• вторник, 30 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

  30  јули 2024

 

Куманово – Пожарот во Малотино и Жегљане, општина Старо Нагоричане е сè уште активен, а во Кумановско активни се пожарите кои избија вчера околу пладне кај Кокошиње, Кшање и Мургаш, соопшти денеска во видео-изјава, директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

Пожарот кој зафати ниска шума, вегетација, трева во моментов се гаси и со хеликоптери. Заменик градоначалникот на Општина Старо Нагоричане, Бобан Цветановски, вели теренот е непристапен.

– Таму цело време се присутни екипи на територијалната противпожарна единица, на јавното комунално претпријатие на „Национални Шуми“, екипи на противпожарни единици од соседни општини. Теренот е непристапен. Изгорени се неколку куќи, не ја знаеме точната бројка, изјави Цветановски.

Командирот на ТППЕ Старо Нагоричане, Далибор Трајковски кажа дека пожарот е на исклучително непристапно место.

– Едниот крак од пожарот се шири кон Враготурце, изјави Трајковски.

Регионалниот центар за управување со кризи Куманово соопшти дека вчера на подрачјето на оваа општина се гасел пожар и во Руѓинце, каде дејствувале пожарникари од Старо Нагоричане, Куманово и Кратово, а имало и опожарени куќи.

Пожарникарите од Куманово вчера и ноќва делуваа на големиот пожар помеѓу селата Кокошиње и Кшање. Како што соопшти ЦУК, едно лице го загуби животот, задушувајќи се од чад, додека неговата сопругата е евакуирана. 

Според командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски, вчера имало единаесет пожари.

Најкритично било на подрачјето помеѓу Кокошиње и Кшање села на подрачјето на општина Куманово во близина на Свети Николе. Таму горела сува трева, ниска деградирана шума.

– Вчерашниот ден беше доста турбулентен 11 пожари, регистрирани во општина Куманово има и една жртва во село Кокошиње. Меѓутоа пожарот во село Кокошиње сè уште е активен над селото каде е непристапен дел. Не може да се излезе ниту со возило, ниту пеш со вода за да се интервенира. Зафатена е и површина на соседна општина Свети Николе кај село Ѓуѓанце. Зафатена е поголема површина, има изгорено куќи немам точна информација, изјави Илиевски.

Според регионалниот центар за управување со кризи Куманово во атарот на Кшање и Кокошиње е интервенирано од 12:45 со четири противпожарни возила со 12 пожарникари.

Покрај ова, кумановските пожарникари интервенирале на опожарена сува трева кај Зебрњак, кај Никуштак, кај Филтер станицата. 

Струмица - Синоќа изгоре платформата за набљудување на Смоларскиот водопад, а пожарот ја зафати и околната шума на планината Беласица, информираа од Територијалната против - пожарна единица на Струмица.

Пожарот избувнал околу 18 часот вчера, а потоа брзо се раширил и ја зафатил блиската шума на исток кон Беласица.

-ТППЕ Струмица веднаш испрати две против - пожарни возила и шест пожарникари на местото на пожарот. Успешно беше спречено неговото ширење кон околната шума и прераснување во поголем шумски пожар, стои во информацијата од струмичките пожарникари.

Инаку, Смоларскиот водопад е лоциран над селото Смоларе, во Општина Ново Село и една од најголемите туристички атракции во овој регион. Висок е 39, 5 метри и е единствен постојан водопад во државата. 

Пехчево - Изгаснат е пожарот над пехчевското село село Негрево, каде вчера попладне гореше борова шума. 

Во гаснењето беа вклучени  Доброволното противпожарно друштво од Пехчево, Територијалната противпожарна единица од Берово, месното локално население и вработените во ПШС „Равна Река" -Пехчево.Учесниците во акцијата за гаснење на пожарот апелираа до сите граѓани од Малешевијата и околината, совесно да се однесуваат, бидејки при високи температури може да настане пожар од големи размери.

Струмица - Деветнаесеттото издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, во знакот на авторскиот филм, ќе започне задутре во Амфитеатарот во Струмица, со проекција на Канскиот лауреат „Човекот кој не можеше да молчи“ во режија на Небојша Слијепчевиќ, соопштија организаторите.

Овој тринаесетминутен хрватски филм, со Горан Богдан во главната улога, неодамна освои „Златна палма“ за краток филм на Канскиот филмски фестивал. Дејството на филмот се случува на 27 февруари 1993 година во Штрпци, Босна и Херцеговина. Патнички воз на линијата Белград-Бар е запрен од паравоени сили во акција на етничко чистење. Додека ги извлекуваат невините цивили, само еден човек од 500 патници се осмелува да им се спротивстави. Ова е вистинска приказна за човекот кој не можел да молчи. Филмот е успешна копродукција меѓу Хрватска, Словенија и Бугарија и е во продукција на „Антиталент“ од Загреб, а зад него стојат имињата на продуцентите Катарина Прпиќ и Даниел Пек. Значајно е дека оваа награда авторот Слијепчевиќ му ја посветил на Тома Бузов, човекот кој го инспирирал за овој филм и чијашто приказна ја раскажал.

Лауреат на наградата „Астер“ на овогодишниот „Астерфест“ е македонскиот режисер и сценарист Антонио Митрикески, кој оваа престижна награда ја добива за неговата исклучителна филмска поетика и естетски вдахновениот и минуциозен филмски опус. Наградата на Митрикески ќе му биде доделена на самиот чин на отворањето на „Астерфест“.

