МИА Општински пул
- 18 август 2025
Скопје - Јавна дискусија за просторот во урбаниот опфат на Генералниот урбанистички план на град Скопје за територијата на Општина Центар ќе се одржи денеска во салата на Советот на Град Скопје (барака број 13), во периодот од 10 до 13 часот.
-Граѓаните можат да дадат свои предлози мислења и забелешки за време на јавната дискусија, а истите можат да ги достават и писмено во архивата на Град Скопје (барака број 16) или електронски на адресата gup@skopje.gov.mk, велат од Град Скопје.
Од Градот ги повикуваат сите заинтересирани граѓани и претставници на заедницата активно да се вклучат во овој процес од јавен интерес.
Град Скопје, појаснуваат оттаму, во рамки на постапката за изработка на новиот Генерален урбанистички план ГУП 2022–2032 година организира јавни дискусии со цел вклучување на граѓаните во процесот на планирање и уредување на просторот.
Крива Паланка - На летната сцена во градскиот парк во Крива Паланка синоќа се одржа традиционалната Меѓународна поетска манифестација „Лирски треперења" во организација на Националната установа Центар за култура Крива Паланка.
Триесет и девет поети и поетеси од земјава и соседството од различни генерации читаа стихови под отворено небо пред бројната публика.
- Оваа година манифестацијата бележи 15 години постоење, а ќе биде запаметена по рекордниот број учесници, што е вистински показател за тоа дека литературата и значењето на поетскиот израз се повеќе го заземаат своето место на културната сцена. Значајно место им беше отстапено пред сѐ на нашите локални, млади и надежни автори, подмладокот на литературниот клуб „Калин" што работи во рамките на нашата институција, на искусните и докажани членови, како и на гостите од Врање, Република Србија и од Ќустендил, Бугарија, но и учесниците од повеќе македонски градови: Кочани, Штип, Куманово, Скопје, рече директорот на НУЦК Крива Паланка, Сашко Додевски.
На манифестацијата настапија членови на Здружението на слободни уметнички души „Ава Јустин", Врање, Сојуз на книжевници во туѓина и расејување, Нови Сад- огранок Врање, Читалиште „Братство 1869", Ќустендил, Литературен клуб „Искра", Штип, Литературен клуб „Копнеж", Кочани, литературен клуб „Калин", НУЦК, Крива Паланка и повеќе слободни поети од други македонски градови.
Настанот беше надополнет со музичка изведба на млади музички таленти од градот под менторство на професорката Лариса Жулина Митовски.
Скопје - ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 10-ти до 17 август со помош на специјалните возила „Пајак“ отстраниле 103 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
Од ЈП ПОЦ и Општина Центар најавуваат дека континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка и апелираат до граѓаните да ги почитуваат правилата и прописите и да ги оставаат своите возила само на пропишаните места за да им се овозможи на пешаците и велосипедистите нормално движење по тротоарите и велосипедските патеки, а на возилата безбедно движење по улиците.
Струмица - Со распоред за наводнување од по три дена за повеќе атари во струмичко се користи водата за наводнувањето од хидроакумулациите од струмичко и доколку продолжи неповолната хидролошка состојба наводнувањето на површините засеани со најразлнични култури е обезбедено до септември.
Ова го изјави раководителот на Подружницата „Струмичко поле“ при АД „Водостопанство на Македонија“, Костадин Стојанов, кој додава дека двете најголеми акумулации-„Турија“ и „Водоча“ засега имаат насобрано доволно вода.
-Во најголемата акумулација „Турија“ имаме 15,3 милиони кубни метри вода од вкупно 50 милиони. Во „Водоча“ вчера се измерени 10 милиони кубни метри вода од вкупен капацитет од 27 милиони кубни метри вода, информираше Стојанов.
Според него, помалите акумулации Новоселка, Чаушица, Иловица и Маркова река се на минумум, но тие бргу се полнат.
Инаку, од акумулацијата „Турија“ градот Струмица и повеќе населени места трошат меѓу 5 и 6 милиони кубни метри вода за пиење годишно.
Охрид – Нивото на водата во Охридското Езеро според денешните мерења се наоѓа на котата 693,26 метри надморска височина.
Тоа е 20 сантиметри под просекот за август (693,46 мнв), што најмногу е последица на продолжениот сушен период со многу помалку врнежи од вообичаеното.
Температурата на водата е во рамки на просекот односно денеска се измерени 23,5 степени Целзиусови, што е за половина степен над просекот за овој период од годината.
Скопје - Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, направи увид во реконструкцијата што се одвива во ООУ „Димитар Миладинов“, каде во тек е целосно обновување на фискултурната сала, свечената сала и меѓупросторот меѓу нив, информираат од Општината.
Во фискултурната сала се заменува целиот под со нов паркет, се обновуваат ѕидовите и плафонот, се поставуваат енергетски ефикасни светла и се оспособуваат прозорците, додека свечената сала добива целосно нова бина, нови скалила, обновен паркет и подобрени услови за користење.
-Подобрувањето на училиштата останува еден од нашите клучни приоритети. Со реконструкцијата во училиштето „Димитар Миладинов” создаваме современи, безбедни и инспиративни простори во кои децата ќе можат да учат, да спортуваат и да се развиваат. Инвестицијата во нивното образование и здрав развој е инвестиција во иднината на Центар, изјавил градоначалникот Герасимовски.