Иванов“, Ќустендил.
-Главната цел на проектот е да се презентира и истакне богатството на долгогодишните традиции и поврзаноста на културите во прекуграничниот регион преку зајакнување на добрите практики за соработка во областа на културното наследство помеѓу Општина Ќустендил, Општина Дупница, Општина Крива Паланка и Општина Кратово, изјави Ани Истаткова, координатор на проектот.
Стратешките цели во проектот ќе се постигнат преку маркетиншки туристички пристапи, заеднички настани и иницијативи на партнерските институции, преку иновативни пристапи за презентирање и социјализирање на културните вредности и поврзување на културните и природните локалитети.