МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
26 ноември 2024
Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој од 24 до 27 ноември со делегација на Министерството е во работна посета на Министерството за внатрешни работи на Обединетите Арапски Емирати, во Абу Даби на официјалната средба со министерот за внатрешни работи шеикот Саиф бин Зајед ал Нахјан потпишаа два меморандуми за разбирање за безбедносна соработка и борба против тероризмот и за меѓусебно признавање и замена на возачките дозволи меѓу двете држави.
- Со желба за олеснување на движењето на граѓани кои поседуваат возачки дозволи издадени од соодветните надлежни органи на двете земји за време на посета или престој на територија на едната или другата држава веќе нема да имаат потреба од замена на возачките дозволи. Тоа значи дека и двете страни ги ослободуваат подносителите на барање за замена на возачката дозвола од теоретски и практични тестови и потреба од полагање во другата држава во категориите А, Б и БЕ. За повеќе од илјада македонски граѓани кои живеат во ОАЕ ова ќе значи значително намалување на трошоците. Меморандумот за разбирање за безбедносна соработка и борба против тероризмот отвара голем простор за соработка за брза размена на информации и спречување на кривични дела во спектарот од тероризмот преку организираниот криминал и корупција до спречување на трговијата со луѓе и мигранти, потенцираше министерот Тошковски на средбата, соопшти МВР.
Скопје - Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче и претседателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова денеска ќе одржат работна средба.
Како што соопштија од СДСМ, средбата ќе биде во Кабинетот на претседателката во Вила Водно со почеток во 15 часот. По средбата, најавена е изјава за медиуми на лидерот на СДСМ.
Скопје – Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје денеска организира свечен час по повод 80 години од прогласувањето на македонскиот јазик за службен.
Како што соопшти Деканатот на Филолошкиот факултет, поздравна реч ќе имаат деканот на Факултетот, проф. д-р Владимир Мартиновски, и раководителката на Катедрата за македонски јазик, проф. д-р Искра Пановска-Димкова.
Пригодни излагања ќе имаат проф. д-р Димитар Пандев - „АСНОМ и македонскиот јазик“, и проф. д-р Емилија Црвенковска – „Значењето на АСНОМ за македонскиот јазик и за просветата“.
На настанот ќе биде отворена и изложба „АСНОМ – израз на суверената волја на македонскиот народ за остварување на неговото право на самоопределување“, претставена од д-р Јасмина Дамјановска.
Скопје - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, денеска во Владата на Република Северна Македонија ќе оствари билатерална средба со комесарот за културни врски на Јапонија, Шуничи Токура, кој ќе престојува во дводневна работна посета на нашата држава.
По средбата, како што соопшти Министерството, предвидени сe потпишување на Меморандум за соработка во областа на културата, кој е прв билатерален документ во оваа сфера меѓу двете држави.
Скопје - Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска ќе учествува на Глобалната Сајбер конференција и Самит на Алијансата Исток – Запад 2024, кој се одржува во Цирих, Швајцарија.
Андоновски, како што соопштија од Министерството, ќе биде еден од клучните говорници на церемонијата на отворање на Самитот, каде ќе одржи говор на тема „Дигитална трансформација и патот до сајбер отпорност“.
Според агендата, на панел-дискусијата „Како да се соработува во сајбер просторот: предизвици и можности“, министерот Андоновски ќе ги сподели своите видувања на оваа тема.
Скопје - Во Дирекцијата на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ во Автокоманда денеска ќе бидат примопредадени шест нови еколошки автобуси на компримиран природен гас. Автобусите се донација за возниот парк на ЈСП од Европската Униуја преку проектот „ЕУ за чист воздух“.
-Овие автобуси претставуваат значаен чекор на патот на Град Скопје кон намалување на емисиите, подобрување на квалитетот на воздухот и промовирање на одржлива урбана мобилност, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.
