• вторник, 26 ноември 2024
МИА Општински пул

26 ноември 2024 

Скопје - Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) денеска преку проектот „ЕУ за чист воздух“ доби шест нови еколошки автобуси на компримиран природен гас, донација од Европската унија.  

- Оваа активност која денес ја спроведуваме е проект вреден 10 милиони евра којшто ќе придонесе за намалување на загадениот воздух, бидејќи тоа е еколошки проблем што го чувствуваме веднаш по почетокот на грејната сезона и со години го зема данокот врз здравјето  на граѓаните, изјави амбасадорот на Европската унија во земјава, Михаил Рокас, на примопредавањето на шесте еколошки автобуси во Дирекцијата на ЈСП. 

Проектот, како што додаде, ги опфаќа градовите Битола, Куманово, Скопје и Тетово, односно оние кои се соочуваат со зголемено аерозагадување. 

Скопје - Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, заедно со стручни лица од повеќе области, денеска во градинката „Росица“ – објект Пампурче го посетија првиот сензорен центар во Македонија, кој беше отворен пред само неколку месеци и веќе бележи значајни успеси во своето работење.

Овој сензорен центар, како што се наведува во соопштението од Општина Ѓорче Петров, кој е прв од ваков вид во земјата, служи како практична база за студентите од 3 и 4 година на Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет. Под менторство на проф. д-р Оливера Рашиќ Цаневска, студентите секој вторник работат директно со дечињата со пречки во развојот, помагајќи во нивната рехабилитација и интеграција во образовниот процес.

Преку оваа програма, децата добиваат континуирана поддршка, а резултатите се веќе видливи – подобрувања во состојбата и напредок кај децата кои ја користат услугата на центарот.

Гостивар - Актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска нема да кандидира за нов мандат. Во изјава за медиумите дадена денеска по примопредавањето на шест нови еколошки автобуси за потребите на ЈСП, Арсовска рече дека ситуацијата во државата е крајно полазирана и дека не планира да соработува со луѓе кои знаат само да саботираат и блокираат. 

-Би сакала да им посакам барем еднаш да покажат и да докажат прво пред граѓаните дека она што го кажуваат, ќе можат да го реализираат за да на следните избори имаат поддршка. Јас кога се кандидирав за градоначалник, ја имав поддршката од ВМРО-ДПМНЕ којашто, за жал, не успеа да се надмине себеси. Суетите се преголеми за да дозволите некој да работи без да му кажувате што и како да прави. Благодарам, но јас со такви луѓе кои знаат само да саботираат и да блокираат не би сакала никогаш повеќе да работам, рече Арсовска.  

Дебар - Општина Дебар почна со поставување соодветни сообраќајни табли со новите имиња на улиците.

Свеченото откривање на една од таблите со новото име „Дебарски конгрес“ поранешна Атанас Таневски-Илиќ (паднат борец од Дебар) беше извршено кај градската пошта, на кое присуствуваа градоначалникот Хекуран Дука, претседателот на Советот на општината Фуат Спахиу, членови на советот и граѓани.

Градоначалникот Дука меѓу другото изјави дека предлогот за преименување на улици во градот беше изгласан од страна на Советот на општината во април 2021 година, со запазување на Бадинтер и во декември истата година овој предлог беше одобрен од тогашната Влада на РСМ.

Битола - Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола во рамки на соработката со бизнис секторот обезбеди можност за користење стипендии за студенти од семејства со ниски приходи.

Апликативниот процес се реализира преку Центарот за кариера, алумни и доживотно учење кој работи во состав на УКЛО-Битола, а се однесува за студенти на Електротехничкиот отсек при Технички факултет-Битола.

-Нашите студенти може да учествуваат на објавен повик за доделување десет стипендии од програмата ЛОСТ за стипендирање студенти од УКЛО од семејства со ниски месечни приходи, студенти на Електротехничкиот отсек при Техничкиот факултет-Битола. ЛОСТ е проект на ЕВН Македонија АД Скопје, кои ќе доделат 10 стипендии во висина од 10.000 денари месечено, за студенти од семејства со ниски приходи. Повикот е со широк опфат и може да се пријават студенти кои прв пат се запишале во прва, втора, трета или четврта година, информираа од УКЛО-Битола.

Скопје - Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска ја поздравува одлуката на Владата да набави 100 до 120 електрични автобуси за јавен градски превоз од кои најголем дел за Скопје, но смета дека треба да се остави време да се види дали ќе се реализира тоа што го имаат ветено. За набавката на електрични автобуси вели дека слушнала од медиумите и смета дека ваквата одлука е задоцнета.

