• вторник, 26 ноември 2024
МИА Општински пул

 26 ноември 2024 

Кавадарци - Осветлени се споменикот и бистите на 12 ваташки младинци во месноста Моклиште кај кавадаречкото село Ваташа, информираат од кабинетот на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.  

- Во рамките на проектот „Реконструкција и доградба на постоечката надземна мрежа за улично осветлување’’, одделението за улично осветлување при Општина Кавадарци постави ново улично осветлување на месноста викана „12 ваташки младинци’’ во Моклиште, нови енергетско ефикасни светилки со подобра илуминација. Се осветлија 12 бисти со 12 рефлектори поставени на земја и споменикот со дополнителни осум рефлектори исто така поставени на земја, појаснија од кабинетот на Јанчев. 

Оттаму додадоа дека инвестицијата е дел од тендерот за нови нисконапонски инсталации за улично осветлување, со вкупна вредност од 65 милиони денари.

Неготино - Лишен од слобода бил неготинец, затоа што синоќа се заканувал на сопственик на угостителски објект, информираа денеска од СВР Велес.   

- Синоќа во 22.30 часот во Неготино, полициски службеници од Полициската станица во градот го лишиле од слобода неготинецот  Б.П. (37), затоа што претходно во угостителски објект се заканувал на сопственикот, сограѓанинот  Ф.М( 50). По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок, појаснија од СВР Велес.

Охрид – Со заупокоена утринска Света архиерејска литургија што од изутринава се отслужува во Храмот на Свети Пантелејмон на Плаошник, верниците од дебарско-кичевската епархија денеска се простуваат од упокоениот владика Тимотеј.

Со литургијата чиноначалствува викарниот епископ на Дебарско-кичевската епархија, неговото преосвештенство епископот Антаниски господин Партениј во сослужение на бројни свештеници од Епархијата.

Посмртните останки на Митрополитот Тимотеј на проштално збогум ќе бидат изложени во храмот на Плаошник се до крајот на вечерната служба.

Инаку, Митрополитот Тимотеј почина вчера во Скопје, по кусо боледување.

Владиката Тимотеј раководеше со Дебарско–кичевска епархија од 1981 година како нејзин Администратор со седиште во Охрид, од каде што со голем елан, самопрегор, трпеливост и тактичност ќе раководи и со Австралиската аперхија до 1995 година, кога доброволно ја отстапува на друг надлежен архијереј.

Во изминативе 43 години како архијереј на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Митрополитот Тимотеј извршуваше и многу други одговорни задолженија како секретар на САС на МПЦ и Администратор на Повардарската епархија, како и портпарол на Синодот на МПЦ. 

Тетово - Публикацијата „Преводот и преводно-компилаторската творечка постапка во македонската книжевноисториска традиција (IX-XVIIIвек) од авторката Сунчица Трифуновска Јаниќ беше промовирана синоќа во Општина Брвеница. Книгата е прво дело на авторката, а промотори беа универзитетските професорки д-р Мери Јосифоска, д-р Веселинка Лаброска и доц.д-р Лилјана Ѓорѓиева.

-Во оваа книга е обработен суштински период од македонскиот јазик, којшто сега ќе биде достапен до широката јавност. Таа е патување низ историјата на нашата книжевна традиција и култура и е посветена на преводите во македонската книжевно-историска традиција од 9. до 18. век, односно на период од цели 10 века, кои се клучни за обликувањето на македонската културна и писмена идентификација. Во оваа книга се моите размислувања  и мојата визија за почетоците на македонскиот јазик, како и мојата желба да оставам нешто вредно и трајно на македонското научно тло. Секоја страница е резултат на долгогодишно размислување и посветеност. Во овде претставените 10 века, преводите играат суштинска улога во пренесувањето на знаење, култура и идеи, кои биле важни не само за нашиот народ, туку и за целокупната балканска и европска традиција. Сепак, историјата не е само наука за учење на теми од минатото, туку претставува главен клуч за сегашноста и иднината на еден народ, истакна авторката Сунчица Трифуновска Јаниќ.

Публикацијата е издадена со поддршка на Министерството за култура како дело од национален интерес во културата за 2024 година. Авторката Сунчица Трифуновска Јаниќ е дипломиран професор по македонски јазик и виш лектор на македонски јазик. 

Остани поврзан