МИА Општински пул
- МИА Општински пул
29 ноември 2024
Скопје - Спортската сала „Расадник” во Општина Кисела Вода со реконструкција ќе добие простор за ракомет, баскет, мал фудбал, одбојка, како и деловен простор. Проектот за реконструкцијата чини 120 милиони денари, обезбедени преку Министерството за спорт, а согласно договорот, рокот на изведба е 20 месеци.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска присуствуваше на почетокот на реконструкцијата на салата, изјави дека „Расадник“ ќе добие нов, современ и модерен лик, кој ќе биде дом на многу спортски клубови.
- Нешто коешто со децении е оставено да пропаѓа со времето, сега започнува да се реновира, реконструира, и да добива еден нов современ, модерен лик, којшто ќе биде дом на многу спортски клубови. Можно е ракометниот клуб „Вардар“ да се пресели овде и ова да биде, официјален дом на ракометниот клуб „Вардар“. Ќе продолжиме да инвестираме, рече Мицкоски.
Тој најави уште инвестиции во периодот што следи на целата територија на државата.
-Нема да застанеме тука. Во периодот којшто следи очекувајте уште многу инвестиции, во сите општини на целата територија на државата. На почетокот од следната година имаме нов повик за општините да аплицираат со нови проекти, проекти коишто ќе значат додадена вредност во квалитетот на живот на граѓаните. Ќе се бориме со многу работа со многу труд, со многу енергија, против сите оние коишто сакаат да не влечат назад во минатото. Тоа е она коешто го очекуваат граѓаните од нас како Влада, а јас како прв човек на Владата ќе продолжам да работам во таа насока, рече Мицкоски.
Министерот за спорт Борко Ристовски најави дека салата ќе биде реконструирана за многу брзо време, со добра соработка меѓу локалната самоуправа и Министерството.
-Горд сум на она што успеавме да го направиме за толку кратко време. Она што го ветивме во предизборието да го реализираме со проекти и со опточнување на градба, тоа е комплетна реконструкција на салата Расадник, салата која некогаш беше полна со екипи, со спортски настани, но беше и дом на многу деца, на многу генерации кои се занимаваа со спортот од секаков вид. Проектот за реконструкција чини 120 милиони денари, и иако рокот на изведба по договор е 20 месеци, мислам дека со добра соработка со економскиот изведувач, како и со поддршка од локалната самоуправа, ќе го завршиме за многу пократко време, рече Ристовски.
Градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски изјави дека овој проект е од сентиментална вредност за сите жители на Општината.
- Оваа сала е доказ за тоа како 30 години наназад не функционирал системот во нашата држава и како многу ветувале а не реализирале. Благодарение на силната заложба на Владата, од денеска па наваму овде се менува приказната и повторно овде ќе биде место каде што ќе се собира нашиот народ, каде што ќе се раѓаат нови спортски имиња, како што беше случај во минатото. Се надевам дека за неколку месеци од денес, ќе ја отвориме заедно со премиерот и со министерот, рече Ѓорѓиевски.
Битола - Студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје има ново раководство и ќе биде доведен во ред, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска. На прес-конференција во Битола, таа рече дека проблемот во овој студентски дом е многу сериозен.
-Ние домот го затекнавме со долг од 34 милиони денари. Во овој момент правиме обиди на вработените да им исплатиме плата. Неколку дена има ново раководство, предводено од жена која, се надевам дека како мајка и енергична жена, ќе почне да го доведува домот во ред. Основно е да се обезбедат топла вода, исхрана на студентите и чекор по чекор да се средува понатаму, изјави Јаневска.
Во однос на реконструкцијата на државните домови, министерката соопшти дека „ Министерството комплетно ќе го реконструира и студентскиот дом во Битола, откако ќе заврши реконструкцијата на двата студентски дома во Скопје“.