Најавата, која што ја слушнав од медиумите, доколку е вистина, можам само да ја поздравам и да кажам дека е задоцнета затоа што Владата имаше мнозинство во Советот на Град Скопје и веќе трета година по ред можеше да донесе иста или слична одлука без разлика дали се работи за задолжување или, пак, се работи за средства што градот Скопје ги има од сопствен капацитет и коишто можел да ги покрие, изјави Арсовска во одговор на новинарско прашање по примопредавањето на донацијата од ЕУ на шест еколошки автобуси за ЈСП Скопје.

Скопје - Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски информира дека паркот во Капиштец целосно се обновува со нова урбана опрема, нови садници, ново ЛЕД осветлување, нова патека и ново зеленило кое опфаќа 7.800 метри квадратни.

-Вчера почнавме со партерно и хортикултурно уредување на паркот во Капиштец. Поставуваме ново зеленило на 7.800 метри квадратни и нови садници со цел почист и поздрав Центар. Заедно со општинските служби интензивно работиме на поставување нова урбана опрема, нови павер елементи, ЛЕД осветлување и нова патека за движење. Очекуваме проектот за обновување на паркот во Капиштец да го завршиме до крајот на оваа година. Во пресрет на новогодишните празници, жителите на населбата Капиштец добиваат нов парк за рекреакција и прошетка. Упатувам апел урбаната опрема да се чува и да не се уништува, заеднички да придонесеме кон почиста и поздрава животна средина, вели Герасимовски.

Скопје - Долгот на централните власти кон Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје од јануари идната година ќе изнесува десет милиони евра и Советот треба да дискутира дали воопшто ќе има бесплатен превоз за сите, а не само за студентите од приватните универзитети, изјави денеска градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

Превозот за студентите, вкучително и за оние од приватните факултети, како што посочи, требало да биде обезбеден од централните власти како дотација кон претпријатието и како дел од мерката за поддршка на студентскиот стандард.

Берово - Во тек е изградба на четвртиот крак од секундарната водоводна мрежа во туристичка  населба Беровско Езеро. Градежните работи, како што соопшти денеска беровскиот градоначалник Звонко Пекевски, се во должина од околу 500 метри. Со зголемување на населбата и се поголемиот број на корисници, како што додаде тој зголемена е и потребата од вода, со што постојниот капацитет не е доволен за да ги задоволи  потребите на корисниците.  

-Населбата во моментот има дел од секундарна мрежа, па со новата линија ќе се обезбедат дополнителни количини, со кои ќе се покрие уште еден дел од населбата и  домаќинства и преку кој се континуирано се работи на  решавање на  долгогодишниот проблем со водоснабдувањето во туристичка  населба Беровско Езеро, истакна Пекевски.  

Реализацијата на овој проект е од големо значење за  развој на  туризмот и  подобрување на  условите за живот на граѓаните. 

Скопје - Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес се дружеше со дечињата со церебрална парализа во нивниот клуб во Расадник. Заедно поминаа неколку часа во кој сликаа, украсуваа глинени вазнички, предмети, а средбата ја надополнија и со песна и смеа.

- Денеска со големо задоволство поминав неколку незаборавни часови со дечињата со церебрална парализа во нивното катче за дружење, едукација и социјализација во Расадник. Заедно сликавме, украсувавме, а овој ден го збогативме со песна, смеа и искрени насмевки.

Ова катче, кое постои веќе трета година, претставува мал, но значаен простор каде што децата со церебрална парализа можат да се изразат, да создаваат и да се чувствуваат прифатени. Лицата со попреченост се рамноправни членови на нашето општество, а ние имаме обврска да создадеме услови каде што секој поединец ќе може да го достигне својот потенцијал. Само преку заеднички напори можеме да изградиме општина и заедница во која секој ќе има еднакви можности и право на среќа и успех.

Штип - Зголемување на транспарентноста и намалување на корупцијата е целта на проектот „Заедници за интегритет“ од кој дел е и Општина Штип. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов изјави дека од денеска почнува првата фаза од имплементирање на проектот, запознавање на јавноста и вклучување на сите релевантни институции во насока на градење на еден механизам со кој ќе се воспостави зголемена контрола.

-Преку овој проект ќе се работи на зајакнување на отпорноста на локалната самоуправа од корупција. Дел од овој проект се шест општини, меѓу кои и Штип, со цел да се зајакне најпрво транспарентноста во носењето на одлуките под локално ниво, да се зајакне и воспостави систем механизам на контрола на работењето на локалната самоуправа, да се зајакне одговорноста која институцијата ја има, вели Јорданов.

Дебар - Македонското здружението за култура и солидарност на македонските иселеници МАК-ГОЧ од Маниса, Турција, за нова претседателка ја избра Јелиз Дениз, позната активистка на асоцијацијата, чии родители се по потекло од долнореканското село Жировница.