На настанот е најавено присуство на амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, претставничка на УНОПС во Северна Македонија, Микела Телатин, и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
Скопје - Од денеска до 28 ноември ќе се одржува осмото издание на Деновите на финансиската писменост во организација на Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално пензиско осигурување ‒ МАПАС и Агенцијата за супервизија на осигурување.
Народната банка информира дека Деновите на финансиската писменост ќе бидат организирани главно како едукативни предавања и дека сите институции кои учествуваат годинава, преку своите веб-страници и преку страниците на социјалните мрежи, ќе ги информираат граѓаните за активностите и за настаните што се планираат, известувајќи и за начинот на пријавување на секој заинтересиран граѓанин.
Скопје - Во Јавното обвинителство денеска ќе се одржи настан во рамки на проектот „Мојот антикорупциски дневник“ чија цел е младите да се зајакнат да ги препознаваат и да бидат отпорни на корупцијата во нивните заедници.
Настанот е дел од серија работилници кои се реализираат во склоп на проектот „Мојот антикорупциски дневник“, кој има цел да ги едуцира младите и да ги подготви за активна борба против корупцијата.
На работилницата ќе учествуваат и претставници од подмладоците од политичките партии во земјата, како и средношколци од четири средни училишта.
На настанот ќе се обратат заменик-шефот на мисијата на САД во Северна Македонија, Никол Варнс, обвинителката за врски со Европравда, Ленче Ристоска, судијата Бетим Јахја и Мите Кузевски од Фондацијата за дебата и едукација ИДЕА Југоисточна Европа.
Белград - Претседателката на Парламентот на Србија, Ана Брнабиќ денеска изјави дека претставниците на опозицијата сакаат граѓанска војна, а владејачката коалиција, претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот Милош Вучевиќ сакаат работата и просперитет на Србија со цел да се подобрат стандардите на сите граѓани на Србија.
Брнабиќ за РТС изјави дека штетата направена вчера во Народното собрание ќе чини многу, и ќе даде се од себе таа штета да ја понесе опозицијата на чело со Драган Ѓилас.
Пратеникот на Зелено-левиот фронт Радомир Лазовиќ денеска изјави дека вчерашната седница на Собранието ја покажала политичката криза во која се наоѓа државата и потсети дека опозицијата сакала на дневен ред да се расправа за смена на Владата, што владата го одбила.
Атина – Генералниот секретар на НАТО Марк Руте денеска е во еднодневна посета на Грција и ќе одржи одвоени средби со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и со министрите за одбрана и надворешни работи Никос Дендиас и Јоргос Герапетритис, јави дописничката на МИА од Атина.
Руте во Грција доаѓа од Турција каде што вчера, со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган разговараа за начините за ставање крај на војната меѓу Украина и Русија.
Според грчките медиуми, се очекува Мицотакис и Руте да разговараат за улогата на Грција во поширокиот регион, за средствата што земјата ги одвојува за одбранбен материјал, но и за односите со Турција.
Брисел - Европската федерација на новинари (ЕФЈ) одлучи да не објавува ништо на платформата X на Илон Маск од 20 јануари 2025 година, кога Доналд Трамп официјално ќе стане 47-ми претседател на САД.
Како и многу европски медиуми и новинарски организации, ЕФЈ смета дека повеќе не може етички да учествува во социјалната мрежа која нејзиниот сопственик ја претвори во дезинформативна и пропагандна машина, објавија тие.
„Не можеме да продолжиме да учествуваме во социјалната мрежа на човек кој прогласи смрт на медиумите, а со тоа и на новинарите“, рече претседателката на ЕФЈ, Маја Север.
Брисел - Амбасадорите на Украина и 32-те членки на НАТО денеска во Брисел ќе имаат состанок по руското истрелување минатата недела на експериментална хиперсонична ракета со среден дострел.
Русија во четвртокот изврши напад врз украинскиот град Днепар за кој претседателот Владимир Путин рече дека е тест на нивната нова ракета „Орешник“.Путин рече дека ракетниот напад е одговор на тоа што Украина испука оружје доставено од САД и Велика Британија во Русија.
