• четврток, 26 декември 2024
МИА Општински пул

18 ноември 2024

Охрид – Универзитет за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ во Охрид го објави конкурсот за упис на студенти на втор циклус студии за академската 2024/2025 година.

Според посоченото во конкурсот, пријавувањето трае до 29 ноември, додека објавувањето на ранг-листата е на 6 декември.  Запишување ќе биде реализирано на 12 и 13 декември.

Од УНИТ „Свети Апостол Павле“ посочуваат дека универзитетот нуди уникатна можност за специјализација и усовршување во неколку стратешки насоки, вклучувајќи информатички науки, мрежна безбедност, роботика и дигитална бизнис-аналитика. 
Како предности во стуридрањето се посочува можноста студентите да можат да избираат меѓу едногодишни или двегодишни програми, со висока флексибилност, да се стекнат со меѓународно призната диплома со 60 или 120 кредити (ECTS), практични и теоретски знаења за водечките инженерски технологии за информатичките и компјутерските науки, како и соработка со врвни професори и стручњаци во областите на технологијата, комуникациските мрежи и бизнис-аналитиката.

За заинтересираните студенти на располагање се втор циклус студии на Факултетот за комуникациски мрежи и безбедност на студиските програми: информатички науки и технологии – едногодишни (60 ЕКТС) и информатички науки и технологии – двегодишни (120 ЕКТС), потоа на Факултет за компјутерски науки и инженерство: компјутерска техника и информатика – едногодишни (60 ЕКТС), на Факултетот за применети информатички технологии, машинска интелигенција и роботика: информатичка и мрежна безбедност, приватност и заштита на податоци– двегодишни (120 ЕКТС), како и на Факултетот за информатички и комуникациски науки: дигитална бизнис аналитика – едногодишни (60 ЕКТС). 

Тетово - Градскиот женски младински хор „Менада“ под диригенство на Ивица Зориќ вчера одржа концерт во Тетово и на тој начин придонесе во активностите за одбележување на Денот на ослободување на Тетово од фашистичката окупација и 80 годишниот јубилеј „Непокорот е слобода-80 години Слободно Тетово“. Во концертната сала на Музеј на тетовски крај (Дом АРМ) беа изведени десетина композиции од различни автори, концертот беше насловен „Хорската музика низ вековите“. 

-Во предвечерито на ослободувањето на нашиот град ние даваме наш скромен придонес во одбележувањето на овој мошне значаен јубилеј 80 години. Ме радува што во публиката гледам дел од првите хористки од пред 47 години во хорот Лале и пред 43 години во хорот Менада. Од некои од хористките, сега нивните деца се дел од хорот Менада. Тоа ми причинува огромно задоволство, а се радувам што ја исполнивме и обврската кон нашиот сакан град, што пеевме разни композиции, со различен карактер од различни земји, со желба да донесеме она што се пее во светот, истакна диригентот Ивица Зориќ.

Вечер од 19 часот е централната свеченост во чест на Денот на ослободувањето на Тетово.

Куманово - Дефект на водоводен вод Ф350, за ниска водоводна зона на улица 11 Октомври остави дел од Куманово без вода. Од јавното претпријатие „Водовод“ информираат дека  поради дефект на водоводен вод Ф350 на улицата „11 Октомври“ (од крстосница  со улицата која се вклучува од автопат Е-75), повисоките делови на ниска водоводна зона останаа без водоснабдување. Граѓаните велат дека имаат недостиг или намален дотур на вода.

-Екипите на ЈП Водовод на терен извршија измена на стандарден режим на водоснабдување со контролиран дотур на вода од средна и висока водоводна зона, поради што водоснабдувањето се стабилизира, и во највисоките делови на ниска водоводна зона се очекува да се нормализира водоснабдувањето во тек на попладневните и вечерните часови, соопштија од ЈП.

Скопје - Водата во Скопје е безбедна за пиење, покажуваат резултатите од испитувањата направени на 204 примероци земени од 46 мерни места во градот.

- Секторот за санитарна контрола во периодот од 11 до 15 ноември зема 204 примероци за физичко-хемиска и 204 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 46 мерни места во Градот Скопје. Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ, бр.183/18), се вели во денешното соопштение од ЈП „Водовод и канализација“. 

Скопје - Црвен крст на град Скопје од 18 до 24 ноември ја одбележува Неделата на грижа за стари лица, која се организира преку социјалната услуга „Центар за дневен престој за стари лица за активно стареење”.

Во рамките на неделата, се организираат повеќе активности и тоа: информативни пунктови - мерење на крвен притисок и гликемија во крвта на три локации во Скопје - автобуска постојка Зелен пазар, пазар Буњаковец и плоштад Сарај; фризерски и козметички услуги во Дневните центри за стари лица во ДХО „Даре Џамбаз“, ООЦК Чаир и Сарај во соработка со средното училиште СУГС „Димитар Влахов” и Малена козметикс. Же има и хуманитарен есенски базар во Веро Центар, посета и заедничко дружење со штитениците од Дом за стари лица „Мајка Тереза”, посета и предавање во Здружение на пензионери Шуто Оризари и Здружение на пензионери Карпош; посета на дневниот престој за стари лица во Чаир од страна на корисниците од Дневен престој за стари лица за активно стареење во Турново – Општинска организација Црвен крст - Струмица, соопшти Црвен крст на град Скопје.

Овие активности се поддржани од Град Скопје, Албиз Фондација и Министерство за социјална политика, демографија и млади. Целта на социјалната услуга е развој на вонинституционални форми на грижа за стари лица и промовирање на активното стареење. Преку програмата, во активностите се вклучени повеќе од 1.500 лица на месечна основа во дневни центри за стари лица.

Остани поврзан