-За жал, претходно направените пресметки велеа дека со средствата што се обезбедени ќе можат да се реконструираат сите студентски домови во државата, но тоа не е точно и тие се доволни само за двата почнати студентски дома. Оваа Влада обезбеди дополнителен заем за да ги реконструираме сите студентски домови и ќе ги реконструираме сите, но и ученичките домови ќе дојдат на ред за сите да имаат пристојни услови за живот и за учење, рече Јаневска при посетата на средното техничко училиште „Ѓорги Наумов“ во Битола, кое беше промовирано во Регионален центар за стручно образование во Пелагонија.
На новинарско прашање во врска со појавата на сегрегација во одредени основни училишта низ државата, министерката истакна дека проблемот ќе биде надминат со промени во Законот за основно образование.
-Познато е дека нашата држава доби пресуда од Судот во Стразбур за сегрегација на Ромите во Битола и во Штип. Сакам да потенцирам дека државата не прави сегрегација туку физичкото одделување на одделни етникуми, во конкретниот случај ромскиот и македонскиот, е резултат на традиционално живеење во Македонија, и тоа треба да се земе предвид. Ние се обидуваме на Судот во Стразбур тоа да им го објасниме. Но, секако, преземаме и одредени мерки и во новиот Закон за основно образование кој треба да го донесе Собранието и ќе треба да влезе во сила по нова година. Ние бараме да се донесат промени за реонизацијата во одделни градови, не само во Штип и Битола, потоа ќе се забрани префрлање од едно во друго училиште, освен ако семејството се преселило со место на живеење на друга адреса и друго. На овој начин полека овој проблем го решаваме и верувам дека нема да биде горлив во иднина, истакна министерката Јаневска.
Делчево - Во Делчево се одржа првата форумска сесија од Буџетскиот форум. Како што истакна Тони Стоименовски од Општина Делчево, годинава се предвидени две форумски сесии, со тоа што на втората форумска сесија закажана за идниот петок присутните ќе можат да предлагаат прироритети за наредната 2025 година.
-Општина Делчево и оваа година реализира Буџетски форум преку две форумски сесии на кои ќе бидат споделени идеи и иницијативи за нивните потреби во локалната заедница од страна на граѓаните и институции кои постојат и работат во граѓанскиот сектор. Денеска имавме можност да слушнеме дел од реализираните проекти од минатогодишните форумски сесии, коишто беа предложени, да видиме колкав буџет од претходните три квартали е реализиран, но и да продискутираме за некои прашања кои присутните сакаат да ги постават до општинската работна маса за кои верувам дека ќе им помогнат за нивното понатамошно делување, рече Стоименовски.
Целта на алатката „Форуми во заедницата“, како што додаде, е да го поддржи процесот на децентрализација и да овозможи учество на граѓаните во развојот на заедницата на локално ниво.
-Оваа можност претставува платформа за развој што им овозможува на граѓаните, прво, да го подобрат својот живот со сопствени идеи и учество во процесот на донесување одлуки на локално ниво и, второ, администрацијата да развие отчетно локално управување преку учество, одговорност и доверба. Присуството на жителите, здруженијата на граѓани, бизнис зедницата и претставниците на институциите, како и нивното активно учество на сесиите е од особено значење за успешно спроведување на буџетскиот форум и ќе даде голем придонес за креирање на буџетот на општина Далчево, додаде Стоименовски.
Форумот како алатка, додаде претставникот на Општина Делчево, 13 години е дел од статутот на Општина Делчево и обврска на Општината за донесување транспарентен буџет за секоја следна година.
Демир Хисар - Градоначалникот на Општина Демир Хисар Никола Најдовски, избран е за нов претседател на Советот на пелагонискиот плански регион.
Во мандатниот период Најдовски ќе се фокусира на комуникациската стратегија на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион 2024-2026 година, информираа од Општина Демир Хисар.
-Благодарам на колегите градоначалници на општините од регионот за укажаната доверба. Локалниот и регионалниот развој се нераскинливо поврзани во својата функција и намена, а и нивната цел е заедничка, а тоа е подобар живот за граѓаните. Моите заложби и посветеност ги ставам на располагање за преку заедничка соработка со сите релевантни чинители. Со покренување на нови иницијативи, како и со креирање на нови проекти да придонесеме кон развиен и успешен Пелагониски регион, истакна Најдовски.
