МИА Општински пул
- 16 септември 2025
Кочани - Денеска се навршуваат точно шест месеци од трагедијата во дискотеката „Пулс” во Кочани, во која животот го загубија 62 млади лица. По тој повод родителите на починатите организираат „Марш за Ангелите”.
Маршот ќе започне во 15:35 часот од „Паркот на Револуцијата“ и ќе се одвива по веќе востановената маршрута – општинска зграда, УЈП, полиција, кочанскиот суд и обвинителство, а ќе заврши повторно во „Паркот на Револуцијата“
Битола - Осум кандидати за градоначалник и 16 кандидатски листи за членови на Советот на Општина Битола ќе се натпреваруваат на претстојните локални избори во најголемата пелагониска општина.
Според првичниот извештај на Државната изборна комисија (ДИК), за кандидати за градоначалник на Битола евидентирани се две жени и шест мажи, односно Габриела Илиевска поддржана од група избирачи и Мирјана Мирчевски од група избирачи и Македонска ера трета, Македонски независни листи суверенисти.
Кандидати за градоначалник на Општина Битола се и Васко Деловски поддржан од група избирачи, Зоран Николовски поддржан од група избирачи и јавно поддржан од политичката партија Левица, потоа Ќире Димов од ТМРО, Јорго Огненовски од партијата Демократи, Методија Куновски е кандидат за градоначалник на коалицијата предводена од СДСМ и Тони Коњановски, кандидат на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО ДПМНЕ.
Државната изборна комисија утврди 16 кандидатски листи за 31 член на Советот на Општина Битола.
Куманово - Куманово спроведува третман на дератизација и втор третман против лебарки, информираа денеска од општината. Активностите започнуваат во раните утрински часови од 08:00 часот и ќе се одвиваат до 15:00 часот.
-Третманот против глодари во канализациската мрежа ќе се одвива со препаратот „ДЕРАТИОН“, со активна материја „Bromadiolone“, а дезинсекцијата ќе се реализира со препаратот „ФЛИТРИН“. Доколку временските услови нема да бидат соодветни за извршување на предвидените активности, ќе бидат одложени за нареден период, кога временските услови ќе бидат поволни, информираа од општината.
Третманот се спроведуа и денеска и утре.
Куманово за запрашување против инсекти, дезинсекција, дератизација против крлежи, лебарки, комарци и глодари одвои над 1, 2 милиони денари. Општината склучи договор со компанија од Куманово. Градот склучи договор и за авиотретирање со широкопојасен инсектицид за третирање на комарци, одобрен од Биро за лекови, за што одвои скоро два милиони денари.
Кочани - Во кругот на манастирот „Св. Симеон Столпник“, сместен во кочанскиот дел од Осоговијата, кај Костин Дол, на празникот „Св. Симеон“, на традиционалниот народен собор беше претставена монографијата под наслов „Костин Дол - село што постои уште само на географските карти“ од авторите Јане Атанасов и Славица Цветкова.
Монографијата и нејзините автори ги најави Драги Трајчев, дипломиран правник и поет, кој повеќе години живее во манастирските објекти на „Св. Симеон Столпник“.
Славица Цветкова зборуваше за процесот на создавањето на книгата, а Јане Атанасов, кој потекнува од ова село, имаше емотивно обраќање во смисла дека оние кои помнале дел од својот живот во селото, ќе го носат истото во своето срце и својата душа до крајот на животот.
- Нивните потомци повремено ќе го споменуваат и посетуваат Костин Дол. Но следните генерации воопшто нема да знаат дека такво село постоело, нагласи Атанасов.
За да не се случи тоа, тој и неговата соработничка Славица Цветкова, се потрудиле и собрале доста податоци за Костин Дол и животот во него и ѓи поместиле во книгата.
Монографијата за Костин Дол се простира на 300 страници. Во неа можат да се пронајдат податоци за селото, за манастирот „Свети Симеон Столпник“, за училиштето „Јоаким Крчовски“, за видни – успешни луѓе кои потекнуваат од Костин Дол, за секојдневните работи на селаните, за верские обичаи и народното творештво, за флората и фауната ...
На околу 100 страници се поместени голем број демејни стебла. Посебен прилог е Осоговскиот речник - преглед на зборови и изрази што се користеле во ова, но и во другите села од Осоговието.
Книгата е отпечатена во кочанската печатница „Европа 92“.
Кавадарци - Општина Кавадарци и оваа година го продолжува проектот „Бесплатен оброк за секое дете“, информираа денеска од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
-Овој проект се покажа како доста корисен и успешен во кој со 20 милиони денари од општинскиот буџет обезбедуваме разновиден и здрав оброк за 1730 ученици од прво до петто одделение во сите основни општински училишта на територија на Кавадарци, соопштија од кабинетот на Јанчев.
Оттаму додадоа дека овој проект не е само финансиска поддршка за родителите, туку и вистинска инвестиција во здравјето и образованието на младата генерација.
-Општина Кавадарци останува посветена, сега но и во иднина и ќе продолжи да вложува и инвестира во образованието и создавањето на еднакви услови за сите ученици, истакнаа од кабинетот на градоначалникот.