Во првата натпреварувачка вечер, покрај „Човекот кој не можеше да молчи“, на програмата се уште дванаесет селектирани кратки филмови: „Гилгамеш“ на Шаќир Весели, „Астран“ на групата автори од „Исарт“, „Глувчевата куќичка“ на Тимон Ледер, „Луди и свесни“ (премиера) на Мануела Златкова, „Споменик“ на Сиџија Џенг и Џјашји Ву, „Малиот талкач“ на Каролина Томкова, „Полжавска приказна“ на Ели Воткинс и Хелен Грифитс, „Песок“ на Розе Торн и Матео Коста, „Сламеница кон иднината“ на Николас Нојхолд, „Оп, риба“ на Вибин Виџајан, „Шепкач“ на Младен Ѓукиќ и „Сржта“ на Оберт.

Македонскиот ликовен уметник Никола Пијанманов, кој е и член на овогодишното интернационално филмско жири на „Астерфест“, изработи уникатни статуетки што од оваа година ќе бидат официјални награди за лауреатите на „Астерфест“. Другиот член на жирито е Зејгам Азизов, британски филозоф и уметник кој моментално живее и работи во Лондон. Третиот член на жирито е Ганимет Сава, основачка и претседателка на Интернационалниот филмски фестивал „Уметност без граници“ во Приштина. Жирито ќе одлучува за најдобрите авторски кусометражни филмови во натпреварувачката програма, за „Златната“, „Сребрената“ и „Бронзената потковица“, за Гран при за најдобар краток филм, како и за специјалните плакети „Ацо Алексов“ за најдобар автор и „Ѓорѓи Абаџиев“ за најдобро сценарио, во чест на овие двајца доајени на македонскиот филм.

Традиционалниот „Астер портрет“ ќе се одржи на 2 август (Тивериополска филмска беседа) за Митрикески, на кој ќе зборува критичарот Стојан Синадинов. Како своевидна филмска посвета на лауреатот, четвртата вечер, во Амфитеатарот во Струмица, за струмичката публика ќе има и специјална проекција на неговиот долгометражен игран филм „Преку езерото“, според сценарио на Ташко Георгиевски и Митрикески, со Никола Ристановски и Агњешка Вагнер во главните улоги.

Посебен настан за филмофилите ќе биде и промоцијата на книгата „Филмска објектологија“ на авторот Васил Михаил, на 3 август, која ќе ја промовираат Саша Станишиќ и Далибор Плечиќ. Авторот на книгата, преку практични и теоретски инструменти, аргументира и предлага воведување на нова подгранка на филмологијата која ќе се нарекува Филмска објектологија, а сценариото за краток игран филм „Кујна“ е основната појдовна точка од која се развива теоријата за објектот во филмски кадар.

Во чест на наградените, откако жирито официјално ќе ја соопшти својата одлука, на 3 август, пред вечерните проекции, ќе има и кратко претставување на ДВД-то „Македонски кратки играни филмови“ во издание на Кинотека на Македонија, по што ќе следуваат неколку култни филмови од ризницата на македонската кинематографија. Меѓу другото ќе се прикажат дигитално реставрираната верзија на „Црно семе“, во знак на пет години од смртта на Кирил Ценевски, како и наградуваниот краток игран филм „Со кренати раце“ на Митко Панов.

На четвртата вечер струмичката публика ќе има прилика да ја гледа раритетната копија на долгометражниот игран филм „Преку езерото“ на лауреатот Антонио Митрикески, како и краткиот филм „Лифт горе, лифт долу“ во режија на Душан Наумовски. Сите овие проекции се овозможени во соработка со Кинотека.

еветнаесеттото издание на „Астерфест“ во Струмица ќе се одвива под мотото „Кинореалност ’24“. Со разновидните вечерни проекции во Амфитеатарот и со придружните дневни настани, Фестивалот ќе трае до 5 август вечерта, кога ќе се прикажат наградените филмови од натпреварувачката програма.

„Астерфест филм фестивал“, во пресрет на јубилејната сезона, организира серија промотивни настани и авторски проекции, под насловот „Тивериополски филмски денови“, а ја обнови и едицијата книги „Словенски Орфеј“. Новитет е и востановувањето на Филмската школа на „Астерфест“, што ќе биде своевидно продлабочување на работилниците и мастер-класовите, но со светски едукациски модел на стекнувања искуства и вештини. Школата ќе биде раководена од врвни академски личности од светот на културата, филмот и драмските уметности. Покровител на Фестивалот е Општина Струмица.

Скопје - Прекин на водоснабдување денеска ќе имаат дел од корисниците во Карпош, од Ново Маало, општина Центар и од село Никиштани, општина Ѓорче Петров. 

Како што информираа од ЈП Водовод и канализација -  Скопје пради поврзување на нова водоводна мрежа од Ф 125 мм на ул. „Блажо Тодоровски“ бр 9 во Центар, денеска од 07:30 часот до завршување на работите без вода ќе бидат корисниците од Ново Маало, новите згради до ТЦ Џамбо.

Поради технички зафат во пумпната станица и санација на уличен дефект, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од село Никиштани, од 06:00 часот до завршување со санација на дефектот.

Поради уличен дефект од Ф-400мм на бул. „Илинден“ во населба Карпош, со намален притисок ќе останат корисниците од улиците Манапо, Карпошово Востание, Огражден, Струма и Радика. 

Водоснабдувањето, како што најавија од ЈП Водовод и канализација -  Скопје, ќе биде прекинато од 08:30 часот до санирање на дефектот.

Остани поврзан