Во Советот на пелагонискиот плански регион членуваат градоначалниците на општините Битола, Прилеп, Ресен, Демир Хисар, Крушево, Новаци, Могила, Кривогаштани и Долнени.
Делчево – Во Делчево заврши асфалтирањето на три улици во населбата Пролет, соопшти денес градоначалникот на Општината, Горан Трајковски. Овој инфраструктурен проект како што истакна тој е од големо значење за жителите кои живеат во оваа населба која е доста атрактивна имајќи ја предвид близината до централното градско подрачје.
- Заврши реализацијата на уште еден значаен инфраструктурен проект во Општина Делчево. Со поставување на нов асфалт, заврши изградбата на улица 3, улица 5 и улица 6 во вкупна должина од 510 метри, со што населба Пролет добива нов урбан лик. Изградбата на останатите улици во „Пролет“ ќе се решава парцијално, наредниот период, а паралелно ќе се решава и експропријацијата, истакна Трајковски во своето соопштение.
Со изградба на улицата како што додаде е изградена и атмосферска канализација во должина од 837 метри.
- Решавањето на инфраструктурата ќе ја зголеми атрактивноста на населбата и ќе придонесе за подобар урбан изглед на овој дел од градот во чија близина е и Здравствениот дом и старата собраниска зграда и ќе ги мотивира сопствениците на градежни парцели да инвестираат овде во оваа населба, додаде делчевскиот градоначалник.
Средствата на овој инфраструктурен проект во висина од 9.323.837 денари без ДДВ се обезбедени од Владата на РСМ (Министерство за транспорт и врски) во 2023 година и кофинансирање од Буџетот на Општина Делчево, а изведувач на работите е Атеа фемили ДООЕЛ Зелениково.
Охрид - Две лице го загубија животот во сообраќајна несреќа што денеска се случи на магистралниот патен правец Охрид- Кичево, во близина на селото Ботун.
До несреќата дошло при превртување на возило што се движело од насока од Кичево кон Охрид, на девијацијата на патот во изградба, пред селото Ботун.
На тоа место моментално се работи на изградбата на новиот автопат, а сообраќајот се одвива со девијации односно со пренасочување на возилата од една на друга автопатска лента.
Инаку, моментално во охридскиот регион врне дожд што дополнително го отежнува одвивањето на сообраќајот и придонесува за лизгавост на коловозот.
Потрпаролот на СВР - Охрид ја потврди информацијата и најави повеќе детали за несреќата во текот на денот.
Куманово - Кумановската полиција привела дваесетгодишен жител на Липково поради непочитување на наредби, изрекла 20 мерки по Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата и една од Закон за возачка дозвола, во текот на вчерашниот ден при прославата на Денот на албанското знаме, соопшти денеска СВР Куманово.
Инаку, вчера на градскиот плоштад со пригодна културно – уметничка програма, беше одбележан Денот на албанското знаме, во организација на здружението ,,Недела на албанската култура” – Куманово, со поддршка на Општината.
На манифестацијата учествуваа средношколци од општинските училишта, кои следат настава на албански јазик и познати музички интерпретатори. Локалните власти, меѓу кои градоначалникот Максим Димитриевски го честитаа денот кој првин помина со богата културна програма.
Дел од граѓаните подоцна сведочеа за искршени ретровизори на паркирани автомобили. Во текот на вечера Димитриевски со статус на социјалните мрежи го осуди ваквото однесување.
Велес - Утрово околу 05.00 часот во СВР Велес, од Итна медицинска помош Велес било пријавено дека во дом на улица „Благој Ѓорев“ во Велес бил пронајден починат 43 годишниот А.А.од Велес, информира попладнево од СВР Велес портпаролот Биљана Ѓаковска.
Таа појаснува дека лекар констатирал смрт, известен бил јавен обвинител, а увид на местото извршила увидна екипа од СВР Велес.
Од СВР Велес најавија дека по наредба на јавен обвинител телото било дадено на обдукција во Институт за Судска медицина Скопје и се превземаат мерки за расчистување на случајот.