• вторник, 26 ноември 2024
МИА Општински пул

24 октомври 2024

Вевчани - Три локални бизниси од Вевчани и еден туристички оператор од Охрид добија сертификати за својот значаен придонес во развојот и промоцијата на одржливиот туризам во рамките на програмата Good Travel Seal и концептот за Зелена дестинација.

Сертифицираните бизниси, како што соопшти „Vevcani Green“, се промовирани преку платформата Good Travel Seal и на социјалните медиуми, стигнувајќи до одговорни туристи од целиот свет кои бараат зелен одмор.

Дополнително, тие се дел од т.н. зелени продукти, кои се понудени на платформата Outdooractive, што дополнително ја зголемува нивната видливост и социо-економскиот бенефит на локално ниво, стои во информацијата.

Битола - „Ричард Трети“ е претстава со која имав потреба да изградам некаков свет на сцената и во тој свет да ги воведам гледачите, истакна Мартин Мирчевски, режисер на театарската претстава која утревечер ќе биде изведена на сцената на НУ Народен театар-Битола.

Мислам дека театарот треба да се занимава со градење на светови, театарот е возбуда, театарот е страст и затоа кога публиката кога ќе дојде во театар треба да плаче, да се смее, треба да биде возбудена, нагласи Мирчевски на прес конференција во Битола.

-Нашите претстави треба да ја вратат публиката. Во претставата се занимаваме со човечката природа, со нашата темна, но и светла страна. Дали во секој од нас постои некаков Ричард и зошто ние како луѓе, како суштества имаме толку самоуништувачки нагон за да сопствениот вид го сотриме како луѓе„ Дали постои некои друго суштество во природата што толку многу сака себеси да се самоуништи! Што се случува со светот? Половина свет гори! Ние не живееме во нормални околности и никогаш човекот како сега не бил во толку контролирана слобода. Затоа во претставата „Ричард Трети“ се занимаваме со лицемерието, со полтронството, со лошите луѓе кои не се некаде настрана, туку тие се тука околу нас, истакна Мирчевски за својот трет театарски потфат како ржисер.

Куманово - Жителите од кумановското село Шупли Камен денеска мирно протестираа на влезот од селото, барајќи од ЈПЖРСМ Инфраструктура да обезбеди дополнителен премин за поминување  кон реката и нивите од спротивната страна на селото.  Од ЈПЖРСМ велат дека за жителите изградени се други премини, асфалтиран е пат кој обезбедува функционирање  и безбедно преминување и не можат да дозволат да се поминува преку пругата.

- Пред десетина години им укажавме на овој проблем. Бараме еден премин, подвозник кој во претходниот проект бил промашен да се поврзе за да може да поминуваме, да имаме пристап до реката, до нивите. Но, оттогаш ништо не е реализирано. Се правдаат дека не можело да се направи експропријација и се договоривме постоечките премини да се вратат во функција. Во петокот дојдоа и ни кажаа дека ќе се прави технички прием на пругата и премините ќе бидат затворени, поставија тампон и ние не можеме да го користиме, изјави Драган Станковски од управен одбор на месна заедница Шупли Камен.

Драги Јовановски од ова село кажа дека според договорот преминот требало да биде готов до 1 септември, годинава и во функција требало да останат двата времени премини.

Струмица - Општина Струмица од денеска се откажува од членството во Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), а градоначалникот Костадин Костадинов ќе поднесе оставка на функцијата член на Управниот одбор. Напуштањето на ЗЕЛС е во знак на револт заради индиферентниот однос кон Струмица и нејзините граѓани во периодот кога тие се соочуваат со еден од најголемите предизвици - водата за пиење, којашто претставува основен елемент на животот, но и заради истиот однос по одбивањето од Владата на единствениот проект од Струмица за реализација со средства од унгарскиот кредит, соопштија денеска од локалната самоуправа откако синоќа ваквата одлука ја најави градоначалникот Костадин Костадинов.

Во соопштението се додава дека Општина Струмица како институција не е удостоена со ниедна писмена одлука од Владата и нејзините институции, а за нив дознавале од медиумите.

-Заради сето ова, го напуштаме ЗЕЛС, а членството ќе важи исклучиво за законските ингеренции на ЗЕЛС во однос на системите на општините, за се друго сме надвор од ЗЕЛС, стои во соопштението.

Битола - Излегоа од печат два броја 14 и 15,  од Списанието за култура – литература, драмска уметност, филм и издаваштво „Современи дијалози“, изданија на Македонско научно друштво-Битола.  