-Честитки на Јелиз Дениз за изборот и посакувам успешна работа во следниот период заедно со нејзиниот тим. Верувам дека нашите иселеници во Маниса ќе бидат пообединети во иднина следејќи го примерот на претходниот претседател, Џевдет Џомерт, кој почина неодамна. Ова здружение е наш амбасадор во Туркије и мост кој се грижи и ги одржува корените, обичаите и традицијата на реканскиот крај. Општина Маврово и Ростуше секогаш ќе биде поддржувач на нивните активности и отворена за секаква соработка, објави градоначалникот Медат Куртовски.

Штип - Здружението на слeпи лица-Штип заедно со фолклорниот ансамбл „Ветерани“ и здружението на пензионери организираат хуманитарен концерт, кој  вечер ќе се реализира на сцената на Центар на култура „Ацо Шопов“ Штип со почеток од 18 часот. Претседателот на Здружението на слепи лица, Драги Витанов вели  влезот е слободен, но со можност граѓаните, љубителите на народната музика да донираат средства, кои ќе се искористат за голем број активности на здружението на слепи лица, кои догодина слават 70 годишен јубилеј.

-Собраните средства ќе бидат наменти за активности на здружението на слепи лица на град Штип. Планираме да организираме меѓународни шаховски турнири, концерт, ќе имаме гости од Бугарија и Сребија и слично, изјави Витанов.

Овој концерт се реализира за првпат годинава, со тенденција да прерасне во традиција. Концертот ќе се одвива во неколку делови, а ќе има гости од повеќе градови од државата.

Велес - Комедијата „Гимнастика за бремени жени“ на Драмско-куклениот театар од Враца, Бугарија од Здрава Каменова, во режија на  Петринел Гочев, сценографијата и костими се на Надија Василева Ковачовска ја раскажува приказната за четири бремени жени, сите со име Марија, вечерва во 20 часот ќе биде изведена на големата сцена на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“.

Како што информираат од велешкиот театар, тие се среќаваат на час по гимнастика за трудници, а ова познанство ги води до непромислено бегство и најлуда ноќ во нивниот живот. Претстава говори за најекстремното, најтрансформативното искуство во бременоста, во исто време, и за  тоа како жените така и мажите поминуваат низ овој дел од животот. Посебен акцент е ставен на љубовта, поточно како тоа убаво чувство преживува при  изборот да се биде родител. Исто така, глумците го прикажуваат патувањето низ апсурдите, лудилото и љубовта на четири трудници, четворица мажи и еден ексцентричен предавач!

Македонска Каменица - Градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски денеска организираше прием за талентираните ученици добитници на стипендии според постигнатите успеси во учебната 2023/24 година. 

-Во текот на средбата, на младите талентирани ученици, најпрвин им упатив искрени честитки за нивните одлични успеси. Притоа, изразувајќи лично задоволство од импресивните резулатати на регионално и национално ниво, истакнав дека јас како градоначалник и Општина Македонска Каменица, ќе продолжиме да бидеме постојана поддршка за остварување на нови успеси и за успешна реализација на сите идни проекти на младите, истакна Атанасовски.

Списокот со наградените ученици од основното и средното образование според Правилникот за доделување на стипендии за талентирани ученици, утврдени од Комисијата за разгледување на пријави за стипендии како што додаде е објавен на општинската веб страница.

Кавадарци -  Полицијата вчера привела двајца кавадарчани, кај кои биле пронајдени детектори за метал и сомнителни предмети. За ова попладнево информираа од СВР Велес. 

- Синоќа  во 20.30 часот во Неготино, на излезот кон Кавадарци, полициски службеници од Полициската станица Неготино ги привеле И.Д.(41) и С.С.(45), двајцата од Кавадарци. При преглед во патничко возило „тојота“ со бугарски националнои ознаки, управувано од И.Д., а С.С. бил сопатник, биле пронајдени и одземени три детектори за метал и други предмети за кои постои сомнение дека се наменети за вршење на прекршок по член 63 од Законот за заштита на кулутурното наследство, појаснија од СВР Велес. 

Оттаму додадоа дека по целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Скопје - Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски информира дека паркот во Капиштец целосно се обновува со нова урбана опрема, нови садници, ново ЛЕД осветлување, нова патека и ново зеленило кое опфаќа 7.800 метри квадратни.

„Вчера почнавме со партерно и хортикултурно уредување на паркот во Капиштец. Поставуваме ново зеленило на 7.800 метри квадратни и нови садници со цел почист и поздрав Центар. Заедно со општинските служби интензивно работиме на поставување нова урбана опрема, нови павер елементи, ЛЕД осветлување и нова патека за движење. Очекуваме проектот за обновување на паркот во Капиштец да го завршиме до крајот на оваа година. Во пресрет на новогодишните празници, жителите на населбата Капиштец добиваат нов парк за рекреакција и прошетка. Упатувам апел урбаната опрема да се чува и да не се уништува, заеднички да придонесеме кон почиста и поздрава животна средина“, вели Герасимовски.

Остани поврзан