• недела, 22 декември 2024
МИА Општински пул

6 декември 2024 

Скопје - Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски информира дека денеска во соработка со Црвен Крст ОО Центар ќе се реализира крводарителска акција од 09:00 до 14:00 часот во општинската Сала на Совет - барака 6.

-Дарувањето крв претставува највисок чин на хуманост кој може да спасува животи. Секоја доза на дарувана крв е непроценлива за пациентите кои се во животна опасност или на кои им се потребни медицински интервенции, истакнува Герасимовски.

Берово - Во рамки на Програмата за улично осветлување за 2024 година, се проширува и модернизира уличното осветлување на улицата „Маршал Тито“, влезот во Берово, на потегот од ЈП „Национални шуми“ до Макпетрол во Берово, информираше градоначалникот на општината Звонко Пекевски. 

Нова линија на улично осветлување со поставување на електрични столбови, како што соопшти денеска тој, е инсталирана на должина од околу 200 метри.

Прилеп - Вечер на сцената од матичниот театар, ансамблот на Прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ премиерно ќе ја изведе претставата „По име Господин“ по текст на Филип Лоле во режија на Борис Василески. Станува збор за современа фарса и за потрагата по индивидуалната слобода, да се отфрлат општествените правила и норми кои ги обезвреднуваат нашите животи.

-Претставата е современа фарса која раскажува приказна за еден човек кој го викаат Господин кој, всушност, патува во потрагата по својата индивидуална слобода. Така што, претставата е токму тоа – потрага по индивидуалната слобода во овој ваков свет во кој живееме. Вторпат соработувам со ансамблот на театарот и веќе ми е позната енергијата која е голема, вели режисерот Борис Василески.

Битола - Креативни градови за филм од мрежата на УНЕСКО денеска во Битола одржуваат форум на тема „Одржливи и еколошки практики во филмот и креативните индустрии“. Форумот е со цел да ја зајакне соработката меѓу градовите членки на мрежата на УНЕСКО и да промовира еко-практики во филмската индустрија.

Програмата денеска се одвива во Офицерски дом каде ќе се одржи панел-дискусија на тема „Одржливост во филмската и креативната индустрија кон изградба на одржливи градови“, со учество на меѓународни панелисти, презентации на добри практики преку искуства и примери од градовите членки на УНЕСКО, меѓу кои и повеќе домашни претставници.

Скопје - Корисниците на дел од улицата „Салвадор Аљенде“ во Центар денеска од 9 часот ќе немаат вода поради уличен дефект на таа улица бр. 85.

Како што информира ЈП Водовод и канализација -Скопје, прекинот во водоснабдувањето ќе трае до санирање на дефектот.

Велес - Претставата „Земја на штркови“ вечер во 20 часот ќе биде одиграна на големата сцена на Тетарот„Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, а е работена по мотиви од текстот „Топлината во ноември“ на Јана Добрева, во режија на Роберт Ристов, кој се потпишува и зад адаптацијата и сценографијата. Костимите се креација и спонзорство на Елена Лука. Автори на музиката се Оливер Јосифовски и Давор Јордановски, вокал Вера Милошевска, а кореографијата е на Кренаре Невзати - Кери.

Во претставата играат Мирјана П. Ристов, Роберт Ристов, Изабела Јакимова и Радо Алексовски.

Скопје - На Архитектонскиот факултет во Скопје вечер од 19:30 часот ќе биде отворена патувачката изложба „Толеранција“ на Мирко Илиќ. На настанот најавено е присуство на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Организаторите истакнуваат дека изложбата била претставена во 40 земји, вклучувајќи ги САД, Бразил, Јапонија, Кина, Германија, Словенија, Аргентина, Босна и Херцеговина, Италија, Хрватска и Португалија.

Илиќ, роден во 1956 година во Босна и Херцеговина, е стрип-уметник и графички дизајнер со седиште во Њујорк. 

 

Остани поврзан