Списанието е финансирано од Министерството за култура, а го уредува редакција составена од проф. д-р Даниела Андоновска Трајковска-главен уредник, Весна Мундишевска Велјановска, професор д-р Силвана Нешковска и доцент д-р Анита Ангелевска.

„Современи дијалози“ бр. 14 за 2024 година содржи прилози од вкупно 57 автори и 8 ликовни уметници. Читателите можат да прочитаат поезија, проза, литература за деца и млади. Во рубриката „Акценти“ застапени се прилози за промоцијата на монографија и изложба на дела на ликовниот уметник Јордан Манасијески, за промоцијата на книгата „Презимето кај Македонците“ од професорката д-р Елка Јачева Улчар, за одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на Ацо Шопов, како и за 64-от јубилеј на МНД одбележан со промоција на научното списание  „Прилози“ и Списанието за култура: литература, драмска уметност, филм и издаваштво „Современи дијалози“, за кое корицата ја дизајнираше Весна Мундишевска-Велјановска со илустрација од Јордан Манасијески.

Куманово - Над 1.100 ученици од Куманово ја користат мерката за бесплатно пливање во затворениот градски базен, соопштија денеска надлежните од секторот за образование на општина Куманово. Општината годинава за оваа мерка одвои десет милиони денари. Учениците ги обучуваат професори по спорт.

Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски смета дека проектот има исклучително значење за правилен развој на децата.

 Со ова постигнуваме повисоко ниво на нашите ученици да научат да пливаат, а дополнително и да се рекреираат, да се унапредат на ниво на добри пливачи и секако она што е најважно да научат да живеат здрав живот во спортски дух. Сакам да се заблагодарам на сите оние коишто се вклучени во имплементација на проектот, а воедно и на родителите кои исто така даваат можност на своите деца да го посетуваат овој проект, а ние ќе се обидеме како Општина Куманово и за претстојната 2025 година да обезбедиме преку Советот на Општина Куманово дополнителни финансиски средства за да овој проект на затворениот градски базен продолжи да функционира, изјави Димитриевски.

Скопје - В.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска положија цвеќе пред спомен-обележјето на загинатиот бранител Игор Драганов, кој пред 17 години го загуби животот, бранејќи ја татковината, информираат од Општина Аеродром.

Одбележувањето на годишнината од смртта на Игор Драганов се одржала во Долно Лисиче во паркот, во кој минатата година Општина Аеродром постави биста со неговиот лик.

Покрај Тошковски и Митески, цвеќе положиле и претседателот на Советот, Антонио Петковски, дел од советниците, претставници на Здружението на загинати бранители, како и членови на семејството на Игор Драганов.

Струмица - ЈПКД „Комуналец“ објави 16 микрообилошки анализи изработени од страна на акредитирани лабаратории и во сите стручното мислење е дека испитаниот примерок на вода е здравствено исправен согласно Правилникот за безбедност на водата.

-Само резултатот од анализата направена од страна на Институтот за јавно здравје - Скопје ја немаме добиено, а за која од страна на медиумите дознавме дека не одговара на Правилникот за безбедност на водата поради присуство на колиформни бактерии.Во исчекување на резултатите од Институтот за јавно здравје - Скопје продолжуваме со активностите за водоснабдување на граѓаните со питка вода се до моментот кога инспектор од Агенцијата за храна и ветеринарство ни даде решение дека водата официјално е за пиење, се наведува во објавата на струмичкото комунално претпријатие.

Тетово - Во Тетово, на локација на патот кон село Требош, денеска беше отворен Центар за собирање кабаст отпад. Центарот е отворен во соработка на фирмата „Саубмахер“ која стопанисува со отпадот во Општина Тетово. На овој простор бесплатно ќе може да се остава кабастиот отпад, а за поголеми количини од „Саубмахер“ може да испрати и возило со кое отпадот ќе биде подигнат од домовите на граѓаните.

-Сега граѓаните ќе можат сите видови кабаст отпад кој до сега се фрлаше покрај контејнерите, но и на улиците ќе можат да го донесат тука. Ако граѓаните не можат да го донесат кабастиот отпад до овде, ние донесовме одлука на Совет за да може со возило да одиме до нивните домови и од таму да го земеме отпадот без граѓаните да плаќаат за тоа. Важно е сите да работиме заедно за да имаме почист и поевропски град, односно да бидеме град со нула отпад, изјави градоначалникот на Тетово Билал Касами.

