МИА Општински пул
- МИА Општински пул
2 декември 2024
Струмица - Со чистење на дивите депонии во селата Муртино и Банско струмичкото комунално претпријатие почна со чистење на таквии депонии во сите населени места во Општината.
Како што соопштија од „Комуналец“, со механизација и камиони само од депонијата во Муртино се подигнати 320 метри кубни отпад, кој е депониран на депонијата „Шапкар“.
-Во текот на оваа недела продолжуваме со чистење и на другите диви депонии низ сите населени места на Општина Струмица. За да се почувствува бенифитот од ваквите акции, покрај нашето редовно чистење, секако потребна е и соработка и помош од сите граѓани и пред се со зголемување на еколошката култура и нефрлање на отпад покрај патиштата и во нивите, се наведува во информацијата од „Комуналец“.
Оттаму додаваат дека отпадот од домаќинствата континуирано се подига од градот и сите населени места, а останатиот отпад од градот и населените места да се пријавува на телефонскиот број 13-110 или да се депонира исклучиво во депонијата „Шапкар“.
Охрид – Нивото на водата во Охридското Езеро и натаму опаѓа, надминувајќи ја границата под дозволениот минимум. Според денешните мерења, нивото на водата во езерото е на котата 693,08 метри надморска височина што е 24 сантиметри под просекот за декември.
Инаку, нивото на водата во езерото моментално е два сантиметри под дозволениот минимум утврден на котата 693,10 метри надморска височина.
Состојбата со негативниот водостој не се подобри со врнежите што го зафатија регионот изминатите денови.
Флуктуацијата на нивото на водата во езерото има негативни последици по многу аспекти, но најмногу се одразува во крајбрежниот дел што инаку е најважен во езерскиот еко-систем.
Куманово - Три возила синоќа биле опожарени во Куманово, соопштија денеска од Регионалниот центар за управување со кризи и од територијалната противпожарна единица Куманово.
Според информациите, пожарникарите интервенирале на две возила на улицата „Трст“ и на уште едно на улицата „Никола Вапцаров“, со по една екипа.
На пожарот на фотокопирницата, пожарникарите интервенрирале од 03:15 до 04 часот, на двата автомобили на улицата „Трст“ од 03:25 до 04:20 часот, последната интервенција е од 05:40 до 06:15 часот.
Во дневниот билтен на РЦУК Куманово се наведува дека пожарникарите синоќа има уште две интервенции на опожарена фотокопирница на улицата „11 Октомври“ и на опожарена фасада од куќа на улицата „Никола Вапцаров“.
Скопје - Водата во Скопје е квалитетна и безбедна за пиење, покажуваат резултатите од анализите што ги изврши ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
- Секторот за санитарна контрола во периодот 25 до 29 ноември 2024 зема 198 примероци за физичко-хемиска и 198 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 43 мерни места во град Скопје. Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ, бр.183/18), информираат од ЈП „Водовод и канализација“.
Овие информации Јавното претпријатие ги објавува во рамки на неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење, добиен од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола.
Скопје - Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ во соработка со Сообраќајната полиција - Скопје од 25 ноември до вчера, со помош на специјалните возила „пајак“, отстранија 212 непрописно паркирани возила. Тие го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, потенцираат денеска од претпријатието.
За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање, како што истакнуваат, неопходна е поголема сообраќајна култура.
- Затоа ЈП „ПОЦ“ и СВР - Скопје во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во општина Центар, со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот, нагласуваат од претпријатието.