Состанокот „дава можност да се разговара за актуелната безбедносна ситуација во Украина и ќе вклучи брифинзи од украинските власти преку видео врска“, изјави претставник на НАТО.
Москва - Русија наскоро ќе ги отстрани талибанците од својата листа на терористи, соопшти талибанската влада на Авганистан, цитирајќи ги зборовите на вчерашниот гостин во Кабул, Сергеј Шојгу, поранешен министер за одбрана на Русија, сега секретар на Советот за безбедност.
Шојгу разговарал за „зајакнување на политичките односи и економската соработка и начините за зголемување на трговијата и руските инвестиции во Авганистан“ со неколку авганистански министри од редовите на талибанците, се наведува во соопштението на талибанските власти.
Посетите на високи странски претставници на Авганистан се ретки бидејќи ниту една земја во светот не ја признала талибанската влада, на власт од август 2021 година.
Киев - Русија изврши рекорден број напади со беспилотни летала во текот на ноќта над Украина, оштетувајќи згради и „критична инфраструктура“ во неколку региони, соопштија денеска од украинските ВВС.
„За време на ноќните напади, непријателот лансираше рекорден број беспилотни летала Шахед и неидентификувани беспилотни летала“, соопштија военото воздухопловство.
Тие прецизираа дека Украина била нападната во текот на ноќта со 188 дронови.
Вашингтон - Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп најави дека ќе воведе огромни нови царини за производи од Мексико, Канада и Кина штом ќе ја преземе функцијата, како дел од напорите за сузбивање на илегалната имиграција и трговијата со дрога.
Трамп на социјалната мрежа Truth Social напиша дека на 20 јануари ќе ги потпише сите потребни документи за воведување царина од 25 отсто за сите производи од Мексико и Канада што се увезуваат во САД и царина од 10 отсто за производите од Кина.
Тој додаде дека новите царини ќе останат во сила „додека не се искорени дрогата, особено фентанилот“, како и илегалните имигранти.
Вашингтон - Од Белата куќа синоќа го потврдија фактот дека Украинците добиле дозвола да користат американски ракети ATACMS за удари во руска територија. Потврдата е од Џон Кирби, претставник на Советот за национална безбедност.
-Моментално, Украина ги користи ATACMS за заштита во случаи на итна потреба. Ова се случува, меѓу другото и во Курската област. Ќе им дозволам на Украинците самите да се изјаснат за користењето на ATACMS, за целите и за ефективноста… Ние, секако, им дадовме насоки за да можат да ги користат овие ракети за да погодуваат одредени типови цели, рече Кирби во одговор на прашање на новинар дека администрацијата на Џо Бајден претходно предупредиле дека користењето на ракетите ATACMS од страна на Украинците за удари длабоко во руска територија може да доведе до ескалација од страна на Кремљ.
Вашингтон - Милијардерот Илон Маск, кој е назначен од новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да ја води комисијата за намалување на трошоците на федералната влада, изјави синоќа дека борбените авиони треба да се заменат со беспилотни летала бидејќи тие се иднината на судирите во воздух.
„Во ерата на беспилотните летала, борбените авиони се застарени и нивниот единствен резултат е смрт на пилотот“, објави Маск, шеф на вселенската компанија SpaceX и автомобилската индустрија Тесла, на својата платформа Икс.
Пекинг - Ниту САД, ниту Кина нема да победат од трговска војна, изјави портпаролот на кинеската амбасада во Вашингтон, Лиу Пенгвеи во денешното соопштение.
Изјавата доаѓа откако новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе дополнителни 10 отсто царини за сите кинески стоки кога ќе ја преземе функцијата.
Кина верува дека американско-кинеската економска соработка е заемно корисна по природа, додаде портпаролот.
Кинескиот амбасадор во Австралија, Сијао Чианг, денеска изјави дека трговската политика на САД кон Кина и другите земји, исто така, ќе има влијание врз односите меѓу Канбера и Пекинг.