Скопје - Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски се надева дека градоначалниците на Струмица и Карпош ќе ја преиспитаат одлуката за излегување од ЗЕЛС. Во изјава за медиумите дадена попладнево, Ѓоргиевски рече дека досега до ЗЕЛС нема стигнато официјално барање за излегување од ЗЕЛС. 

Потегот на двајцата градоначалници го оцени како несериозен затоа што, како што рече, едниот ја соопштил одлуката преку социјални медиуми, а другиот преку прес-конференција без претходно како претседател на ЗЕЛС да биде информиран. 

- За да се пристапи кон одредена изјава или одредени обвинувања, особено кон ЗЕЛС, треба претходно да се седне и да се разговара. Апелирам до двајцата колеги да се вразувам и малку посериозно да погледнат на овие нивни потези, затоа што Орце не може самоиницијативно да одлучи како градоначалник на Кисела Вода да ги стави во заложништво сите граѓани повлекувајќи личен потег или потег побуден од различна политичка причина или понуда, изјави Ѓорѓиевски. 

Според Ѓорѓиевски, одлуката за влегување или излегување од ЗЕЛС носи Советот на општината.

Штип - Поделени се флаери со основните симптоми за болеста чума кај малите преживари, а формирана е и високо ризична зона во пограничните места со Грција, информираше на денешната трибина во Штип Симо Костов од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Тој посочи дека  Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка (АХВ) со Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје (ФВМ) денеска од Штип почнуваат со трибини за превенција на болеста чума кај малите преживари, односно овците и козите.

-Сточарите кои се во непосредна близина со границата со Грција ќе бидат посетени од страна на официјалните ветеринари во наредниот период. Се преземаат сите неопходни мерки да не дојде до појава на оваа болест, вели Костов.

Берово - Општина Берово, доби солидна сума на парични средства за реализација на капитални проекти од областа на транспортот за 2024 година. Во својата  денешна објава градоначалникот на Берови, Звонко Пекевски ги наброи капиталните проекти кои Општина Берово ќе ги реализира во наредниот период.

-Општината доби средства за улично осветлување во туристичка населба ,,Беровско езеро” – трета фаза во висина од 3,43 милиони денари, за реконструкција на улица ,,Индустриска” бр. 3 Берово се одвоени 4,57 милиони денари, додека за реконструкција на крак 3 од улица ,,Козара” Берово, 1,3 милиони денари, информираше Пекевски.

Средства општината како што додаде има добиено и за изградба на паркинг простор на улица ,,Партизанска”, вкупно 2,2 милиони денари, за изградба на тротоар на улица ,,Дамјан Груев” со улица ,,Маршал Тито” до влез во градски гробишта, околу 2,8 милиони денари, за реконструкција со партерно уредување на простор околу градски пазар  Берово - 2,5 милиони денари и за реконструкција на улица ,,Енгелсова”  Берово, 3.352.521,00 денари.

Скопје- Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски најави дека денеска во текот на денот ќе се сретне со претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, за да разговараат за проблемите со кои се соочува поради, како што рече на прес-конференција, големи притисоци од страна на централната власт. Притоа тој најави дека е можно Општина Карпош да ја напушти ЗЕЛС за што има многу причини.

Јакимовски вели дека дел од министрите во Владата треба да го корегираат својот однос кон нив како градоначалници, или ќе го напуштат ЗЕЛС.

-ЗЕЛС ги премолчи сите притисоци што ги трпиме од министрите од оваа влада. Не сум прв пат градоначалник. Но, ова е невидено што го прават министрите од владата на Мицкоски. Не знам дали е по негова директива, или не е, но гледате што прават со градоначалникот на Струмица. Градоначалникот да имал чиста вода за пиење. Министерот си ја решил ситуацијата во земјоделието, па се фатил со детено „водата, па водата“. Наместо да му помогне како министер, видете тој што прави, рече Јакимовски.

Струга - Јавното претпријатие Комунално Струга обезбеди 1.212 канти за отпадоци и 59 контејнери, донација од Министерството за животна средина, соопшти денеска претпријатието.

Домаќинства кои имаат оштетени канти, според директорот Иќмет Ислами, ќе можат да ги заменат со нови преку пријавување во канцелариите на месните заедници низ општината.

Новите канти, како што истакна, ќе овозможат подобрувањето на хигиената, што, според него, е од суштинско значење за животната средина и за здравјето на граѓаните.

 

Остани поврзан